Мицкоски утре ќе го стави предлогот за Влада до Собранието, ќе се гласа викендот

Четворицата потпретседатели на ВМРО-ДПМНЕ стануваат министри, мандатарот Христијан Мицкоски синоќа по состаноците на партиските тела го потврди конечниот список на кадрите од неговата партија за идната Влада.

На чело на клучните ресори, по различните варијанти што се споменуваа во јавноста минатите недели, дефинитвниот распоред е Тимчо Муцунски во МНР, Владо Мисајловски во одбрана, во финансии Гордана Кочоска Димитриеска, додека пак Александар Николоски истовремено ќе биде вицепремиер и министер за транспорт и врски.

Освен него, ќе има уште четворица вицепремиери – прв ќе биде Изет Меџити, кој истовремено ќе биде и министер за екологија, од Вреди ќе биде и Арбен Фетаи за добро владење, а од коалицијата „Твоја Македонија“ ќе бидат и Љупчо Димовски како вицепрмеиер за политички систем, како и Иван Стоилковиќ кој ќе биде истовремено и министер за односи меѓу заедниците...

Во Владата на Мицкоски, остануваат и скоро сите кадри на ВМРО-ДПМНЕ во техничката влада, освен Ѓоко Велковски. Панче Тошковски останува на позицијата во МВР, а дополнителните заменици во земјоделство Цветан Трипуновски и Стефан Андоновски во информатичко општество сега ќе бидат министри.. Како луѓе кои се експерти во своите области Мицкоски ги претстави и Весна Јаневска за министерка за образование, Зоран Љутков во култура, Борко Ристовски министер за спорт, а Сања Божиновска во новоформираното министерство за енергетика. Име кое за првпат беше споменато е предложениот министер за локална самоуправа Златко Перински.

Според политичкиот аналитичар Петар Арсосвски кадрите на ВМРО-ДПМНЕ не се големо изненадување, бидејќи уште од почетокот на коалициските преговори беше извесно дека партискиот врв ќе се пресели на Илинденска..

„ Во составот генерално, местата за кои се зборуваше и луѓето за кои се зборуваше се најдоа на тие места. Можеби не на тие места за кои се шпекулираше во изминатиот период, меѓутоа поголеми изненадувања не гледам во составот на кабинетот. Се уште е рано да цениме како ќе се покажат, за тоа треба малку повеќе време, и треба да имаме предвид дека новиот променет закон за државна управа има многу подзаконски акти и амандмани во други закони кои треба да се сменат за тие ингеренции навистина да се случат. “-Петар Арсовски – политички аналитичар

Пред неколку дена и коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ ги официјализираа своите кадри.. Од редовите на „Вреди“, Орхан Муртезани ќе биде министер за европски прашања, Арбен Таравари за здравство, Фатмир Лимани во социјална политика, а Бесар Дурмиши во економија. Во ресорот администрација оди Горан Минчев од партијата Знам, додека пак неговиот сопартиец Игор Филков ќе биде министер за правда. Како министер без ресор задолжен за декадата на Ромите во владата ќе биде и Шабан Салиу, коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ.Следниот чекор на мандатарот Мицкоски е како што најави, утре до Собранието да го достави целиот владин состав заедно со програмата за следните четири години. Веќе е договорено седницата за избор на влада да започне во сабота во 11 часот, кога ќе заврши со гласање зависи од дебатата на пратениците, но крајниот рок е в недела надоцна до полноќ.

Во Германија една четвртина од вработените сè уште работат од дома

 Во Германија неколку години по пандемијата со Ковид-19 и понатаму е висок процентот на лица кои работат од дома, соопшти Федералниот завод за статистика во Визбаден.

Во 2023 година 23,5 отсто од вработените во целост или делумно работеле од дома, што е минимален пад во споредба со минатите години. Пад е регистриран кај лицата што секојдневно работат од дома, се наведува во соопштението.

Најголем процент од оние кои работат од дома е забележан во ИТ секторот, при што речиси 75 проценти од вработените работат од дома целосно или делумно. Сличен висок процент е забележан и во секторите администрација, осигурување и бизнис консалтинг.

Најмал процент е регистриран во здравствениот сектор каде само 6,4 проценти од вработените повремено работеле од дома. Слично низок процент бележи малопродажбата и градежништвото.

Работата од дома најмногу ја користеле помладите вработени од возрасната група од 25 до 44 години.

Германија е на средината на рангирањето во споредба со другите членки на ЕУ. Во рамките на Европска Унија, работата од дома најмногу ја користат Холанѓаните, Швеѓаните и Финците, а најмалку Бугарите, Романците и Грците.

Мицотакис: Ги предупредуваме нашите северни соседи, не почнавте добро

Порака и предупредување до Скопје и Тирана испрати грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во неговиот говор на состанокот на пратеничката група на Нова демократија.

За Македонија, односно како што рече, за северните соседи, Мицотакис вели дека има прекршување на меѓународното право и обврските од меѓународните договори

Остри реакции од Бугарија – Мицкоски подговен да седне на маса и во Брисел и во Софија

Премиерот Христијан Мицкоски е подготвен да седне на маса и во Софија и во Брисел и да ги соочи аргументите откако денеска се најде во вкрстен оган на бугарските лидери околу евентуалната промена на преговарачката рамка.

Бугарскиот претседател Румен Радев излезе со став дека политиката на Скопје е насочена против европските принципи. Порача дека очекува конкретни чекори и од бугарската Влада и од европските институции. Поранешниот премиер и лидер на ГЕРБ Бојко Борисов, пак, кој во моментов мака мачи да формира парламентарно мнозинство најави дека ако состави политичка влада ќе иницира средба со македонскиот премиер.

-Денес маските конечно паднаа. Новата власт кај нашиот сосед јасно покажа дека најголемиот страв на политичката класа во оваа држава е да го препознае самото постоење на зборовите „Бугарин“ и „бугарски“ во Македонија. Ова е политика насочена директно против европските принципи и одлуки донесени со консензус од сите земји-членки, против меѓународните обврски, но пред се против сопствените граѓани, тука јасно ги кажаа своите амбиции за европски развој на земјата,- изјави – Румен Радев – Претседател на Бугарија.

-Ние сакаме да се почитуваат Договорите. Какви било толкувања не се добри за колегите од Македонија, тоа можам да им кажам. Без поддршката на Бугарија и на Грција, немаат никаква шанса да продолжат напред. Сега треба да се смират, треба да бидат одговорни. Како што ја добија нашата поддршка, така во моментов мислам дека не можат да сметаат на неа,- изјави – Бојко Борисов – Поранешен премиер на Бугарија.

Мицкоски попладнево експресно им реплицираше. Рече дека е подготвен да разговара и со Радев и со Борисов. Вели дека признава постоење бугарско малцинство во Македонија, но дека очекува и Бугарија да го признае македонското преку признавање на пресудите од Стразбур. Рече дека не бега од решенија но и порача дека новата власт нема да потпишува се што ќе биде ставено на маса.

-Јас мислам дека ваков тип на анахрони пораки се дел од средниот век, но за жал во современа Европа во 21 век постоеле вакви политичари како Радев. Но, исто така источниот сосед треба да знае дека поминаа времињата на политичари кои виткаа кичма и коленичаа, и потпишуваа сѐ што им беше ставено на маса, а во исто време со европско знаме го ограбуваа народот.

-Јас сум за тоа да се почитуваат договорите, тоа е двонасочна улица, јас сум за тоа да се градат пријателства со соседите, мно истовремено и да се почитуваме. Не можеме да бидеме добри соседи ако немаме меѓусебно почитување.

Денеска имаме неопсорен факт, којшто преку пресуда на судот за човекови права во Стразбур го потврди, а тоа е дека постои македонско малцинство во Бугарија,- изјава – Христијан Мицкоски – Претседател на Влада.

Реакциите од официјална Софија доаѓаат по изјавата на Мицкоски дека е можна промена на преговарачката рамка за Македонија доколку има политичка волја. На ова остро вчера реагираше бугарското МНР според кое ваквата намера на Скопје, како што вели, да не се придржува до меѓународните обврски ќе доведе до дополнително оддалечување на Македонија од почетокот на преговорите за членство во ЕУ.

притисни ентер