Во исто време ,пратениците ја пофалија за нејзината посветеност кон демократијата во Германија и Европа за време на 16 годишниот мандат како канцелар.
„Знаеме дека можеме подобро и дека ќе бидеме подобри во иднина“, рече Меркел пред самитот на ЕУ во Брисел во четврток и петок.
Таа истакна дека има потреба да се зајакне ефикасноста, особено во областите на управување со кризи, здравствената заштита, шенгенските односи и заедничкиот пазар.
„Најважно е што дискусијата за овие теми во рамките на Советот на ЕУ е веќе започната“, рече Меркел.
Меркел повика и на заеднички настап против Москва, бидејќи само на тој начин ќе може успешно да се реагира на „хибридните напади на Москва“.
„Настаните од последните недели, и не само во Германија, јасно покажаа дека не е доволно да се реагира на некоординиран начин“, рече Меркел.
Алис Вајдел, претседателка на десничарската популистичка парламентарна група Алтернатива за Германија (АфД), жестоко ја критикувала политиката на владата на Ангела Меркел во борбата против пандемијата.
"Локдаунот не даде никакви мерливи резултати, туку само многу колатерална штета. Објаснувањата за овој вид политика се распаѓаат како кула од карти", рече претставничката на најголемата опозициска партија во Бундестагот во овој изборен период.
Таа исто така ја критикувала бегалската политика и особено договорот меѓу Европската унија и Турција за бегалците.
„Клучот за намалување на илегалната миграција лежи во Берлин, а не во Анкара“, рече Вајдел.
Претставничката на Зелената партија и кандидат на партијата за канцелар на претстојните парламентарни избори, Аналена Баербок, ја пофали германската канцеларка за нејзините достигнувања во обединувањето на Европа.
„Многу, многу граѓани ви се благодарни за она што сте го направиле за Европа во овие кризни времиња“, рече Баербок.
Претседателот на Либерално-демократската партија (ФДП) Кристијан Линднер исто така го пофалил придонесот на Ангела Меркел во процесот на зајакнување на Европската унија.
„Во последните 16 години, вие секогаш несебично ја стававте својата сила и вашиот интелектуален талент во служба на Германија и Европа и со тоа стекнавте голема заслуга“, рече Линднер на крајот од веројатно последното обраќање на Ангела Меркел до Бундестагот како канцелар.
Во 2019 година, Меркел објави дека повеќе нема да учествува на изборите за Бундестагот на крајот на септември. За канцеларка е избрана во 2005 година.