Мицкоски очекува со „Новогодишната кошничка“ да се заштити семејниот буџет

Премиерот Христијан Мицкоски очекува со најавеното намалување на цените на производите опфатени со акцијата „Новогодишна кошница“, да се заштити семејниот буџет и да има побогата празнична трпеза.

Мицкоски денеска на новинарско прашање, рече дека бројот на производи опфатени со акцијата е зголемен од 600 на 800 и истакна дека Државниот пазарен инспекторат ќе ја следи работата на маркетите.

- На мое големо задоволство компаниите, трговците, производителите, дистрибутерите, бројката на производи ја зголемуваат и таа е повеќе од 800-тини, не е веќе 600-тини. Сите тие ќе бидат означени, а за тоа ќе се грижи Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) којшто континуирано ќе ја следи работата на маркетите и очекувам семејниот буџет да биде заштитен со намалување на цените на овие производи. Почнува од 15 декември, за два дена. Очекувам позитивни ефекти и очекувам за празниците потрошувачката кошничка да биде што побогата, изјави Мицкоски, по поставувањето камен темелник на нова фабрика во ТИРЗ Кичево.

Во листата на новогодишната потрошувачка кошничка спаѓаат леб и житарици, пекарски производи, месо и преработки од месо, риба, млеко и млечни производи, кондиторски производи, свежо, замрзнато и конзервирано овошје и зеленчук, безалкохолни (газирани и негазирани) напитоци, алкохолни пијалаци (вино и пиво) и друго.

Изминатите денови пазарните инспектори ги мониторираа сегашните цени на производите коишто ги содржи акциската листа заедно со најниските цени на истоимените производи кои биле применувани во последните 30 дена. Целта на мониторингот е да се утврди дали по почетокот на акцијата трговците ќе се придржуваат до дадената иницијатива од нивна страна за акциско намалување на цените од 10 отсто или повеќе на прехранбени производи кои најмногу се продаваат во текот на новогодишните празници.

Производите на листата кои ќе бидат понудени на полиците во трговските ланци ќе бидат обележани со налепница и лого „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, како дел од кампањата на Владата.

Акцијата „Новогодишна кошница“ ќе се спроведува заклучно со 15 јануари 2025 година. Граѓаните може да пријават неправилности на бесплатниот телефонски број 191 или на веб страна на ДПИ www.dpi.gov.mk, на која е достапна и листата со производи.

Прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас стапува во сила во недела во 8:30 часот по локално време

Прекинот на огнот во Појасот Газа договорен од Израел и палестинското исламистичко движење Хамас треба да стапи во сила во недела наутро во 08:30 часот по локално време, соопштија властите на Катар, кој беше посредник во постигнувањето на договор.

Од каратското Министерство за надворешни работи, исто така, упатија апел до жителите на Појасот Газа „да преземат мерки на претпазливост и да чекаат насоки од официјални извори“.

Коалициската влада на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа по полноќ го одобри договорот за прекин на огнот со Хамас и ослободување на заложниците држени во Појасот Газа во замена за палестинските затвореници, откако претходно беше одобрен и од безбедносниот кабинет.

- Владата го одобри планот за ослободување на заложниците. Планот ќе стапи во сила во недела, 19 јануари 2025 година, се вели во соопштението од кабинетот на премиерот Нетанјаху.

Советот на министри го одобри планот и покрај противењето на екстремно десничарските министри.

Хамас веќе објави дека ги прифатил условите од договорот и се обврзува да ги почитува.

Според договореното, прекинот на огнот треба да започне утре.

Договорот во три фази предидува првичична шестнеделна пауза на борбите што го опустошија Појасот Газа во изминатите 15 месеци и, според здравствените власти на Хамас, загинаа повеќе од 46.000 луѓе на палестинска територија.

Во текот на оваа прва фаза, Хамас треба да ослободи 33 заложници кои ги држат милитантите во Газа, а Израел треба да ги ослободи палестинските затвореници кои се држат во неговите затвори.

Во недела се очекува да бидат ослободени првите заложници.

Договорот беше постигнат по неколкумесечни индиректни преговори со посредство на Катар и САД.

Војната во Газа започна на 7 октомври 2023 година, кога припадници на Хамас упаднаа во Израел и убија околу 1.200 луѓе.

РКЕ во 2024 година издала 299 лиценци за нови капацитети за струја од обновливи извори

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и управување со комунален отпад (РКЕ), во 2024 година издала 299 лиценци за нови енергетски капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори- Сонце.

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и управување со комунален отпад (РКЕ), во 2024 година издала 299 лиценци за нови енергетски капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори- Сонце, со вкупно инсталирана моќност од близу 330 MW, соопшти нејзиниот петседател Марко Бислимовски.

- Трета година по ред како инвестициите во обновливи извори на енергија не губат на темпо. Само во 2024 година приватната иницијатива реализраше енергетски инвестиции кои по вкупната моќност се нешто повеќе од еден блок од РЕК Битола. Иако станува збор за различен тип на енергија, едната е од обновливи извори и карактеристично е што е достапна кога има услови (сонце, ветер, вода), а другата е базна енергија, сепак овие бројки се значајни кога ќе се погледне големата сликата. Со инвестицискиот циклус кој е во континуитет три години (2022,2023 и 2024 година) достигнат е инсталиран капацитет од близу 880 MW, а резултат е зголемено домашно производство на струја, еднаква за задоволување на потребите на семејствата од Скопје, Гостивар, Велес, Битола, Дојран, Свети Никола, Охрид и Струмица или вкупно 285 илјади домаќинства, вели Бислимоски.

Во 2022 година издадени се лиценци со вкупна инсталирана моќност од 152,2 MW, додека во 2023 година со 399 MW, што пак влијаеше нето увозот на струја од претходните 30 % да се намали на рекордно историско ниво од 2,75 %, се посочува во соопштението од РКЕ.

ДУИ: Здравството е основа на секое праведно и напредно општество

Кога децата, најранливиот и највреден дел од нашето општество, се во ризик, мора да застанеме и да размислиме.

Фактот дека повеќе деца ги загубиле своите животи во последните шест месеци отколку во изминатите години треба да биде аларм за сите нас.

Секој од тие изгубени животи претставува предвремено прекината судбина и неизмерна болка за семејствата кои ги изгубиле своите најмили.

Јасно ни е дека постојат предизвици, но никој не може да прифати здравството да се деградира до таа мера што родителите влегуваат во болници со надеж, а излегуваат со скршени срца.

Ова не е прашање на партии или политика.

Ова е човечки повик.

Нашите деца заслужуваат најдобра грижа.

Семејствата заслужуваат сигурност и достоинство кога бараат медицинска помош.

Апелираме до Министерството за здравство и сите засегнати институции да преземат итни чекори.

Секој ресурс мора да се насочи таму каде што е најпотребен – во спасување животи и подобрување на условите за нашите најмлади пациенти.

Зашто ниту еден родител не треба да ја доживее болката од загубата на своето дете, и ниту едно дете не треба да ја изгуби својата шанса за живот.

Ова е момент кој бара размислување и акција, се наведува во партиското соопштение.

притисни ентер