БалканМасовни протести низ цела Грција и во странство - три години од железничката несреќа кај ТемпиТри години подоцна, граѓаните уште еднаш ќе побараат правда, но и никогаш да не се повтори ваква трагедија.– Со протести речиси во сите грчки градови, но и во странство, денеска се одбележува тригодишнината од железничката несреќа кај месноста Темпи, една од најголемите во последните над 50 години во Грција, кога два воза, патнички и товарен движејќи се по иста шина, но во спротивна насока директно се судрија и животот го загубија 57 лица, поголемиот дел од нив студенти, а над 100 беа повредени. Три години подоцна, граѓаните уште еднаш ќе побараат правда, но и никогаш да не се повтори ваква трагедија, а годишнината е на нешто помалку од еден месец пред почетокот на долгоочекуваното судење закажано за 23 март во градот Лариса, со обвинети 36 лица. За денеска закажани се над 120 протести, речиси во секој грчки град, но и во голем број градови низ светот каде што живеат Грци, додека пак Синдикатот на вработените во државниот сектор започна генерален штрајк, во кој учествува и бродскиот и железничкиот сообраќај, со што Грција денеска ќе биде без бродови и возови. Главниот собир е точно на пладне на плоштадот Синтагма во центарот на Атина, а повици за учество упатија низа синдикати, граѓански и студентски здруженија и организации, работнички центри, па дури и дел од опозициските партии. Ланскиот протест беше еден од најмасовните во Грција, поброен и од оние што се одржуваа во периодот на економската криза и мерките за штедење, процените беа дека улиците во Атина ги исполнија над 700.000 лица, а по завршувањето на официјалниот дел се случија сериозни инциденти. Голема улога во активностите има Здружението „Темпи“ на роднините на загинатите и повредените во железничката несреќа, а меѓу оние кои најгласно се бореа за правда е и Мариа Каристиану, мајка на една од загинатите студентки, кој во изминатите три години како претседателка на Здружението, континуирано се појавуваше во јавноста барајќи правда, организираше протести и хуманитарни концерти, но и ја обвинуваше актуелната Влада. Сега, се подготвува да формира своја партија, а откако јавно ги соопшти нејзините политички амбиции, Управниот одбор на Здружението побара од неа да се повлече од претседателската позиција, по што си поднесе оставка. Во изминатите три години, за железничката несреќа и причините, во јавноста се појавија низа сценарија, шпекулации, теории за тоа што се случи, зошто по сударот следеше експлозија, што пренесувал товарниот воз, одговори што веројатно ќе ги даде судот за време на долгоочекуваниот процес што ќе започне на крајот од следниот месец. Во октомври минатата година, европската обвинителка Лаура Ковеши одржа прес-конференција во Атина, а меѓу случаите на кои се осврна беше и железничката несреќа кај Темпи, кога рече дека пречка во истрагите е членот 86 од грчкиот Устав што се однесува на одговорноста на министрите, односно дека единствено Парламентот е надлежен да ги гони членовите на Владата за евентуални кривични дела сторени додека се на функција. Нагласи дека „оваа трагедија можеше да се избегне доколку беше имплементиран на правилен начин проектот“, односно договорот 717 за железницата, што се однесува на сигнализација и далечинско управување и додаде дека „единствениот начин за да се затвори оваа рана, е да се спроведе правдата“, но и додаде дека „поради членот 86 ова не се случи“. -За случајот Темпи, ја завршивме нашата истрага и набргу ќе постои одлука, знам дека на национално ниво веќе е донесена одлука. Ние ја имаме нашата внатрешна процедура. Стигнуваме до крајот на процесот, штом имаме одлука ќе информираме, истакна Ковеши. Лани Националната управа за истрага на авионски и железнички несреќи и безбедност на транспортот (ЕОДАСААМ), објави детален и опширен извештај во кој експертите забележуваат низа пропусти и недостатоци во грчката железница; уништени податоци и докази на местото на несреќата; можно присуство на непознато гориво што ја создаде огнената топка по судирот на патничкиот и товарниот воз, но и дека за пет до седум загинати, причината за смртта е пожарот. Дел од роднините на загинатите бараат ексхумација на телата и спроведување токсиколошки анализи и ДНК идентификација, а еден од оние кои доставија вакво барање беше и Панос Руци, кој во несреќата го загуби неговиот 22-годишниот Денис и со цел да биде одобрено неговото барање, во септември 23 дена штрајкуваше со глад пред грчкиот Парламент. Тогаш за МИА истакна дека го бараат она што се подразбира, правда за нивните деца, а судот да си ја работи својата работа. - Од прв момент единствено што сторија е да ги затрупуваат сите работи. Додека ние плачевме во болниците и ги баравме нашите деца, тие, мислеа само на затрупувањето. Немаа пари да го средат безбедносниот систем на железницата, но најдоа пари да го затрупаат местото на несреќата преку ноќ, рече тогаш Руци за МИА. Обвинителството одобри ексхумација, меѓутоа целиот процес не напредува бидејќи семејствата бараат анализите и испитувањата да се извршат во лаборатории во странство. Руци штрајкуваше пред Парламентот, онаму каде што по ланскиот масовен протест беа испишани со црвена имињата на сите 57 загинати, а една година подоцна импровизираниот споменик во чест на жртвите и понатаму е таму. Просторот е уреден и заграден со саксии со цвеќиња, но и информативна табла на грчки и англиски јазик преку која во текстот со наслов „Нашата приказна: од криминалот во Темпи до ноќта на отпорот“, основачите објаснуваат кои се, како започнаа, но и кои се нивните барања. Трагедијата од Темпи, израз што во Грција најчесто се користи за железничката несреќа и три години подоцна е актуелна во земјата. Владата „преживеа“ две гласања недоверба во 2024 и 2025 година доставени од опозицијата, но актуелната Нова демократија беше и убедлив победник на парламентарните избори во јуни 2023 година, само четири месеци по несреќата. Една од најголемите железнички несреќи во Грција Кусо пред полноќ на 28 февруари 2023 година во новинарските кругови во Грција започна да се шири информација дека во близина на Лариса постои проблем со воз, првично дека најверојатно излетал од шините, но без да има јасна слика дали е патнички или товарен и што точно се случило. Следеа првите неофицијални информации за директен судир на два воза кај месноста Темпи, за десетици возила на брзата помош што од околните градови се упатуваат кон местото, а потврдата дека станува збор за сериозна несреќа, индиректно, дојде од кабинетот на грчкиот премиер од каде што новинарите беа информирани дека Кирјакос Мицотакис ја откажува посетата на Солун закажана за следниот ден. Ноќта беше долга, почна полека да се открива големината на несреќата, беа соопштени првите официјални податоци, десетици загинати и уште толку повредени. Спасувачките екипи цела ноќ беа на терен, нивната акција траеше со денови, а Грција живееше една од најголемите железнички несреќи во изминатите 50 години. Два воза, едниот товарен, другиот патнички, со околу 350 патници, околу десет минути, со голема брзина се движеле на иста шина, но не еден зад друг, туку еден кон друг, едниот од Атина кон Солун, другиот од Солун кон Атина, со резултат директниот судир да биде неизбежен и 57 лица да го загубат животот, а десетици да бидат повредени. Според извештајот на Националната управа за истрага на авионски и железнички несреќи и безбедност на транспортот (ЕОДАСААМ), товарниот воз се движел со брзина од околу 90 километри на час, а патничкиот со околу 150 километри на час (и двата в рамките на дозволената брзина), меѓутоа на иста шина во спротивна насока, а за мнозинството од загинатите судирот бил кобен и токму тоа е причината за смртта. Двете локомотиви на товарниот воз излетале на соседната пруга и удриле во вертикален потпорен ѕид, локомотивата и првиот вагон на патничкиот воз биле катапултирани на другата страна од пругата, а при ударот на земја биле целосно уништени. Следел втор, речиси директен судир меѓу вагонот-ресторан од патничкиот воз и првиот вагон од товарниот воз натоварен со челични плочи. - Во меѓувреме, се формираше огромна огнена топка која изгледаше како да се движи со патничкиот воз. Во настанатите пожари на долниот терен целосно изгореа вагонот-ресторан и вагонот од втора класа, пишуваше во извештајот на ЕОДАСААМ. За експлозијата и создадената огнена топка, сè уште никој со сигурност не може да каже што ја предизвика. Во изминатите три години, постоеја низа шпекулации во Грција за тоа што пренесувал товарниот воз, имаше сценарија дека е натоварен со нелегална пратка, со експлозивни или запаливи материјали, но дека причината се силиконските масла од локомотивите. Од компанијата „Хеленик трејн“ (Hellenic Train), тогаш излегоа со соопштение во кое објаснија дека товарниот воз имал 13 вагони, од кои првите три, кои излетаа од шините, „превезуваа широки производи за ламинирање од железо (лим)“, во четвртиот, петтиот, шестиот и седмиот вагон имало прехранбени продукти, во следните два имало пива, во другите два имало железни жици, а последните два биле со празни контејнери. Дел од опозициските партии во Грција, но и дел од семејствата на загинатите во тој период тврдеа дека на местото на несреќата неколку часа по судирот постоеле интервенции и просторот не бил затворен, за што експертите од ЕОДАСААМ лани рекоа дека биле уништени податоци и докази на самото место, но и дека тоа се должи на недостиг на знаење и подготвеност на службите за толку голем случај, како што беше железничката несреќа. Во железничката несреќа загинаа 57 лица, 56 тела беа пронајдени и идентификувани, едно никогаш не беше пронајдено, а повредни беа над 100 лица. Најголемиот број од патниците во возот беа студенти, кои биле на продолжен викенд и се враќале или дома или во универзитетскиот кампус. [Со куфери на кои беа поставени фотографии на загинатите, со свеќи и бели ружи, со солзи во очите, но и со низа прашања, роднините на жртвите во железничката несреќа кај месноста Темпи во Грци] Меѓу првите три вагони, кои беа најпогодени беше и вагонот-ресторан, кој поради јачината на судирот се превртел врз други два вагони и се запалил, што дополнително ја отежна идентификацијата на загинатите. - Треба да се нагласи дека во конкретниот вагон избувнал пожар и се развиле особено високи температури кои достигнале дури 1.300 степени Целзиусови, факт што ја отежнува идентификацијата на луѓето кои биле внатре, рече тогаш портпаролот на Противпожарната служба на Грција Василиос Ватракојанис. Од 57 загинати, 25 биле токму во овој вагон, во вагонот-ресторан. Полесно повредени беа оние од последните вагони, додека пак во првите три, ситуацијата со која се соочиле спасувачите била застрашувачка. Веднаш по несреќата беше прогласена тридневна жалост, грчкиот премиер и лидерите на опозициските партии го посетија местото на трагедијата, а граѓаните се собраа во Атина за да им оддадат почит на загинатите, но и да побараат одговорност. „Пиши кога ќе стигнеш“, беше главниот слоган под кој се одржаа низа масовни протести во Атина и други грчки градови веднаш по несреќата. Три години по трагедијата, семејствата сè уште очекуваат одговори. Според надлежните, главните причини за несреќата се човечка грешка на одговорниот на железничката станица во Лариса од каде што возот, по направената планирана станица продолжи кон крајната дестинација – Солун, како и недостиг на дигитален систем за контрола и следење на возовите, а беше уапсен и притворен шефот на железничката станица во Лариса. Железничката несреќа кај месноста Темпи беше трета во конкретната област во период од 26 години, а претходните две се случиле на автопатот. Првата во 1999 година кога автобус со навивачи на фудбалскиот клуб ПАОК се судрил со камион и седум лица го загубиле животот, а втората, во 2003 година, кога автобус со ученици се судрил со камион со 21 загинат.Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter
Шоу бизСрпски медиуми: Бака Прасе го исценирал сопственото приведување, следуваат кривични пријавиТврдењата дека маскирани лица го привеле јутјуберот Богдан Илиќ, попознат како Бака Прасе, се лажни.Ова е утврдено по истрагата спроведена од Вишото јавно обвинителство во Белград и службеници од полициската станица „Савски венац“. Претходно, на профилот на Илиќ на Инстаграм се појави објава во која се тврди дека маскирани лица го однеле од неговиот стан. Илиќ ѝ објаснил на полицијата дека ја објавил таа информација како дел од снимањето на видео кое планира да го објави на својот Јутјуб канал. Поради ширење паника преку лажни информации на Инстаграм, против него ќе биде поднесена кривична пријава до Посебното одделение за високотехнолошки криминал при Вишото јавно обвинителство во Белград. Пријавата се однесува на кривичното дело предизвикување паника и неред. Што содржеше објавата На профилот на Илиќ на Инстаграм беше објавено соопштение од неговиот тим, во кое се тврди дека тој бил приведен околу 06:00 часот наутро. Во објавата, потпишана од „Тимот на Бака Прасе“, исто така се наведува дека за ситуацијата бил известен и неговиот адвокат. Неговите соработници спомнаа и наводна поврзаност со „Алта банка“, тврдејќи дека Илиќ се доведува во врска со сомневања за перење пари. Оваа информација не е потврдена. Обвинителството нареди истрага Вишото јавно обвинителство во Белград претходно ѝ наложи на полицијата итно да ги провери тврдењата дека маскирани лица го однеле Илиќ од неговиот стан. Полициските службеници требаше да ја проверат информацијата на терен и да преземат други неопходни мерки за да утврдат што се случило. По извршените проверки, обвинителството и полицијата утврдија дека наводите се лажни. Извор: Индекс.хрТагови: Бака Прасе приведување Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Бидете информирани следете не на Facebook
ЕвропаМерц ветува заштита на Евреите во Германија; антисемитизмот станува сè пораспространетФридрих Мерц изјави дека Германија се соочува со тест за својата посветеност кон заштитата на еврејската заедница.Тој ја опиша глетката на градинки и синагоги, чувани од вооружена полиција зад стакло отпорно на куршуми, како „ужасна“, пренесува Ројтерс. Мерц го изјави ова во говор во синагога во Минхен, на годишнината од „Кристална ноќ“ (Kristallnacht) во 1938 година – настан што послужи како вовед во Холокаустот и истребувањето на повеќе од шест милиони европски Евреи, спроведено од нацистите. Тој истакна дека антисемитизмот станал „распространет“. „Го гледаме и го слушаме на нашите улици, во нашите градови, во градовите на нашите европски соседи и ширум светот – во парламентите, клубовите и училиштата“, рече Мерц. „Токму затоа, ова е момент на вистината за паролата ’Никогаш повеќе‘, на која толку често се повикуваме“, додаде тој. Тој вети дека неговата влада ќе стори сè што е во нејзина моќ за да го заштити еврејскиот живот, како во Германија, така и во странство. Исто така, ја потврди долгогодишната поддршка на Германија за Израел, нагласувајќи дека тоа е „дел од нашата историска одговорност“. Слични заложби за заштита на еврејските институции и борба против антисемитизмот претходно дадоа и претходниците на Мерц, Ангела Меркел и Олаф Шолц. Germany's Chancellor Merz: Antisemitism is once again omnipresent. Sometimes it is disguised in the language of anti-colonial liberation struggles or criticism of Israel. https://t.co/centhneh0V — Clash Report (@clashreport) November 9, 2026 Според годишниот извештај на организацијата „RIAS“, бројот на антисемитски инциденти драстично се зголемил по избувнувањето на војната во Газа во 2023 година. Минатата година биле евидентирани 8.725 вакви инциденти – повеќе од тројно во споредба со 2022 година – што изнесува просек од 24 случаи дневно. Палестински извори наведуваат дека повеќе од 74.000 луѓе се убиени во израелските напади врз Газа. Нападите беа извршени откако борци предводени од Хамас убија приближно 1.200 луѓе во јужен Израел на 7 октомври 2023 година. „Срам за нашата земја“ Илзе Ајгнер, претседателка на Баварскиот покраински парламент, чувството на несигурност што го доживуваат многу Евреи во Германија го опиша како „срам за нашата земја“. Мерц претходно ја имаше предложено неа како конзервативен кандидат за функцијата претседател на Германија. „Кристалната ноќ“ претставуваше погром врз Евреите, кој започна на 9 ноември 1938 година, а вклучуваше убиства, грабежи и уништување имот. Името се однесува на скршеното стакло од уништените синагоги, продавници и домови, кое ги покривало улиците.Тагови: Фридрих Мерц Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter
СветАмерикански претставник: Русија и Украина подготвени за компромис околу територијатаВо неофицијални разговори, Русија и Украина покажуваат одредена подготвеност за компромис околу територијата, во пресрет на новите мировни преговори што започнуваат утре во Абу Даби.Ова го изјави американски претставник запознаен со подготовките за разговорите, додавајќи дека, за првпат, Вашингтон забележува искрена желба од руска страна за ставање крај на војната, пренесува Ројтерс. „За првпат имам впечаток дека гледаме вистинска желба од руска страна сето ова да се приведе кон крај“, рече претставникот, кој ги информираше новинарите под услов да остане анонимен. Што ќе се случи со окупираните територии? Според претставникот, двете страни приватно покажуваат одредена флексибилност во однос на можна територијална размена. Сепак, тој нагласи дека каков било договор за територијата веројатно би се постигнал дури на крајот од преговорите, откако ќе се постигне консензус за другите прашања. Територијалните прашања досега беа една од најголемите пречки за постигнување мировен договор. Украина инсистира на враќање на нејзините меѓународно признати граници, додека рускиот претседател Владимир Путин бара контрола врз целиот регион Донбас. Американскиот претставник не откри какви територијални отстапки би можеле да направат Москва и Киев. Неговите изјави во оваа фаза не значат дека е постигнат договор, ниту пак дека некоја од страните официјално ги променила своите барања. Вашингтон смета дека прво треба да се договори безбедносен аранжман за периодот по војната. Дури потоа би имало простор за конечен договор во однос на територијата. Безбедносни гаранции за Украина Една од главните теми на преговорите ќе бидат безбедносните гаранции за Украина. Се разгледува можноста за заштита слична на онаа од Членот 5 од Договорот на НАТО, според кој напад врз една членка се смета за напад врз сите членки. Таков модел би требало да ѝ обезбеди на Украина безбедносни гаранции по евентуалниот мировен договор, но засега не е познато како би функционирал тој, ниту кои земји би презеле конкретни обврски. Американскиот претставник нагласи дека договорот за повоената безбедносна архитектура ќе биде клучен за решавање на територијалните прашања. Американското посредување во Абу Даби ќе го предводат специјалниот пратеник Стив Виткоф и Џаред Кушнер, зетот на претседателот Доналд Трамп. Преговорите треба да траат два дена, почнувајќи од вторник. Претставник на САД изјави дека постои можност Виткоф и Кушнер, по завршувањето на разговорите, да отпатуваат во Русија на средба со Путин. Ваквата посета сè уште не е потврдена. Во Вашингтон постои умерен оптимизам дека разговорите би можеле да доведат до напредок, иако американската страна признава дека за постигнување договор ќе биде потребно време. Во последните месеци, Трамп ги засилува дипломатските напори за ставање крај на војната, притоа често укажувајќи на тешките човечки жртви на двете страни од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година. Извор: Индекс.хрТагови: русија украина Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter