Мицкоски: По повеќе од 20 години, започна изградбата на автопатот Скопје - Блаце, историски момент за државата - Канал 5

Мицкоски: По повеќе од 20 години, започна изградбата на автопатот Скопје - Блаце, историски момент за државата

Камен темелник за започнување на работните активности за изградба на автопатот Скопје-Блаце.

Мицкоски: По повеќе од 20 години, започна изградбата на автопатот Скопје - Блаце, историски момент за државата

„Почитуван претседател на Собранието, г. Африм Гаши,

Почитуван претседател на Владата на Република Косово, г. Албин Курти,

Почитувани потпретседатели на македонската Влада,

Почитувани колеги од Владата,

Почитувани претставници на европските финансиски институции,

Почитувани претставници на македонското Собрание, пратеници, градоначалници,

Драги гости,

Почитувани претставници на медиумите,

Добредојдовте на еден проект којшто за сите нас е историски — проект којшто во вистинска смисла на зборот историски, изминативе повеќе од две децении ни беше претставуван дека само што не почнал да се реализира. Но, еве, денеска сите сме овде сведоци на почетокот на реализацијата на овој проект, нешто што оваа Влада го имаше како свој приоритет пред некои 25-26 месеци кога беше избрана во македонското Собрание.

Би сакал да ја искористам оваа прилика, иако имав формален говор, да кажам три работи коишто мислам дека досега не беа споменати. Не би сакал да се повторувам со претходните говорници околу должината на оваа автопатска делница, цената на чинење, од каде се финансиските ресурси, кои се институциите коишто го движат овој проект итн. Сите овие создадоа еден проект што за нас ќе биде од особено значење. Зборувам за нашите две земји, Република Косово и Македонија — за граѓаните помеѓу двете земји ќе значи подобра економија, подобро поврзување, подобар транспорт, подобра размена, нешто што претставува исклучително важен атрибут, посебно во 21 век и во корелација со нашите стратешки приоритети како Влада. За тие стратешки приоритети зборуваше и потпретседателот Николовски: бидејќи сме земја којашто не излегува на море, како држава да бидеме раскрсница на два многу значајни паневропски коридори, а тоа се Коридорот 8 и Коридорот 10.

Мојата прва порака којашто денеска сакам да ја испратам е дека по нешто повеќе од 20 години овој проект станува реалност. Реалност на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ, ветување коешто беше дадено на почетокот на оваа Влада, беше дел од клучните приоритети на работата на оваа Влада и очекувам многу скоро од денеска да видиме значителен прогрес на работите на терен и во рекордно време, се разбира, овој проект да биде реализиран. Исто така, во рамките на оваа прва порака, би сакал да го изразам своето задоволство што македонска компанија ќе ги изведува градежните работи на овој проект. Тоа значит дека ќе имаме дополнителна додадена вредност во македонската економија, повеќе работни места за македонските граѓани — нешто коешто претставува еден од врвните приоритети на оваа Влада.

Втората работа и порака којашто исто така сакам денеска да ја испратам е дека денеска тука нема да застанеме. Многу скоро од денеска продолжуваме со уште една автопатска делница којашто е дел од Коридорот 8. Се надевам многу скоро од денеска ќе можеме да присуствуваме на еден ваков настан којшто ќе го поврзе местото Букојчани со автопатот којшто очекувам на почетокот од следната година да го пуштиме, а тоа е Кичево – Охрид, односно од Букојчани до Кичево. Со тоа во еден момент ќе се создадат услови на територијата на државата да се градат 6 автопатски делници, нешто што досега никогаш во минатото не се случило. Тоа се делницата од Блаце до Скопје, делницата Тетово – Гостивар, од Гостивар до Букојчани, од Букојчани до Кичево, од Кичево до Охрид и од Прилеп до Битола, нешто што навистина претставува историски момент за нас граѓаните, но и за државата генерално.

И третата порака којашто сакам денеска да ја испратам, а којашто мислам дека е многу значајна, е тоа дека кога градите улица, кога градите пат, кога градите автопат — вие градите иднина. Ние денеска отпочнуваме да градиме иднина, иднина за нашите млади. Бидејќи во политиката политичарите се минливи, ги ценат по она коешто ќе го остават зад себе и делата коишто ги оставаат зад себе. Ние како политичари во оваа наша македонска Влада мислам дека ќе оставиме капитални проекти, капитални дела коишто ќе ја одредат иднината на државата и ќе обезбедат иднина за младите. Наместо иднината и своите семејства да ги градат надвор од сопствената татковина, ова ќе биде мотив повеќе да останат тука дома, а оние коишто заминаа — да се погрижиме да ги вратиме тука дома и заедно од дома да се бориме за нашата заедничка татковина.

Им благодарам на сите оние коишто беа вклучени во реализацијата на овој проект. Му благодарам на секој оној којшто остави дел од својот живот и го посвети на реализацијата на овој проект и ќе го посветува во месеците и годините коишто следат. Од мене ја имате целосната поддршка и како Влада ние ќе продолжиме да бидеме фокусирани на економијата и економската обнова на државата. Бидејќи патриотизмот во 21 век претставува нешто многу повеќе од националромантични идеи претставува силна економија, добар стандард и граѓани коишто се задоволни од институциите и Владата, борба против криминалот и корупцијата и владеење на правото. Тоа се врвните приоритети на оваа македонска Влада.“- изјави премиерот Христијан Мицкоски.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Хајди Клум позира топлес покрај базен: Обожавателите ја нарекуваат „кралица“

Хајди Клум (53) го искористи сончевиот викенд за релаксација покрај базен. Во неделата, манекенката објави фотографија на Инстаграм на која седи на работ од базенот, со нозете во водата и кренати раце.

Хајди Клум позира топлес покрај базен: Обожавателите ја нарекуваат „кралица“

Таа носеше само долен дел од црно бикини и качкет, додека покрај неа седеше нејзината 22-годишна ќерка, Лени. Лени во скутот држеше кученце по име Фриц – кое Хајди го вдоми во април. „Недела“, напиша таа кратко покрај фотографијата.

Хајди не се крие

Објавата брзо го привлече вниманието на нејзините следбеници, кои го преплавија делот за коментари со комплименти. Некои ја нарекоа „кралица“ и „божица“, додека други едноставно напишаа „вау“.

Хајди со години отворено зборува за својот став кон сопственото тело и голотијата. Во интервју за списанието „People“, таа објасни дека ваквиот пристап за неа е сосема природен.

„Отсекогаш сум била многу отворена во однос на своето тело. Кога се сончам во градината, понекогаш не носам горен дел. Јас сум Европејка... моите деца никогаш не ме запознале поинаку, што веројатно е причината зошто тие се поопуштени во однос на сопствените тела“, изјави таа.

Манекенката исто така истакна дека никогаш премногу не се грижела за тоа како изгледа пред другите. „Отсекогаш сум имала самодоверба. Немам проблем да шетам наоколу во долна облека. Не се кријам по ќошиња“, појасни Хајди.

Таа не сака инјекции за слабеење

Клум претходно зборуваше за тоа како се справува со телесните промени што доаѓаат со стареењето. Според неа, во тоа има поддршка од нејзиниот сопруг, Том Каулиц (37), кој ја охрабрува да не биде опседната со стандардите за слабост наметнати од модната индустрија.

Денес, таа смета дека неколкуте килограми вишок воопшто не ѝ пречат и дека таквата фигура одлично ѝ прилега. Истовремено, таа изјави дека нема интерес за лекови за слабеење, како што се „Ozempic“, „Wegovy“ или „Mounjaro“.

Наместо тоа, таа се стреми да одржува рамнотежа преку исхраната и редовната физичка активност. Не поминува часови во теретана, бидејќи претпочита поедноставни форми на вежбање. Дома, во Лос Анџелес, таа често скока на трамболина или изведува вежби со сопствена тежина, вклучително и чучњеви.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Жена со ебола пренесена во Швајцарија, има сомнеж за уште еден случај

Маж, за кој постои сомневање дека е заразен со ебола, пристигна во Швајцарија од Нигерија и е примен во Универзитетската болница во Цирих, потврди денеска портпарол на болницата, пренесува Ројтерс.

Жена со ебола пренесена во Швајцарија, има сомнеж за уште еден случај

Владата на Нигерија претходно соопшти дека жена заразена со ебола – сопруга на швајцарски дипломат – утрово заминала за Швајцарија со специјален лет за медицинска евакуација. Во авионот бил и нејзиниот сопруг. Според веб-страниците за следење летови, авионот пристигнал во Швајцарија попладнево.

Жена пренесена во Женева на лекување

Портпаролот на болницата во Цирих не го откри идентитетот на мажот, но потврди дека една жена е пренесена во Женева на лекување. Властите во Женева одбија да го коментираат случајот, наведувајќи дека швајцарската влада наскоро ќе издаде соопштение со дополнителни детали.

Извор: Индекс.хр

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Дури ни соработката со „Xpeng“ не помага: „Volkswagen“ во криза

Уделот на кинескиот пазар во вкупната добивка на групацијата е намален од речиси 50 отсто на околу 10 отсто, а партнерството со локалниот производител „Xpeng“ сè уште не ги дава очекуваните резултати.

Дури ни соработката со „Xpeng“ не помага: „Volkswagen“ во криза

Со години, Кина беше еден од најважните пазари за „Volkswagen“, но ситуацијата значително се промени.

Уделот на Кина во вкупната добивка на групацијата падна од речиси 50 отсто на околу 10 отсто, а партнерството со кинескиот производител „Xpeng“ сè уште не ги носи очекуваните резултати.

„Volkswagen“ инвестираше 700 милиони долари во „Xpeng“, стекнувајќи удел од 4,99 отсто.

Двете компании развија заедничка електрична и електронска архитектура за нови електрични возила, вклучувајќи ги моделите „ID. Unyx 08“ и „ID. Unyx 09“.

Концептот беше автомобилите да се развиваат и произведуваат во Кина, приспособени за локалните купувачи.

Сепак, продажбата на првиот модел е далеку под предвидувањата. Според податоците објавени од Ројтерс, во периодот од април до август, месечно се продавале во просек само 267 примероци од моделот „ID. Unyx 08“.

Тоа е помалку од десет отсто од првичната цел од 3.622 возила месечно.

Поради овие слаби резултати, „Volkswagen“ ја намали целта за продажба за 2026 година од 32.600 на 12.300 автомобили.

Целта за 2027 година исто така е ревидирана, намалувајќи се од 70.400 на 64.000 возила. Технологијата и продажната мрежа како предизвик

Моделот „ID. Unyx 08“ се одликува со модерен дизајн и богата дигитална опрема. Сепак, според извештаите, тој заостанува зад одредени кинески конкуренти во поглед на технологијата и брзината на полнење.

Продажната мрежа претставува дополнителен предизвик: моделот првенствено се продава преку околу 166 продажни места на „Volkswagen Anhui“, наместо преку значително пошироката мрежа на партнерства со „FAW“ и „SAIC“. Сепак, „Volkswagen“ останува посветен на Кина. Компанијата очекува месечна продажба од најмногу 4.900 примероци од седанот „ID. Unyx 09“, со долгорочна цел до 2034 година да достигне 90.000 возила годишно.

Овој модел ќе им конкурира на возила како што се „Tesla Model 3“ и „Xiaomi SU7“.

Германскиот производител, исто така, ја разгледува можноста за извоз во Европа на возила произведени во Кина.

Сепак, дополнителните царини за автомобилите произведени во Кина би можеле да го отежнат овој план. Поради тоа, како алтернатива се разгледува производство во германските погони, кои моментално работат со капацитет под максимумот.

Извор: Б92

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер