Мицкоски: Ахмети и Џафери да ја кажат вистината за содржината на усб-то и пликото

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски тврди дека постојат УСБ и плико со докази дека се одржувале тајни средби со Груевски за измените на Кривичниот законик.. 

Постојат ли докази за тајни преговори меѓу ДУИ,СДСМ и Никола Груевски? Актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски тврди дека пред да почнат јавните преписки со неговиот претходник, месеци наназад ВМРО-ДПМНЕ и тој лично добивале информации за таква комуникација. Без да споделува детали, Мицкоски уверува дека лидерот на ДУИ Ахмети и неговиот сопартиец, спикерот Џафери, лани пролетта добиле УСБ и плико со документи.

„Па еве ќе ги прашате и Талат Џафери и Али Ахмети за содржината на тоа УСБ, на тоа плико и каков документ имало во тоа плико и јас ќе ги следам внимателно нивните изјави и внимателно ќе следам дали ќе ја кажат вистината. Еве да оставиме тие да ја кажат вистината, бидејќи тие ги добиле два од трите документи.“

Од ДУИ за Канал 5 одговорија дека тврдењата на Мицкоски се неточни. Повторија дека средбите со Груевски за кои зборуваше Ахмети биле за пржинските преговори, и децидно негираат дека некогаш преговарале со екс премиерот за Кривичниот законик, бидејќи, како што велат, во тоа време не постоеше СЈО и нивните обвиненија против него.

„Единствените разговори за Кривичниот Законик се водени со Мицкоски на лидерските средби во Клубот на пратениците по негова иницијатива и барање откако стана претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Ахмети и Џафери немаат примено никакво плико и никакво УСБ. ДУИ не е дел од било какви интигрантни сценарија или заговори и нема двојна агенда. – велат од ДУИ.

Додека опозицијата обвинува дека последните измени на Кривичниот законик се со цел власта да добие помош од Груевски за уставните измени и поделба на ВМРО-ДПМНЕ, претседателот Пендаровски во интервју за Гласот на Америка тврди дека сценарио за негова амнестија е невозможно.

„Ова го тврдам децидно - со последните измени на Кривичниот законик, Никола Груевски нема да се врати во Македонија, тврдам. Досега не се вратил, поради овие измени нема ни да се врати, тоа е сигурно. Измените во КЗ ниту кој било друг закон не се причина за корупција ниту за амнестија. Лоша примена или непримена, чување предмети по фиоки, барање дупки во законите за да се пролонгира процедурата што е можно подолго, се главните причини зошто ние со години и години не можеме да видиме правосилна извршна судска пресуда за висока корупција. “

По оценката на Стејт Департментот дека корупцијата може да ги поткопа стратешките амбиции на Македонија, Пендаровски вели дека тој коментар не бил директно поврзан со измените на Кривичниот законик.

Бајден им кажал на соработниците дека бил на доктор по катастрофалната дебата со Трамп

Претседателот Џо Бајден им рекол на соработниците и на лидерите на Демократската партија дека отишол на лекар по лошиот настап на минатонеделната дебата со Доналд Трамп.

Претседателот Џо Бајден им рекол на соработниците и на лидерите на Демократската партија дека отишол на лекар по лошиот настап на минатонеделната дебата со Доналд Трамп, што е во спротивност со претходните изјави на Белата куќа за неговата медицинска нега, пренесува NBC.

Претседателот, исто така, синоќа се состанал со демократските гувернери и се соочил со прашања за минатонеделните разочарувачки дебатни перформанси. На прашањето дали добил медицинска помош по дебатата, тој пред толпата признал дека бил прегледан од лекар и дека сѐ е во ред, тврдат два извори на NBC.

Неколку часа претходно, прес-секретарот на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, изјави дека Бајден не бил подложен на ниту еден медицински преглед од февруари, кога последен пат беше подложен на темелен медицински преглед и беше подложен на неколку тестови.

Белата куќа сега тврди дека Бајден не посетил лекар од февруари, но оттогаш редовно оди на лекар за кратки прегледи, вклучително и по дебатата со Трамп.

Состанокот на Бајден со гувернерите беше организиран од гувернерот на Минесота, Тим Волц, претседател на Здружението на демократски гувернери, за да се намали загриженоста за неговиот слаб настап во дебатата и претстојните претседателски избори.

Полицијата запрела „летечка чинија“: Да не вози со брзина на светлината (ВИДЕО)

Патрола на сообраќајната полиција во Оклахома неодамна на автопат запрела необично возило, кое личело на НЛО.

Полицаецот Рајан ВанВлек забележал дека „летечката чинија“ не застанала на задолжителниот знак, па решил да дејствува.

Во возилото нашол две весели патнички кои се упатиле - сосема неочекувано - на годишниот фестивал на НЛО во Розвел.

„Не секој ден запирате НЛО во сообраќајот. Патниците се пуштени без казна, со предупредување“, соопштија од полицијата.

Се додава дека возачот бил предупреден да го почитува ограничувањето на брзината на меѓудржавен пат, пренесува UPI.com.

„Да не се користи брзина на светлината“, се вели со шеговит тон.

Хезболах почна со одмазнички напад: Истрелавме над 200 ракети кон Израел

Милитантната група Хезболах објави дека истрелала 200 ракети врз Израел во еден од најголемите напади до сега.

Група поддржана од Иран објави дека извршила напад врз 10 израелски воени локации користејќи „ескадрила беспилотни летала“, пишува Sky News.

Израелската војска соопшти дека „многубројни проектили и сомнителни воздушни цели“ влегле на нејзина територија, од кои многу биле пресретнати. Израелската служба за итни случаи соопшти дека нема пријавени жртви. Се верува дека денешниот напад е одмазда за убиството на еден од високите команданти на Хезболах.

Израелската армија вчера соопшти дека во вторникот го убила Мохамад Нааме Насер, кој бил шеф на една од трите регионални дивизии на Хезболах во јужен Либан. Насер беше убиен во воздушен напад во близина на крајбрежниот град Тир во јужен Либан.

Тензиите на границата меѓу Израел и Либан ескалираа во последните денови. Соединетите Американски Држави и Франција вложуваат огромни напори да спречат конфликтот да ескалира во сеопфатна војна што може да се прелее на целиот регион.

Тензиите меѓу Израел и Либан избувнаа веднаш по избувнувањето на војната во Газа. Хезболах вели дека го напаѓа Израел во знак на солидарност со Хамас, друг сојузник на Иран. Десетици илјади луѓе од двете страни на границата се раселени поради борбите.

Во северен Израел загинаа 16 војници и 11 цивили. Во Либан загинаа повеќе од 450 луѓе, главно борци, но и некои цивили. Денешниот напад доаѓа додека израелската влада разговара за договор за фазен прекин на огнот во Газа.

САД стојат зад планот кој бара Хамас да ги ослободи сите заложници во замена за траен прекин на огнот и повлекување на израелските сили од Газа. Сепак, досега се чини дека ниту една од страните не го прифати целосно планот.

притисни ентер