Мицотакис: Пораката од реконструкцијата е обнова и акција - Канал 5

Мицотакис: Пораката од реконструкцијата е обнова и акција

Пораката од вчерашната реконструкција е двојна: обнова и акција, до завршување на нашиот мандат.

Мицотакис: Пораката од реконструкцијата е обнова и акција

Секако, да Ве потсетам дека нè очекуваат 25 месеци за да го направиме подобар животот на граѓаните, нешто што, ќе се постигне само со големи промени, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот на денешната прва седница на новиот владин состав, јави дописничката на МИА од Атина.

Владината седница што беше по вчерашната реконструкција траеше кусо, немаше конкретна агенда, а беше со цел Мицотакис, како што и самиот рече, да им даде првични корисни насоки на министрите и да сподели со нив „размислувања за новиот почеток“, посочи дека „Владата секогаш ја преферира цената на придвижување кон напредок, наместо цената на стагнацијата“, а мотото е „побрзо и похрабро“.

- Се стремиме кон најдобар резултат преку два пата: од една страна, организирајќи ја подобро координацијата на нашето секојдневно работење и од друга страна распределувајќи го, најдобро што можеме, потенцијалот на нашата партија. Сепак, да кажам уште еднаш, заложбите на Владата треба да се прават. И мислам дека по речиси шест години, тоа го очекуваат граѓаните од нас: конкретна, видлива работа во очите на граѓаните, порача Мицотакис.

На министрите, како што е пракса во изминатите години откако Нова демократија дојде на власт, им подели сини коверти со главните приоритети, за кои изрази желба лично тој да ги надгледува.

Конкретно се осврна на „промените што се случија само на три полиња“, односно на економијата, транспорт и инфраструктурата и миграцијата и поморската политика.

За економијата порача дека „треба да останеме посветени на патот ан фискалната конзистентност“, се осврна на вчерашната надградбата на грчката економија од Мудис со што рече дека „симболично се затвора еден многу долг циклус на оспорување на потенцијалот на грчката економија“ и нагласи дека Грција „продолжува да има една од највисоките стапки на раст во Европа“.

- Мислам дека целта на сите нас, но пред сè на економскиот кадар е овој колективен напредок да се пренесе во паричникот на секој граѓанин. Односно, да се преведе, многу едноставно, во подобри плати, помалку даноци, повеќе и подобри работни места. Овој фискален оптимизам треба да стане и општествен оптимизам, но ова уште еднаш ќе го нагласам, во никој случај да нема отстапување од нашите цели, рече Мицотакис.

Втора област во која направи промени е постави нов министер и заменик-министер е транспортот и инфраструктурата и нагласи дека како што по катастрофалните пожари во 2018 година во близина на Атина „трагичното искуство од Мати го претворивме во „112“ и модерен систем за цивилна заштита што спасува животи“, така сега „Грција треба да го победи стариот систем на железницата“, по железничката несреќа кај Темпи пред две години.

За Министерствата за миграција и поморство, каде што исто така направи промени, рече дека земјата успеа како европски приоритет да истакне уште едно прашање што многу ја засега Грција, а тоа враќањето на нелегалните имигранти кои немаат добиено азил.

- Ова е целокупната насока на Европа. Ова е политиката што сега сакаме да ја спроведеме во нашата земја. Предуслов за ова се нови мерки и соодветна и тешка законска подготовка. Паралелно, легалната, контролирана миграција треба да добие и пофункционална рамка, бидејќи добро знаеме дека недостигот на работна сила продолжува да постои и веројатно ќе се интензивира, не само во примарниот сектор, туку и во другите сектори на нашата економија, рече Мицотакис.

На министрите им посочи да бидат внимателни бидејќи „живееме во ера на лажни вести“ и е многу лесно да се извади од контекст секоја изјава или погрешно поставена формулација, па така, порача дека „најдоброто нешто што можеме да го направиме е вашите лични дела да зборуваат сами за себе“.

Претпладнево, новите министри и заменици-министри во грчката Влада положија свечена религиозна заклетва во Претседателската палата, по што следеше и владината седница, по која започна и примопредавање на функциите во Министерствата.

Грчкиот премиер вчера направи реконструкција на Владата и промени во неколку министерства, меѓу кои и оние за национална економија и финансии, за инфраструктура и транспорт, за животна средина и енергетика, миграција и азил, за социјална кохезија и семејство, поморство, цивилна заштита и климатски кризи, како и на неколку заменик-министерски места.

Непроменети на нивните позиции остануваат министрите за надворешни работи, за одбрана, за внатрешни работи, за заштита на граѓаните, за здравство, за правда, за култура, за развој, за поморство, за туризам, за дигитално управување.

Реконструкцијата на Владата е по масовните протести што пред две седмици се одржаа во Атина и низ цела Грција на двегодишнината од железничката несреќа кај Темпи во која загинаа 57 лица, како и по доставениот предлог од опозицијата за гласање на доверба на Владата, барање што не доби зелено светло од Парламентот. /МИА

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Апокалиптични сцени во Италија: Тоскана под вода, возачи заробени во возила, отсечени села (ВИДЕО)

Силна бура ја погоди Тоскана, Италија, каде што обилни врнежи од дожд предизвикаа поплави, лизгање на земјиштето и сериозни проблеми во неколку општини. 

Апокалиптични сцени во Италија: Тоскана под вода, возачи заробени во возила, отсечени села (ВИДЕО)

Во областа Маса Карара, пожарникарите мораа да извршат спасувачка операција за да го извлечат возачот чиј автомобил беше заробен во поплавен подвозник, додека селата Касет и Форно беа целосно отсечени.

Штетата предизвикана од бурата сè уште се проценува, а италијанската Служба за цивилна заштита издаде предупредувања за вкупно девет региони. Црвено предупредување е издадено за Тоскана, додека портокалово временско предупредување е на сила во Емилија-Ромања и Лигурија.

Драмата се одвиваше во среда, 11 ноември, кратко по 19 часот, кога пожарникарите интервенираа на Виа Лонгобарда во областа Маса Карара. Возач беше заробен во својот автомобил во поплавен подвозник, а спасувачките екипи успеаја да го извлечат. Потоа човекот беше однесен во болница.

Поради ризикот од ново поплавување на реката Фригидо, дополнителна бариера беше поставена во Маса преку ноќ за да се зајакнат нејзините брегови и да се спречат понатамошни поплави.

Ситуацијата е особено тешка во населбите Касете и Форно, кои беа отсечени по лизгањето на земјиштето. Жителите разменуваат информации меѓусебно на социјалните мрежи, при што некои предупредуваат за зголемувањето на нивото на водата на реката Фригидо и ризикот од нови поплави.

„Нивото на реката е застрашувачко и продолжува да расте. Следните неколку часа не се добри. Се надеваме на најдоброто за луѓето и нивните домови“, напиша еден од локалните жители.

Околу 100 луѓе мораа да ги напуштат своите домови поради вонредната состојба.

Од синоќа, пожарникарите интервенираа во дури 24 одделни случаи поради поплавени подрачја, паѓање дрвја врз автомобили и бројни лизгања на земјиштето.

Обилните дождови особено ја погодија областа Лунџиана. Во градот Тресана помеѓу четири и осум часот наутро, наврнаа 76 милиметри дожд. Ситуацијата е дополнително комплицирана од фактот дека земјата веќе беше натопена од врнежите од дожд од претходниот ден.

Во Кардосо, во областа Алта Версилија, врнеше континуирано повеќе од 24 часа, при што во текот на ноќта беа регистрирани 82 милиметри врнежи. Нешто помалку дожд наврна во градовите Форновалоско, Стачием и Барга.

За разлика од најпогодените подрачја, ситуацијата е поповолна по должината на реката Серхио, во градовите Борго, Моцано, Лука, Сан Џулијано Терме и Вецано. Поплавниот бран помина околу 6 часот наутро, додека засега нема поголеми проблеми по должината на реката Арно.

Сепак, дополнителни врнежи од дожд се очекуваат во наредните часови во северозападна Тоскана.

Во Сан Џулијано Терме, куќите лоцирани во поплавната рамнина на реката Серхио беа евакуирани рано наутро. Активиран беше и општинскиот оперативен центар, што е стандардна постапка во областите за кои се прогласени црвени и портокалови предупредувања.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Нова афера во ФИФА: Во игра се милијарди долари, домашна помошничка и врските со Трамп

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, е под истрага на Службата за внатрешни приходи на САД (IRS) поради сомнение дека нелегално вработил домаќинка во неговата вила во Мајами, платена од фудбалската организација. 

Нова афера во ФИФА: Во игра се милијарди долари, домашна помошничка и врските со Трамп

Според британските медиуми, Инфантино наводно користел врски во администрацијата на Доналд Трамп за да ја обезбеди својата работна дозвола пред Светското првенство во 2026 година.

Доколку обвинувањата се покажат како точни, ФИФА би можела да го изгуби својот привилегиран статус како непрофитна организација во САД и да плати неколку милијарди долари даноци.

Што се случува?

Инфантино престојувал во вилата во Мајами од јуни 2025 до 2026 година пред турнирот што се одржува во Соединетите Американски Држави. Се сомнева дека тој вработил триесетгодишна асистентка која била на платниот список на ФИФА за лични потреби во тој дом.

Се вели дека таа добивала плата од светската фудбалска организација, но работела исклучиво во домот на Инфантино за него и неговата партнерка, Лина. Портпаролот на ФИФА ги негираше обвинувањата. „Прашањата за личниот и приватниот живот на претседателот на ФИФА се негова приватна работа. Сепак, за да се избегне каква било двосмисленост, трошоците за домашниот персонал ги сноси лично претседателот на ФИФА“, рече тој.

Сепак, британскиот „Телеграф“ се повикува на интерно писмо од јануари 2026 година и наведува дека подружницата „Фифа (Америкас) Инк.“ ѝ исплатила на асистентката целосна плата од 1 август 2024 година до 31 октомври 2025 година. Овој договорен однос сега ќе биде детално истражен од американските даночни власти.

Поврзаност со администрацијата на Трамп

Асистентката, државјанка на Никарагва, пристигнала во САД со работна дозвола како дел од програмата за бегалци, но ѝ се заканувала со депортација откако администрацијата на Трамп ги заостри правилата за имиграција во 2025 година.

Според англиските медиуми, Инфантино продолжил да ја вработува во вилата речиси една година без регулиран статус. Во исто време, тој барал начини да стигне до кругот на Трамп преку соработници за да ѝ ги обезбеди потребните документи.

Карлос Кордеиро, десна рака на Инфантино во САД и член на работната група за Светското првенство во 2026 година, наводно бил задолжен за директен контакт со администрацијата. По неговата интервенција, никарагванската жена добила дозвола за легална работа во јануари 2026 година.

Можни финансиски последици

Тужбата против Инфантино ја поднесе Абед Ајуб, адвокат специјализиран за имиграциско право. Ајуб предупредува дека докажувањето на вината може да ја чини ФИФА нејзиниот статус на непрофитна организација во САД.

Губењето на овој привилегиран статус би имало сериозни финансиски последици. Наместо целосно ослободување од данок, ФИФА би морала да плати 21 процент корпоративен данок во САД за приближно 15 милијарди долари што се очекуваат од Светското првенство.

Таквиот финансиски удар значително би ги намалил средствата доделени на 211-те национални асоцијации членки на ФИФА. Исто така, се поставува прашањето дали скандалот ќе го загрози реизборот на Инфантино на претседателските избори во март 2027 година, на кои тој се сметаше за фаворит.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Се урна воен хеликоптер во Турција- нема информации за жртви

Воен хеликоптер С-70 се урна и се запали во турскиот град Малатја, објавија локалните медиуми.

Се урна воен хеликоптер во Турција- нема информации за жртви

Според Ројтерс, откако се слушнал силен тресок во близина на контејнерската населба Саманкој, воениот хеликоптер се урнал и се запалил.

На местото на настанот во источна Турција пристигнале пожарникари, медицински служби и екипи за пребарување и спасување, додека полицијата презела безбедносни мерки во поширокото подрачје.

Сè уште нема прецизни информации за бројот на лица во воениот хеликоптер, ниту за нивната здравствена состојба.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер