Мицкоски: Следната недела ќе имаме завршна средба со Таравари, Владата е стабилна и фокусирана - Канал 5

Мицкоски: Следната недела ќе имаме завршна средба со Таравари, Владата е стабилна и фокусирана

Премиерот Христијан Мицкоски денеска посочи дека Владата е стабилна, има огромно мнозинство и е фокусирана на реформската агенда и испорака на проекти. 

Мицкоски: Следната недела ќе имаме завршна средба со Таравари, Владата е стабилна и фокусирана

Тој најави дека следната недела се очекува да има завршна средба со министерот за здравство Арбен Тараври, на која ќе биде сумирано се што е направено.

-Мислам дека господинот Таравари и неколкумина околу него се одлучени да се вратат во прегратките на Али Ахмети и Демократската унија за интеграција. Јас можам само да му посакам среќа и се надевам дека ќе имаме една завршна средба во текот на следната недела, на која ќе сумираме што е тоа што е направено. Јас можам да му посакам пред се добро здравје, тоа е она кое на сите нас ни е најважно, изјави денеска Мицкоски по увидот во градежни активности на детска градинка во Инџиково, во Општина Гази Баба, одговорајќи на новинарско прашање.

Тој рече дека станува збор за одлука на Таравари да се врати со Али Ахмети, но не е одлука на членството на Алијанса за Албанците и на голем дел од луѓето кои што се дел од Владата.

-Морам да кажам дека најмалку што очекував е да се врати назад во прегратките на Али Ахмети и останатите, но тоа е сепак негова одлука. Убеден сум дека тоа е одлука на малкумина, не е одлука на членството на Алијанса за Албанците и на голем дел од луѓето кои што се дел од оваа Влада. Чесно беше и доблесно самиот тоа да го направи, да не ја влече Владата за нос и граѓаните, но полека но сигурно станува јасно дека тој се враќа назад во прегратката на сите оние кои што повеќе од две децении ја пустошеа, ја криминализираа, ја ограбуваа, ја фрлија Македонија на колена, рече Мицкоски.

На прашање дали разговара со други партии за влез во Владата, Мицкоски уште еднаш повтори дека Владата е стабилна и има силно мнозинство во Парламентот.

-Очекувам оваа недела да имаме едно завршно кафе пиење со Тараври. Јас ќе го поканам се разбира. Владата е стабилна, цврста и има силно мнозинство во Парламентот, за да продолжи со реформскиот процес, со процесот на проекти и со испорака за граѓаните, тоа што граѓаните го очекуваат од нас, рече Мицкоски.

На 5 мај Мицкоски и Таравари остварија средба, која беше закажана по превирањата во коалицијата „Вреди“ и тврдењата за соработка на Таравари со ДУИ. Како што брифираа тогаш од владината прес-служба за МИА, средбата поминала во конструктивен дух, а во текот на месецов ќе се знае иднинатата за функционирањето на АА.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Скопје станува европски центар на танцот: Официјално најавено „IDO European dance championship 2026“

Над 2.900 танчери пристигнуваат во Скопје – од 21 до 29 септември Т-Арена во СЦ „Борис Трајковски“ ќе биде домаќин на еден од најголемите танцови настани во Европа

Скопје станува европски центар на танцот: Официјално најавено „IDO European dance championship 2026“

Со прес-конференција и атрактивен танцов спектакл во срцето на градот, вчера официјално беше најавено IDO European Dance Championship 2026 – Skopje, кое од 21 до 29 септември ќе се одржува во Т-Арена, во рамките на СЦ „Борис Трајковски“.

Европското првенство во Скопје ќе собере повеќе од 2.900 танчери од повеќе европски земји, кои во текот на девет натпреварувачки дена ќе настапуваат во повеќе танцови дисциплини и категории. Заедно со натпреварувачите, во Скопје ќе пристигнат и нивните тренери, претставници на танцови федерации, семејства и поддржувачи.

На вчерашната прес-конференција, деталите за организацијата, програмата и значењето на првенството ги претставија Трајче Петковски, организатор на настанот, и Данијел Апостоловски, директор на СЦ „Борис Трајковски“.

Беше истакнато дека организацијата на настан од ваков меѓународен ранг претставува значаен спортски и културен момент за Скопје, но истовремено придонесува и за туристичката и економската активност во градот. Илјадниците учесници и гости кои ќе престојуваат во Скопје во текот на првенството дополнително ќе придонесат градот да живее во знакот на танцот, младоста и меѓународната културна размена.

Прес-конференцијата заврши на несекојдневен и впечатлив начин – со спектакуларен флешмоб, во кој танчери го претворија центарот на Скопје во отворена танцова сцена и на најдобар начин ја најавија енергијата што ќе го одбележи градот во следните денови.

ДЕВЕТ ДЕНА ВРВЕН ЕВРОПСКИ ТАНЦ ВО СКОПЈЕ

Од 21 септември, вниманието на европската танцова сцена ќе биде насочено кон Скопје.

Т-Арена во СЦ „Борис Трајковски“ се подготвува да пречека илјадници натпреварувачи и посетители, со професионална продукција, сценско осветлување, LED-екрани и целосна инфраструктура неопходна за реализација на натпреварување од европски ранг.

Првенството ќе ѝ овозможи на македонската публика во живо да проследи врвни танцови изведби, кореографии и натпреварувачи од реномирани европски танцови школи и федерации, во повеќе дисциплини и возрасни категории.

Посебен сегмент од програмата ќе биде Парадата на нациите, која ќе се одржи на 25 септември во 14:30 часот, во СЦ „Борис Трајковски“.

Во рамките на парадата ќе бидат претставени сите земји и учесници на првенството, во свечен формат кој ги промовира пријателството, меѓусебната почит, културната размена и заедништвото. На Парадата на нациите е предвидено присуство и на високи државни претставници, дипломатски делегации и амбасадори, со што овој сегмент добива дополнително протоколарно и меѓународно значење.

Во текот на деветте дена од првенството се очекува низ СЦ „Борис Трајковски“ да поминат илјадници посетители, со што Скопје во последната недела од септември ќе живее во ритамот на европскиот танц.

Дневните влезници за публика, по цена од 1.200 денари, ќе бидат достапни на билетарницата на СЦ „Борис Трајковски“.

Со IDO European Dance Championship 2026, Скопје добива уште една можност да се претстави како домаќин на голем меѓународен настан и како град во кој на едно место се спојуваат спортот, уметноста, културата, младинската енергија и меѓународното пријателство.

Од 21 до 29 септември – Скопје танцува со Европа.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Видео: Путин гласаше преку интернет на изборите во Русија, видеото стана хит.

Рускиот претседател Владимир Путин вчера гласал онлајн на изборите за новиот состав на Државната дума, долниот дом на рускиот парламент. 

Видео:  Путин гласаше преку интернет на изборите во Русија, видеото стана хит.

Гласањето започна вчера и трае до недела, а се избираат сите 450 пратеници. Ова се првите парламентарни избори во Русија од почетокот на руската инвазија врз Украина во 2022 година.

Право на глас имаат повеќе од 111 милиони гласачи, а овозможено е и електронско гласање, пренесува АП.

Кремљ објави видео на кое се гледа како Путин седи пред компјутер во својата канцеларија и го спроведува процесот на електронско гласање.

Тој се приближи до мониторот, неколку моменти внимателно гледаше во екранот и кликна со глувчето.

Видеото од неговото гласање набрзо се прошири на социјалните мрежи.

Откако на екранот се појави потврдата дека успешно гласал, Путин рече „ви благодарам“.

Видеото од гласањето на Путин брзо стана хит на социјалните мрежи. Многумина забележаа дека тој многу се приближил до мониторот и ги стеснувал очите додека читал од екранот, па некои почнаа да се шегуваат дека му требаат очила.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Претрес во домот на соработникот на кандидатот на АфД на изборите во Берлин!

Извршен е претрес во домот на соработникот на кандидатот на АфД на изборите во Берлин! Медиумите известуваат за дрога и нацистички симбол! 

Претрес во домот на соработникот на кандидатот на АфД на изборите во Берлин!

Берлинското јавно обвинителство соопшти дека полицијата извршила претрес во домот на соработник на Кристин Бринкер – главниот кандидат на десничарската партија „Алтернатива за Германија“ (AfD) на изборите во Берлин – пет дена пред одржувањето на изборите.

Четириесет и осумгодишното лице е осомничено за кршење на германските закони за експлозиви и оружје, соопштија од обвинителството. Во вторникот, полицијата извршила претрес врз основа на судски налог во берлинската населба Лихтерфелде, изјави портпарол на јавното обвинителство како одговор на новинарско прашање. За случајот претходно известија весниците „Билд“ (Bild) и „БЗ“ (BZ).

Од обвинителството соопштија дека не се пронајдени докази што би ги поткрепиле сомневањата. Сепак, полицијата заплени други предмети пронајдени при претресот.

Тие сега мора да бидат подложени на форензичка анализа за дополнително да се утврди нивното значење во контекст на кривичното право, наведоа од обвинителството. Според медиумските извештаи, истражителите во неговиот дом пронашле дрога и нацистички предмети.

Засега, тоа тврдење треба да се припише на медиумските извештаи, бидејќи обвинителството јавно не ги потврдило конкретните наоди.

Портпаролот на AfD, Роналд Глазер, го опиша случајот како „приватна работа“.

– Го чекаме исходот од истрагата – рече тој. „Билд“ (Bild) ја пренесе и изјавата на Кристин Бринкер. – Никогаш немав никакви индиции дека тој застапува такви ставови. Тој едноставно е колекционер.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер