Лидерот на индиската опозиција Керџивал ослободен со кауција по апсењето во случајот за поткуп

Лидерот на индиската опозиција Арвинд Керџивал денеска беше ослободен со кауција, откако беше уапсен во март во случај за поткуп, објавија локалните медиуми.

Керџивал, лидерот на Партијата Ам Адми, или Партија на обичните луѓе, беше уапсен во март, неколку недели пред парламентарните избори во Индија, на кои беше еден од предизвикувачите на премиерот Нарендра Моди.

Апсењето на Керџивал наиде на голема осуда од опозициските партии кои тоа го нарекоа политички прогон од Владата на Моди против еден од неговите најжестоки противници на изборите. Минатиот месец му беше одредена привремена кауција за кампањата, пред да се врати во затвор на 2 јуни.

Во март, Керџивал беше уапсен од Федералната управа за спроведување, главната индиска агенција за финансиска истрага. Агенцијата, која е контролирана од Владата на Моди, ја обвини неговата партија и министрите за примање мито од една милијарда рупии (11 милиони евра) од добавувачи на алкохол пред речиси две години.

Тој ги негираше обвинувањата и ги нарече политички заговор. Неговата партија е дел од широкиот сојуз на опозициските партии наречен ИНДИЈА, кој беше главен предизвикувач на Моди за време на изборите, кои завршија претходно овој месец и на кои Моди повторно по трет пат победи. /МИА

Орбан: Договорот за поделба на врвните раководни позиции во ЕУ е срамен

Унгарскиот премиер Виктор Орбан најави дека Унгарија нема да го поддржи договорот за поделбата на врвни раководни позиции постигнат меѓу Европската народна партија, социјалдемократите и либералната група „Да ја обновите Европа“.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан најави дека Унгарија нема да го поддржи договорот за поделбата на врвни раководни позиции постигнат меѓу Европската народна партија, социјалдемократите и либералната група „Да ја обновите Европа“, оценувајќи го како „срамен“.

- Тој не се базира на резултатите од изборите. Ако се базираше на изборите, ќе требаше да биде коалиција меѓу ЕПП, социјалистите и ЕЦР (Европските конзервативци и реформисти) кои се трати. Но, наместо ЕЦР е земена „Да ја обновите Европа“, што е доказ дека ова е партиски договор, срамен договор, истакна Орбан, додавајќи дека Унгарија „не може да го поддржи овој договор“.

Запрашан дали ќе му недостига холандскиот премиер Марк Руте, кому ова му е последен Самит на ЕУ пред преземањето на функцијата генерален секретар на НАТО, Орбан одговори дека „тоа би било претерување“.

Во однос на случувањата во Грузија и критиките од европските лидери пред се во врска со усвојувањето на т.н. Закон за странски агенти, Орбан истакна дека не гледа причина за толкава врева, бидејќи грузиската Влада добро си ја врши работата и економијата на земјата напредува.

Физичка пресметка на повеќе затвореници во КПУ Затвор Идризово – двајца пренесени на Клиники

Физичка пресметка на повеќе затвореници во КПУ Затвор Идризово – двајца пренесени во „Мајка Тереза“ со повреди од остар предмет.

Во текот на вчерашниот ден се случила физичка пресметка помеѓу повеќе затвореници во КПУ Затвор Идризово, при што три лица се здобиле со повреди, од кои двајца биле пренесени во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ од повреди со остар предмет.

Како што информираат од МВР, во затвореното амбулантно одделение во установата бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу повеќе осудени лица.

– На 26.06.2024 во 13.10 часот во СВР Скопје од КПУ Затвор Идризово било пријавено дека околу 10.30 часот во затвореното амбулантно одделение во установата бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу повеќе осудени лица, при што со повреди се здобил Е.М.(26), додека С.Д.(43) и С.М.(29) се здобиле со повреди од остар предмет, по што биле пренесени во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, стои во соопштението на МВР.

Девет повредени во обидот за воен преврат во Боливија

 Девет лица се повредени во спречениот воен удар во Боливија, објави денеска владата.

Боливиската војска вчера го окупираше плоштадот пред владината палата во Ла Паз со оклопни возила и се обиде да ги пробие вратите. Обидот за пуч заврши со апсење на наводниот водач на воениот удар, генерал Хуан Хозе Зунига, јави ДПА.

-Командантите на вооружените сили... не само што шират страв и ужас, туку употребија и огнено оружје против животот, човештвото и интегритетот на боливискиот народ, напиша министерот за внатрешни работи Едуардо Дел Кастиљо на „X“.

Првично не беше јасно дали меѓу повредените има и цивили.

Дел Кастиљо ги опиша уапсените поранешни началници на армијата и морнарицата, Зунига и вицеадмиралот Хуан Арнез Салвадор, како „криминалци“, објави весникот „Ел Дебер“.

Како наводни главни извршители на обидот за воен удар, двајцата мажи се обвинети за вооружен бунт против безбедноста и суверенитетот на земјата.

Се очекува денеска да се соочат со официјални обвиненија и судско рочиште.

Се истражуваа околностите за обидот за воен удар. Првичните извештаи велеа дека тоа можеби е предизвикано од можна обновена претседателска кандидатура на Ево Моралес, кој стана првиот домороден претседател на земјата во 2006 година.

притисни ентер