Македонија по втор пат подобра од Швајцарија - Канал 5

Македонија по втор пат подобра од Швајцарија

Најдобрата кошаркарска репрезентација на Македонија синоќа во Негорски бањи славеше победа над Швајцарија со 65-52 и во вториот контролен натпревар во рамките на мундијалските претквалификациски подготовки.

Македонија по втор пат подобра од Швајцарија

Втор контролен натпревар за машката сениорска репрезентација на Македонија во оној средишен дел од подготовките за настап во претквалификациите за пласман на Светскиот Куп 2027.

Уште еднаш, во два дена, во улога на спаринг-партнер во спортскиот комплекс „НБ Ноел“ во Негорски бањи, на избраниците на селекторот Марјан Илиевски беше селекцијата на Швајцарија.

Нашата селекција го имаше почетното водство (9:5), кога Мекиќ погоди за три. Но кратко траеше, беше нашата предност во воведната четвртина. Ја доби Швајцарија со минимални (20:18).

Гостите имаа плус 7, (29:22), по нешто повеќе од три минути игра во втората четвртина. Во наредните три, се доближивме на негатива од три поени (35:38).

На крајот на првото полувреме, заостанувавме еден поен помалку (40:42), откако Стојановски ја погоди втората тимска тројка.

На почетокот на второто, стигнавме до егал скор, (42:42), а по положувањето на Вајли, Македонија поведе, со (44:42).

Тоа што не красеше на првата проверка, нашите кошаркари го презентираа во третиот дел, тргнаа уште поенергично, особено во фазата на одбраната, што резултираше со нашето прво осетно водство, (51:44), откако за три погоди Симиќ, а сето тоа некако го иницираше капитенот Магдевски.

Дефанзивата помогна да го задржиме тоа наше водство, и по 30.минути, Македонија водеше со (58:52).

Во ист стил продолживме и во последниот дел, кога енергијата на теренот ја пренесе Хот, кој ја отвори серијата од (7-0) по која дојдовме до највисоката предност, (65:52), по што на 6:38 минути следуваше прекин на мечот.

Разлика доволна за втора победа во контролните средби против Швајцарија, како добра најава за она што следува – настапите во претквалификацит за Светскиот Куп и дуелите со селекциите на Романија и Унгарија во месец август.

Репрезентацијата вечерва се враќа во Скопје, а по утрешниот слободен ден, во понеделник продолжуваат подготовките во СРЦ „Кале“. Во главниот град, македонските кошаркари ќе останат до среда, кога заминуваат за Куманово. Таму, во сабота, на 2. август ќе го играме првиот натпревар од претквалификациите, а противник ни е репрезентацијата на Романија.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Иран постави ултиматум за отворање на Ормускиот теснец

Иран му предложи на Оман привремен план за повторно отворање на Ормускиот теснец, според кој еден правец на сообраќајот би се одвивал низ иранските води, а дел од спротивната рута исто така би минувал низ иранските води.

Иран постави ултиматум за отворање на Ормускиот теснец

Заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Казем Гарибабади, за иранската државна телевизија изјави дека Техеран го отфрлил претходниот предлог на Оман за рамноправна поделба на транзитните рути, со образложение дека таквото решение не ги задоволува безбедносните барања на Иран сè додека не се постигне долгорочна регионална стабилност.

Гарибабади предупреди дека Ормускиот теснец ќе остане затворен доколку Мускат го отфрли предлогот на Иран, пренесува Ројтерс.

Тој додаде дека Иран повеќе не ја признава Шемата за раздвојување на сообраќајот (TSS) усвоена од Меѓународната поморска организација, тврдејќи дека таа главно се наоѓа во оманските води и не му овозможува на Техеран доволна контрола врз бродовите што минуваат низ теснецот.

Според него, традиционалната рута низ средината на теснецот моментално не се користи поради опасноста од мини, па бродовите се пренасочени кон северната рута долж Иран и јужната рута долж Оман.

„Ова е прашање на национална безбедност, а не обид за вршење притисок“, изјави Гарибабади, истакнувајќи дека Иран претходно не го оспорувал користењето на рутата TSS, која со децении се наоѓа во оманските води.

Иранскиот функционер исто така предупреди дека Техеран нема да дозволи која било трета земја – дури и ако е поканета од Оман – да учествува во расчистувањето на мините во Ормускиот Теснец.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

„Звук што расте“ - Камерниот оркестар на МММ одбележа 40 години постоење

Со дела од  македонски те композитори Властимир Николовски, Бете Илин, Дамјан Темков и Драган Шуплевски, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија „Саша Николовски –Ѓумар одбележа 40 години од постоењето.

„Звук што расте“ - Камерниот оркестар на МММ одбележа 40 години постоење

Концертот под мотото „Звук што расте“ се одржа вчеравечер на „Охридско лето“ донесувајќи младешки елан и истовремено високи креативни вредности на младите уметници на кои допрва им претстои блескава кариера. Диригент на вечерта беше маестро Иван Еминовиќ, а солисти Памела Велкова на виолина и Христијана Матевска на хармоника.

Според маестро Еминовиќ, голема е честа на да се соработува со Музичката младина на Македонија, особено на ваков јубилеј.

-Чест е да се работи со овие млади музичари кои се врвни во својата дејност. Јубилејот ќе биде одбележан со три концертни вечери, во Охрид и во наредните две вечери, во Битола и Скопје. Ќе дадеме одлични концерти за да го одбелележиме достојно овој јубилеј, рече диригентот Еминовиќ кому ова му е четврта соработка со оркестарот на МММ.

Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија е основан како прв сегмент на Летниот музички камп на МММ во 1986 година во Охрид, и оттогаш повеќе од 400 млади музичари биле дел од овој уникатен состав. Диригенти и уметнички раководители биле Ф. Муратовски, Г.Коруновски. С.Николовски-Ѓумар, М. Спасов, Б.Цанев, Б.Чадловска, А.Ремерајт, О.Кондратенко, М.Кац, Џ.Мартиненги, Е.Митревска и И.Еминовиќ.

Веќе 40 години завршниот концерт на летната сесија на оркестарот е дел од програмата на „Охридско лето“, а во последните години и на фестивалите „Скопско лето“ и „Битолско лето“. Од 2018 година, оркестарот го носи името на македонскиот диригент Саша Николовски-Ѓумар.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Русија издаде меѓународна потерница за апсење на основачот на „Телеграм“

Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) поднесе обвиненија против основачот на „Телеграм“, Павел Дуров, и издаде меѓународна потерница за негово апсење. 

Русија издаде меѓународна потерница за апсење на основачот на „Телеграм“

Тој е обвинет за олеснување на терористички активности; оваа вест во средата ја пренесе агенцијата „Интерфакс“, пишува „Ројтерс“.

Според извештаите на руските државни медиуми од март, ФСБ тврди дека од почетокот на војната во Украина, преку „Телеграм“ биле извршени повеќе од 153.000 кривични дела.

Меѓу нив, како што наведуваат, има околу 33.000 случаи поврзани со саботажа, тероризам и екстремизам – како што се организирање експлозии, подметнување пожари во воени објекти и убиства.

Дневниот весник во државна сопственост „Росијскаја газета“, повикувајќи се на материјали од ФСБ, тврди дека благодарение на работата на безбедносните служби биле спречени 475 терористички напади, наводно планирани преку „Телеграм“.

Според истите наводи, оваа бројка вклучува 61 планиран напад врз училишта. Руските власти исто така тврдат дека терористичкиот напад врз концертната сала „Крокус сити хол“ во март 2024 година бил координиран преку „Телеграм“.

Понатаму, тие наведуваат дека апликацијата се користела за собирање податоци за руски воени претставници, блогери и нивните семејства, вклучувајќи информации за нивното движење и секојдневни навики.

Според Москва, регулаторното тело „Роскомнадзор“ во последниве години испратило повеќе од 150.000 барања до „Телеграм“ за отстранување незаконска содржина, но компанијата наводно ги игнорирала.

Руските власти инаку, уште во февруари го прогласија „Телеграм“ за закана по националната безбедност.

Павел Дуров тогаш го обвини Кремљ за ограничување на пристапот до апликацијата со цел да ги принуди граѓаните да ја користат државната апликација за пораки „МАКС“ (MAX), која Москва ја претставува како безбедна домашна алтернатива на „Телеграм“ и „Ватсап“. Истовремено, во неколку руски градови беа забележани прекини и забавување на работата на „Телеграм“. Според „Киев пост“ (Kyiv Post), руските власти постепено ги насочуваат корисниците кон апликацијата „МАКС“, додека некои руски воени блогери предупредуваат дека станува збор за технички полошо и помалку безбедно решение, кое не поседува енд-ту-енд (end-to-end) енкрипција.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер