Макрон и Лула објавија план за инвестирање милијарда евра во Амазонија - Канал 5

Макрон и Лула објавија план за инвестирање милијарда евра во Амазонија

Претседателите на Бразил и Франција вчера објавија план за инвестирање една милијарда евра во Амазонија, вклучително и делови од џунглата во соседна Француска Гвајана.

Макрон и Лула објавија план за инвестирање милијарда евра во Амазонија

Владите на двете земји во заедничко соопштение наведоа дека парите ќе бидат искористени во следните четири години за заштита на шумата. Тоа ќе биде соработка меѓу бразилските државни банки и француската инвестициска агенција. Приватни ресурси исто така би биле добредојдени, нагласија Бразил и Франција.

Францускиот претседател Емануел Макрон ја почна својата тридневна посета на Бразил од градот Белем, каде се сретна со својот долгогодишен сојузник Луис Инасио Лула да Силва. Тие отидоа со брод до островот Комбу за да се сретнат со домородните лидери.

Макрон му го врачи престижниот Орден на Легијата на честа на индискиот поглавар Раони Метукире за неговите напори да ја заштити животната средина.

- Вие бевте во Европа и јас ветив дека ќе дојдам овде, во вашата шума и да бидам со вашиот народ, му рече Макрон на лидерот на домородното население.

- Претседателот Лула и јас имаме заедничка кауза за еден од нашите пријатели во оваа земја што ви припаѓа, додаде тој.

Лула и Макрон ќе се обидат да „зацртаат заеднички курс“ за борба против климатските промени и сиромаштијата, соопшти Елисејската палата. Бразил ќе биде домаќин на самитот на Групата 20 водечки економии во Рио де Женеиро во ноември и на климатските преговори на ОН во Белем следната година.

Макрон и Лула денеска ќе пуштат дизел подморница направена во Бразил со помош на француска технологија во бродоградилиштето Итагвај во близина на Рио де Женеиро. Францускиот претседател потоа ќе се упати во метрополата Сао Паоло за да се сретне со бразилски инвеститори. Францускиот претседател утре ќе се упати во главниот град Бразилија за повторно да се сретне со Лула. /МИА

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Жерновски: Фројд работи кај Мицкоски – од признанието за македонскиот идентитет до нарачаните текстови во медиумите

Секогаш кога сака да го психоанализира СДСМ, Христијан Мицкоски се повикува на Фројд. На денешната прес-конференција, Андреј Жерновски од СДСМ му порача на премиерот да погледне во сопствениот кабинет. 

Жерновски: Фројд работи кај Мицкоски – од признанието за македонскиот идентитет до нарачаните текстови во медиумите

Доволно е да ги преслуша своите изјави за Преспанскиот договор и за нарачувањето текстови во медиумите.

„Затоа што колку повеќе го споменуваш Фројд, толку појасно станува дека неговите теории најдобро ги објаснуваат токму твоите постапки. Или, ако сакаш попрецизно и подиректно, подобро ќе беше ординацијата да ја побараш во сопствената влада, или поточно, во твојот кабинет“, рече Жерновски.

Тој потсети дека Мицкоски во опозиција со години ги убедуваше граѓаните дека со Преспанскиот договор е изгубен македонскиот идентитет, го обвинуваше СДСМ за предавство и ветуваше дека ќе го поништи договорот. Сега, во странство и на англиски јазик, самиот признава дека македонскиот идентитет е зачуван и дека македонскиот јазик е потврден во Обединетите нации.

„Дома ќе кажеш дека Преспанскиот договор ги зачува македонскиот идентитет и македонскиот јазик“, му порача Жерновски на Мицкоски и го повика да им се извини на граѓаните на кои со години им го тврдеше спротивното.

Како втор пример, Жерновски ја посочи изјавата на Мицкоски од интервјуто за нарачувањето текстови во медиумите. „Можеме да нарачаме текст каде сакаме, во кој било портал“, го цитираше Жерновски премиерот.

„Ех, Мицкоски, да можеше така како што нарачуваш текстови, така да си нарачаш и достоинство, чесност и чист образ“, порача Жерновски.

YouTube video

СДСМ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Хоџа: Заштитата на сливот на Вардар бара одржливо финансирање и меѓуресорска соработка

Заштитата на реката Вардар и одржливото управување со водите мора да бидат долгорочен државен приоритет, а за тоа се потребни координирани институции, меѓусекторска соработка и обезбедено финансирање. 

Хоџа: Заштитата на сливот на Вардар бара одржливо финансирање и меѓуресорска соработка

Ова го истакна министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа на отворањето на „Денови на Вардар 2026“, посветени на иднината на управувањето со сливот на реката Вардар.

Хоџа посочи дека подготовката на Планот за управување со сливот на реката Вардар е важен чекор, но нагласи дека вредноста на еден план се потврдува преку неговата реализација, а не само преку неговото усвојување.

Во своето обраќање тој се осврна на напредокот во мониторингот, класификацијата на водните тела и идентификувањето на притисоците врз водите, што е нотиран и во Извештајот на Европската комисија за 2026 година. Но истакна дека управувањето со водите не може да биде одговорност само на едно министерство, бидејќи одлуките во земјоделството, енергетиката, индустријата и локалната самоуправа директно влијаат врз нивната состојба. „Водата не познава ресорски граници. Затоа, потребен ни е вистински меѓусекторски пристап, во кој институциите ќе дејствуваат координирано и ќе преземаат заедничка одговорност“, рече министерот.

Осврнувајќи се на прекуграничниот карактер на сливот на Вардар, Хоџа ја истакна важноста на континуираната соработка со Косово и Грција, како и поддршката од Швајцарија во областа на животната средина. Тој го поздрави и придонесот на научната заедница и младите професионалци, нагласувајќи дека знаењето, искуството и иновациите се важен дел од решенијата.

„Нашата цел не е само да подготвиме уште еден стратешки документ, туку да изградиме систем во кој одговорностите се јасни, институциите имаат капацитет да дејствуваат, средствата се обезбедени, а резултатите се мерливи и видливи. Тоа е нашата обврска кон граѓаните и идните генерации“, порача Хоџа.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Пеп Гвардиола го крена гласот: „Кристијано Роналдо не го заслужи ова, грешката мора да се поправи“

Еден од најтрофејните фудбалски тренери во историјата, екс предводникот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола зборуваше конкретно за Кристијано Роналдо и за начинот на кој тој ја заврши својата репрезентативна кариера. 

Пеп Гвардиола го крена гласот: „Кристијано Роналдо не го заслужи ова, грешката мора да се поправи“

Тој тврди дека тоа мора да се поправи.

Најплатениот свтески фудбалер, Кристијано Роналдо одлучи да стави крај на својата репрезентативна кариера. Тој влезе во конфликт со селекторот Жорже Жезус, откако од него било побарано на прес-конференција да изјави „дека е на нивото на Пеле и Марадона“ – нешто што тој одбил јавно да го каже.

Поради сето ова, тој истакна дека не сака проштален натпревар, а Пеп Гвардиола смета дека тоа е голема грешка.

„Фудбалската федерација на Португалија мора да се погрижи Кристијано Роналдо да добие соодветно испраќање. Двете страни мора да вложат напор и да најдат начин. Тој не смее да ја напушти репрезентацијата на ваков начин. Не смеат да дозволат да си замине така. Тој е значајна личност, не само за себе и за Португалија, туку и за генерации португалски фудбалери“, изјави Гвардиола во подкаст со Ромарио.

Тој нагласува дека мора да постои некаков вид на благодарност за сè што Роналдо има направено. „Мораат да разберат дека Кристијано заслужил сам да одлучи како ќе продолжи понатаму.

Треба да најдат решение за оваа ситуација и да ја поправат работата. Дали ќе го направат тоа или не, не е моја работа, но сметам дека мораат. Она што тој го постигна во светот на спортот заслужува поинаков крај.“

Сите се свесни дека Роналдо направи грешка со начинот на кој си замина и со инцидентите што ги предизвика. „Потребно е да се организира прослава на која тој ќе ја почувствува љубовта на своите сонародници, како и иницијатива со која ќе се испрати порака дека е време да се сврти нов лист. Неговата целокупна кариера не треба да се оценува врз основа на последниот месец или два, само затоа што дошло до несогласување или недоразбирање со одредени поединци. Станува збор за кариера полна со достигнувања, која заслужува да биде сочувана и одбранета. Големите играчи, кои биле на самиот врв во овој спорт, заслужуваат да си заминат достоинствено, низ главната врата.“

Потоа, славниот тренер појасни: „Прво, затоа што го заслужиле тоа – тие му дадоа сè на спортот, а фудбалот им должи такво признание. Второ, поради сите оние најмлади кои ги прават своите први чекори на фудбалскиот терен. За да можат и тие да сонуваат дека еден ден ќе ја завршат својата кариера исто како Лионел Меси, Кристијано Роналдо, Паоло Малдини, Ромарио или кој било друг великан од историјата. Така треба да биде“, заклучи Гвардиола.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер