Мајките на децата до шест години на протест, Филипче вели со вирусот ќе живееме и во 2021 година

Мајките на деца до шестгодишна возраст за денеска најавија протест поради одлуката да им се прекине породилното отсуство и да се вратат на своите работни места.

Имено, согласно владината одлука мајките треба да се вратат на работа на 23 септември. Тие барааат да бидат на продолжено породилно отсуство до крајот на годинава, бидејќи децата не им се запишани во градинка поради немање место.

Министерот за здравство Венко Филипче смета дека тие треба да се вратат на работните места, и оти веројатно ќе живееме со вирусот и цела следна 2021 година.

– Ние ќе живееме со вирусот веројатно и цела следна 2021 година. Мора да се научиме да ги почитуваме превентивните мерки, протоколите коишто ги има за апсолутно сите економски оператори, угостителски објекти, компании, фабрики, училишта, градинки итн. Едноставно тоа ќе биде нашиот живот, рече Филипче.

Министерот за здравство се осврна и на отворањето на училиштата, за учениците од прво до трето одделение, заради тоа што, како што вели, и тоа е потенцијален ризик фактор гледајќи ги искуствата од други земји.

– Оние земји кои нагло ги отворија училиштата и сите деца беа во училиште и беа приморани делумно или целосно да ги затворат. Проценувајќи како ќе се одвива епидемијата во септември, ние дозволуваме да се отворат училиштата на почетокот на октомври, но само деца со физичко присуство од прво до трето одделение. Понатаму, ако остане се стабилно и мирно, од ноември/декември и други одделенија ќе може да се враќаат со физичко присуство. А до тогаш да следат онлајн настава, потенцираше министерот Филипче.

Министерот за здравство изјави дека единствен начин да се заштитиме себеси, најблиските околу нас и кругот на луѓето, на работното место е преку почитување на превентивните мерки.

-Секојдневно имаме нови сознанија за вирусот, нешто ново се открива од анализите, студиите. Меѓутоа принципите за превенција се истите. Да се носи маска, да се одржува дистанца и често да се дезинфицираат и мијат рацете. Навистина е поразително што огромен број на граѓани тоа не го почитуваат. Секојдневно гледаме и големи собири, места каде што луѓето не носат маска, не одржуваат дистанца. Мораме да сме свесни дека го штитиме и нашето здравје, меѓутоа и здравјето на навистина ранливите групи на грѓани, кои што се насекаде околу нас, рече Филипче.

Во моментов се активни 1870 на заболени лица со Ковид-19, од почетокот на епидемијата досега беа дијагностицирани 16088, оздравеа 13550, а починаа 668 лица.

Во изминатото деноноќие беа регистрирани уште 163 новозаболени, седум починати и 1132 оздравени од Ковид-19.

На Инфективната клиника вкупно се хоспитализирани 74 пациенти. На кислородна поддршка се 43 пациенти, нема пациенти на механичка вентилација. Во болницата во Козле хоспитализирани се три деца и три мајки позитивни на Ковид-19, а исто толку мајки и деца се суспектни на вирусот. Во ГОБ „8 Септември" вкупно хоспитализирани се 34 пациент. На респираторна машина се тројца пациенти. Во болницата во Битола се хоспитализирани 17, а во болницата во Штип 46 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга се хоспитализирани 161, позитивни и сомнителни на Ковид-19./МИА

Николоски од Подгорица: Полноправното членство во ЕУ најбрзо преку економското приближување

  Економското приближување на земјите од Западен Балкан до ЕУ е вистинската формула за остварување на нашата заедничка цел како регион - полноправно членство во ЕУ. 

Имплементацијата на реформите се вистинскиот чекор, а тие чекори се поттикнати и со новиот План за раст на Западен Балкан на кој интензивно работиме и од двете страни и земјите од регионот и ЕУ, порачал заменик-министерот за финансии Филип Николоски кој во Подгорица учествува на состанокот на министри од регионот и претстаници од ЕУ посветен на Планот за раст на Западен Балкан.

- Ваквиот регионален формат на состанување, кој е трет посветен на Планот за раст, претставува ефикасен модел за забрзување на реформската агенда. Реформската агенда во РС Македонија е веќе усвоена од страна на Владата и испратена во ЕК. Она што е важно е да дадеме поттик во остварување на тие реформски процеси и да го забрзаме нивното спроведување. Тоа ќе биде нашиот вистински пат за да стигнеме до ЕУ, истакнал заменик-министерот Николоски.

Како што соопшти Министерството за финансии, на регионалниот состанок Николовски се осврнал на конкретните активности што ги презема Владата во однос на пристапувањето на земјата кон СЕПА регионот и унапредување на зелените коридори.

- РС Македонија изрази подготвеност да ги исполни критериумите за блиски економски и правни односи со ЕУ и подготвеност да врши платни трансакции во евра преку пристапувањето во СЕПА. Тоа од причина што ќе придонесе за отстранување на пазарните бариери со земјите од ЕУ, подигнување на кредибилитетот на финансискиот сектор на меѓународната сцена, продлабочување на трговските односи со европскиот економски регион, поедноставни, побрзи и поевтини услуги за граѓаните и компаниите. Барањето е подготвено и се очекува да се поднесе апликацијата до средината на оваа година, нагласил Николоски.

Тој додал дека дополнителни придобивки се очекуваат и од унапредувањето на зелените коридори кои беа воспоставени за време на ковид-кризата.

- Постојните зелени ленти веќе придонесоа за намалување на времето на чекање на граничните премини, а со нивното натамошно проширување, ќе се обезбедат непрекинати синџири на снабдување и засилена трговија, што ќе го направи регионот поатрактивен за инвеститорите Со нивното проширување ќе се вклучат повеќе видови стоки коишто ќе бидат опфатени со зелените коридори, како и гранични премини меѓу Европската унија и земјите од Западен Балкан, рекол заменик-министерот за финансии.

Притоа посочил на поддршката што ЕУ ја дава во областа на царината, како и на посветеноста на Владата во спроведување на националните реформи во оваа област. Тој нагласил дека понатамошното унапредување на царинската соработка треба да се фокусира не само на олеснување на трговијата, туку и на заштита на финансиските интереси и на ЕУ и на земјите од Западен Балкан, како и на безбедноста граѓаните.

Ова е трет министерски состанок посветен на Планот за раст. Првиот се одржа во Скопје, вториот во Тирана и на денешниот состанок домаќин е Подгорица.

Фергусон: Неопходно е што поскоро да се формира ЗСО, бидејќи тоа е важен дел од дијалогот

Неопходно е што поскоро да се формира ЗСО, бидејќи тоа е важен дел од дијалогот и нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина.

Амбасадорот на Обединетото Кралство во Србија, Едвард Фергусон нагласи дека е неопходно што поскоро да се формира Заедницата на српски општини, бидејќи тоа е важен дел од дијалогот и нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина.

Белградските медиуми пренесоа од негово интервју за агенцијата Танјуг во кое на прашањето дали верува дека ЗСО некогаш ќе се формира, рече дека поминале 11 години од потпишувањето на Бриселскиот договор со кој беше договорено формирање на Заедницата и дека нејзиното формирање се одложува.

„ЗСО веќе требаше да биде формирана и сакаме да ја видиме што е можно поскоро да се формира. Сметаме дека ова е важен механизам, што треба да им даде доверба на српските заедници во Косово за тоа како најдобро да се спроведат нивните работи“, рече Фергусон.

Тој додаде дека Велика Британија смета дека ЗСО е важен дел од нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина и дека поради таа причина Велика Британија продолжува да ги охрабрува властите во Приштина да тргнат напред во таа насока што е можно поскоро, и дека бил многу јасен и пратеникот на британскиот премиер за Западен Балкан, лордот Стјуарт Пич.

На прашањето каков е ставот на Лондон во однос на едностраните потези на Приштина, како што е укинувањето на динарот на Косово, Фергусон додава дека сите еднострани мерки создаваат дополнителен притисок врз заедниците на Косово и дека тие не се ниту мудри, ниту корисни.

Буркина Фасо ги забрани Би-Би-Си и Гласот на Америка поради известување за масовни гробници

Буркина Фасо ја забрани работата радио станиците Би-Би-Си и Гласот на Америка на две недели поради нивното известување за масовни гробници.

Би-Би-Си и Гласот на Америка објавија податоци од извештајот на Хјуман рајтс воч за масовни убиства на цивили од страна на вооружените сили на земјата.

Според извештајот објавен од ХРВ вчера, војската убила околу 223 цивили, меѓу кои 56 деца, во селата за кои верувале дека соработуваат со бунтовниците.

Портпаролот на владата на Буркина Фасо, Тонсир Мирјан Корин Сану, рече дека двете радио станици ќе бидат суспендирани на две недели и ги предупреди другите медиуми да избегнуваат известување за тие случувања.

притисни ентер