Ако членовите на Судскот совет не се повлечат по изгласаните интерпелации, на улица ќе излезе многуброен народ- по вчерашната најава во „Само интервју“, премиерот Мицкоски и денеска повтори дека граѓаните ќе се самоорганизирале за протест во знак на револт. Нивните реакции вели дека ги слуша на терен и се согласува со нив, затоа рече дека во таков случај и тој лично ќе им се придружи.
Кога би се одржал протест Мицкоски не кажа, но потенцира дека очекува тој да биде масовен. Овие најави според премиерот се само предупредување а не упад во судството.
„ Гледаме дека поединци оттаму тераат инает, мислат дека со инает ќе направат нешто. Јас сум постојано со народот и го слушам како реагира. Сакам да кажам дека ако не постапат соодветно по одлуката на тие што ги бираат, тоа се парламентарците се плашам дека може да им се случи народ да се самоорганизира и протестира зашто народот е желен за правда. Имам чувство дека ако дојде до ваква ескалација и излезе народ да протестира дека тој може да биде многуброен и нормално поддржан лично од мене. “Христијан Мицкоски – претседател на Влада .
За случувањата околу Судскиот совет со критика кон владината коалиција се огласи известувачот за Македонија во Европскиот парламент Томас Вајц. Во писмена изјава вели дека неговата реакција е за „притисокот врз Судскиот совет да поднесат оставки или да се разрешат поради наводна политичка припадност на членовите.“
„ Овој повик од страна на Владата е загрижувачки знак за политичко мешање во судството. Независноста на судскиот систем е клучна за владеењето на правото и поделбата на власта, коишто се темелни вредности на патот на Македонија кон ЕУ. “ – стои во кратката изјава на Вајц. Дали овие негови негативни забелешки ќе имаат влијание во извештајот на ЕУ за напредокот на земјава не е познато, но според премиерот Брисел требало да ги нотира успесите на земјава.
„ Македонија напредува 10 места на скалата и сега веќе не сме хибриден режим, сега сме малку погоре, за разлика од другите држави од регионот кои бележат опаѓање. Ајде да се радуваме на овој успех, да им кажеме на граѓание дека не сме овеќе ибриден режим според Економист, туку дека сме ја унапредиле економијата. И мислам дека тоа и самата Европска Унија и известувачот да го забележат и да го стават во својот извештај. “Христијан Мицкоски – претседател на Влада.
По гласањето на интерпелациите останува неизвесно дали Судскот совет ќе заседава за ова прашање и кои ќе бидат нивните следни чекори. Канал 5 побара став од претседателот на советот Александар Камбовски, но тој одговори само дека се наоѓа во Брисел на работни состаноци. Сепак, личните ставови на членовите се веќе познати - не чувствуваат морална или професионална одговорност за да си поднесат оставки, а потегот на власта со гласањето недоверба го оценуваат како сериозен преседан во судската власт.