„Ги уверувам сите наши граѓани дека владата ќе работи напорно за да ги почитува исламските прописи и шеријатот низ целата земја“, рече Хибатулах Ахунџада во изјавата на англиски јазик.
Новата влада ќе воспостави „мир, напредок и траен развој“ во земјата, рече талибанскиот лидер.
Тој ги повика своите сограѓани да не го напуштаат Авганистан и рече дека режимот на талибанците нема проблем со никого, но 120.000 Авганистанци веќе емигрирале во последните недели во страв од талибанска одмазда.
Во долгата порака во која тој посака „силни и здрави врски со соседните држави и сите други држави“, Ахунџада изјави дека неговиот режим „ќе преземе силни и ефективни мерки за заштита на човековите права“.
Сепак, неговите ветувања, особено во врска со правата на жените, едвај досега можат да ги задоволат неистомислениците. Знак за оваа недоверба се протестите организирани деновиве во Кабул од активисти на кои им се придружиле и Авганистанци кои дошле да го осудат насилството на режимот во Паншир.
Во протестот против талибанскиот режим загинале две лица, а осум се ранети со куршуми во Херат, голем град во западен Авганистан, изјави локален лекар за АФП, кој сакал да остане анонимен.
Ова е прв смртоносен исход од протестите што се одржуваат во главниот град Кабул, Херат и Мазар-Шариф (на север) откако исламистите ја презедоа власта.
Стотици луѓе, меѓу кои и многу жени, протестирале попладнево во Херат, извикувајќи „слобода“ и „смрт за Пакистан“, носејќи го зелено-црно-црвеното знаме на поранешната влада, кое Талибанците го заменија со своето бело знаме откако се вратија на власт на 15. август.
Две тела и десет ранети се пренесени во болницата во градот, изјавил лекарот за АФП.
„Сите имаа повреди од куршум“, рече докторот.
Во текот на денот, талибанците пукале во воздух за да ја растераат толпата за време на неколку демонстрации организирани во Кабул.
Во Херат, како и на другите протести, учесниците се спротивставиле на насилството на талибанците во провинцијата Паншир, осудувајќи ја вмешаноста на Пакистан, кој е близок со талибанците во внатрешните работи на Авганистан, особено пакистанските разузнавачки служби.
Три недели по преземањето на власта во Авганистан, талибанците денеска го објавија составот на дел од идната влада со кој ќе претседава Мохамад Хасан Ахунд, еден од основачите на талибанското движење.
Портпаролот на Талибанците, Забихула Муџахид, на прес -конференција во Кабул вети дека владата се уште не е комплетирана и рече дека неговото движење, кое вети „широка“ влада, ќе се обиде да „земе луѓе од други делови на земјата“.
Талибанскиот лидер Хибатулах Ахунџада, исто така, вети образование бидејќи тоа е „меѓу водечките потреби во земјата“ и изјави дека владата ќе работи на тоа.
„Сите странски дипломати, амбасади, конзулати, организации, хуманитарни и инвеститори нема да имаат никакви проблеми во земјата“, рече тој.
Назначен за шеф на талибанците во мај 2016 година, Хибатулах Ахунџада беше досега непознат за пошироката јавност, која повеќе се занимава со правни и верски прашања отколку со воената област.
Објавува само ретки годишни пораки за исламските празници.
По долго молчење за неговиот престој, талибанското движење кон крајот на август објави дека живее во Кандахар „од самиот почеток“ и „наскоро ќе се појави во јавноста“.