Лулето на Валентајн во Mузејот на приказните - Канал 5

Лулето на Валентајн во Mузејот на приказните

Свештеникот Кембел во 1630 година направил нешто незамисливо. Венчал протестантка со католик, забрането во тоа време.

Лулето на Валентајн во Mузејот на приказните

Тоа се случило во Германија, за што дознала инквизицијата. Го мачеле свештеникот седум дена, но никако не кажувал кого венчал, за младенците да имаат време да побегнат. Кога признал, го обесиле. Тогаш, свештеникот го испушил последното луле во името на љубовта. Денеска, кога некој ќе рече Кембелово луле, тоа е оној последен мачен разговор кога дечкото и девојката раскинуваат, кога се растура бракот, или се растура некое друштво. Тој последен разговор се вика Кембелов разговор. Инаку, првото име на Кембел е – Валентајн. Прилепскиот Музеј за тутун го поседува последното луле што го испушил Валентајн Кембел пред бесилката во 1630 година.

Вака ја почнува приказната кустосот и етнолог Александар Цветкоски за еден од најраритетните музеи на овие простори, втор во Европа – Музејот за тутун. Сместен во просториите на Институтот за старословенска култура, спроти Институтот за тутун на периферијата во Прилеп, Музејот веќе 47 години раскажува вчудовидувачки приказни. За славни европски луѓе кои ги имале маните и доблестите на „обичниот човек", како руската династија Романови, Ана Хабсбург од австроунгарското царско семејство, Дража Михајловиќ од бурната српска историја, од првите зачетници и пропагатори на уживањето во тутунот во Европа, наргилињата од Отоманското Царство, ретките фотографии, индустриската, мачна обработка на тутунот на најпознатите македонски простори, во Прилепско… И што ли уште не.

Прилепскиот Музеј за тутун содржи предмети, фотографии, раритетни експонати, кои ја раскажуваат оваа „скришна", алтернативна, историја на Европа. Ја раскажува приказната за тутунот, растението донесено од Америка, одомаќинето во Европа. Да не речеме, основното растение на прилепските простори.

Освен љубовна, една од ретките приказни на Музејот е и политичката. За сер Волтер Рајли, таткото на тутунот, кој прв ја открил „вирџинијата" и го донел тутунот во Англија од Америка. Прилепскиот музеј поседува луле од првиот пушачки клуб од 1700 година, основан во Лондон. Тогаш не знаеле како да го оданочат тутунот, па Рајли се збогатил и го направил тој познат клуб во Лондон. Членови на клубот биле дури и кралот и кралицата. Рајли многу се полакомил по пари, па наплатил долг од кралицата.

– Имено, рекол дека може да го измери чадот од тутунот. Го зел лулето, го измерил, го испушил тутунот, па повторно го измерил. Остатокот бил чадот. Ги зел парите од кралицата, но тоа не го преживеал. Кралицата во 1600 година ја предизвикала првата кампања против пушењето, кога била создадена и првата книга против пушењето. Пред да го обесат, сер Рајли го испушил последното луле. Оттогаш останало: кога ќе речат Рајлиево луле или Рајлиева цигара, тоа е оној мачен разговор кога ќе ви ја соопштат лошата вест дека сте исфрлен од политиката или сте сменет од функција, раскажува Цветкоски.

Лулиња, наргилиња, каширани фотографии, ретка европска збирка, предмети за уживање на тутунот, кибрити, запалки, историски поврзани со европски славни личности, се дел од раритетната и бесценета збирка на прилепскиот Музеј за тутун. Поседува околу 3 000 артефакти, од кои 2 000 се посебно раритетни. Музејот е најекспониран медиумски во земјава и во светот главно поради ексклузивните историски приказни што ги раскажува преку производството и предметите за уживање на тутунот – порок оспоруван денес, но кој неизбежно ја раскажува историјата на човештвото.

– Преку Музејот најексплицитно правиме презентација на културното богатство. Ние во Музејот имаме материјален одраз на нештата. Знаете, да се има луле или чибук од славна личност, тогаш веднаш се отвора приказната и може да разговарате за таа личност и може да ја прераскажете кулоарската историја, која е трета димензија на Музејот, која многу држави официјално не би ја признале, зашто говори за особините на нивните значајни историски личности и владетели преку предметите за уживање на тутунот. Тоа значи ги раскажуваме приказните за славните луѓе низ историјата кои ги имале сите мани и доблести што ги поседувале „обичните луѓе". Токму затоа луѓето кога ќе влезат во Музејот ја гледаат таа димензија, која обично ја гледаат во филмовите, но овој пат приближена, тука, пред витрината, со експонатот што му припаѓал, на пример, на рускиот цар Романов, на Ана Хабсбург, а и на Дража Михајловиќ, личност од балканските простори. Тоа е интересно, раскажува кустосот Цветкоски, кој има бројни приказни за секој музејски експонат.

Музејот е мошне богат. Има една од најголемите збирки каширани фотографии на Балканот, прекрасна ликовна збирка, па збирка на предмети за уживање на тутунот, па индустриската збирка.

– Сето тоа е мошне интересно. Може да се видат цигарите и цигаретите што некогаш се пушеле во Југославија, а ги нема во продажба. Може да се слушнат приказните за таа прва Југославија преку цигарите. На пример, кралските цигарети што се произведувале во Прилеп, се пакувале во Ниш за династијата Караѓорѓевиќ, а можеле да се пушат само на кралскиот дворец. Има експонати што се поврзани со феноменологијата на тутунот, на палењето оган, од огнилата со кои во средниот век се палеле лулиња, па сè до првите кибрити, до првите запалки и сите приказни што се поврзани со нив, продолжува со својата приказна кустосот Цветкоски.

А целата приказна за Музејот почнува во далечната 1972 година. Најбитното е: Музејот на тутун е музеј на приказни. Уште кога е правен, Бошко Бабиќ и Тадеуш Полак сакале да имаат лулиња од познати личности што ја раскажуваат историјата за тутунот и за уживањето во него. Да имаат лулиња од светските изложби во Виена и во Париз каде што биле изложувани. И успеале да ги најдат. Тие плански ги собирале експонатите од цел свет. Сета таа грижа има до денес одраз преку тие приказни.

– Сите странци кои знаат нешто за музеите прашуваат: Како е можно еден град во провинција да има толку значаен музеј што е втор по големина во светот? Тогашниот прилепски музеј, од 60-тите години, развил соработка со уметниците од цел свет. Тогаш, Бошко Бабиќ на сите уметници им напишал писма да праќаат експонати и, посебно, приказни. Да испраќаат информации каде може да се купат тие експонати.

– Така сме добиле илјадници писма од целиот свет. Тоа е своевиден интернет. Сето тоа дава резултат: Музејот, прво, да биде медиумски многу експониран, луѓето да сакаат да го посетуваат, посебно странците, и да ја почувствуваат европската историја, која, своевидно, е заробена во Музејот, вели кустосот Цветкоски.

Музејот за тутун беше влезен во двата најголеми водичи, во францускиот и во германскиот. Сите со водичот в рака прашуваат за Музејот. Бројни љубопитници од Европа и од светот ги слушнаа неверојатните приказни. Магловити во тутунскиот чад на лулињата, но јасно забележани преку артефактите што на алтернативен начин ја забележале човековата историја. И човековата желба да ужива, да го забележи живеењето низ вековите преку една индустриска култура./МИА

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Невидлив облик на злоставување во врска кој многумина не го препознаваат

На почетокот се чини дека сè е во ред, ви се допаѓа личноста и силно сте возбудени кога ќе сфатите дека и таа го чувствува истото, но она што на почетокот сте го доживеале како знак на внимание со тек на време се претвора во контрола.

 Невидлив облик на злоставување во врска кој многумина не го препознаваат

Љубомора и контрола

Марни имала 16 г. кога започнала да излегува со нејзиното момче, биле пријатели пред да станат пар, нивната врска на почетокот изгледала како типична тинејџерска љубовна приказна.

Со неа сакал да го минува секој момент и секоја вечер после училиште доаѓал кај неа. Таквото однесување го сметала за нормално и позитивно.

„Каде и да одев, постојано ми се јавуваше и ми пишуваше пораки, а понекогаш и ненадејно ќе се појавеше“, раскажува Марни. „Моите пријатели и семејството беа сомничави, но јас не ги слушав. Мислев дека така треба да изгледа љубовта.“

За време на нивната двегодишна врска, нејзиниот партнер со помош на технологијата ја изолирал од сите. Ја проверувал дигитално, ѝ го земал телефонот и ги бришел пораките пред таа да може да ги види.

„Не знаев кој се обидел да ме контактира, ниту дека мајка ми прашувала каде сум“, објаснува таа. Не ѝ било дозволено ниту да користи социјални мрежи – нешто што, според неа, било голем дел од неговата контрола.

Марни на крајот успеала да ја прекине врската, но дури по неколку години сфатила дека била жртва на злоупотреба. „Многу е тешко да се препознае таквото однесување како штетно или опасно“, вели таа денес. „Никој не нè учи како да ги забележиме знаците.“

Насилство потпомогнато од технологијата

Д-р Афродити Пина од Универзитетот во Кент водела голем истражувачки проект на оваа тема. Таа објаснува дека ваквото злоставување може да биде од финансиска, сексуална, физичка или психолошка природа. Станува збор за однесување што влева страв, ја нарушува приватноста и може да вклучува злоупотреба на интимни фотографии.

Според неа, злоставувањето со помош на технологија вклучува барање лозинки и пристап до уреди, барање постојани докази за локацијата, како и тајно проверување на пораки, кориснички сметки и историја на прелистување. Тоа исто така опфаќа и следење преку споделување локација, шпионски софтвер, уреди како „AirTags“ или системи за паметен дом.

Злоупотребата се манифестира и преку чести несакани повици и пораки, креирање нови профили откако претходните биле блокирани, како и во ситуации кога партнерот ја знае содржината на приватните разговори без логично објаснување.

Насилството опфаќа и хакирање на кориснички сметки, лажно претставување, споделување или закани за споделување интимни фотографии, сексуална уцена, јавно објавување приватни информации (т.н. „doxxing“), како и користење уреди на деца за следење на поранешниот партнер.

„Злоупотребата со помош на технологијата има многу облици, почнувајќи од демнење на социјалните мрежи, па сè до контрола на паметните домашни уреди или ограничување на пристап до технологија“, вели Џоди Лидам од хуманитарната организација „Refuge“. „Заедничко за сите што сторителот ја користи технологијата како оружје за да ја контролира и изолира жртвата, а последиците можат да бидат катастрофални.“

Бројот на пријавени случаи значително пораснал во последниве години, особено по пандемијата откако животот се пресели на Интернет. Организацијата „Refuge“ забележува пораст од 78% на барањата за помош во периодот меѓу 2025 и 2026 година. Организацијата „Victim Support“ регистрираше пораст од 140% на бројот на луѓе што побарале поддршка поради дигитална злоупотреба во текот на изминатата година.

Кога грижата ќе се претвори во контрола

Концептот „доверба“ може да ги замагли границите. Надзорот се прикажува како грижа („Те следам зашто сум загрижен“), а пристапот до лозинките како тест за лојалност („Ако ми веруваш, нема што да криеш“).

Праксата на која на почетокот доброволно се согласувате, може да стане должност.

Жртвите најчесто се обвинуваат себеси и, ако не постои директна закана, одбиваат во таквото однесување да видат злоупотреба.

Според психолозите, здрав договор е оној што е слободно избран, јасно дефиниран и транспарентен и може да се одбие во секое време. Проблемот настанува кога при повлекување на согласноста или при промена на лозинката се случува притисок, казнување или закана.

На што да обратите внимание

Постојано испитување за секоја интеракција на мрежите,

барање пристап до приватните пораки,

истражување на лицата кои ја „лајкувале“ вашата фотографија, или притисок да престанете да „следите“ некого на социјалните мрежи,

намерно игнорирање пораки како форма на казнување,

уценување на партнерот со закани за објавување приватни фотографии и јавно понижување.

Ако личноста чувствува потреба да го контролира својот онлајн живот за да го спречи бесот кај партнерот, границата веќе е помината.

На младите често им недостасува вокабулар да го дефинираат она што го чувствуваат. Тие однесувањето што подразбира контрола го етикетираат како „интензивно“, „заштитнички став“ или „љубомора“, наместо како злоупотреба. Освен тоа, родителскиот надзор над децата во име на безбедноста несвесно ја испраќа пораката: „Ако ме сакаш, немаш што да криеш“. Подоцна во животот, партнерите може да го бараат истото како доказ за посветеност.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Дали пешачењето е тренинг - Одговор на стручни лица по фитнес и физиотерапија

Пешачењето во последно време стана најпопуларна препорака за движење. Се бројат чекори, се препорачуваат дневни и вечерни прошетки, а социјалните мрежи се полни со предизвици за подобра кондиција и здравје.

 Дали пешачењето е тренинг - Одговор на стручни лица по фитнес и физиотерапија

Но, дали обична прошетка може да се смета за тренинг? Еве што велат стручните лица.

Зависи како пешачите

Ебенезер Семјуел, директор за фитнес во „Men's Health“, ја објаснува важната разлика помеѓу физичката активност и тренингот. Иако секое движење се смета за физичка активност, тренингот подразбира оптоварување на телото што треба да доведе до одредени адаптации – како што се подобрена кондиција, поголема сила или зголемена издржливост.

Затоа обична прошетка до продавница нема да се смета за тренинг за една личност, додека брзото, планско пешачење може да претставува сериозна физичка активност за друга. Многу работи зависат од почетната кондиција на поединецот.

Тренерот и експерт за вежбање Доменик Анџелино смета дека пешачењето може да послужи како основа за програмата за вежбање, под услов да е намерно и структурирано. Со други зборови, постои разлика помеѓу чекорите што случајно ги правиме во текот на денот и одењето на прошетка со конкретна цел – движење во одредено времетраење и со одреден интензитет.

За некои, 7.000 чекори се сметаат за тренинг; за други – не.

Физиотерапевтот Марио Мехија ја истакнува важноста на нивото на кондиција. За некој што штотуку започнува со вежбање, се враќа на активност по повреда или е постаро лице, пешачењето може да биде исклучително корисна форма на аеробна активност.

Од друга страна, малку е веројатно дека некој што тренира интензивно пет или шест пати неделно ќе забележи значителен напредок во кондицијата само со правење 7.000 чекори во текот на денот. За такво лице, пешачењето сепак е корисно, но не мора нужно да го замени вистинскиот тренинг.

Токму затоа физиотерапевтот Кајл Санчез го смета интензитетот за клучен фактор. Ако сакате обичното пешачење да го претворите во тренинг, можете да го зголемите темпото, да го продолжите времетраењето, да пешачите по нагорнина или намерно да го менувате интензитетот.

Тоа не значи дека пешачењето „не се важи“

Дури и кога не е доволно интензивно за да се смета за тренинг, пешачењето сепак нуди бројни здравствени придобивки. Експертите од *Men's Health* нагласуваат дека луѓето треба да пешачат без оглед на нивното ниво на физичка подготвеност.

Ова го потврдуваат и официјалните препораки. Американскиот Центар за контрола и превенција на болести (CDC) го наведува брзото одење како пример за физичка активност со умерен интензитет, препорачувајќи возрасните да имаат најмалку 150 минути таква активност неделно, заедно со вежби за зајакнување на мускулите најмалку два дена во неделата.

Редовната физичка активност е поврзана со подобар квалитет на сонот, пониско ниво на анксиозност и понизок крвен притисок, а истовремено го намалува долгорочниот ризик од разни хронични болести. Заклучокот е едноставен: пешачењето е одлична форма на движење и може да послужи дури и како вистински тренинг – под услов да претставува доволен предизвик за вашето моментално ниво на подготвеност. Ако сакате да напредувате по пешачењето, не мора нужно да почнете со трчање. Понекогаш е доволно само да го зголемите темпото, да вклучите нагорнини или постепено да ја зголемувате рутата.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Хајди Клум позира топлес покрај базен: Обожавателите ја нарекуваат „кралица“

Хајди Клум (53) го искористи сончевиот викенд за релаксација покрај базен. Во неделата, манекенката објави фотографија на Инстаграм на која седи на работ од базенот, со нозете во водата и кренати раце.

Хајди Клум позира топлес покрај базен: Обожавателите ја нарекуваат „кралица“

Таа носеше само долен дел од црно бикини и качкет, додека покрај неа седеше нејзината 22-годишна ќерка, Лени. Лени во скутот држеше кученце по име Фриц – кое Хајди го вдоми во април. „Недела“, напиша таа кратко покрај фотографијата.

Хајди не се крие

Објавата брзо го привлече вниманието на нејзините следбеници, кои го преплавија делот за коментари со комплименти. Некои ја нарекоа „кралица“ и „божица“, додека други едноставно напишаа „вау“.

Хајди со години отворено зборува за својот став кон сопственото тело и голотијата. Во интервју за списанието „People“, таа објасни дека ваквиот пристап за неа е сосема природен.

„Отсекогаш сум била многу отворена во однос на своето тело. Кога се сончам во градината, понекогаш не носам горен дел. Јас сум Европејка... моите деца никогаш не ме запознале поинаку, што веројатно е причината зошто тие се поопуштени во однос на сопствените тела“, изјави таа.

Манекенката исто така истакна дека никогаш премногу не се грижела за тоа како изгледа пред другите. „Отсекогаш сум имала самодоверба. Немам проблем да шетам наоколу во долна облека. Не се кријам по ќошиња“, појасни Хајди.

Таа не сака инјекции за слабеење

Клум претходно зборуваше за тоа како се справува со телесните промени што доаѓаат со стареењето. Според неа, во тоа има поддршка од нејзиниот сопруг, Том Каулиц (37), кој ја охрабрува да не биде опседната со стандардите за слабост наметнати од модната индустрија.

Денес, таа смета дека неколкуте килограми вишок воопшто не ѝ пречат и дека таквата фигура одлично ѝ прилега. Истовремено, таа изјави дека нема интерес за лекови за слабеење, како што се „Ozempic“, „Wegovy“ или „Mounjaro“.

Наместо тоа, таа се стреми да одржува рамнотежа преку исхраната и редовната физичка активност. Не поминува часови во теретана, бидејќи претпочита поедноставни форми на вежбање. Дома, во Лос Анџелес, таа често скока на трамболина или изведува вежби со сопствена тежина, вклучително и чучњеви.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер