Мицкоски: Националната развојна стратегија e обединувачки

Националната развојна стратегија e обединувачки, развоен и визионерски документ за следните 20 години.

Во Владата денеска се одржа првиот состанок на Управниот одбор на Националната развојна стратегија во проширен состав. Управниот одбор со Работниот комитет е помошно тело на Националниот совет за развој, кој како постојано советодавно тело функционира во Владата. Тие ја претставуваат управувачката структура на Националната развојна стратегија. Управниот одбор обезбедува стратешка и партнерска соработка на Советот со меѓународната заедница, меѓународните финансиски институции и со донаторите, соопшти владината прес-служба.

На седницата се обрати премиерот Христијан Мицкоски, кој информира дека заедно со членовите на Управниот одбор, односно министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и генералниот секретар Игор Јанушев одлучиле првиот состанок да го организираат во проширен состав со присуство на партнери и поддржувачи на реформскиот пат кон Европската Унија и градење на демократско, просперитетно и економски силно општество. За ваква координација, како што наведе, клучно е Министерството за европски прашања, па оттука нашите заеднички заложби и заеднички напори се за координирано дејствување што ќе обезбеди поддршка кон забрзано спроведување на Националната развојна стратегија.

- Ова не е само документ, не е само визија на една влада – тоа треба да биде стратегија на сите, затоа што сите сме заедно во ова. Имаме капацитет, имаме и потенцијал и, што е најважно, имаме луѓе коишто се подготвени да работат, да градат и да создаваат. Националната развојна стратегија за периодот 2024 – 2044 година претставува највисок обединувачки, развоен и визионерски документ за следните 20 години. Основната цел е да биде сеопфатен стратешки документ, кој ќе овозможи фундаментална трансформација, односно спроведување на суштински национални промени и трасирање на развојната траекторија на земјата, потенцира Мицкоски, додавајќи дека во подготовката на овој документ се вклучиле граѓаните, институциите и сите засегнати страни.

Според него, една од најважните предности на овој значаен национален документ претставува политичкиот консензус во однос на неговата подготовка, но и донесувањето. - Од самиот почеток до финалниот текст, стратегијата се градеше низ транспарентен и отворен процес, во кој учествуваа повеќе од 200 претставници од министерствата, над 60 пратеници и градоначалници, повеќе од 1.000 млади, над 100 граѓански организации, како и бројни академски и истражувачки институции и претставници од бизнис секторот. Ова овозможи детално да се разгледаат предизвиците со што се создаде основа за утврдување на клучните развојни прашања и приоритети, подвлече Мицкоски.

Најави дека Национална развојна стратегија ќе се заснова на неколку клучни приоритети со кои, како што рече, ќе треба земјата да ја претвориме во земја на можности, а не земја на разочарувања.

- Нема успешна држава без силна економија. Ако сакаме да ја градиме иднината, мора да ја зајакнеме економијата. Спроведуваме даночни реформи кои имаат за задача да ги олеснат условите за бизнисите, да ја намалат бирократијата и да создадат конкурентна економска средина. Многу е важно да обезбедиме енергетска независност со тоа што во делот на производството на електрична енергија, ќе имаме производство од домашни извори, со што ќе ги модернизираме постоечките капацитети, но исто така, многу е важно за изградиме нови капацитети, со што ќе поддржиме инвестиции од страна на државните компании и поддржуваме, но исто така и ќе охрабриме и охрабруваме приватни инвестиции. Една од тие очекуваме камен темелник да биде поставен кон крајот на јуни, со што ќе имаме отприлика околу 20-тина проценти ново производство на електрична енергија од обновливи извори, во случајот тоа е ветерот, рече Мицкоски.

Потсети дека се подготвува новиот закон за високо образование, закон во којшто, како што рече, како Влада ќе обезбедиме бесплатен пристап на државните универзитети на две многу значајни научни бази на списанија, научни списанија. - Оттука ценам дека со пристапот на овие бази на научни списанија, нашите научници ќе можат правилно да ги индексираат своите научни трудови. И барем еден од универзитетите ќе биде меѓу првите 1.000 и зошто да не биде меѓу првите 500 најдобри универзитети во светот. Ова првпат ќе се случува сега, досега тоа не било случај. Целта ни е секој научен труд којшто ќе биде прифатен од страна на научните списанија кои што се дел од овие две најдобри светски бази на научни списанија, секој труд којшто ќе биде прифатен целосно да биде спонзориран од страна на Владата, целосно да биде платен од страна на Владата. Целта ни е од сегашните 300 труда на национално ниво годишно, прават година да дојдеме до 600, а потоа да прогресираме и повеќе од 1.000, со што цениме дека високото образование и нашите универзитети ќе влезат во оптиката на идните студени, па наместо ние да испраќаме студенти надвор, ние да привлекуваме студенти тука кај нас, нагласи премиерот.

Тој посочи дека има инвестиции во училиштата, во спортски сали и во предучилишното образоавние. Потсето дека на вчерашната седница на Влада е донесена Одлука за пренос на 250 милиони евра или околу 15 милијарди денари од централниот буџет кон општините, со фокус на изградба на градинки, училишта, спортски сали итн.

- Покрај тоа што ги завршивме отпочнатите проекти во делот на експресните патишта и дел од делниците во железницата, преку овој трансфер на средства од централниот буџет во општините, ќе инвестираме во изградба на нови булеварски решенија, улици, канализации, водоводи итн. Тоа ни е многу важно, бидејќи цениме дека нашата стратешка предност е тоа што сме природна крстосница на два многу значајни коридори, тоа се коридорот 8 и коридорот 10. Модерни патишта, брзи железници, подобрени јавни услуги и дигитална поврзаност. Тоа е многу важно затоа што имам чувство дека во минатото многу малку се внимавало во изградба на дигиталната инфраструктура, што според мене, треба да биде на исто ниво како да градите нови автопати, нови железници итн. Ние имаме, замислете, секундарен дата центар, односно recovery data center, а немаме примарен дата центар. Односно, секоја од институциите своите сервери и самата себе се брани онака како знае и како умее. Тоа не е организирано, тоа е дифузно. И наш главен приоритет и дел од планот за раст, којшто како Влада го имаме, е да изградиме еден ваков дата центар, каде што ќе можеме не само да го користиме за средина којашто ќе нуди услуги за институциите, туку и за компании коишто исто така ќе сакаат да закупат дел од овој дата центар, коишто се кај нас тука во земјата, рече Мицкоски.

Премиерот најави темелни и јасни реформи и борба против корупцијата. - Веќе осми месец сме Влада и можам да кажам дека досега во делот на борбата против корупцијата, барем од она што јас го имам како информација, а мислам дека имам доволно информации, што се однесува до политичката државна корупција, таа е би рекол сведена на нула, рече Мицкоски. Порача дека мора да се води сметка занационалниот, историскиот и културниот идентитет.

- Ни претстои голем предизвик во претстојниот период за поставување на основите за спроведување на Националната развојна стратегија. Владата одобри сеопфатно управување и структура за поддршка на нејзиното спроведување, со уверување дека документот ќе има ефикасна и ефективна имплементација и ќе даде значајни резултати на краток и подолг рок – за нас и за нашите деца, за генерациите кои доаѓаат, за нашите млади да останат тука и да ги реализираат своите идеи и својот потенцијал, рече Мицкоски.

Влезниците за дуелот со Велс во мундијалските квалификации од 300 до 900 денари

Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на денешната седница ја одреди цената на влезниците за мартовскиот дуел во Скопје против Велс во рамки на 2 коло во групата Ј во квалификациите за пласман на Светското првенство 2030.

Билетите за Источната и Западната трибина на Националната арена „Тодор Проески“ за првиот домашен натпревар на македонската репрезентација од мундијалските квалификации изнесува 300 денари, а 400 денари ќе чинат влезниците за Јужната и Северната трибина. Цената на ВИП влезниците изнесува 900 денари.

Македонија ќе ги стартува мундијалските квалификации на гостински терен против Лихтенштајн на 22 март, пред дуелот против Велс три денови подоцна во Скопје.

Средба на министерката Божиновска со претставници на ММФ

Средба на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска со претставници на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ)

Тековните економски состојби и идните проекции во енергетскиот сектор на земјава беа тема на дискусија на денешната средба на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска со претставници на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), предводени од шефицата на мисијата, Анет Кјобе.

На средбата, како што информираат од Кабинетот на Божиновска, министерката ја истакна важноста на соработката со меѓународните финансиски институции во процесот на енергетска транзиција и ги истакна напорите на Министерството во спроведувањето на реформите насочени кон одржлив развој на енергетиката, зголемување на енергетската ефикасност и промоција на обновливите извори на енергија, како што е Ветерниот парк Богданци, кој обезбедува значителен дел од зелената енергија во земјата, се пример за успешна имплементација на обновливи извори. Таа нагласи дека овие активности се клучни за економскиот раст и стабилност на земјата.

Шефот на мисијата на ММФ, Анет Кјобе, ја пофали посветеноста на Министерството во спроведувањето на енергетските реформи и изрази поддршка за понатамошните активности. Таа истакна дека ММФ ќе продолжи да ја поддржува земјава во нејзините напори за постигнување одржлив економски развој.

Двете страни се согласија дека зајакнувањето на билатералната соработка и координацијата меѓу институциите е клучно за успешно справување со енергетските предизвици и постигнување на стратешките цели во оваа област.

Рубио им се заблагодари на ОАЕ за „силните и трајни односи“

Рубио денеска во разговор со претседателот на Обединетите Арапски Емирати шеикот Мохамед бин Зајед ал-Нахјан се заблагодари на таа држава за „силните и трајни односи“.

Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска во разговор со претседателот на Обединетите Арапски Емирати шеикот Мохамед бин Зајед ал-Нахјан се заблагодари на таа држава за „силните и трајни односи“ обележани со силни економски врски, соработка во областа на одбраната и заедничките интереси на полето на регионалната стабилност, соопшти денеска портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус.

Темите на состанокот ги вклучувале вештачката интелигенција, Појасот Газа, Сирија, Либан и Црвеното Море, кое беше место на напади на јеменските бунтовници Хути додека не беше постигнато примирје во Газа, додаде Брус.

Засега нема официјални изјави од ОАЕ, за што разговарале на средбата Рубио, шеикот Мохамед и шеикот Абдула бин Зајед ал Нахјан, министер за надворешни работи на ОАЕ. /MИА

притисни ентер