Љутков: Во тек реконструкција на објектот на старото училиште во Љубојно и конзервација на црквата во Курбиново - Канал 5

Љутков: Во тек реконструкција на објектот на старото училиште во Љубојно и конзервација на црквата во Курбиново

Реализацијата е во напредна фаза и очекувам објектот да биде целосно завршен до крајот на годинава. 

Љутков: Во тек реконструкција на објектот на старото училиште во Љубојно и конзервација на црквата во Курбиново

Со увид во работите за конзервација, реконструкција и адаптација на објектот на старото училиште во Љубојно, во мултимедијален образовен центар за промоција на македонскиот јазик, министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска ја почна посетата на Преспанскиот регион.

-Реализацијата е во напредна фаза и очекувам објектот да биде целосно завршен до крајот на годинава. Со овој проект вреден 20 милиони денари не само што заштитуваме и ревитализираме едно значајно споменичко добро, туку создаваме нов простор за афирмација на македонскиот јазик и култура, кој воедно ќе прерасне во атрактивна туристичка содржина и ќе даде силен импулс за развој на културниот туризам во Преспа, истакна министерот Љутков.

Во рамки на посетата, министерот ја посети и Црква „Св. Ѓорѓи“ во село Курбиново, еден од најзначајните споменици на средновековната уметност, изграден во 1191 година.

Оваа еднокорабна црква, како што посочи тој, иако скромна по димензии, со својот врвен фрескоживопис се вбројува меѓу најзначајните достигнувања на средновековната византиска уметност во светски рамки.

-Сместена на локација со величенствен поглед , црквата која се наѓа на тентативната листа на УНЕСКО за светско културно наследство претставува предизвик за домашната и меѓународна стручна и широка јавност. И покрај тоа што во моментов, поради тековните конзерваторски активности, пристапот во внатрешноста е ограничен сепак интересот не стивнува, рече Љутков.

Министерството за култура и туризам досега инвестирало околу 30 милиони денари во заштита на овој објект, каде континуирано се спроведуваат конзерваторски активности од 2013 година.

Министерот посочи дека завршени се значајни зафати како статичка консолидација и реставрација на архитектурата, како и конзервација на фрескоживописот, реализирана во соработка со Завод и музеј – Битола во партнерство со Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун, што претставува пример за високо ниво на стручност и успешна меѓународна соработка.

-Знам дека во моментов се соочуваме со одредени предизвици околу поставувањето на настрешницата која треба да го заштити фасадното сликарство на западната страна од црквата. Убеден сум дека и ова наскоро ќе боиде надминато и активностите на овој сегмент за кој веќе е изработен проект и е добиено позитивно стручно мислење со засилена динамика ќе продолжат во август. Со секој нов чекор, ова културно богатство се доближува до моментот кога повторно целосно ќе им биде достапно на посетителите и ќе блесне во полн сјај, истакна Љутков.

Министерот денеска ќе ги посети Куќата на Татрчеви и Сарајот на Нијази бег во Ресен, каде што со средства од европските фондови за прекугранична соработка (во рамки на проектот АCT4PRESPA) сo 60 илјади евра во напредна фаза се работите на реконструкција на кровот, како дел од континуираните активности за заштита на значајните културни објекти во регионот.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Управа за финансиска полиција: Поднесе кривична пријава против две физички лица – сопственици и управители на правно лице

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против две физички лица – сопственици и управители на правно лице, како и против самото правно лице.

Управа за финансиска полиција: Поднесе кривична пријава против две физички лица – сопственици и управители на правно лице

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против две физички лица – сопственици и управители на правно лице, како и против самото правно лице, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „Даночно затајување“ од член 279 од Кривичниот законик на Република Македонија.

Првопријавениот Н.О., странски државјанин на Република Турција, во својство на реален сопственик и управител на правното лице во периодот од 2016 до 2021 година, кога последен пат во име на пријавениот правен субјект поднел завршна сметка со искажана нето загуба во износ од 834.571 денари, со однапред утврдена намера да ја присвои набавената трговска стока евидентирана на залиха и да го избегне исполнувањето на даночните обврски во наредниот период по основ на застарени краткорочни обврски, извршил промена на сопственичката и управувачката структура на правното лице, при што како нов управител и сопственик бил запишан второпријавениот Е.М.

Во име на пријавениот правен субјект, за деловните години 2022, 2023, 2024 и 2025 година не биле изготвени и поднесени завршни сметки, со што пријавените набавената трговска стока во вкупен износ од 32.054.759 денари неосновано ја присвоиле за себе. Притоа, не пресметале, не пријавиле и не уплатиле Данок на додадена вредност по даночна стапка од 18% во износ од 5.769.856 денари, додека пријавениот правен субјект не пресметал, не пријавил и не платил Данок на личен доход во име и за сметка на пријавените лица во износ од 3.561.283 денари.

Дополнително, пријавените не ги отпишале и не ги прикажале како приходи застарените краткорочни обврски кон добавувачи постари од три години, во вкупен износ од 32.847.325 денари, при што не пресметале, не пријавиле и не уплатиле Данок на добивка по даночна стапка од 10% во износ од 3.284.732 денари, по основ на неоданочени застарени обврски кон добавувачи кои не биле прикажани како приходи во Билансот на успех и Даночниот биланс на правниот субјект.

Со наведените дејствија, пријавените не пресметале, не пријавиле и не ги уплатиле законски утврдените даночни обврски по претходно наведените основи, во вкупен износ од 12.615.871 денари, со што го оштетиле Буџетот на Република Македонија, стои во соопштението од Управата за финансиска полиција.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

УЕФА свика итен состанок поради потезите на ФИФА и Инфантино

Европската куќа на фудбалот, УЕФА денеска ќе одржи вонреден состанок за да добие првичен одговор на контроверзниот план на ФИФА и нејзиниот претседател Инфантино за продажба на дел од комерцијалните права за Светското првенство.

УЕФА свика итен состанок поради потезите на ФИФА и Инфантино

Европската куќа на фудбалот, УЕФА денеска ќе одржи вонреден состанок за да добие првичен одговор на контроверзниот план на ФИФА и нејзиниот претседател Џани Инфантино за продажба на дел од комерцијалните права за Светското првенство на приватни инвеститори.

Според британските медиуми, ФИФА испратила писмо до сите свои членови во кое бара од нив да се изјаснат дали го прифаќаат предлогот до 19 септември.

Федерациите што го поддржуваат планот треба веднаш да ја добијат првата уплата од 20 милиони долари од вкупниот пакет вреден 40 милиони долари.

УЕФА остро реагираше, велејќи дека овој потег покажува „сè што треба да се знае за овој план“, откако претходно изјави дека ФИФА „преминала црвена линија“.

Голем број национални сојузи, вклучително и Фудбалскиот сојуз на Англија, се незадоволни бидејќи за предлогот дознале само преку медиумите.

Според Би-би-си, планот предвидува продажба на удел од 20 отсто во натпреварувањата на ФИФА на инвестицискиот фонд „Thrive Eternal“, зад кој стои американскиот инвеститор Џошуа Кушнер.

Ставот на противење кон УЕФА го делат азиската, јужноамериканската, како и северноамериканската и централноамериканската конфедерација, додека некои сојузи сметаат дека предлогот би можел да донесе финансиски придобивки за помалите фудбалски земји.

Од ФИФА велат дека целта на проектот е обезбедување дополнителни средства за развој на фудбалот ширум светот – од изградба на инфраструктура и зајакнување на националните тимови, до инвестирање во младинскиот и женскиот фудбал.

„Ова е можност, а не обврска. Сакаме да го забрзаме развојот на фудбалот на глобално ниво“, изјави Инфантино.

Сепак, реакциите на фудбалската јавност се претежно негативни.

Асоцијацијата на европски лиги оцени дека „Светското првенство не е на продажба“, додека фудбалскиот сојуз ФИФПРО предупреди дека вклучувањето на приватен капитал може трајно да го промени начинот на кој функционира најважното фудбалско натпреварување.

Претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас, го обвини Инфантино дека со овој потег се обидува да обезбеди поддршка пред следниот Конгрес на ФИФА, додека потпретседателот на Германската фудбалска асоцијација, Ханс-Јоаким Ваке, го нарече планот „директен напад врз фудбалот“.

Се очекува одлуките на вонредниот состанок на УЕФА да имаат големо влијание врз понатамошниот развој на настаните и иднината на Светското првенство.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ВМРО-ДПМНЕ: Ребалансот на Буџетот за 2026 е развоен и носи повеќе инвестиции и проекти

Ребалансот на Буџетот за 2026 е развоен и носи повеќе инвестиции и проекти додека капиталните инвестиции растат за 14,5 проценти.

ВМРО-ДПМНЕ: Ребалансот на Буџетот за 2026 е развоен и носи повеќе инвестиции и проекти

Ребалансот на Буџетот за 2026 година е доказ дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ работи одговорно и ги насочува средствата таму каде што носат најголем ефект. Наместо кратење на развојот како во времето на СДС и ДУИ, сега се инвестира во иднината.

Вкупните приходи се зголемуваат за 4 милијарди и 575 милиони денари, или 1,2 проценти, и достигнуваат 379,5 милијарди денари. Вкупните расходи се зголемуваат за 11,6 милијарди денари, или 2,8 проценти. Точно, дефицитот се зголемува и изнесува 4,1 процент од БДП. Но поважно е каде одат дополнителните средства.

Капиталните расходи се зголемуваат за 5 милијарди и 814 милиони денари, односно за 14,5 проценти. Развојните потпрограми растат за 4 милијарди и 215 милиони денари и достигнуваат повеќе од 41 милијарда денари.

СДС повторно се обидува да ја сведе дебатата на една бројка, дефицитот. Но граѓаните имаат право да ја знаат целата вистина. Секој денар од дополнителниот фискален простор е насочен кон инвестиции што создаваат работни места, ја движат економијата и оставаат трајна вредност. Тоа е одговорна економска политика, а не популизам.

Тоа не се бројки на хартија. Тоа се нови патишта, железничка инфраструктура, водоводи, канализации, училишта, градинки, здравствени установи, проекти за животната средина и инвестиции во општините.

Разликата е едноставна. ВМРО-ДПМНЕ зборува за тоа што ќе се изгради, додека во минатото СДС и ДУИ потрошија милионски буџети од кои граѓаните не видоа ништо.

СДС нема ниту еден предлог како да се забрза развојот. Единствено што нуди е ширење страв и манипулација.

Граѓаните не живеат од политички прес-конференции на СДС. Живеат од подобри патишта, поквалитетни училишта, модерни болници, сигурно водоснабдување и нови инвестиции. Токму тоа го обезбедува овој ребаланс.

Овој ребаланс ќе се мери по завршените проекти, а не по прес-конференциите на СДС.

Со почит,

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер