Мицкоски и Таравари ќе ги продолжат разговорите за функционирањето на АА во Владата - Канал 5

Мицкоски и Таравари ќе ги продолжат разговорите за функционирањето на АА во Владата

Разговорите помеѓу премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство и лидер на крило на Алијанса за Албанците (АА) Арбен Таравари околу иднината на функционирањето на АА во Владата ќе продолжат, a исходот треба да се знае месецов. 

Мицкоски и Таравари ќе ги продолжат разговорите за функционирањето на АА во Владата

Вчерашната средба на Мицкоски и Таравари, закажана по превирањата во коалицијата „Вреди“ и тврдењата за соработка на Таравари со ДУИ, како што брифираа од владината прес-служба за МИА, поминала во конструктивен дух, а во текот на месецов ќе се знае иднинатата за функционирањето на АА. Од Владата информираа дека премиерот на средбата ги потврдил претходно изнесените позиции.

Мицкоски, вчера изјави дека Таравари треба да одбере една од двете опции - „патот на реформи и владеење на правото, борба за праведно општество и институции кои функционираат“ или ќе им се придружи на „оние политички сили кои со години ја криминализираат и уништуваат државата“.

-Генерално би сакал да слушнам како размислува во делот на последните случувања во јавноста. По мене има, две опции за избор. Едната е оваа што ја нуди оваа Влада, на реформи, на промени, на испорака за граѓаните и втората опција е онаа која што години наназад, повеќе од две децении ја криминализираше државата, ги уништуваше институциите и практично ја клекна државата и граѓаните. Тоа е изборот, нема трета опција. Би сакал да слушнам од господинот Таравари која опција за него е, бидејќи јас не гледам трета опција, изјави премиерот Мицкоски, на новинарско преашање при посетата на Штип.

Тој оцени дека „со или без господинот Таравари Владата е стабилна, цврста и со големо мнозинство и оти останува на него и неговите сопартијци да одлучат за една од двете опции“.

Со Таравари, како што рече Мицкоски, во политиката комуницираат долго време и за него како човек има позитивно мислење, но, нагласи „никого во животот не сум молел, ниту пак имам намера да молам“.

- Но, во политиката образот е нешто што го имаш или го немаш. Тука нема флуидни варијанти. Или имаш или немаш. Или држиш до зборот или не држиш до зборот. Јас мислам дека во неговиот случај најмалку три пати сум покажал и сум го држел зборот. И кога имало моменти, кога можеби имало и дилема во рамките на раководството на партијата. Затоа задкулисни игри се провидни игри, лесно се идентификуваат и познаваат и најчесто ваквите задкулисни игри им се удираат од глава на оние кои што ги прават, изјави Мицкоски.

Претходно, во изјава во која ја најави средбата со Таравари, Мицкоски рече дека сака јасно да слушне „дали е точно дека има договор помеѓу партијата на Таравари и ДУИ“ за поддршка на изборите и порача дека за него тоа е неприфатливо.

Арбен Таравари, пак, вчера изјави дека остануваат на одлуката донесена на Претседателството на партијата на Локалните избори во октомври да настапат со посебни советнички листи но дека ќе го слушне и ставот на премиерот по што ќе проценат како партија како ќе продолжат понатаму.

- Тоа што сме го поминале на Претседателство дека Алијанса за Албанците ќе има посебни советнички листи и најверојатно сопствени кандидати за градоначалници во општините каде излегуваме. Така што ќе го слушнеме и премиерот и потоа ќе процениме како продолжуваме понатаму, рече Таравари, на новинарско прашање на настан во Тетово.

По објавата на Таравари за настап со посебни советнички листи на локалните избори, неговите партнери од коалицијата Вреди, Алтернатива, Беса и Демократско движење, обвинија дека преговара со лидерот на ДУИ Али Ахмети, како и дека самиот се исклучил од Вреди. Таравари не учествуваше на состанокот на Алтернатива, Беса и Демократско движење на кој објавија дека коалицијата ќе дејствува како еден политички субјект. Според последните објави во медиумите, пратеникот Беким Ќоку ќе биде новиот координатор на пратеничката група на „Вреди“, која ќе биде составена од девет пратеници, но до Собранието се уште не е доставено официјално известување.

Досегашниот координатор на пратеничката група на Вреди Халил Снопче, кој доаѓа од крилото на Алијансата на Албанците, предводено од Арбен Таравари, во изјава за медиумите минатата недела истакна дека тој се уште е координатор на пратеничката група на „Вреди“ од 14 пратеници, бидејќи се уште не е формирана нова пратеничка група.

- Доколку со девет потписи се обратат до Собранието дека имаат формирано нова пратеничка група, тогаш по автоматизам ние ќе дејствуваме со наша пратеничка група од петмина пратеници, рече Снопче.

Во Коалицијата „Влен“ од Алијансата за Албанците се пет пратеници - Мимоза Муса, Ријад Шаќири, Садик Сулејмани, Салим Сулејмани и Халил Снопче, а од трите други партии кои одлучија да делуваат како еден политички субјект - од „Беса“ пратениците Аднан Азизи и Калтрина Беќири, од Демократско движење - Мерита Колчи Коџаџику, Саранда Имери-Стафаи и Фериде Хаџиу, од Алтернатива - Африм Гаши, Беким Сали и Имрлије Салиу-Фетаи и Беким Ќоку од Самоопределувањето на Албин Курти.

Претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети на новинарско прашање дали има некаков договор со Таравари за локалните избори, рече дека во текот на неделава ќе бидат повикани сите органи на партијата и ќе бидат разгледани сите прашања.

-Сè уште нема финални разговори. ДУИ сè уште не ги повикала раководните тела на партијата. Во текот на неделава ќе бидат повикани највисоките партиски тела, ќе бидат разгледани сите ситуации. Секако, го цениме смелиот чекор на Таравари, бидејќи тој многу порано сфати дека оваа влада не е ништо повеќе од антиалбанска влада, нагласи Ахмети.

Лидерот на ДУИ рече дека дека ја цени одлуката на Таравари да се одвои од „Влен“.

-Сè уште не е изградена никаква стратегија. Господинот Таравари ми се чини дека рече „јас не сум роден во влада“, и во моментот кога ќе стане неприфатлив, може да си замине. Но, ова се прашања на господинот Таравари, тоа не се прашања на ДУИ, ниту на „Европскиот фронт“, тоа се внатрешни прашања што господинот Таравари кој треба да ги менаџира, рече Ахмети.

Евентуалното излегување на Таравари од владејачката коалиција во јавноста отвори дебата и за предвремени парламентари избори. Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова вчера на новинарско прашање одговори дека нема потреба од предвремени избори.

Говорејќи како професор, таа посочи дека дека предвремени избори се потребни во услови на парализирани институциите, кога не можат да функционираат или кога владејачкото мнозинството е на границата на потребните 61.

- Да, има проблеми но институциите се справуваат со нив. Ќе има редовни локални избори кои го отсликуваат расположението на граѓаните. Понекогаш се лакмус за тестирање и на успешноста на власта, но апсолутно нема потреба од парламентарни избори, рече таа одговорајќи на прашање на медиумите.

Сиљановска - Давкова дополни дека истите оние кои сега повикуваат на предвремени избори беа најголемите противници на предвремени избори кога навистина имаше причина за тоа.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

„Ford“ ја враќа ознаката „Cobra“

Новиот „Mustang Cobra“ доаѓа во 2027 година, но потенцијалните купувачи ќе мора брзо да дејствуваат.

„Ford“ ја враќа ознаката „Cobra“

„Ford“ го подготвува враќањето на значката „Cobra“ на „Mustang“, а новиот спортски модел треба да продолжи таму каде што застана „Shelby GT350“. Се очекува да има атмосферски V8 мотор, мануелен менувач и моќност од најмалку 550 КС.

„Ford Racing“ објави кратко тизер видео со кое се потврдува пристигнувањето на нов „Mustang“ со мотор развиен врз основа на искуството од трките. Премиерата е најавена за 2027 година, а сè укажува на враќање на значката „Cobra R “.

Според информациите објавени од „Ford Authority“, новиот модел ќе биде духовен наследник на „Mustang Shelby GT350“, а треба да пристигне во салоните како модел од 2028 година. Производството би можело да трае релативно кратко, до моделската година 2029 година. Под хаубата се очекува атмосферски 5,2 или 5,4-литарски V8 мотор, поврзан со шестстепен мануелен менувач „Tremec“. Официјалните бројки за моќност сè уште не се објавени, но се проценува дека моторот би можел да развие помеѓу 550 и 575 КС.

За споредба, претходниот „Mustang Shelby GT350“ користеше 5,2-литарски „Voodoo V8“ со 533 КС и 582 Nm вртежен момент.

Сегашниот „Mustang Dark Horse“ со 5,0-литарски V8 мотор развива 508 КС, додека „Dark Horse SC“ има дури 806 КС.

Враќањето на името „Cobra“ има и финансиска позадина. „Ford“ повеќе не сака да му плаќа на „Shelby American“ за користење на неговото име.

Според текстот, „Ford“ претходно плаќал околу 800 долари за секој продаден „Shelby Mustang“, што вкупно изнесувало повеќе од 30 милиони долари трошоци за лиценцирање.

Затоа, новиот модел би можел да се нарече „Cobra“ наместо „Shelby GT350“.

Последен пат кога „Ford“ ја користеше оваа ознака беше на почетокот на 2000-тите, на моделот „Mustang SVT Cobra“ со V8 мотор со компресор.

Извор: Б92

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Кирјас со остар настап пред европските либерали: 2026 не е 2001, ЕУ мора повторно да стане атрактивна и да престане со надменост!

Емил Кирјас, испрати остра, директна и отрезнувачка порака за улогата на Европската Унија во современиот геополитички поредок.

Кирјас со остар настап пред европските либерали: 2026 не е 2001, ЕУ мора повторно да стане атрактивна и да престане со надменост!

На состанокот на европските либерали во Даблин за време на неформалниот самит на ЕУ, претставникот на Либерално-демократската партија (ЛДП), Емил Кирјас, испрати остра, директна и отрезнувачка порака за улогата на Европската Унија во современиот геополитички поредок, истакнувајќи дека времињата на безусловно следење на европските лидери се минато, а граѓаните во регионот сè погласно ја гледаат хипокризијата и недостигот на конкретни резултати.

Кирјас ги повика европските колеги да ја прифатат новата глобална реалност, нагласувајќи дека четврт век подоцна светот е далеку покомпетитивен и дека Европската Унија повеќе не е единствениот „производ“ на светската сцена.

„Мораме да сфатиме и да прифатиме дека 2026 година не е 2001 – 25 години подоцна светот изгледа многу поразлично и е далеку покомпетитивен. Ако порано единствената опција и модел што можеа да го видат граѓаните беше европскиот модел, денес на пазарот постојат и кинески, и руски, и турски модел, па во последно време и американски модел кој е различен од европскиот. За нас, особено за либералите, европскиот модел на благосостојба, економски развој, слобода на говор, просперитет и гарантирање на правата е најдоброто решение. Но, не можеме да очекуваме дека граѓаните секогаш слепо ќе ги слушаат своите лидери, нема да ги следат вестите и нема сами да носат одлуки за тоа кој е способен да преземе решенија, да го исполни ветеното, да гледа визионерски и да проектира моќ на светската сцена“, порача Кирјас во Даблин.

Тој предупреди дека европските институции се наоѓаат во состојба на самоодрекување од глобалната реалност и веќе не се доживуваат како морализирачка сила во регионот. Како што објасни пред присутните, дури и во Македонија веќе не се зборува само за формално членство во ЕУ, кое за многу граѓани стана непривлечен поради долгогодишните блокади и неисполнети ветувања, туку за градење држава според стандардите на земји како Бенелукс, Данска, Ирска или Естонија.

„Ако не направиме сѐ во наша моќ за повторно да ги направиме европската идеја и европскиот проект атрактивни, ќе имаме огромен проблем – не само со граѓаните, туку и со иднината на нашиот континент. Време е да престанеме да гледаме на нашиот проект како на единствена солуција во светот. Нашите граѓани сакаат да живеат просперитетно, да говорат слободно и да имаат правна држава, но тоа значи дека и на европско ниво сите мора да бидат подеднакво почитувани – без надменост, без надредување, без второкласни граѓани и без наметнување каде што само еден одлучува и ги суди другите, туку систем каде што сите си помагаме еден на друг. Колку побрзо го направиме тоа, толку ќе биде подобро за сите нас во Европа“, заклучи Емил Кирјас во своето излагање пред европските либерали на состанокот на АЛДЕ.

Либерално-демократска партија

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

СДСМ: Еден ден трета економија, друг ден банкрот – ММФ ги разби бајките на Мицкоски

Еден ден Мицкоски раскажува бајки и зборува за трета економија во Европа, а друг ден за банкрот ако има избори. 

СДСМ: Еден ден трета економија, друг ден банкрот – ММФ ги разби бајките на Мицкоски

Еден ден се фали со економси раст, друг ден признава дека државата нема пари.

Неговите противречни изјави ја разобличуваат целата владина пропаганда, сите негови лаги.

И ММФ ги разби бајките на Мицкоски. Каква трета економија, Македонија е на дното во Европа.

Според проекциите на ММФ, Македонија е на 41. место меѓу 48 европски економии по БДП по жител, со 11.762 долари. Од земјите во регионот, пред нас се Србија, Црна Гора и Албанија. Разликата со најбогатите европски економии останува огромна.

Ова е реалната состојба на македонската економија. Не бајките на Мицкоски за трета економија во Европа. Не лагите за најбрз раст на платите и пензиите.

Ова е сè она за што СДСМ предупредува последната година. Сега потврдено и од ММФ.

Реалноста е дека има 4 милијарди евра ново задолжување за две години. Реалноста е дека луѓето живеат полошо. Реалноста е очекуваното поскапување на парното и струјата. Реалноста е дека нема зголемување на минималната плата – само бајки.

Пари во буџетот нема, пари за граѓаните нема. Но знаеме каде има – кај Мицкоски и неговата банда.

Вистината е сега на виделина, и со скандалот со Алта банка, и со неговите врски со Вучиќ.

За сè ова, одговорност ќе има.

СДСМ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер