МФ: Избран победникот на ФинХакатон2

Маркетинг стратегијата за наградната игра МојДДВ#МојаНаграда во следните 12 месеци ќе ја реализира маркетинг агенцијата Меккен, соопшти Министерството за финансии. 

Таа победи на ФинХакатонот2, што изминативе три дена се одвиваше во Министерството за финансии со цел да се избере најкреативната стратегија за приближување на наградната игра до граѓаните. Осумте тима кои се натпреваруваа со идеи имаа обврска да вклучат по двајца студенти, кои добија шанса да работат со професионалци од етабилирани маркетинг агенции.

-Студентите беа вклучени во изработката на маркетинг стратегијата за да може да видат како работите функционираат во пракса. И Министерство за финансии и Државната лотарија на Македонија сакаме дел од овие студенти, кои беа учесници на ФинХакатон2, да бидат поканети на пракса во двете институции, за реално да гледаат како ќе се одвива целата стратегија на која работеа - рече министерката за финансии Нина Ангеловска по завршувањето на ФинХакатонот2.

Хакатонот го организираа Министерството за финансии и Фондот за иновации и технолошки развој а организатори на наградната игра МојДДВ#МојаНаграда се Министерството за финансии, Управата за јавни приходи и Државната лотарија на Македонија. Целта на наградната игра е да биде засилување на успешната мерка „МојДДВ".

-До 28 ноември има 184.728 корисници на апликацијата „МојДДВ", скенирани се 39.584.924 фискални сметки а остварен е промет од 19 милијарди 378 милиони денари. Вкупно остварена наплата на ДДВ од 5 и 18 проценти од овој промет изнесува 2 милијарди 98 милиони 709 илјади денари. Вкупно оствареното право на поврат за време на цело време на траење на мерката изнесува 5 милиони 119 илјади евра - рече директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска,укажувајќи на позитивниот ефект на мерката.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски верува дека по една година реализација на наградната игра, овие бројки ќе се дуплираат или триплираат.

-Победничкиот тим на 'Меккен' во наредните 12 месеци ќе биде ангажиран на реализација на креативната кампања за што обезбедивме 2.000.000 денари. Она што особено ме радува е што во проектот ќе бидат ангажирани млади луѓе. За сите тимови кои земаа учество во овој хакатон, но и за сите млади со идеи и храброст сакам да го најавам и новиот повик за стартап компании, што ќе го објавиме до крајот на годината. Вкупниот буџет за повикот ќе биде 1,5 милиони евра, а нашата цел е што е можно повеќе млади луѓе да ги искористат овие можности, да останат во С.Македонија и тука да започнат свој бизнис - посочи Деспотовски.

Наградната игра МојДДВ#МојаНаграда започнува на 15 декември и е насочена да ги мотивира луѓето да ги скенираат и оние сметки со помали суми на ДДВ, кои претходно не ги скенирале, сметките во кои нема ДДВ како и да ги натера да продолжат да скенираат сметки откако ќе го надминат месечниот праг за поврат на ДДВ. Во дизајнирањето на наградата се земени најдобрите практики од другите земји. Покрај сузбивањето на сивата економија, преку наградната игра ќе се врши и финансиска едукација на граѓаните и подигање на даночниот морал преку едукативни пораки.

Србија доби нова Влада, премиер Милош Вучевић, 31 министер и 26 министерства

Собранието на Србија вечерва ја избра новата Влада на Србија на чело со претседателот Милош Вучевиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

За новата влада од 250 пратеници колку што има српското собрание, за владата гласаа 152 од 213 присутни пратеници, а 61 беа против. Воздржани немаше, а отсутни беа 37 пратеници.

Новата Влада на Србија ќе брои 31 член, од кои пет се министри без ресор. Новата влада има третина од новите имиња во однос на претходната Влада на Србија предводена од Ана Брнабиќ.

Премиерот на новата српска влада Милош Вучевиќ во експозето на собраниската седница вчера најави дека владата ќе биде континуитет на политиката на досегашните влади и на претседателот Александар Вучиќ. За Северна Македонија кажа дека е држава која во Србија секогаш може да најде партнер и повеќе од тоа.

Во новата влада Синиша Мали ќе биде вицепремиер и министер за финансии, Ивица Дачиќ-министер за внатрешни работи и вицепремиер, Александар Вулин-вицепремиер, Ирена Вујовиќ-вицепремиер и министер за заштита на животната средина, Братислав Гашиќ-министер за одбрана, Марко Ѓуриќ-министер за надворешни работи, Тања Мишчевиќ-министер за евроинтеграции, Горан Весиќ, министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Дубравка Ѓедовиќ-министерка за рударство и енергетика, Златибор Лончар-министер за здравство, Томислав Момировиќ-министер за внатрешна и надворешна трговија, Маја Поповиќ-министер за правда, Славица Ѓукиќ Дејановиќ-министер за образование, Немања Старовиќ-министер за вработување, труд, ветерани и социјални прашања, Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски, министер за семејна грижа и демографија, Никола Селаковиќ, министер за култура, Андријана Месаровиќ, министер за економија, Јелена Жариќ Ковачевиќ, министер за администрација и локална самоуправа, Јелена Беговиќ-наука и иновации и Хусеин Мемиќ министер за туризам.

Милан Кркобабиќ е министер за грижа на селото, Дејан Ристиќ е министер за информации и телекомуникации, Дарко Глишиќ министер за јавни инвестиции, Новица Тончев, Усаме Зукурлиќ, Ненад Поповиќ и Татјана Мацура се министри без ресор. /МИА

Иран воведе санкции за поединци и правни субјекти од САД и Велика Британија

Иран воведе санкции за неколку американски и британски физички и правни лица поради нивната поддршка за Израел во војната против палестинската организација Хамас во Појасот Газа, јавија француските медиуми.

Во соопштение Исламската Република - жесток непријател на Израел – наведува дека воведува санкции за седум американски граѓани, вклучувајќи го генералот Брајан Фентон, шеф на командата за специјални операции, и вицеадмиралот Бред Купер, поранешниот шеф на американската морнарица на Блискиот Исток.

Меѓу британските функционери и институции кои се санкционирани се министерот за одбрана Грант Шапс и Кралската морнарица во Црвеното Море.

Санкции се воведени и за американските компании „Локид Мартин“ и „Шеврон“, како и за британските „Елбит системи“, „Паркер Мегит„ и „Рафаел УК“.

Иранското Министерство за надворешни работи соопшти дека санкциите вклучуваат „блокирање на сметките и трансакциите во финансискиот и банкарски систем на Иран, замрзнување на средства под јурисдикција на Исламската Република Иран и забрана за визи и влез на иранска територија“.

Меѓутоа, останува нејасно влијанието на овие мерки врз поединците или субјектите, како и какви било средства или трансакции со Иран, пренесуваат француските медиуми.

Иран не ја признава државата Израел и ја стави поддршката за палестинската кауза како камен-темелник на својата надворешна политика од Исламската револуција во 1979 година.

Од почетокот на војната во Појасот Газа, која започна на 7 октомври со неиспровоциран напад на палестинското исламистичко движење „Хамас“ на израелска територија, мнофукратно се кренати тензиите меѓу Израел, од една страна, и Иран и неговите сојузници, особено либанскиот „Хезболах“, од друга.

Ситуацијата меѓу двете земји ескалираше на 13 април кога Иран започна невиден напад врз Израел користејќи 350 дронови и проектили, од кои повеќето беа пресретнати со помош на САД и другите сојузнички земји.

Неколку дена подоцна, во друг напад, што му се припишува на Израел, беше погоден аеродромот во Исфахан, во централен Иран, но таму беше предизвикана само ограничена штета. /МИА

ДИК донесе заклучок за конечност на резултатите од првиот круг на претседателските избори

Државната изборна комисија на денешната седница донесе заклучок за конечност на разултати за избор на претседател на Република Северна Македонија, прв круг.

Според заклучокот, за изборите одржани на 24.4.2024 година, вкупен број на избирачи запишани во избирачки список имало 1 814 317 гласачи од кои гласале 905 622. Неупотребени гласачки ливчиња биле 908 720, важечки ливчиња 881 040, а неважечки ливчиња 24 560.

Конечните резултати покажуваат дека кандидатот за претседател Стево Пендаровски добил 180 499, Гордана Силјановска Давкова 363 085, Стевчо Јакимовски 8 121, Бујар Османи 120 811, Билјана Ванковска 41 331, Арбен Таравари 83 337 и Максим Димитревски 83 855.

Во вториот круг на избори за претседател што треба да се одржат на 8 мај ќе се гласа за кандидатите за претседател Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова.

За претстојните избори за претседател, до Државната изборна комисија пристигнале акредитации од 52 домашни набљудувачи, 11 меѓународни и пет странски новинари, истите доставиле барање и за изборите за пратеници во Собранието, соопштија на денешната седница на ДИК.

На денешната седница ДИК ги усвои и записниците од 97 и 98 седница.

притисни ентер