Мицкоски: Отворањето на ресурсниот центар за поддршка на развојот на општините е доказ дека Македонија ја гради својата иднина - Канал 5

Мицкоски: Отворањето на ресурсниот центар за поддршка на развојот на општините е доказ дека Македонија ја гради својата иднина

Обраќање на премиерот Мицкоски по повод отворање на Ресурсниот центар за поддршка на развојот на општините.

Мицкоски: Отворањето на ресурсниот центар за поддршка на развојот на општините е доказ дека Македонија ја гради својата иднина

„Почитувани претставници на институциите, почитувани партнери од UNDP, уважени министри, градоначалници, драги гости,

Денес е чест да се обратам по повод воспоставувањето на Ресурсниот центар – стратешка алатка со која ја зацврстуваме имплементацијата на Националната развојна стратегија, во партнерство со Програмата за развој на Обединетите нации и со поддршка на Владата на Република Македонија.

Овој центар не е само нова институционална структура. Тој е јасен доказ дека Македонија ја гради својата иднина врз темели на современо управување, транспарентност и ефикасност. Проектот има за цел да ги адресира длабоките системски предизвици – преку подобрено управување, унапредени институционални капацитети и развој на одржлива инфраструктура. Тоа не се технички реформи, тоа е визијата на држава што сака да биде модерна, функционална и ориентирана кон резултати.

Доброто владеење е повеќе од административна функционалност. Тоа значи институции што работат со интегритет, со координација, со отчетност – како на национално, така и на локално ниво. А токму во оваа рамка, децентрализацијата е еден од најважните столбови.

Зашто силни и функционални општини значат силна држава. Кога локалната самоуправа има знаење, капацитети и ресурси, таа е најблиску до граѓаните. Таа може најбрзо и најпрецизно да ги почувствува нивните потреби, да понуди решенија и да создаде заедници што напредуваат.

Иако изминатите две децении вложувавме значајни напори за развој на децентрализацијата, мора искрено да признаеме: резултатите сè уште не се на нивото кое граѓаните го заслужуваат. Особено во делот на квалитетните јавни услуги, управувањето со ресурсите, како и во создавањето услови за локален економски развој. Локалните власти се одговорни за многу клучни политики кои секојдневно го допираат животот на граѓаните – и токму затоа мора да бидат силни, стручни и ефикасни.

Ресурсниот центар е нашиот заеднички одговор на овие реални предизвици. Владата, преку Министерството за локална самоуправа, создава механизам со кој општините добиваат стратешка поддршка, експертиза и инструменти за подобра имплементација на децентрализацијата и на рамномерниот регионален развој.

Зајакнувањето на општините не е трошок – тоа е инвестиција. Инвестиција во подобар живот, во одржлив развој, во стабилност на локалните заедници и во функционална држава што знае каде оди и што гради.

Само со силни општини можеме да ја изградиме Македонија која не само што ги следи европските стандарди – туку ги живее.

Затоа, сакам да упатам јасна порака до секој градоначалник, без разлика дали води голема урбана општина или мала рурална заедница: разгледајте ги можностите кои ги нуди Ресурсниот центар, користете ја поддршката, побарајте експертска помош таму каде што постојат предизвици или недостиг на капацитети. Ова не е слабост – ова е мудрост во управувањето.

Почитувани,

Со оваа иницијатива создаваме алатки, структури и знаења што ќе ја трансформираат нашата земја во модерна, функционална и одговорна држава. Тоа е обврска што ја преземаме кон граѓаните – и тоа е реформскиот дух што ја движи Македонија напред.

Дозволете ми на крајот да упатам искрени честитки до Министерството за локална самоуправа, до министерот Перински, како и до сите партнери Швајцарската амбасада , UNDP и меѓународната заедница кои активно придонесуваат во овој важен процес.

Заедно градиме посилни институции. Заедно градиме посилни општини. Заедно градиме посилна Македонија.

Ви благодарам.“

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Никарагва одлучи да го раскине договорот од 1987 година

Министерството за надворешни работи на Никарагва објави дека земјата се повлекува од Централноамериканскиот парламент.

Никарагва одлучи да го раскине договорот од 1987 година

Како што соопшти Министерството вчера, „остварувајќи го своето суверено право“, Никарагва одлучи да го раскине договорот од 1987 година со кој беше формиран парламентот за шест централноамерикански држави, одлуката стапува на сила веднаш, пренесува Ројтерс.

Владата на Никарагва не одговори на барањето за коментар.

Овој потег уследи еден ден откако Организацијата на американските држави (ОАД) усвои резолуција со која се повикуваат властите во Никарагва да ги ослободат политичките затвореници и да ги вратат граѓанските слободи.

Никарагва ја напушти ОАД во 2023 година, тврдејќи дека оваа дипломатска организација станала инструмент на интервенционизмот на САД.

Земјата, исто така, во 2025 година објави дека ќе се повлече од Советот за човекови права на ОН, по извештајот на Обединетите нации во кој меѓународната заедница се повикува да реагира на кршењето на човековите права во земјата.

Политичка криза во Никарагва

Никарагва се наоѓа во состојба на политичка криза од април 2018 година, кога полициските сили ги задушија масовните протести, притоа загинаа повеќе од 350 луѓе, околу 2.000 беа повредени, а илјадници беа уапсени или избегаа од земјата.

Владата на Никарагва, предводена од претседателот Даниел Ортега и неговата сопруга Росарио Муриљо, минатиот јули објави дека земјата повеќе нема да одржува избори. Ортега е на власт во континуитет од 2007 година, откако претходно ја извршуваше функцијата претседател во 80-тите години на минатиот век.

Извор: Б92

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Трамп именуваше пратеник за затворениците: „Тој врати 65 Американци од Белорусија“

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска објави дека адвокатот и актуелен пратеник за Белорусија, Џон Коул, ќе биде негов специјален претседателски пратеник за прашања поврзани со затвореници.

Трамп именуваше пратеник за затворениците: „Тој врати 65 Американци од Белорусија“

Белорускиот претседател Александар Лукашенко минатиот месец помилува 15 затвореници по разговорите со Коул, кој повеќе од една година преговара со Минск.

„Во текот на изминатата година, Џон веќе обезбеди враќање на повеќе од 65 Американци и државјани на сојузнички земји од Белорусија и договори ослободување на повеќе од 800 политички затвореници од неколку источноевропски земји“, објави Трамп на својата социјална мрежа „Truth Social“.

Коул ќе го замени Адам Болер, за кого Трамп рече дека вратил 196 заложници.

Болер, кој во август помогна да се обезбеди ослободување на поранешен американски маринец од Русија, ќе продолжи да помага околу други прашања како виш советник, додаде Трамп.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Серафимовски: Како министерство сериозно сме засегнати за решавање на проблемите

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство сериозно е засегнато за решавање на проблемите во делот на пласманот, производството и цената на оризот, порачал ресорниот министер Борче Серафимовски.

Серафимовски: Како министерство сериозно сме засегнати за решавање на проблемите

Тој денеска во Горни Подлог присуствувал на традиционалното зажетнување со срп на 35. издание на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер