Мицкоски: Прислушкувањето на АНБ не е удар врз мене и новинарите, туку врз демократијата, правото на слобода и темелите на државата - Канал 5

Мицкоски: Прислушкувањето на АНБ не е удар врз мене и новинарите, туку врз демократијата, правото на слобода и темелите на државата

Нашата држава се соочува со нов скандал – нелегално прислушкување и масовна злоупотреба на системот во изминатите неколку години, вели премиерот Христијан Мицкоски.

Мицкоски: Прислушкувањето на АНБ не е удар врз мене и новинарите, туку врз демократијата, правото на слобода и темелите на државата

„Почитуван господине Минчев,

Почитуван господине Ејакуза,

Дами и господа, пријатели и партнери,

Денеска сме собрани околу една идеја која е темел на секоја зрела демократија- отворената власт.

Со самото наше присуство овде испраќаме јасна порака: политичката волја и решеноста на Владата да продолжи со реформите во борбата против корупцијата, модернизацијата на јавниот сектор, дигиталната трансформација и јакнењето на демократската стабилност кои што како поими не се декларативни, туку реални и практични.

Нашата определба за партнерство и транспарентност е тесно поврзана со европската иднина на државата. Процесот на приближување кон Европската Унија не е само административна постапка, туку суштински трансформациски пат. Отворената власт е алатка преку која ефективно ја реализираме Програмата за работа на Владата 2024–2028, во чиј фокус се граѓаните и нивната доверба во институциите.

Во дискусиите денеска ќе се фокусираме токму на тоа – како преку принципите на транспарентност, отчетност и учество на јавноста да го поттикнеме напредокот во европската интеграција и реализацијата на клучните национални реформи.

Затоа сум благодарен што денес се меѓу нас министерот Горан Минчев и г. Аидан Ејакуза, кои со своето искуство и знаење се силен поттик за овој процес.

Дами и господа,

Не можам да го занемарам и актуелниот контекст во кој се одвива овој состанок.

Нашата држава се соочува со нов скандал – нелегално прислушкување и масовна злоупотреба на системот во изминатите неколку години.

Јас лично, тогаш како претседател на најголемата опозициска партија, денеска како премиер заедно со новинари, медиуми, бизнисмени и јавни личности сме биле жртва на системот кој ги следел своите граѓани. Ова не е напад само врз мене, туку врз демократијата, врз правото на слобода, врз темелите на државата.

Сакам да порачам: Нема да има селективна правда. Ќе има одговорност. Ќе има правна разрешница. Нашиот народ предолго бил жртва на злоупотреби, на корупциски шеми и на тајни центри на моќ. Времето на недопирливи заврши.

Токму затоа партнерството за отворена власт е наш заеднички одговор. Затоа што таму каде што има светлина, нема простор за сенки. Кога институциите се отворени и отчетни, тогаш нема место за злоупотреба, ниту за загрозување на слободите и демократијата.

Овој состанок е доказ дека ние не бегаме од проблемите – ги решаваме.

Ние не се плашиме од предизвици- ги совладуваме.

Нашата визија е да изградиме држава со силни институции, модерна администрација, дигитални услуги достапни за секој граѓанин, со економија што расте и со општество што верува во демократијата.

Почитувани,

Верувам дека денешните разговори ќе ни помогнат да го искористиме потенцијалот на отворената власт не само како политика, туку како култура на владеење.

Наша должност е да создадеме систем што ќе биде транспарентен, праведен и ефикасен, систем кој ќе биде во служба на граѓаните и кој ќе го врати достоинството на јавниот интерес.

Денес испраќаме јасна порака: Македонија стои цврсто на патот на реформите, на европската интеграција и на борбата против корупцијата. И од тој пат назад нема.

Ви благодарам.“

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Туск: „Нема да прифатиме таков договор“

Европските нации нема да дозволат САД и Русија да преговараат за нови безбедносни правила за европскиот континент без нивно учество, изјави полскиот премиер Доналд Туск на самитот на Европската политичка заедница во Даблин.

Туск: „Нема да прифатиме таков договор“

„Во никој случај нема да дозволиме некој да воспоставува нови безбедносни правила во овој дел од светот зад наш грб – зад грбот на Полска и Европа“, им рече Туск на новинарите, како што пренесува „TVP World“.

Тој нагласи дека новата безбедносна архитектура за Европа не може да се воспостави еднострано, врз основа на барањата на Москва или Вашингтон.

„Нема да градиме нова безбедносна архитектура само затоа што рускиот претседател, или, на пример, некој во САД, го сака тоа. Тоа воопшто не доаѓа предвид“, изјави полскиот премиер.

Неговата изјава доаѓа по извештајот на медиумот „Аксиос“, кој – повикувајќи се на два извори запознаени со разговорите – откри дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп побарала од Москва да изнесе предлози за иден безбедносен договор што се однесува на Европа.

Според американскиот медиум, американските пратеници Џаред Кушнер и Стив Виткоф побарале од руските претставници да ги изнесат своите безбедносни барања и да предложат мерки за деескалација на тензиите со европските земји, за време на преговорите за Украина што се одржаа во Абу Даби претходно оваа недела. Овие разговори, водени со американско посредување, завршија без конкретен договор.

Русија бара ограничување на присуството на НАТО

Веќе некое време, Русија се залага за ограничување на проширувањето на НАТО и намалување на западното воено присуство во Источна Европа – барања што Вашингтон претходно ги отфрли.

Туск предупреди дека секој потенцијален договор за нова безбедносна архитектура би бил од особено значење за Полска, која граничи со Украина и со руската Калининградска област.

Варшава е во состојба на висока готовност уште од почетокот на руската инвазија врз Украина во 2022 година и постојано ја обвинува Москва за саботажи и други непријателски активности.

Путин се согласува на европско учество

Во меѓувреме, американскиот пратеник Стив Виткоф во четвртокот изјави дека рускиот претседател Владимир Путин се согласил да дозволи учество на европски претставници во следната рунда преговори за Украина. „Европјаните ќе се приклучат на следниот состанок, што го сметаме за многу важен момент, бидејќи тие се наши партнери и за нас е важно да учествуваат“, изјави Виткоф за руската државна телевизија по средбата со Путин во Москва.

Доколку дојде до ова, тоа ќе биде првпат европски претставници директно да учествуваат во преговорите предводени од САД, откако Трамп, по враќањето во Белата куќа, покрена дипломатска иницијатива за ставање крај на војната во Украина. Туск истакна дека гледа единствен став меѓу земјите-членки на Европската унија во однос на потребата од европско вклучување во преговорите и зачувување на безбедноста на истокот од континентот.

Според него, секој мировен договор мора да гарантира зачувување на суверенитетот на Украина, како и на постојната безбедносна архитектура во Источна Европа.

„Можам со прилично голема сигурност да кажам дека не гледам никакви внатрешни поделби или пукнатини меѓу земјите од Европската унија“, рече Туск.

Сепак, тој призна дека дипломатските цели на Вашингтон може, до одреден степен, да се разликуваат од очекувањата на европските држави.

„Целите на американската дипломатија може донекаде да се разликуваат од она што го очекува Европа“, заклучи полскиот премиер.

Извор: Б92

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Ѓорѓиевски: Скопје ја памети цената на својата слобода - И никогаш нема да ги заборави оние што ја платија со својот живот

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски,  денеска, по повод 13 Ноември - Денот на ослободувањето на Скопје, оствари средба со претставниците на Градскиот одбор на Сојузот на борците од Народноослободителната антифашистичка војна на

Ѓорѓиевски: Скопје ја памети цената на својата слобода - И никогаш нема да ги заборави оние што ја платија со својот живот

На денешен ден, по неколкудневни тешки борби со фашистичкиот окупатор, борците од 42-та и 50-та народноослободителна дивизија и 16-та македонска бригада му ја донесоа слободата на Скопје. Со огромна храброст и саможртва го отворија патот кон иднината на нашиот град.

- Нивниот подвиг живее во секое слободно утро на Скопје. Во секоја генерација што расте со право да сонува, да создава и гордо да му припаѓа на својот град. Тие се изборија за слободата. Наша должност е да бидеме достојни за неа. Како градоначалник, таа одговорност ја носам со длабока почит и со цврста решителност да градиме Скопје во кое достоинството, солидарноста и заедништвото ќе бидат дел од секојдневниот живот. Град што ќе им го оставиме на идните генерации со гордост, свесни дека сме го дале најдоброто од себе. Нека ни биде вечен заветот на ослободителите. Да го чуваме Скопје, да го градиме и да го сакаме со дела. Вечна слава на хероите кои го донесоа 13 Ноември. Слава на борците за слободно Скопје – истакна Ѓорѓиевски.

Градоначалникот Ѓорѓиевски им се заблагодари на претставниците на Градскиот одбор на Сојузот на борците од Народноослободителната антифашистичка војна на Македонија за посветеноста со која го чуваат споменот на ослободителите и го пренесуваат нивниот завет на новите генерации.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Америка депортирала 483.200 луѓе

Американската служба за имиграција и царина (ICE) депортирала 483.200 луѓе во текот на последната фискална година – што е најголем број во нејзината 23-годишна историја – соопшти денеска Министерството за внатрешна безбедност.

Америка депортирала 483.200 луѓе

Бројот на депортации во фискалната година што заврши на 30 септември е за девет отсто поголем од претходниот рекорд од 442.640, поставен една година претходно, и за 78 отсто поголем отколку во 2024 година – последната година од мандатот на поранешниот американски претседател Џо Бајден – пренесе агенцијата АП.

Администрацијата на Доналд Трамп обезбеди дополнителни средства за персонал, центри за притвор и летови за депортација. Сепак, не беше обелоденето колку од депортираните имале криминално досие, ниту пак беше даден детален преглед на статистичките податоци.

Редовното објавување на податоците за апсењата и депортациите беше прекинато на почетокот на вториот мандат на Трамп.

Марк Р. Розенблум, соработник во Институтот за политика на миграција и поранешен функционер во Министерството за внатрешна безбедност, потврди дека „ICE“ бележи рекорден број апсења, но истакна дека недостигот на детални податоци оневозможува целосно разбирање на активностите на агенцијата.

Според податоците на „Проектот за истражување на депортациите“ (Deportation Research Project), само околу една четвртина од депортираните во јули имале правосилни пресуди за кривични дела, додека повеќе од половината немале ниту покренато обвиненија – и покрај ветувањето на Трамп дека неговата политика ќе биде насочена кон мигрантите кои извршиле кривични дела. Имиграциската политика на Трамп предизвика протести, особено откако претходно оваа година повеќе од 2.000 федерални агенти беа распоредени во Минеаполис.

Двајца американски државјани – Рене Гуд и Алекс Прити, двајцата на 37-годишна возраст – починаа за време на судири со агентите, што ја натера администрацијата да се откаже од операциите што привлекуваа големо внимание во јавноста.

Бројот на депортации останува под целта на Белата куќа од еден милион годишно.

Најголемиот број депортации во историјата на САД е забележан во 1954 година, за време на кампањата на претседателот Двајт Ајзенхауер против илегалните имигранти од Мексико, кога 1,1 милион луѓе беа отстранети од земјата.

Извор: Б92

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер