Мицкоски: Борбата со криминалот подолжува, се работи на десетици случаи

 Премиерот Христијан Мицкоки, во коментар на акцијата на МВР „Адитив“ поврзана со работењето на РЕК „Битола“ и ТЕЦ „Осломеј“  најави дека борбата со криминалот ќе продолжи и најави десетици такви случаи во следниот период.  

– Да, ќе продолжи. Ние рековме внимателно, рековме нема да правиме естрада од сето тоа, ќе продолжи. Се држиме до тоа што сме го кажале. Кога ќе се обезбедат докази и основано сомневање за сторен криминал МВР заедно со срамежливото обвинителство влегуваат во акција. Таа акција беше спроведена пред неколку дена, 23 лица се осомничени и два правни субјекта. Во периодот што следи десетици случаи се работат. На македонските граѓани ќе им стане многу јасно што се случувало изминативе години, рече Мицкоски на новинарско прашање, по присуството на поставување камен темелник на фабрика во ТИРЗ Кичево.

Нема да се случува, вели Мицкоски, како што беше во минатото на полноќ или наутро да влегуваат специјални единици вооружени до заби во домовите на лицата коишто се осомничени и сето тоа камера да го снима и слично и да правиме естрада. - Нема да биде тоа, ќе биде вака преку соопштенија, а потоа преку еден фер и транспарентен судски процес очекувам секој да ја докажува својата вина или невиност во целиот случај. Во периодот што следи мислам дека од информациите со коишто располагам ќе има десетици вакви случаи, рече Мицкоски.

Основниот кривичен суд Скопје завчера одреди притвор во траење од 30 дена на поранешниот директор на АД ЕСМ Васко Стефанов и на уште седум лица осомничени за криминал тежок 6,5 милиони евра во акцијата „Адитив“.

- Судии на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за определување мерки за обезбедување присуство и мерки на претпазливост против 23 лица кои утрово беа спроведени во Судот, а поврзани со акцијата од обвинителството означена како „Адитив“, донесоа решенија со кои по произнесување на Јавниот обвинител и приведените осомничени лица, во присуство на нивни бранители, како и ценење на фактите и доказите приложени во предлозите за определување мерки, за осомничените В.С., П.С., М.С., М.Ј., Д.С., Н.С., Р.С. и П.М. го прифати предлогот на Основниот јавен обвинител и им определи мерки притвор во траење од 30 дена, заради постоење на основите од член 165. ст.1, т.1., 2. И 3. од ЗКП, односно Опасност од бегство, Влијание врз сведоци и Околности дека може да го повтори делото, за осомничениот М.С., имајќи ја предвид неговата возраст и преземените дејствија, судот му определи мерка куќен притвор, соопшти Кривичниот суд.

Владата нема да дозволи дефокусирање на јавноста од страна на Демократската унија за интеграција (ДУИ), која сака да го заштити капиталот за кој постои основано сомнение дека е криминално стекнат.

Фокусирани сме за развој на државата и инвестиции, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски по поставувањето камен темелник за изградба на фабрика за електронски батерии за автомобили на белгиската компанија „Avesta Battery and Energy Engineering“ во ТИРЗ Кичево.

Според премиерот, стратегијата на Али Ахмети и Демократската унија за интеграција, како што рече, откако стига од секаде од светот потврда за нивното криминално однесување е да се обидат да ја дефокусираат јавноста и да свртат тема која генерално ќе има цел да го поларизира населението, по можност и етнички.

- Тоа нема да го дозволиме како Влада. Стигаат потврдите за криминалното однесување на оваа политичка структура и гарнитура изминатите 20-тина години. Многу случаи се работат поврзани со високи поранешни функционери на ДУИ и јавноста многу скоро ќе види кој е во суштина вистинскиот мотив на актуелното раководство на ДУИ дека најмалку се грижат за тоа што требало да се грижат, повеќе се грижат да го заштитат капиталот за кој постои основано сомнение дека е криминално стекнат, нагласи Мицкоски.

Во однос на барањето на ДУИ за предвремени Парламетарни избори, тој посочи дека за девет месеци ќе почне кампања за локални избори на која граѓаните ќе можат да го кажат својот збор.

-Доколку оваа Влада ја поразат на тие избори, логично е да има предвремени Парламентарни избори после тоа. Да не ни се случува како во 2021 година. Но, доколку оваа Влада ги порази сегашните опозициски политички партии на локалните избори тогаш очекуваме конечно да се посветат на самите себе. Да се реструктуираат кадровски и програмски да се освежат и да може на следните редовни парламентарни избори да излезат со нова програма и нови кадровски решенија, порача Мицкоски од Кичево.

Вучиќ со Орбан и Сијарто за регионални прашања, инфраструктурни и енергетски проекти

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во Белград имаше средба со премиерот на Унгарија Виктор Орбан и шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто, на која е разговарано за актуелни геополитички и регионални прашања.

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во Белград имаше средба со премиерот на Унгарија Виктор Орбан и шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто, на која е разговарано за актуелни геополитички и регионални прашања, за инфраструктурни проекти и енергетската безбедност, како и за зајакнување на соработката меѓу двете земји, пренесува Бета.

- Секогаш е чест и задоволство да бидеме домаќини на нашите унгарски пријатели Виктор Орбан и Петер Сијарто во Белград. Со Синиша Мали разговараме за актуелните геополитички и регионални прашања, како и за зајакнување на соработката меѓу нашите две земји со цел да се најдат решенија за новите предизвици, напиша Вучиќ на Инстаграм.

Посочува дека фокусот е на имплементација на инфраструктурни проекти и енергетската безбедност, имајќи ја предвид стратешката важност на двете земји како клучни енергетски коридори во регионот.

- Продолжуваме да работиме и да градиме на темелите на сè посилни врски, кои во исто време се пример за тоа како може да се изгради стабилност и просперитет преку искрено пријателство и стратешко партнерство. Добредојдовте, драги Виктор и Петар. Србија е ваш и дома“, наведува Вучиќ на Инстаграм.

Прва реакција на лидерот на Хезболах по постигнатото примирје во Газа

Лидерот на Хизболах, Наим Касем денеска им честиташе на Палестинците за договорот за прекин на огнот во Газа, велејќи дека тоа е доказ за „истрајноста на отпорот“ против Израел.

Тоа е прва јавна изјава на водачот на либанската милитантна група поддржана од Иран откако Израел и Хамас постигнаа договор во средата.

„Овој договор, кој остана непроменет од она што беше предложено во мај 2024 година, ја докажува упорноста на групите на отпорот, кои го земаа она што го сакаа, додека Израел не можеше да го преземе она што го бараше“, рече тој.

Израел и Хезболах се согласија на прекин на огнот во конфликтот паралелен со војната во Газа во ноември. Прекинот на огнот, постигнат со посредство на САД и Франција, бара израелските сили да се повлечат од јужен Либан во рок од 60 дена и Хезболах да ги отстрани сите борци и оружје од југот.

Оттогаш и двете страни меѓусебно се обвинуваат за прекршување на примирјето.

„Не го тестирајте нашето трпение и ја повикувам либанската држава цврсто да се справи со овие прекршувања кои надминаа 100“, рече Касем.

Тој се осврна и на изборот на новиот либански претседател Џозеф Аун, кој командуваше со либанската армија додека парламентот не го избра за претседател на 9-ти јануари.

„Придонесот на Хезболах и движењето Амал доведе до избор на нов претседател со консензус“, рече Касем. Назначувањето на либанскиот премиер Наваф Салам го налути Хезболах, кој ги обвини противниците дека сакаат да го исклучат.

Салам минатата недела беше номиниран од мнозинството пратеници за формирање влада, но тој не ја доби поддршката од шиитските партии Хезболах и движењето Амал. Салам рече дека формирањето на новата влада нема да се одложи, укажувајќи на позитивна атмосфера за време на дискусиите за составот.

Премиера на претставата „Народен пратеник“ во рамките на јубилејот 80 години МНТ

Во рамките на одбележувањето на 80-годишнината на  Македонскиот народен театар, на 25 јануари со почеток во 20:00 часот ќе се одигра премиерната изведба на претставата „Народен пратеник“.

Во рамките на одбележувањето на 80-годишнината на Македонскиот народен театар, на 25 јануари со почеток во 20:00 часот ќе се одигра премиерната изведба на претставата „Народен пратеник“ од авторот Бранислав Нушиќ, а во адаптација и режија на Егон Савин. Култното режисерско име Егон Савин се враќа во МНТ по подолг период. Ова е негова трета претстава во театарот, претходно ги има поставено „Злосторство и казна“ (1994) и „Лаж и паралаж“ (1996).

Во претставата игра внимателно одбрана и веќе докажана актерска екипа: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов и Тања Кочовска. Бранислав Нушиќ, пак, е еден од најпоставуваните автори на сцената на МНТ, а овој „Народен пратеник“ е трета постановка на познатата драма на Нушиќ. Првата постановка премиерно е изведена на 8 мај 1945 година, во режија на Тодор Николовски, и таа е втората поставена драма на сцената на МНТ. Поставена е уште еднаш - 24 април 1993 година, во режија на Димитрие Османли. Таа е една од најпосетените и најдолговечни претстави: се игра до 2008 година, со вкупно 188 изведби. Режисерот Савин и авторот Нушиќ се неминовен и неизоставен дел од МНТ.

Сценограф на претставата е Весна Поповиќ, костимограф е Роза Трајческа-Ристовска, преводот на текстот го направи Загорка Поп-Антоска Андовска, а дијалектната адаптација на текстот е на Томислав Османли. Асистент на режисерот е Шенај Мандак, а изборот на музиката е на режисерот.

Првата реприза е закажана за 30 јануари, а билетите за истата се веќе распродадени.

НУ Македонски народен театар

притисни ентер