Мицкоски на настанот на Светска Банка: Македонија има трипати поголем просечен раст од ЕУ, со изградба на податочни центри извозот ќе се мери во стотици милиони евра - Канал 5

Мицкоски на настанот на Светска Банка: Македонија има трипати поголем просечен раст од ЕУ, со изградба на податочни центри извозот ќе се мери во стотици милиони евра

Обраќање на премиерот Христијан Мицкоски на презентацијата на новиот извештај на Светска банка.

Мицкоски на настанот на Светска Банка: Македонија има трипати поголем просечен раст од ЕУ, со изградба на податочни центри извозот ќе се мери во стотици милиони евра

Во изминатите 27 месеци, односно 8-9 квартали од избирањето на оваа Влада, просечниот раст е над 3,5 проценти на реална основа во услови кога кај нашиот најголем трговски партнер, Европската Унија или еврозоната, тој се движи помеѓу 1 и 1,2 процент. Тоа е трипати повеќе во споредба со просечниот раст кај нашиот најголем трговски партнер - потенцира денеска премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање на презентацијата на новиот извештај на Светската банка - „Македонија: Излез од стапицата на среден доход“.

Навраќајќи се на 2006 и 2008 година, кога државата имала пет, пет и пол, па дури и шест проценти раст, но тогаш, посочи, растот насекаде бил толкав.

Ако го анализираме третиот квартал од оваа година, вчера Државниот завод за статистика ги објави податоците за увоз-извоз, ние веќе втор месец од третиот квартал, покрај јули и август, имаме 11,5 проценти раст на извозот, 8,5 проценти раст на увозот. Значи, извозот побргу се зголемува отколку увозот, не во номинални средства, бидејќи сме увозно зависна земја. Но сакам да кажам дека во услови кога ги имаме најголемите предизвици во светот, во услови кога имаме две војни во соседството, кога ја имаме најголемата енергетска криза, не според македонската Влада, туку според Фатих Бирол, директорот на Светската енергетска агенција, во услови кога имаше итен состанок на Г7-земјите, бидејќи една од членките во 15 проценти од пумпите немаше дизел-гориво, во услови кога постоеше можност да имаме забрана од една од членките на Г7 за извоз на дизел-гориво, ние сепак успеваме да обезбедиме стабилна цена, најниска во Европа, и тоа ни овозможи да ја консолидираме инфлацијата. Во јули 2,3 %, во август 2,6 %, во услови кога европскиот просек во јули е 2,9 %, а во август е 3,3 %. Сега најавија, Евростат објави прелиминарни процени за септември - 3,8 %. Нас нè убедуваа дека е увезена инфлацијата, е па можела и да не биде увезена инфлацијата, изјави Мицкоски.

Според анализите на Државниот пазарен инспекторат, премиерот очекува кај храната и безалкохолните пијалаци инфлацијата во септември да се движи меѓу 1,5 и 2 отсто на годишно ниво.

Одредена можност за високоплатени, квалитетни работни места, кои ќе придонесат позитивност во македонската економија, премиерот очекува државата да добие со изградба на податочни центри за кои веќе имало пет-шест заинтересирани инвеститори.

Според премиерот Мицкоски, вештачката интелигенција и податочните центри се неминовен процес и смета дека државата ќе може да понуди услуга на потенцијалните инвеститори.

Колку и да имаме ретроградни сили, кои ќе нè влечат назад, ние како Влада сме одлучни овој процес да го туркаме напред и ќе одиме до крај во негова реализација бидејќи тој е неповратен. Честопати јас во своите говори го кажувам тоа дека не е веќе наука на иднината, не е индустрија на иднината, туку тоа е индустрија на сегашноста. Во 2040 или 2050 ќе зборуваме за некои други уште понапредни технологии од оваа супер интелигенција или вештачка интелигенција, нагласи Мицкоски.

Владата, нагласи, е фокусирана, работи на адаптација на одредени закони и од заинтересираните посериозни пет-шест инвеститори, половина ако се реализираат, веќе можеме да зборуваме за извоз на услуги што ќе се мерат во стотици милиони долари или стотици милиони евра.

Така што, овој процес е неповратен и тука нема назад, без разлика каква и да биде и колку и да биде силна јавната дебата, бидејќи ако ние не го искористиме, тогаш ќе го искористи некој друг, ако ние не го препознаеме, тоа веќе го препознаваат многу земји во светот, вели тој.

Паралелно со овие процеси, информира дека Владата работи и на внатрешни реформи, меѓу кои ја издвои анализата во делот на социјалната политика.

Дојдовме до едно интересно откритие при анализа на ГМП - корисници на гарантирана минимална помош или социјална сигурност, овој месец фактурата, по спроведена детална анализа, но и проверка на терен, во споредба со истиот месец минатата година е помала за 200 милиони денари. Е, сега, сигурно си го поставувате прашањето „Како е тоа можно?“ Можно е затоа што корисници биле, за жал, починати, отселени, лажни луѓе и така натаму. Значи, ние од буџетот сме трошеле повеќе од милијарда-милијарда и пол фиктивно на корисници за гарантирана минимална помош и социјална сигурност. Уште не сме дошле до другите корисници, истакна Мицкоски посочувајќи дека до сега биле откриени 4,5 илјади лажни корисници на ГМП.

Таа реформа, нагласи, е 25 милиони евра.

Некој ќе рече: „Добро, па тоа е обична проверка, за каква реформа вие зборувате?“ Реформа која е 25 милиони евра. Ние денеска правиме спектакли за инвестиции многу помали од 25 милиони евра годишно. А ние кога ќе го анализираме ова и кога ќе го ставиме во овој процес, ќе дојдеме до ситуација во која ако овде заштедиме 25 милиони, ако онде заштедиме 25 милиони или на трето место 25 милиони, ете ги реформите, ете ги парите како ние можеме да инвестираме во капитални инвестиции, кои потоа нам ќе ни донесат можности за да привлечеме инвестиции што ќе генерираат поголем профит. рече Мицкоски.

Премиерот во своето обраќање за извештајот за раст и работни места на Светската банка, за кој рече дека е добра основа за понатамошни реформи што Владата треба да ги дозаврши, се осврна на инфраструктурните проекти што се реализираат, како што се експресните патишта, автопатските делници, железничкото поврзување, како и енергетски поставените цели и гасификацијата и оти со нивно завршување значително ќе се зајакне геостратешката положба на земјата.- изјави Мицкоски.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Министерството за здравство обезбедува континуитет во снабдувањето со сензори за гликемија

МЗ ја проширува достапноста на современата терапија за лицата со дијабетес.

Министерството за здравство обезбедува континуитет во снабдувањето со сензори за гликемија

Министерството за здравство континуирано работи на унапредување на грижата за лицата со дијабетес, преку обезбедување современа терапија, медицински помагала и подобри услови за следење и контролирање на болеста.

Со последната јавна набавка, сензори за следење гликемија се обезбедени за 800 лица со дијабетес тип 1, согласно Програмата за дијабетес и заклучоците на националната комисија за дијабетес. Јавната набавка, склучена во април, годинава, важи до април 2028 година. Со последната јавна набавка е обезбедена современа инсулинска и антидијабетична терапија со зголемени количини.

Во тек на мај и јуни, годинава, е извршена и замена на сите трансмитери согласно протоколот, а на пациентите вклучени во Програмата им се распределени количини на сензори за шестмесечен период, односно до декември 2026 година. Пациентите ги подигнуваат сензорите во инсулинските аптеки, согласно утврдениот режим.

Со сензори се опфатени лицата со дијабетес тип 1 до 25-годишна возраст, бремени жени со дијабетес тип 1, слепи лица со дијабетес тип 1, како и лица со дијабетес тип 1 кои имаат најтешки компликации и коморбидитети.

На овој начин, согласно расположливите буџетски средства, приоритетно се опфатени најранливите категории пациенти за да се обезбеди континуирано следење на нивото на гликемија и подобро управување со болеста.

Потсетуваме дека сензорите за континуирано следење на гликемијата првпат беа обезбедени во 2023 година за 650 пациенти, додека со јавната набавка во 2026 година бројот на опфатени лица е зголемен на 800.

Министерството за здравство останува отворено за комуникација со пациентските организации и ќе продолжи со напорите за подобрување на грижата за лицата со дијабетес.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Потврдена поддршката на Полска за европскиот пат на Македонија

Денеска во Собранието, Пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Полска одржа средба со потпретседателот на полскиот Сејм, Шимон Холовња и делегацијата.

Потврдена поддршката на Полска за европскиот пат на Македонија

На средбата покрај претседателката на Групата, Даниела Николова, присуствуваа и членовите: Оливер Спасовски, Весна Бендевска, Жан Дрвошанов и Драгана Бојковска.

Претседателката на Групата, Николова, им посака добредојде на потпретседателот Холовња и на членовите на полската делегација, изразувајќи задоволство од можноста за средба и размена на мислења. Таа ги истакна добрите и пријателски односи меѓу Република Македонија и Република Полска, нагласувајќи ја потребата од нивно натамошно продлабочување и унапредување.

Потпретседателот на полскиот Сејм, Холовња, се заблагодари за топлото добредојде потврдувајќи ја полската поддршката на патот кон ЕУ. Тој истакна дека земјата има значајно искуство во надминувањето на предизвиците и изнаоѓањето решенија за сложени прашања, изразувајќи надеж дека во блиска иднина ќе се надминат и отворените прашања со Република Бугарија.

Соговорниците ја истакнаа досегашната соработка помеѓу двете земји во областа на економијата, туризмот и образованието, исто така, беше нагласена и потребата од нејзино проширување и продлабочување во повеќе сектори и тоа не само на ниво на билатерална соработка туку и на ниво на работни тела/комисии бидејќи тие се сржта на парламентаризмот.

Томаш Глоговски, претседателот на Пратеничката група за соработка Полска – Балкан во полскиот Парламент, ја потврди поддршката за европските интеграции на Република Македонија. Тој истакна дека ги разбира предизвиците со кои се соочува земјата во моментот на евроинтегративниот пат, изразувајќи надеж дека во блиска иднина ќе се најде заемно прифатливо решение.

На крајот на средбата, соговорниците изразија подготвеност за продолжување на соработката преку интензивирање на меѓусебните контакти и размена на искуства, со цел зајакнување на билатералните односи и продлабочување на пријателските врски меѓу двете земји.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

„Приказни што оживуваат“: Децата го истражуваат надреалистичкиот свет на Салвадор Дали

Креативниот центар „Сончогледи“ продолжува со реализација на циклусот креативни работилници „Приказни што оживуваат – уметност, литература и пантомима за деца“, поддржан од Град Скопје. 

„Приказни што оживуваат“: Децата го истражуваат надреалистичкиот свет на Салвадор Дали

Второто издание од циклусот ќе биде посветено на Салвадор Дали, еден од највпечатливите претставници на надреализмот, чие творештво ја истражува границата меѓу реалноста, соништата и фантазијата.

Работилницата наменета за деца и млади над 6 години ќе се одржи во четврток, 29 октомври, со почеток во 18 часот, во просториите на креативниот центар „Сончогледи“, во Т.Ц. Олимпико, Тафталиџе.

Преку раскажување, набљудување и анализа на уметнички дела, децата и младите ќе се запознаат со животот и творештвото на Дали, неговиот необичен уметнички израз и светот на надреалистичката имагинација. Дел од неговата лична приказна ќе биде претставен преку глума и пантомима, со што литературата, ликовната уметност и сценскиот израз ќе се поврзат во едно интерактивно креативно искуство.

Практичниот дел од работилницата ќе биде посветен на сликањето со акрилни бои. Инспирирани од надреалистичките визии на Дали, учесниците ќе создаваат сопствени дела, експериментирајќи со формите, боите и неочекуваните комбинации. На тој начин, преку непосредно искуство и слободно творештво, ќе имаат можност да ја развиваат својата визуелна перцепција, креативно размислување и личен уметнички израз.

Циклусот „Приказни што оживуваат“ има за цел да им овозможи на децата и младите да ја доживеат уметноста како простор за истражување, прашања, имагинација и сопствено творештво, поврзувајќи ги литературата, ликовната уметност и пантомимата на пристапен и инспиративен начин.

Работилницата ќе ја водат Марина Туфекчиевска, комуниколог и дипломиран филолог по општа и компаративна книжевност; Кристина Таневска, визуелен уметник, ликовен педагог – вајар и магистер по сликарство; и Метo Јанакиевски, историчар на уметност и пантомимичар.

Учеството на работилницата е бесплатно.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер