Марсијак за МИА: Погрешно е сфаќањето дека со влезот во ЕУ земјата станува перфектна и исчистена од корупција

Отворањето преговори со Македонија требаше да се случи пред многу години. Ние сега имаме проблем со методологијата на пристапување, и тоа не е за изненадување.

Овие одлуки да не се отворат пристапни преговори се „студен туш", што ни овозможува да согледаме дека нешто погрешно се случува со методологијата на ЕУ и треба да ја промениме, тоа е клучната порака, вели во интервју за МИА Флоран Марсијак, експерт за политиката на проширување на Европската Унија.

– Франција избегнуваше дебати за проширување и беше повеќе фокусирана на продлабочување на Унијата. Во споредба од пред две години и со она што го имаме сега, а тоа е нон-пејперот на Франција, таа стана земја што е многу активно вклучена во овие дискусии кога станува збор за проширувањето и методологијата на пристапување и тоа е високо на листата на приоритети. Би кажал дека тоа е позитивна промена без разлика на содржината. Подобро е да имате чинители што се заинтересирани дури и тогаш кога очигледно го блокираат или го забавуваат процесот, отколку да има земји што се едноставно отсутни, рече Марсијак за МИА.

Во врска со борбата против корупцијата, тој во интервјуто за МИА вели дека тоа е огромен проблем не само во земјава туку и во цел регион.

– Идејата дека земјите од регионот ќе можат да се приклучат кон Европската Унија кога корупцијата ќе исчезне, дека тогаш тие ќе станат „златни" членки, поттикнува погрешна перцепција дека кога еднаш ќе влезеш во клубот на ЕУ, ти си перфектен. Треба да бидеш подготвен за влез во ЕУ со борба против корупцијата, зајакнување на владеењето на правото, и тогаш ќе биде во ред, заклучува Марсијак.

Марсијак е експерт за политиката на проширување на ЕУ, Западен Балкан и источната димензија на политиката за соседството на ЕУ. Тој е постар член на Centre international de formation europeenne (CIFE) и заменик-генерален секретар и истражувач во Австро-унгарскиот центар за приближување во Европа, меѓувладина организација со седиште во Виена, која се залага за интеграција на Западниот Балкан во ЕУ и регионална соработка во Источна Европа и Кавказот.

Какви се регионалните импликации од недобивањето датум за преговори со Македонија и Албанија?

Да бидеме искрени, имаше големо разочарување во Македонија и Албанија и во целиот регион. Пристапните преговори не беа отворени. Но тоа во целост не е изненадување. И покрај сите очекувања, имаше и сигнали што беа присутни и минатата година и неизвесност и од страна на ЕУ и би рекол да бидеме уште поискрени ние експертите и граѓанските организации повикувавме на реформи на пристапниот процес долго време. Тоа е сигнал што не е многу позитивен за Македонија, бидејќи земјата го усвои Преспанскиот договор, направи многу напори за тоа и на крајот тоа не беше наградено. Мојата поента е дека методологијата што ЕУ ја применува во последните 15 години е позната по тоа што не носи резултати онака како што треба да носи.

Отворањето преговори со Македонија требаше да се случи пред многу години. Така што ние сега имаме проблем со методологијата на пристапување, и тоа не е за изненадување. Би рекол дека овие одлуки да не се отворат пристапни преговори се „студен туш", што прави да согледаме дека нешто погрешно се случува со методологијата на ЕУ и треба да ја промениме, така што тоа е клучната порака.

Дали со новата методологија на преговарање што ја предложи Франција преку нон-пејперот до земјите членки има ризик преговорите да траат со децении и влегување во т.н. турско сценарио?

Со францускиот нон-пејпер, се сеќавам пред две години таа беше земјата што не беше заинтересирана за Западен Балкан. Франција избегнуваше дебати за проширување и беше повеќе фокусирана на продлабочување на Унијата. Темата за проширување не беше табу, но не многу посакувана да се отвори за дебата. Франција е важна земја кога се дебатира иднината на Европа. Во споредба од пред две години и со она што го имаме сега, а тоа е нон-пејперот на Франција, таа стана земја што е многу активно вклучена во овие дискусии кога станува збор за проширувањето и методологијата на пристапување и тоа е високо на листата на приоритети. Би кажал дека тоа е позитивна промена без разлика на содржината. Подобро е да имате чинители што се заинтересирани дури и тогаш кога очигледно го блокираат или го забавуваат процесот, отколку да има земји што се едноставно отсутни. Така што би рекол дека е добро тоа што проширувањето и процесот на реформа на пристапување во ЕУ се високо на агендата.

Што се однесува до содржината на документот се надевам дека тоа е придонес за дебати и тој има две насоки. Самиот нон-пејпер не нуди задоволувачки алатки за да се решат постојните проблеми во изминатите реформи. Самиот документ не е базиран на анализите на што се тргнало наопаку. Значи нуди нови алатки или помалку нови алатки што значи дека мора да одиме малку понатаму, а тоа значи дека треба да ги вклучиме земјите од Западен Балкан, владите и граѓанскиот сектор во обликувањето на реформите во овој процес на пристапување, и на тој начин ние ќе се обидеме да најдеме лек за она што досега не функционираше со изминатата методологија. Документот инаку во спротивно носи ризик да ги реплицира реформите со истата методологија што ја имаме сега, правејќи на тој начин нов рецепт со елементи за кои знаеме дека не се доволни за да се поттикне трансформацијата на регионот. Би рекол дека документот е прв придонес, а сега останува на земјите од регионот да дадат аргументи дека тие треба да бидат вклучени во дизајнирање и обликување на методологијата на пристапување.

Од што всушност се плаши Франција во поглед на проширувањето на ЕУ?

Франција во суштина никогаш многу не го поддржуваше и претходното проширување на Унијата и секогаш беше неволна во врска со тоа. Тоа го правеше од различни причини, можеби освен Грција до некое ниво, но никогаш не беше гласен поддржувач на проширувањето. Франција е повеќе загрижена дека со проширувањето на Европската Унија ќе се намали потенцијалот на продлабочување на самата Унија. А Франција е малку носталгична за таква силна, политички и економски интегрирана Унија и затоа се плаши во смисла за визијата за иднината на ЕУ. Тоа не значи дека Французите се во право за тоа. Тоа треба да го ставиме во перспектива за да се објасни зошто проширувањето не се коси со продлабочувањето на ЕУ.

Многу чекори во минатото што доведоа до проширување на ЕУ, исто така за последица го имаа зајакнувањето на продлабочување на Унијата, така што проширувањето создава системска нерамнотежа и одговор на тоа е продлабочувањето на ЕУ. Така што сега предизвикот е, ако сакаме да се соочиме со стравот на Франција е да видиме што Западен Балкан може да придонесе за европскиот проект преку проширување и пристапување во ЕУ, со што ќе придонесе Унијата да биде посилна и да ја продлабочи нејзината интеграција. Каков дисбаланс може да креира на европското семејство, за што одговорот може лежи во продлабочување на ЕУ. Тешко е да се вклучите во овие дебати, за залагањето за проширување се потребни поголеми дебати и поголема ангажираност.

Во однос на регионот, како ја оценувате борбата против корупцијата во Македонија?

Во врска со борбата против корупцијата… Она што го забележувам е дека тоа е многу сложен процес, не само во Македонија туку и во регионот. ЕУ се обидува да ги поддржи антикорупциските планови и гледаме дека луѓето немаат доволно доверба во овие планови. Во регионот 70 проценти од луѓето ги сметаат антикорупциските политики за неефикасни, а 75 отсто од луѓето во регионот веруваат дека администрацијата, политичките партии, царината, правосудството се корумпирани.

За жал, ЕУ нема никакво влијание во врска со тоа, какво што посакува да има. Се прашувам дали построг пристап во оваа област, што е исто така дел од француската методологија и на кој инсистираат Германија и Холандија, дали построг пристап е универзален лек за сè. Идејата дека земјите од регионот ќе можат да се приклучат кон Европската Унија кога корупцијата ќе исчезне, дека тогаш тие ќе станат „златни" членки, поттикнува погрешна перцепција дека кога еднаш ќе влезеш во клубот на ЕУ, ти си перфектен. Треба да бидеш подготвен за влез во ЕУ со борба против корупцијата, зајакнување на владеењето на правото, и тогаш ќе биде во ред. Проблемот е во тоа што гледаме дека пристапувањето е само еден чекор, по кој следуваат многу предизвици, вклучувајќи ги и корупцијата и владеењето на правото, човековите права. Тие не исчезнуваат, така што јас не можам да ви дадам одговор што да правите, но ќе кажам дека треба да зборуваме за трансформација не само заради пристапување, туку како да ги подготвиме земјите од регионот не само за пристапување, туку и за постпристапните предизвици што ќе се случат.

Затоа тоа е многу сложено прашање, идеите треба да дојдат од основата. Шаблоните што ги постави ЕУ се видоа дека не се многу ефикасни во изминатите 20 години. Според мене, ако бараме рецепт што функционира во поглед на процесот на пристапување, треба да бараме рецепти заедно како ЕУ и Западен Балкан, со надеж дека Унијата ќе обезбеди рецепт за тоа. Во поглед на борбата против корупцијата, повеќе влог и визија треба да направи самиот регион. Тоа е моето охрабрување за ова прашање./МИА

САД ја обвинуваат Русија за употреба на хемиско оружје во Украина

Стејт департментот ја обвини Русија дека го користела хемиското оружје „хлорпикрин“ против украинските сили со што ја прекршува Конвенцијата за забрана за употреба на хемиско оружје.

„Употребата на тие хемикалии не е изолиран инцидент и најверојатно е мотивирана од желбата на руските сили да ги отстранат украинските сили од зацврстените позиции и да постигнат тактички напредок на бојното поле“, соопшти Стејт департментот.

Вашингтон вчера објави нов бран санкции насочени кон руски и странски компании и поединци обвинети за вмешаност во руските воени напори за инвазија врз Украина. Покрај руски одбранбени компании и кинески субјекти, санкциите се и на неколку истражувачки единици и компании вклучени во руски програми за хемиско и биолошко оружје. Воведени се санкции за речиси 200 субјекти, а Стејт департментот таргетираше повеќе од 80 во една од најобемните акции против кинески компании досега во санкциите на Вашингтон насочени кон Русија, јавија американските медиуми.

Канцеларијата за контрола на странски средства соопшти дека санкционирала компании со седиште во Кина, Хонг Конг, по повеќекратните предупредувања од Вашингтон за поддршка на руската војска.

Министерството за финансии санкционираше речиси 60 субјекти лоцирани во Азербејџан, Белгија, Кина, Русија, Турција, Обединетите Арапски Емирати и Словачка, бидејќи и овозможија на Русија да ја набави потребната технологија и опрема од странство, заобиколувајќи ги санкциите.

„Министерството постојано предупредуваше дека компаниите ќе се соочат со значителни последици за обезбедување материјална поддршка за Русија во војната во Украина, а САД ги воведуваат денеска за речиси 300 субјекти“, рече министерката за финансии на САД, Џенет Јелен./МИА

Велигденско јајце – симбол на Христовото Воскресение

 Вапсањето црвени јајца за Велигден е најраспространетата традиција во сиот христијански свет.

Вапсањето започнува денеска на Велики Четврток. Домаќините, рано наутро, пред изгревањето на Сонцето ги бојадисуваат првите три црвени Велигденски јајца.

- Оваа црковна традиција потекнува од првиот век по Христа, односно тоа се практикувало уште во времето на светите апостоли – христовите ученици и нивните наследници. За тоа ни сведочи Светото Предание. Велигденското јајце е старо колку и Христијанството, вели за МИА професорот на Богословскиот факултет во Скопје, Ратомир Грозданоски.

Објаснувајќи го значењето на црвеното јајце и зошто е земено за традиција, Грозданоски појаснува дека велигденското јајце црквата го прифатила во својата традиција и практика како симбол на Христовото воскресение. Првите Христијани и современици на апостолите почнале да вапцуваат јајца и да ги подаруваат на Велигден, поздравувјаќи се со радосниот поздрав Христос Воскресе! На тоа отпоздравувале: Вистина воскресе!

Така поздравувајќи се, првиот ја соопштува веста за Христовото воскресение, додека вториот ја потврдува, а всушност и двајцата ја исповедуваат својата вера во Воскресението. Оваа практика и до ден -денес е запазена во Светото Православие, па верниците со овој поздрав се поздравуваат се до Вознесението Христово, Спасовден.

Црвената боја има симболика на победа. Нејзиното значење на овој голем Христијански празник е дека Господ Исус Христос со своето воскресение ја победил смртта. Црвената боја ја претставува божјата сила и моќ, а воедно ја симболизира и Христовата крв, која Исус ја пролеал на крстот за спасение на сите луѓе на земјава. Бојата на јајцето не потсетува и на крвта Христова и на спасението.

[Новиот коронавирус беше една од темите на денешниот состанок на Светиот синод на Грчката православна црква и соопштуваат дека „причестувањето не може да биде причина за пренесување на болести]

Според хронологијата на Христовите настани забележани во Евангелието се знае дека на Велики Четврток, Господ Исус Христос на Тајната вечера ја востановил Светата тајна Причест (Евхаристија), земајќи ги за основа лебот и црвеното вино, кои се претвораат во Христовото тело и крв. Оваа света тајна – Евхаристијата е дадена за спасение на луѓето, а за основа ја има Христовата крв. Затоа црвената боја, симболизирајќи ја Христовата крв од светата причесна ги украсува и Велигденските јајца.

Како што бојадисаните црвени јајца од Велики Четврток се јасна најава на блискоста до Велигден, така и тогаш, на Велики Четврток на Тајната вечера, Христос јасно најавил и кажал дека наскоро ќе биде предаден, ќе пострада и ќе воскресне.

– Според Светото Предание, се смета дека Марија Магдалена, една од жените мироносици прва го започнала овој обичај за Велигденските црвени јајца, вели Грозданоски, говорејќи за почетокот на традицијата на вапцување велигденски јајца.

Се вели дека Марија Магдалена наскоро по Христовото вознесение (Спасовден) го напуштила Ерусалим и тргнала по светот да го проповеда Евангелието. Во Рим таа побарала да појде и кај римскиот император Тивериј, со цел да му раскаже на царот за Господа Исуса Христа. На средбата, таа на царот најнапред му подарила едно црвено јајце и го поздравила со зборовите: Христос Воскресе. Потоа му раскажала за се што ги учел Христос, за неговите добри дела и чуда што ги правел на луѓето.

Следејќи го нејзиниот пример, првите христијани започнале да си подаруваат црвени јајца на празникот Велигден и притоа да се поздравуваат: Христос Воскресе – Вистина Воскресе!

Православните христијани на Велигден подарувајќи си црвено јајце еден на друг или кршејќи се со него, всушност го симболизираат Христовото Воскресение и нашето спасение: победата над смртта – смрт на смртта. Затоа, овој обичај е израз на вера во Христовото Воскресение и вера во воскресение на мртвите. Тоа е надежта во спасението и идниот живот. /МИА

Пронајдено лице пријавено за изгубено во Парк - шумата Водно

Регионалниот Центар за управување со кризи - Скопје информира дека на бројот 112, вчера во 15:23 часот била добиена пријава за изгубено лице во Парк - шумата Водно.

Веднаш биле известени надлежните за нивна понатамошна постапка, по што лицето било пронајдено за околу еден час.

- Од полициската станица - Карпош во 16:34 часот во ЦУК, добиена е информација дека лице од Водно е на пат за градот, пишува во денешното соопштение на Центарот за управување со кризи.

притисни ентер