Локомотив Софија победник на ватерполо турнирот во Карпош

Ватерполистите на Локомотив Софија се победници на турнирот што по повод 13 Ноември, Денот на ослободување на Скопје, се играше во ВИП Арената „Борис Трајковски“.

На четвртиот по ред Меѓународен турнир во организација на ватерполо клубот Бета - Скопје и ВИП Арената „Борис Трајковски“, покрај организаторот и победникот настапија уште и екипите на Црноморец од Бугарија и Лесковац од Србија.

Второто место им припадна на ватерполостите на Бета, третото место го освои Црноморец од Бугарија, а четврти беа ватерполистите на Лесковац од Србија. /МИА

Белата куќа со осуда за „малиот процент“ студенти за предизвикување немири на универзитетите

 Белата куќа осуди „мал процент студенти, поттикнувачи на немири“ по ноќните судири и апсења во одредени американски кампуси кои протестираат против војната во Газа.

„Студентите имаат право да посетуваат настава и да се чувствуваат безбедно“, рече портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер на прес-конференција, додавајќи: „Ќе продолжиме да нагласуваме дека антисемитизмот мора да биде осуден“.

Според американски медиуми, околу 1.000 луѓе се приведени во судирите на универзитетите ширум САД, и според податоци обезбедени од полицијата и властите во Њујорк, околу 300 луѓе биле приведени на Универзитетот Колумбија, центарот на протестите поради војната во Газа со обвиненија за прекршок, кражба и помали кривични дела.

На Универзитетот во Калифорнија во Лос Анџелес, попознат како UCLA, не се одржуваа часови. Таму во текот на ноќта избувнал конфликт кога, како што пренесуваат американски медиуми, група произраелски демонстранти се обиделе да ги урнат барикадите зад кои во шатори се наоѓале пропалестинските демонстранти.

Неколку часа пред да избијат немирите во UCLA, полицијата упадна во зградата на Универзитетот Колумбија во Њујорк, окупирана од антивоени демонстранти, завршувајќи го протестот кој ја парализираше институцијата.

Протести избија во околу 30 универзитети во САД, со барање САД да престане да го поддржува Израел и со компаниите кои ја поддржуваат војната во Газа. Тоа е убедливо најголемиот студентски протест во САД во 21-от век, а полициската реакција што следеше потсетува на сцени од 1960-тите кога имаше огромно студентско протестно движење против Виетнамската војна, јавија американските медиуми. /МИА

Во Србија продолжува парламентарна расправа, се чека гласање за новата влада

Српскиот парламент претпладнево ќе ја продолжи првата вонредна седница на која единствена точка на дневен ред е избор на Влада и давање заклетва на претседателот и членовите. 

Се очекува дискусијата да продолжи, по што пратениците треба да гласаат, јавија српските медиуми.

Продолжението на првата вонредна седница на Националното собрание во актуелното свикување е закажано за девет часот. На седницата, која почна вчера, излагање поднесе претставникот за состав на новата Влада Милош Вучевиќ.

Во тричасовното обраќање пред пратениците, меѓу другото, тој истакна дека владата што ја предлага ќе биде влада на континуитет во најголема мера, како и дека полноправното членство во ЕУ останува стратешки приоритет на Србија. Тој наведе и дека најголемиот предизвик на новиот кабинет ќе биде одбраната на суверенитетот, ќе се предложи задолжителен воен рок од четири месеци. Вучевиќ порача дека членовите на Владата мора да бидат тим, дека секогаш мора да бидат подготвени да ги штитат националните и виталните интереси на Србија, а неговото прво и единствено барање е несомнената лојалност кон татковината. На Собранието му предложи 31 член на кабинетот, меѓу кои има осум нови личности. /МИА

Земјотрес од четири степени во поширокото подрачје на Лос Анџелес

Земјотрес со јачина од 4,1 степени според Рихтер синоќа го погоди поширокото подрачје на Лос Анџелес, соопшти Сеизмолошкиот институт на САД.

Земјотресот се случил во областа Корона, во близина на Лос Анџелес, објави Фокс.

Земјотресот бил почувствуван во пошироката област, западно до Лос Анџелес, Лонг Бич, округот Оринџ и Санта Кларита./МИА

притисни ентер