Марта Кос: Црна Гора и Албанија би можеле да бидат првите нови членки

„Ако бидам потврдена, ќе се фокусирам повеќе на изнаоѓање решенија за билатерални прашања“, рече Кос на сослушувањето пред Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент (АФЕТ).

Словенечката кандидатка за еврокомесарка за проширување на Европската унија, Марта Кос денеска изјави дека за време на пристапниот процес посебно значење на Западен Балкан треба да се насочи кон помирувањето и регионалната соработка, како и дека Црна Гора и Албанија би можеле да бидат првите нови членки на ЕУ.

„Ако бидам потврдена, ќе се фокусирам повеќе на изнаоѓање решенија за билатерални прашања“, рече Кос на сослушувањето пред Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент (АФЕТ).

Како што јави словенечката агенција СТА, Кос истакнала дека за првпат по десет години постои реална можност една или две земји да стигнат до крајот на преговарачкиот процес. Според неа, пристапните преговори со Црна Гора би можеле да завршат до крајот на 2026 година, а со Албанија до крајот на 2027 година.

О2 иницијативата: Забрана на увоз на возила постари од 10 години и под „ЕУРО 5“

Забрана на увоз на возила постари од 10 години и под „ЕУРО 5“ и ограничување на увозот на нови со минимален „ЕУРО 6“, бара О2 иницијативата

Забрана на увоз на возила постари од 10 години и под „ЕУРО 5“ стандард и ограничување на увозот на нови со минимален „ЕУРО 6“ стандард, побараа претставници на О2 иницијативата на денешната прес-конференција пред Владата. Како што појаснија, денеска ќе биде испратено и официјално барање, поддржано од повеќе граѓански организации, до премиерот Христијан Мицкоски и Владата на Република Македонија.

- Во насока на намалување на високото и живото-загрозувачко аерозагадување во земјава, причина за серија на болести и смртност кај населението, особено со оглед на најавените пониски даноци на емисијата на јаглерод диоксид и намалувањето на данокот на додадена вредност за увоз на автомобили од 2025 година, бараме да се забрани увозот на користени возила постари од 10 години и под „ЕУРО 5“ стандард во земјава, а увозот на нови возила да е со минимален „ЕУРО 6“ стандард. Одлуката да стапи на сила на 1.1.2025 година, пишува во барањето.

Се истакнува дека возилата испуштаат повеќе од 200 токсични хемиски соедниненија, што постарите возила ги емитираат во поголема мера.

- Овие возила, особено со помината поголема километража, покрај зголемената емисија на ПМ честички, што ги активираат проинфламаторните и канцерогени патишта во организмот и другите штетни емисии на гасови, имаат зголемени емисии на многу токсичните јаглеводороди, меѓу кои бензенот, толуенот, етилбензенот, ксилените, бензо-а- пиренот. Ова се генотоксични, канцерогени и мутагени супстанции, многу опасни по здравјето на луѓето, особено децата, се нагласува во барањето до премиерот и Владата.

Граѓаните кои пешачат или возат велосипед покрај сообраќајниците, се додава, кои чекаат на пешачките премини, се најизложени на овие токсични супстанции.

- Особено изложени се децата, бидејќи овие емисии се испуштаат во висина на нивните лица и тие најдиректно ги вдишуваат. Заштитата на здравјето на граѓаните мора да биде пред сѐ. Во регионов, вакви услови имаат воведено Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора, се додава во барањето на О2 иницијативата.

Како што претходно беше појаснето, барањето е во насока на намалување на високото и живото-загрозувачко аерозагадување во земјава, причина за серија на болести и смртност кај населението.

- Овој аспект се актуелизира со најавените пониски даноци на емисијата на јаглерод диоксид и намалувањето на данокот на додадена вредност за увоз на автомобили од 2025 година, беше нагласено.

Татјана Чакулев во изјава за медиумите рече дека барањето ќе биде доставено денеска, а поддржано било од 10 граѓански здруженија и иницијативи.

Ели Пешева подвлече дека ова не значи оти тие не мислат за доброто на граѓаните и дека ги скратуваат од единствениот начин на транспорт во овој град.

- Исто така, бараме од надлежните, особено од Владата, иако знаеме дека не е сѐ под ингеренција на Владата, туку има поделени ингеренции и со општините и со останатите институции, мора да се најде начин како да се регулира јавниот превоз, потенцираше Пешева, додавајќи дека околните држави функционираат на база на јавен транспорт што не загадува, електрични автобуси.

Таа нагласи дека не ги двојат ниту такси - превозниците, никој да не биде привилигиран на тема - загадување.

Пешева рече дека ова е само еден дел од проблемот.

- Апсолутно сметаме дека и надлежното министерство и Владата генерално и општините, мора да фатат точка по точка да ги решаваат сите овие горливи прашања. Ние неколкупати досега и како О2 иницијатива, но и во коалиција со останатите граѓански здруженија што работат на оваа проблематика, сме доставувале и барања и сме нуделе решенија. Така што, нема оправдување дека не знаат од каде да почнат или дека се нема начин од каде да се почне, додаде Пешева во изјава за медиумите.

Татјана Стојановска нагласи дека мора да имаме контрола на тоа што се увезува.

- Ние апсолутно почитуваме дека Владата со оваа мерка сака да обезбеди економски придобивки за граѓаните, со тоа што ќе овозможи увоз на поевтини возила. Но, мора да имаме контрола на тоа што се увезува, бидејќи аерозагадувањето кај нас е многу голем проблем и функционира во сите сегменти. Ова е еден од сегментите што директно влијае на аерозагадувањето, рече Стојановска.

Мицкоски очекува со „Новогодишната кошничка“ да се заштити семејниот буџет

Премиерот Христијан Мицкоски очекува со најавеното намалување на цените на производите опфатени со акцијата „Новогодишна кошница“, да се заштити семејниот буџет и да има побогата празнична трпеза.

Мицкоски денеска на новинарско прашање, рече дека бројот на производи опфатени со акцијата е зголемен од 600 на 800 и истакна дека Државниот пазарен инспекторат ќе ја следи работата на маркетите.

- На мое големо задоволство компаниите, трговците, производителите, дистрибутерите, бројката на производи ја зголемуваат и таа е повеќе од 800-тини, не е веќе 600-тини. Сите тие ќе бидат означени, а за тоа ќе се грижи Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) којшто континуирано ќе ја следи работата на маркетите и очекувам семејниот буџет да биде заштитен со намалување на цените на овие производи. Почнува од 15 декември, за два дена. Очекувам позитивни ефекти и очекувам за празниците потрошувачката кошничка да биде што побогата, изјави Мицкоски, по поставувањето камен темелник на нова фабрика во ТИРЗ Кичево.

Во листата на новогодишната потрошувачка кошничка спаѓаат леб и житарици, пекарски производи, месо и преработки од месо, риба, млеко и млечни производи, кондиторски производи, свежо, замрзнато и конзервирано овошје и зеленчук, безалкохолни (газирани и негазирани) напитоци, алкохолни пијалаци (вино и пиво) и друго.

Изминатите денови пазарните инспектори ги мониторираа сегашните цени на производите коишто ги содржи акциската листа заедно со најниските цени на истоимените производи кои биле применувани во последните 30 дена. Целта на мониторингот е да се утврди дали по почетокот на акцијата трговците ќе се придржуваат до дадената иницијатива од нивна страна за акциско намалување на цените од 10 отсто или повеќе на прехранбени производи кои најмногу се продаваат во текот на новогодишните празници.

Производите на листата кои ќе бидат понудени на полиците во трговските ланци ќе бидат обележани со налепница и лого „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, како дел од кампањата на Владата.

Акцијата „Новогодишна кошница“ ќе се спроведува заклучно со 15 јануари 2025 година. Граѓаните може да пријават неправилности на бесплатниот телефонски број 191 или на веб страна на ДПИ www.dpi.gov.mk, на која е достапна и листата со производи.

Скапа играчка: Џенерал моторс се откажува од роботакси

Џенерал Моторс соопшти дека ќе стави крај на развојот на роботски такси во својата подружница Круз која губи пари, што е удар за амбициите на најголемиот американски производител на автомобили.

Автомобилската компанија со седиште во Детроит соопшти дека повеќе нема да финансира работа на самоуправувачки роботакси „со оглед на значителното време и ресурсите што ќе бидат потребни за да се зголеми бизнисот, заедно со сè поконкурентниот пазар на роботакси“, пренесе Ројтерс.

Производителот на автомобили инвестираше повеќе од 10 милијарди долари во Круз од 2016 година. Круз ќе биде споен во деловна единица која работи на технологија за помош на возачот, а не е објавено дали ќе има отпуштања.

Овој потег доаѓа откако Џенерал моторс ги намали плановите за електрични возила, го продаде својот удел во една од своите фабрики за батерии со заедничко вложување и ги реструктуираше своите операции во Кина, оставајќи ја компанијата повеќе фокусирана на профитабилниот бизнис за производство на пикапи на бензин и други големи возила.

Акциите на Џенерал моторс пораснаа за 3,2 отсто во продолженото тргување во вторникот.

Во 2023 година, извршната директорка на компанијата, Мери Бара рече дека Круз може да генерира годишен приход од 50 милијарди долари до 2030 година, но сега вели дека бизнисот прави трошоци.

„Морате навистина да разберете колку се значителни трошоците за создавање и водење флота на роботакси, и повторно, тоа не е нашата основна дејност“, рече Бара.

Џенерал моторс очекува реструктуирањето да ги намали трошоците од околу 2 милијарди долари на 1 милијарда долари по завршувањето на планот до крајот на јуни.

Сè уште се развиваат ривали во индустријата за роботакси: Waymo, Baidu и Tesla.

Но, некои од конкурентите на Џенерал моторс веќе престанаа да го финансираат сегментот за автономно возење, наведувајќи ги и трошоците и тешкотијата за развој на таква софистицирана технологија.

Извор: Б92

притисни ентер