Се уште нема конкретна информација кога точно Љупчо Палевски ќе биде испорачан во Македонија, во интерес на процесот на спроведување на екстрадицијата не се соопштува точниот датум на испорака. Вчера министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски изјави дека полициските службеници од Македонија се во комуникација со турските колеги и се очекува во наредниот период да утврдат сѐ што е потребно за Палевски да биде изведен пред лицето на правдата. Полициски извори велат дека не треба да очекуваме спроведувањето на Палевски да се случи денес или утре.
Откако Република Турција даде одобрение за екстрадиција на Љупчо Палевски, се очекува негово пристигнување во Македонија, по што според процедурата, веднаш по слетувањето на Аеродромот Скопје, со полициска придружба ќе биде веднаш спроведен во истражниот затвор Шутка, по што ќе се чека отпочнување на судскиот процес. Постапката за екстрадиција ќе биде спроведена преку Министерството за внатрешни работи.
Поранешниот полициски началник, Љубомир Ѓурчевски предупредува дека постои веројатност со пристигнувањето на Палевски во Македонија, да се смени текон на истрагата. Сега е на потег Обвинителството кое ќе ја игра клучната улога во распитот.
Вчера, министерот за правда Кренар Лога потврди дека е добиено одобрение за екстрадиција на Љупчо Палевски, осомничен за двете убиства на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Палевски во Турција беше уапсен на 5ти декември.
За убиствата се осомничени уште 4 лица меѓу кои и таткото на убиената Вања, кој минатата недела беше пуштен во домашен притвор.