Македонија ја одбележува Светската недела на доењето - Канал 5

Македонија ја одбележува Светската недела на доењето

Мајките во Македонија традиционално сакаат да дојат, меѓутоа за тоа да трае подолго, потребна им е поддршка од семејството, здравствениот систем, заедницата и општеството.

Македонија ја одбележува Светската недела на доењето
Доењето има огромно значење за унапредување на здравјето на децата, и носи значаен социјален и економски бенефит за семејствата и општеството. Во Македонија, според податоците добиени од истражувањето на УНИЦЕФ во 2012 година, 90 отсто од децата биле доени во одреден период, 41 отсто од мајките дојат предоминантно, што значи додаваат и други течности (вода, чај, сок), додека ексклузивното доење е застапено кај 23 отсто од мајките.

Ова денеска на прес-конференција го истакна претседателот на Комитетот за поддршка и промоција на доењето при Министерството за здравство, Бранкица Младеновиќ по повод Светската недела на доењето која се одбележува од денеска до 7 август, а годинава под мотото „Поддршка на доењето -поблиску до мајките“. Мотото, посочи таа, има цел да ја поттикне поддршката на мајките за доење.

- Препораките на Светската здравствена организација се дека бенефитот од доењето е најголем тогаш кога тоа е ексклузивно во првите шест месеци од животот, а понатаму тоа би требало да трае до втората година од животот паралелно со воведување други видови храна. Во Холандија стапката на ексклузивно доење е 27 отсто, во Италија е 37,8 отсто итн., рече Младеновиќ.

Македонија, нагласи таа, ги има имплементирано сите препораки на СЗО, а тоа се формирање на Комитетот за поддршка и промоција на доењето, направена е ревизија на постоечката легислатива во насока на имплементирање на кодот за забрана за рекламирање на супституентите на мајчиното млеко, а континуирано се спроведуваат и обуки на здравствените работници за советување за доење и се изготвуваат информативни материјали за мајките за доење.

- Комитетот изготви и двегодишен Акциски план кој ќе се фокусира на оние активности кои сметаме дека се приоритетни, а сите се со цел да им се даде на мајките потребната и навремената поддршка тогаш кога им е најмногу потребна, додаде Младеновиќ.

Директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, Марија Хаџи Лега истакна дека дека таа здравствена установа како најголемо родилиште во земјата во која годишно се раѓаат околу 6.000 новороденчиња, интензивно работи на промовирање и подигнување на свесноста кај мајките за бенефитот од доењето, како по здравјето на мајката, така и по здравјето на новороденчињата.

- Овие промоции и оваа едукација Клиниката ги остварува на неколку нивоа. Почнува уште во периодот пред породувањето, а во рамки на психофизичката подготовка на трудниците после 28 гестациска недела. Едукацијата се врши од страна на едуциран тим од искусни акушерки, лекари педијатри, анестезиолози и гинеколози акушери кои работат на едуцирање и подготвување на мајката за чинот на породување и одгледување на детето по породувањето, рече Хаџи Лега.

Таа посочи дека медицинските сестри и акушерки и лекарите кои учествуваат во чинот на породувањето на родилките прават максимални напори уште во првите два часа после породувањето да се направи обид за прв подој, а кој е од мошне големо значење за воспоставување успешна лактација кај идните мајки.

- Понатаму продолжува едукацијата на родилката и на Одделението каде се згрижени породените мајки каде тимот од акушерки, социјален работник, психолог, доктор гинеколог акушер, интензивно учествува во запознавање на мајките со техниките на доење. Околу 70 отсто од мајките излегуваат од болницата со веќе совладани техники на доење и добиени совети за тоа како можат да се справат со кризите кои можат да настанат во периодот на лактација, а кои понатаму се решаваат со патронажните служби и со педијатрите кои работат во Здравствен дом-Скопје, додаде Хаџи Лега.

Директорката на Здравствен дом-Скопје, Тања Баевска Вучковиќ рече дека изработиле брошури за важноста, предноста и бенефитот на доењето за најмалите, пред се со најголемо значење за првите шест месеци од животот.

- Материјалот кој е изработен освен во родилиштата ќе биде проследен и преку патронажните служби кои први имаат контакт со родилките по доаѓањето дома, а ќе биде дистрибуиран и по советувалиштата кои се одговорни за следењето на растот и развојот кај децата, додаде Баевска Вучковиќ.

Претставникот на НВО „Лулка“, Денис Ал Кхалили рече дека на 6 август во 18 часот на плоштадот кај Млечен ресторан организираат настан по повод обележување на Светската недела на доењето.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Генерации што сè помалку се движат

 – Светската здравствена организација предупредува на сериозен проблем меѓу тинејџерите

Генерации што сè помалку се движат

Без оглед дали станува збор за видеоигри, стриминг апликации или притисокот на училишните обврски, сè повеќе адолесценти ја занемаруваат физичката активност и играта на отворено, при што секој четврти признава дека немал барем 1 час физичка активност неделно.

Според истражување спроведено од научници од британски универзитети и Светската здравствена организација (СЗО), кое се заснова на анализа на податоци од анкети спроведени на 3,2 милиони деца и адолесценти од 140 земји, само 14% од младите на возраст од 11 до 17 години ширум светот изјавиле дека биле „физички активни“ секој ден во текот на претходната недела.

Тинејџерите од Финска и Канада биле меѓу најактивните; околу 30 % од младите во двете земји навеле дека се занимаваат со физичка активност секој ден во текот на претходната недела. Адолесцентите од Британија и од скандинавските земји имале резултат нешто над глобалниот просек, со 17%, додека оние од Германија (13%), Франција(11%) и Италија(9%), се нашле на дното на листата.

Посочувајќи на „значителни разлики меѓу земјите“, Светската здравствена организација истакнува дека во некои држави само 3 до 4 % од адолесцентите изјавиле дека во текот на претходната недела немале ниту еден ден физичка активност, додека во други, оваа бројка надминувала 40 %.

„Физичката активност за време на адолесценцијата го подобрува сегашното и идното физичко и ментално здравје, и придонесува за превенција од незаразни болести“, напишале истражувачите во труд објавен во британското медицинско списание “The Lancet“.

„Физичката неактивност е главен фактор на ризик за срцеви заболувања, дијабетес тип 2 и одредени видови рак“, предупредуваат од Светската здравствена организација.

Податоците, откриваат и дополнителни разлики во зависност од полот и возраста. Според бројките од Универзитетот во Оксфорд, 21% од момчињата во Обединетото Кралство се занимаваат со физичка активност најмалку 60 минути дневно, додека тој удел кај девојчињата е 13%. Понатаму, единаесетгодишните деца покажувале повисоко ниво на физичка активност од седумнаесетгодишните.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Зошто не е добро „да се спасува“ детето од секоја ситуација што му предизвикува страв?

Кога детето чувствува вознемиреност, повеќето родители инстинктивно сакаат да го решат проблемот. 

Зошто не е добро „да се спасува“ детето од секоја ситуација што му предизвикува страв?

Ваквите реакции, иако произлегуваат од љубов, можат да ја одржат вознемиреноста подолго време и да доведат до тоа детето подоцна во животот да се чувствува помалку сигурно, пренесува „Гардијан“ (The Guardian).

Циклусот на семејно прилагодување

Оваа појава, кога родителите го менуваат своето однесување, рутините или очекувањата за да му помогнат на детето да ја избегне или ублажи вознемиреноста, според психолозите и терапевтите се нарекува „семејно прилагодување“.

Ова се случува кога родителот одговара наместо срамежливо дете за да го поштеди од непријатност, кога испраќа порака до наставникот, наместо да го охрабри детето само да побара помош, ја отстранува секоја неизвесност што може, и тоа често функционира, барем на почетокот. Сепак, на овој начин детето пропушта можност да ја искуси непријатноста и да се справи со ситуациите што на почетокот му изгледаат тешки.

Што вели истражувањето?

Една студија, во која учествувале 75 родители на деца со анксиозни нарушувања покажала дека колку повеќе родителите се прилагодуваат во ситуации што предизвикуваат непријатност кај децата, толку потешки симптоми на анксиозност се јавуваат подоцна во животот.

Ова значи дека реакцијата на родителите на стрес станува дел од циклусот кој тешко може да се прекине. На децата треба да им се дозволи да чувствуваат тешкотија и сами да се справат со ситуацијата.

Улогата на родителските тешкотии

Гледањето како детето плаче и паничи пред да тргне на училиште може исклучително да го вознемири родителот, особено ако знае дека има проблем во односите со врсниците. Тогаш и тој е вознемирен, па во утринските часови, додека се обидува да го испрати, предвидува што може да тргне наопаку. Во обидот да го заштити, најчесто го контактира училиштето за да предложи решенија или му дозволува на детето да остане дома.

Анксиозноста е сложена појава и на нејзиниот развој влијаат бројни фактори, вклучувајќи го темпераментот, генетиката, животните искуства и средината. Сепак, анксиозноста на еден член од семејството со текот на времето може да влијае на целото семејство, создавајќи образец на однесување што постојано се повторува и дополнително ја засилува вознемиреноста.

Промена на пристапот

Наместо родителите да се прашуваат што да направат за детето да престане да ја чувствува анксиозноста, подобро е да се запрашаат како може да му помогнат за тоа да научи да се справи со анксиозноста.

Наместо да кажете: „Нема за што да се грижиш“, обидете се со: „Гледам дека си вознемирен/а. Тоа е непријатно чувство. Со тебе сум и знам дека можеш да се справиш со ова. Тука сум да ти помогнам.“

Овој пристап може да доведе до сосема поинаков исход. Тоа може да значи „страшната“ ситуација да се подели на помали чекори, наместо целосно да ја отстраните. Притоа, важно е да не му ја ускратувате поддршката и да не го принудувате на ситуации за кои не е спремно.

Целта не е да се игнорира неговата непријатност, туку да се покаже разбирање за она што му претставува тешкотија, истовремено давајќи му до знаење дека може постепено да се соочи со тие предизвици и успешно да ги надмине.

Заедничко справување со вознемиреноста

Когнитивно-бихејвиоралната терапија (КБТ) често се користи при појава на анксиозност кај децата. Таа им помага на децата да ги препознаат вознемирувачките мисли, да развијат вештини за справување и постепено да се изложуваат на работите од кои се плашат.

Родителите кои и самите се соочуваат со анксиозност треба да знаат кога е потребно да побараат стручна помош. Ние влијаеме врз нашите деца повеќе отколку што можеби сме свесни. Справувајќи се со нашите сопствени стравови и анксиозност, им дозволуваме и на децата да го сторат истото. Барањето помош за себе не е одвоено од помагањето на детето; понекогаш, тоа е клучен дел од процесот.

Кога детето е вознемирено, може да изгледа како проблемот да лежи исклучиво во него. Но, децата живеат во семејни системи кои развиваат одредени обрасци на реагирање на стрес. При помагање на детето кое е вознемирено, понекогаш треба да ги преиспитаме овие обрасци, вклучувајќи ги и сопствените.

Една од најмоќните пораки што еден родител може да му ја пренесе на своето дете е: „Што и да се случи, верувам дека можеш да се справиш со тоа, а јас сум тука да те поддржам.“

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Жена, прогласена за мртва се разбудила во мртовечница- доктор потоа ја убил за да си ја прикрие грешката

73-годишна Русинка била прогласена за мртва во декември 2025 година од страна на лекар за реанимација, но два часа подоцна покажала знаци на живот во мртовечницата. 

Жена, прогласена за мртва се разбудила во мртовечница- доктор потоа ја убил за да си ја прикрие грешката

Докторот е обвинет дека ѝ инјектирал смртоносен лек за да ја прикрие својата грешка. Тој е уапсен и е задржан во притвор.

Можеби мислите дека ова е сценарио за ТВ серија. Сепак, оваа приказна навистина се случила во Русија минатата година. Лекар за реанимација е осомничен дека ѝ инјектирал смртоносен лек на 73-годишна пациентка, која погрешно била прогласена за мртва, за да ја прикрие својата грешка, објави оваа недела рускиот новински портал Газета.ру. Против него е покрената истрага.

На 17 декември 2025 година, Галина, 73-годишна жена, била примена во болница во Северодвинск, Архангелска област, поради акутна тромбоза. Сепак, за време на третманот, нејзиното срце застанало. Речиси половина час, Олег Г., 29-годишен лекар, се обидувал да ја реанимира, но без успех. Потоа специјалистот ја прогласил за мртва.

Тој ѝ инјектирал пропофол

Сепак, според првичните резултати од истрагата, срцето на жената наводно повторно почнало да чука без лекарот да забележи. Кратко потоа, 73-годишната жена, која била прогласена за мртва, била однесена во мртовечница. Сепак, два часа подоцна, еден од вработените забележал знаци на живот и го известил лекарот.

Потоа случајот добил сосема поинаков пресврт. Наместо да ѝ пружи итна медицинска помош, лекарот за реанимација ѝ инјектирал пропофол, интравенски анестетик што се користи за индуцирање и одржување на анестезија и кој може да предизвика респираторна депресија. Истражителите веруваат дека Олег Г. ѝ го дал овој смртоносен лек за да ја прикрие својата првична грешка.

Покрената е истрага за „убиство на лице во беспомошна состојба“. Олег Г., кој дипломирал во 2023 година, бил уапсен и потоа задржан во притвор. Тој ги негира обвиненијата и тврди дека постапил во согласност со медицинскиот протокол.

На телото на жената ќе биде спроведен токсиколошки тест за да се утврди со сигурност причината за смртта на 73-годишната жена.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер