Неговата идеја вели дека е преку политички дијалог да подготват стратешки документи за следните две децении, со фокус на образованието, здравството, правосудството, животната средина, како најслаби алки во системот.
„ Се надевам дека кога политичките партии ќе го слушнат ова навистина ќе ја прифатат таа лидерска средба, но добро е прво тоа да го разговараме со премиерот имајќи предвид дека тој прв подаде рака и одговори дека средбата е прифатлива. Навистина не знам што од она што го кажувам како концепт би било неприфатливо или некој не би сакал да разговара кога тоа е констатација на секој еден граѓанин во државата. “-Венко Филипче – претседател на СДСМ
По јавниот повик, премиерот Мицкоски одговори дека е непристојно за сериозни теми да се прави естрада на јавна сцена, но повтори дека е подготвен за средба со конкретен план, во било кое време.
„ Доколку навистина има план и желба да помогне стојам на располагање во секое време ќе го прераспределам мојот распоред, на полноќ на полноќ, после полноќ, кога ќе каже тогаш да го сослушам неговиот план и да видиме дали во тој план може нешто да се реши. Но, доколку планот опфаќа пристап „Стабри“, како што беше во минатото за време на короната тогаш такви планови не можам да прифатам. “-Христијан Мицкоски – премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ
За разлика од лидерската Мицкоски-Филипче која се поизвесно ќе се одржи, за собраниска анкетна комисија СДСМ иако најавуваше, нема да инсистира да се формира веднаш. Филипче истовремено оценува дека истрагата за несреќата во Кочани е селективна, но сепак рече дека ќе дадат шанса на истражните органи. Тврди дека нема ништо против да се отворат и темите за несреќите со Беса Транс, Дурмо Турс или пак модуларната болница во Тетово.
„ Ова не е повлекување, ова е само механизам да имаме некаков инструмент активиран во момент во кој би дал вистински резултат. Немојте да мислите дека бегаме од нешто или од нешто се плашиме. Може да има анализа, проверка, било каква комисија за било кој настан во минатото. Но сега во однос на Кочани сметаме дека таа анкетна или било каква комисија треба да има некаков резултат. И со оглед на тоа што се уште трае истрагата и укажуваме зошто тој процес е селективен, можно е нешто да се смени и прошири. Во тој контекст сметаме дека треба да почекаме. “ - Венко Филипче – претседател на СДСМ
Во меѓувреме во Собрание едиснтвено ДУИ поднесе формално барање за анкетна комисија, но иницијативата им беше вратена поради недоволниот број на потписи од пратеници. Од Мала Речица ова го толкуваат како страв од истрага со меѓународен мониторинг, додека од Коалицијата Вреди им возвратија дека едиснтвена нивна грижа е медиумско внимание.