Малолетник уапсен во БиХ, осомничен дека 43 пати лажно пријавил бомби во училиштата

Во Сараево е уапсен малолетник под сомнение дека испратил десетици пријави до училиштата за поставени експлозивни направи.

Откако беше уапсен од припадниците на МУП на КС, малолетникот за кој се сомничи дека од неговата електронска адреса 43 пати лажно пријавил дека во неколку средни и основни училишта биле поставени бомби, е предаден на Обвинителството.

Нему ќе му биде одредена мерка притвор од 24 часа и во тој законски рок надлежниот обвинител треба да одлучи за дополнителни мерки.

Малолетникот се сомничи дека сторил кривични дела загрозување на сигурноста и лажно пријавување.

Извор: Индекс.хр

ММФ ја зголеми проекцијата за економијата на САД, а ја намали за ЕУ

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) објави ажурирана прогноза за светската економија, во која проценува дека годинава ќе забележи раст од 3,3 отсто, што е нагорна проекција од 0,1 процент во однос на претходната октомвриска проекција.

Меѓу водечките светски економии, најзначајна промена бележат САД, пораст од 0,5 процентни поени, така што сега се очекува годинава да достигне 2,7 отсто, што го зголемува јазот во однос на другите напредни економии, особено во однос на Европската Унија.

Оваа прогноза е направена без да се земат предвид потенцијалните политики што ќе ги води новиот американски претседател Доналд Трамп, бидејќи ММФ нема прецизна претстава што и како ќе се прави, посочуваат од институцијата.

- Економијата на САД се држи многу добро, со солиден пазар на труд, а личната потрошувачка останува силна. Спротивно на тоа, иако се забележува раст во еврозоната, сепак, прогнозите се ревидирани надолу, изјави главниот економист на ММФ, Пјер Оливие Гуринша.

Проблемот произлегува од двете големи европски економии, Германија и Франција, чии прогнози се ревидирани надолу, за разлика од Шпанија, која веќе има добри показатели во последните две години, а ММФ од неа очекува уште повеќе оваа година, со раст од 2,3 проценти.

Германија, која имаше рецесија две последователни години, едвај ќе премине на позитивна територија, со очекуван раст од 0,3 отсто, ревидиран за 0,5 процентни поени надолу од последната прогноза на ММФ во октомври.

- Постои загриженост за зголемувањето на цените на енергијата во некои земји, но исто така и одредена несигурност во врска со трговијата со Кина или САД и што би можело да се случи во иднина. Тоа влијае на земјите како Германија и Франција, рече Гуринша.

Разликите забележани меѓу западните земји се видливи и меѓу земјите во брз развој, при што економскиот раст на Кина забавува од година во година.

ММФ ја ревидираше нагоре својата прогноза за економски раст на Кина за 2025 година, очекувајќи да биде 4,6 отсто, но тоа е пониско од 2024 кога имаше раст од 4,8 проценти, а тој тренд се очекува да продолжи и во 2026 година.

Добрата вест во извештајот е дека инфлацијата во развиените економии треба да се врати приближно на два отсто колку што е целта на главните централни банки, со проектирани 2,1 отсто за оваа година и 2 отсто за 2026, што е знак дека врвот на инфлацијата од 2022 година е минато.

Иако инфлацијата во земјите во брз развој и во развој е повисока, и се очекува да изнесува 5,6 отсто, таа е ревидирана надолу и бележи забавување во однос на 2024 година, а тој тренд се очекува да продолжи и следната година, проценува ММФ во најновиот извештај за светската економија.

Почина директорот на австриската компанија Страбаг, која ги гради патиштата низ Македонија

Извршниот директор на австриската градежна групација Страбаг, Клеменс Хаселштајнер, неочекувано починал, јавуваат австриските медиуми.

Компанијата, една од најголемите во земјата, „со голем шок“ ја објави „ненадејната и неочекувана“ смрт на 44-годишниот вчера доцна вечерта. Австриските медиуми ја цитираа изјавата на портпаролката на компанијата дека Хаселштајнер починал од природна смрт.

Неговите претходни должности сега, како што соопштија од компанијата, привремено ќе ги преземат другите членови на одборот.

Страбаг е една од најголемите градежни групи во Европа. Според информациите, компанијата неодамна остварила годишна продажба од 19 милијарди евра и вработува околу 86.000 луѓе ширум светот, пренесува Bild.

Хаселштајнер е во одборот од 2020 година, а негов претседател од јануари 2023 година. Тој беше третиот најстар син на градежниот магнат Ханс Питер Халштајнер, студираше бизнис администрација во САД (Универзитетот во Чикаго), а потоа работеше за Страбаг во Русија пет години и уште пет години во Штутгарт за подружницата на Страбаг во Зублин пред да се пресели во Одборот.

44-годишникот зад себе остави три деца.

Компанија во Македонија е позната по изградбата на бројни патни делници, како онаа од коридорот 8 , потоа патниот правец Градско – Дреново, Штип- Радовиш , како и железничката делница кон Куманово.

Прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас стапува во сила во недела во 8:30 часот по локално време

Прекинот на огнот во Појасот Газа договорен од Израел и палестинското исламистичко движење Хамас треба да стапи во сила во недела наутро во 08:30 часот по локално време, соопштија властите на Катар, кој беше посредник во постигнувањето на договор.

Од каратското Министерство за надворешни работи, исто така, упатија апел до жителите на Појасот Газа „да преземат мерки на претпазливост и да чекаат насоки од официјални извори“.

Коалициската влада на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа по полноќ го одобри договорот за прекин на огнот со Хамас и ослободување на заложниците држени во Појасот Газа во замена за палестинските затвореници, откако претходно беше одобрен и од безбедносниот кабинет.

- Владата го одобри планот за ослободување на заложниците. Планот ќе стапи во сила во недела, 19 јануари 2025 година, се вели во соопштението од кабинетот на премиерот Нетанјаху.

Советот на министри го одобри планот и покрај противењето на екстремно десничарските министри.

Хамас веќе објави дека ги прифатил условите од договорот и се обврзува да ги почитува.

Според договореното, прекинот на огнот треба да започне утре.

Договорот во три фази предидува првичична шестнеделна пауза на борбите што го опустошија Појасот Газа во изминатите 15 месеци и, според здравствените власти на Хамас, загинаа повеќе од 46.000 луѓе на палестинска територија.

Во текот на оваа прва фаза, Хамас треба да ослободи 33 заложници кои ги држат милитантите во Газа, а Израел треба да ги ослободи палестинските затвореници кои се држат во неговите затвори.

Во недела се очекува да бидат ослободени првите заложници.

Договорот беше постигнат по неколкумесечни индиректни преговори со посредство на Катар и САД.

Војната во Газа започна на 7 октомври 2023 година, кога припадници на Хамас упаднаа во Израел и убија околу 1.200 луѓе.

притисни ентер