Македонија „под вршник“, да се почитуваат препораките за заштита од високи температури - Канал 5

Македонија „под вршник“, да се почитуваат препораките за заштита од високи температури

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) веќе го вклучи црвениот метео аларм, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) изнесе препораки за граѓаните, а Владата донесе Одлука.

Македонија „под вршник“, да се почитуваат препораките за заштита од високи температури

Под влијание на топлотниот бран што ја зафати земјава, дневните температури до сабота ќе бидат над јулскиот просек и ќе се движат од 34 до 38 степени во југозападниот, источниот и североисточниот регион, од 32 до 38 во Полошкиот регион, од 38 до 40 во Пелагонија и од 38 до 43 степени во Скопскиот, Вардарскиот и југоисточниот регион.

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) веќе го вклучи црвениот метео аларм, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) изнесе препораки за граѓаните, а Владата донесе Одлука со која ги обврза работодавачите од 23.07 до 26.07 да ги ослободат од работни обврски бремените жени и лицата постари од 60 години.

Министерството за здравство апелира населението да се придржува до постоечките препораки за самозаштита: престојување во разладени простории, особено од 11 до 17 часот, внесување доволно течности, избегнување алкохол и засладени пијалоци, носење лесна и светла облека, користење заштита за глава и очи и избегнување физичка активност во најтоплите часови.

ИЈЗ повика на почитување на мерките за заштита на здравјето на општата популација и на ранливите категории (градежни работници, земјоделци, сообраќајна полиција, работници за испорака и други лица кои работат во надворешни услови) при високи температури. Укажа да се земе предвид можноста за потенцијално работење онлајн, за флексибилно работно време, двократно работење, надополнување на изгубеното работно време и други модалитети. Воедно апелира да се избегнува работа на отворено од 11 до 17 часот и да се прават почести паузи со постојана достапност на течности и електролити.

-За вработените се препорачува врамнотежена исхрана, внесување минимум два литра вода дневно, избегнување алкохол и кофеин, внесување електролити при засилено потење, редовен одмор, доволно спиење, туширање и едукација за прилагодување на високи температури, носење лесна, светла и памучна облека, заштитни очила за сонце, капи и користење крем со УВ фактор 30+ при работа на отворено, нагласи ИЈЗ.

Препораките за работодавачите се: проверка и одржување вентилација, климатизација, редовно мерење на амбиентната температура и поставување на работните станици што е можно подалеку од сончева светлина и извори на топлина, обезбедување минимум една климатизирана просторија со функција на „засолниште“ (каде вработените можат да се разладуваат извесен период во текот на работата), ротација на работните задачи и преместување на работниците во постудени простории секогаш кога е можно, обезбедување поголем број работници по потреба, почести паузи во текот на работата, намалување на интензитетот на работата и нормите во производството, избегнување прекувремената работа, прекин на работата при потреба и внимателност со ранливите групи вработени (постари работници, хронични болни, лица со зголемена телесна тежина, бремени жени).

ИЈЗ предупреди и на препознавање симптоми на топлотен удар: вртоглавица, замор, вознемиреност и повраќање.

-Не смее да се дозволи на вработен со симптоми на топлинска болест да замине од работното место додека не се стабилизира, односно не добие соодветен третман. За прва помош при симптоми на топлотен удар треба веднаш да се повика 194 или 112, лицето треба да се префрли во разладена просторија, да се легне хоризонтално со подигнати нозе, да се лади со ладни облози и да се прска со вода. Не треба да се дава терапија додека не пристигне лекарска помош. Ако е во бессознание, треба да се постави во странична положба, потенцира ИЈЗ.

Исхрана при топло време

Во однос на исхраната се препорачуваат „лесни“ и квалитетни оброци, со помалку месо и протеини.

-Кога е топло, подобро е да се придржувате до лесни, разновидни, добро избалансирани и редовни оброци, сочинети од сезонски намирници. Храната со висока содржина на вода, исто така ќе ви помогне да бидете хидрирани во летните временски услови. Консумирајте зеленчук со висока содржина на вода, како што се домати, краставици, зелка,... Внесувајте помалку калории. Консумирајте оброци на течна основа како супи и чорби, овошје, особено лубеница, диња, праска, кајсија, наведува ИЈЗ.

Ризици од труења со храна

Според Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), за да се спречи појава на труење со храна во услови на високи температури, неопходно е да се направи правилен избор при набавката, да се обезбедат соодветен транспорт и услови за чување. Треба да се води сметка за изгледот, рокот на употреба и соодветното чување, како и да се купува храна од проверени места каде производите, особено лесно расипливите, од животинско потекло, се чуваат во разладни уреди.

-Да се избегнува да се купува и консумира храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната), разладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето, а лесно расипливата храна како што е месото, млекото јајцата и друго да не се чуваат долго време во автомобили и во други транспортни средства. Да се одбегнува купување на и разладена или замрзната лесно расиплива храна која се чува надвор од ладилник или замрзнувач. Разладената храна да се чува на температура пониска од 5 степени Целзиусови, а храната која треба да се зготви термички да се обработи на темпeрaтура повисока од 60 степени Целзиусови. Овошјето и зеленчукот пред употреба темелно да се измијат под млаз вода, месото, млекото и јајцата термички добро да се обработат, препорачува АХВ.

По подготовката, изладена, храната треба да се чува во фрижидер. На најгорните полици треба да се чува зготвената храна, а на подолните суровата. Храната треба да се заштити од инсекти, глодари и од домашните миленичиња, како и од други животни кои може да дојдат во контакт со неа.

-Ако се јаде во угостителските објекти, водете сметка тоа да се оператори со храна кои водат сметка за хигиената и безбедноста на храната и да имаат добра репутација. Во објектите за брза храна одбегнувајте ги додатоците кои не стојат во ладилник како што се мајонез, кечап, крем салати, сосови, преливи и слично. Доколку сметате дека храната не е безбедна, не ризикувајте - фрлете ја, напоменува АХВ.

Порастот на температурите - стрес за секое животно

Топлотниот бран, освен за луѓето, ризичен е и за животните. Стресот што го предизвикува порастот на температурите кај животните може да се манифестира со намалено консумирање храна, зголемена потреба за вода, намалено производство на млеко и слаб прираст.

Високи процент влага и недоволна вентилација во објектите може да бидат причина за појава на топлотен удар кај животните, а сончаницата се појавува како последица на непосредно, директно изложување на сонце. Исходот може да биде фатален и во двата случаја, доколку не се делува на време.

Според АХВ, напорната работа или транспортот на животните при високи температури, дополнително придонесува за влошување на состојбата.

-Забрзано и плитко дишење, несигурен од - (тетеравење), изразена зголемена телесна температура, забрзан пулс, исплашен поглед, зголемена жед, тикови и грчеви на мускулите кои се јавуваат на крај, со неповолна прогноза, се дел од симптомите по кои може да се препознаат топлотниот удар и сончаницата кај животните за што е неопходна итна реакција. Во вакви услови животното треба да се смести во ладовина или во разладена просторија, каде има доволно количество на свеж воздух, да му се даде доволна количина свежа вода. Телесната температура да се намали со туширање/прскање со умерено ладна вода, или со покривање на главата и вратот со ладна и влажна крпа, но, треба да се внимава ладењето на животното да не биде премногу брзо, велат од АХВ.

Агенцијата уште еднаш апелира, сопствениците да не ги оставаат домашните миленици во затворен автомобил кој е директно изложен на сонце и да избегнуваат нивни прошетки во текот на најтоплиот период од денот.

-На животните треба да им се обезбеди доволна количина и постојана достапност до свежа и чиста вода и престој во проветрени простории. На фармите да се внимава на населеноста (густината) на сместување на животните во објектите. Животните треба да бидат заштитени од директните дејства на сончевите зрачења, односно на испустите потребно е да има натстрешници или природни ладовини. Излегувањето на животните да се врши во раните утрински или вечерни часови, периоди кога треба да се организира и транспортот на животните или тие да се користат во работни активности, бидејќи тогаш температурите се пониски, наведува АХВ.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Четири земји одбиваат да ја финансираат Украина. Германија се заканува дека ќе го блокира буџетот на ЕУ

Европската комисија има намера да предложи нов заем од 45 милијарди евра за помош на Украина, кој би бил покриен со гаранции од заедничкиот буџет на Европската унија. 

Четири земји одбиваат да ја финансираат Украина. Германија се заканува дека ќе го блокира буџетот на ЕУ

Овој предлог доаѓа во момент кога Киев се подготвува за својата најтешка зима од почетокот на руската инвазија, пренесува „Фајненшел тајмс“.

Се проценува дека буџетот на Украина следната година ќе се соочи со дефицит од 70 милијарди евра. Европската комисија вети дека ќе покрие две третини од овој износ и ги повика другите западни сојузници, исто така, да ја засилат својата поддршка.

Според четворица соговорници запознаени со планот, Комисијата во среда ќе им претстави на земјите-членки предлог за задолжување гарантирано од буџетот на ЕУ. Моделот на финансирање би бил ист како оној што се користеше за постојниот заем од 90 милијарди евра за Киев.

Тие средства беа наменети за покривање на потребите на Украина во текот на оваа и следната година, но ескалацијата на уништувањето предизвикано од војната создаде дополнителен финансиски јаз.

Во случајот со претходниот заем од 90 милијарди евра, на три земји – Чешка, Словачка и Унгарија – им беше одобрено ослободување од плаќање на трошоците за камата.

За нов заем од 45 милијарди евра потребна е согласност од сите 27 земји-членки.

Сепак, истите три земји – на кои сега им се придружи и Бугарија – веќе најавија дека немаат намера да учествуваат во идното финансирање на Украина.

Овој став го наведе германскиот политичар Фридрих Мерц минатата недела да се закани со блокирање на договорот за буџетот на Унијата за периодот 2028–2034 година. Тој својата согласност ја услови со учество на сите земји-членки во финансирањето на Украина, како во текот на следната година, така и во иднина.

Германија е најголемиот придонесувач во буџетот на ЕУ и најголемиот европски билатерален донатор за Киев. Од друга страна, четирите земји што се противат на учеството во финансирањето се, всушност, земји кои добиваат повеќе средства од буџетот на Унијата отколку што уплаќаат во него.

Според тројца поединци запознаени со преговорите, по заканата на Мерц, одлуките во врска со помошта за Украина и заедничкиот буџет на Унијата станаа цврсто поврзани. Лидерите на ЕУ треба да разговараат за двете прашања на состанок во Брисел на 26 и 27 ноември, со цел да се постигне договор до крајот на годината.

Поврзувањето на овие теми се гледа како начин да се обезбеди идно финансирање за Украина и да се заштити процесот од потенцијални вета.

Следствено, земјите што зависат од средства од буџетот на ЕУ ќе бидат принудени да избираат меѓу поддршка за Киев и ризик од губење на европската финансиска помош.

„Ова ги зголемува влоговите, но исто така значи дека нема шанси овие прашања да се решаваат одделно. Сè е дел од еден голем пакет“, изјави еден од изворите запознаени со ситуацијата.

Портпарол на Европската комисија одби да ја коментира оваа информација. Брисел и Берлин стравуваат дека обезбедувањето средства за Украина ќе стане сè потешко, со оглед на претстојните избори во Шпанија, Франција, Италија и Полска. Марин Ле Пен, лидерката на француската десница – која според анкетите води пред претседателските избори во април – веќе најави дека ќе ја прекине поддршката за Украина доколку стане претседател.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Народната банка презема чекори за обезбедување нов сопственик на „АЛТА банка“ – првата аукција на 30 ноември

Во насока на изнаоѓање нов сопственик и создавање услови за натамошно стабилно работење на „АЛТА банка“ АД Битола, Народната банка ја објави постапката за продажба на доминантниот акционерски пакет во Банката. 

Народната банка презема чекори за обезбедување нов сопственик на „АЛТА банка“ – првата аукција на 30 ноември

Станува збор за 372.742 обични акции, односно 95,336% од вкупниот број акции, во сопственост на „Алта банка“ АД Белград – во стечај.

Продажбата ќе се спроведе преку Македонската берза на хартии од вредност, по моделот „сè или ништо“, што значи дека се продава целиот понуден акционерски пакет, без можност за купување само на дел од акциите. Првата јавна берзанска аукција е закажана за 30 ноември 2026 година. Почетната цена е утврдена врз основа на тековната берзанска цена и изнесува 3.777 денари по акција.

Доколку акциите не бидат продадени на првата аукција, следните аукции ќе се одржуваат последователно, на 1, 2, 3, 4 и 7 декември 2026 година. На секоја наредна аукција почетната цена ќе биде намалена за 10% во однос на почетната цена на претходната аукција.

Заинтересираните инвеститори треба најдоцна до 19 ноември 2026 година да достават барање до Народната банка за добивање претходна согласност за стекнување квалификувано учество во Банката, како и писмена изјава дека ќе ги уплатат средствата потребни за купување на акциите. На аукциите ќе можат да учествуваат лицата што ги исполнуваат законските услови.

Постапката е дел од активностите насочени кон обезбедување нов сопственик на Банката, создавање услови за нејзино натамошно работење и зачувување на интересите на штедачите и останатите клиенти.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Собранието ја продолжува расправата за буџетот за 2027 година

Собраниската комисија за финансирање и буџет денеска ја продолжува расправата за предлог-буџетот за 2027 година, по кој се поднесени над 300 амандмани.

Собранието ја продолжува расправата за буџетот за 2027 година

Владата планира приходи од 395,4 милијарди денари и расходи од 440,4 милијарди денари.

Буџетскиот дефицит е проектиран на 45 милијарди денари, односно 3,5 проценти од БДП.

За капитални инвестиции се предвидени 40,8 милијарди денари.министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска очекува економски раст од 3,8 проценти во 2027 година.

Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека буџетот обезбедува финансиска стабилност и средства за инфраструктурни проекти.СДСМ, пак, ги оспорува економските проекции и предупредува дека задолжувањето не го подобрило животниот стандард.Опозицијата ги критикува и поскапувањата на енергијата и отсуството на зголемување на минималната плата. Расправата може да трае до десет дена, од кои шест се предвидени за разгледување на амандманите.

По завршувањето на комисиската расправа, буџетот ќе продолжи во собраниска процедура.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер