„Доколку работодавачот конечно не реагира и не почне правично да ги плаќа вработените во јавниот сектор, кризата со недостиг на професионална работна сила дополнително ќе се продлабочи“, рече претседателката на GEW, Дорин Зиберник на централниот состанок во Лајпциг, каде се собраа околу 7.000 наставници.
Освен во Лајпциг, најголеми собири се одржаа и во Берлин, Хамбург и Карлсруе, каде на улиците излегоа илјадници вработени во училиштата, факултетите, градинките и канцелариите за млади.
Зиберник објасни дека просветните работници и работниците во образовните институции се особено погодени од недостигот на работна сила, поради што многу работни места во секторот остануваат непополнети.
Според студијата објавена денеска од фондацијата Бертелсман, ситуацијата е критична, особено во градинките, каде недостигаат над 430.000 места во градинки поради недостиг на воспитувачи.
Синдикатите бараат од работодавачот, односно градовите и општините, зголемување на платата за 10,5 отсто или најмалку 500 евра месечно. Дополнително, бараат и договор на неопределено време за студентите кои работат во образованието пред да ги завршат студиите.
Следната недела ќе има нова рунда преговори меѓу синдикатите и работодавачите.