Лицата со хендикеп бараат пристапност до здравствените објекти, подобра едукација на лекарите и квалитетни ортопедски помагала

 Деведесет и четири проценти од лицата со хендикеп се соочуваат со дискриминација во остварувањето на правото на здравствената заштита и осигурувањето, покажа анализата на Полио Плус-движење против хендикеп.

 Како најголеми препреки за остварување на здравствената заштита се непристапноста до здравствените објекти, нискиот квалитет на едукација на здравствените работници во поглед на работа и комуникација со овие пациенти, како и неквалитетните и несоодветни ортопедски помагала.

Ова денеска го истакна програмскиот раководител на Полио Плус, Елена Кочоска, пред почетокот на јавната дебата на тема „Состојбите и предизвиците во остварувањето на правото на здравствена заштита на лицата со хендикеп". Посочи дека ја организираат дебатата со цел го отворат прашањето за здравствената заштита и лицата со хендикеп согласно Конвенцијата за правата на овие лица, како и да ги согледаат предизвиците кои стојат пред нив.

– Лицата со хендикеп се целосно ограничени поради непристапноста на здравствените објекти и во остварувањето на ова право тие ги пуштаат своите родители што го крати правото на избор и да ја добијат услугата на лице место. Целосната законска регулатива во оваа област треба да биде променета и усогласена со Конвенцијата за правата на лицата со хендикеп, треба да се воведат дополнителни корикулуми и во факултетите, но и во Лекарската комора, лекарите да имаат посебни обуки за работа и комуникација со лицата со хендикеп, а треба да биде направена и промена во правилниците за добивање ортопедски помагала за граѓаните со хендикеп, рече Кочоска.

Нагласи дека овие нивни проблеми постојано ги посочуваат во здравствените институции од каде, како што посочи, им кажале дека поприоритетни се други прашања.

– Основниот пакет на здравствена заштита не можеме да го оствариме, а да не правиме муабет за секундарната и терциерната здравствена заштита, која е целосно недостапна, а треба да биде бесплатна за нас, додаде Кочоска.

Теодор Богоевски, кој е советник во Владата, упати апел до невладините организациите кои се залагаат за унапредување на правата на лицата со хендикеп да се обратат и да укажат на проблемите со кои се соочуваат, имајќи предвид дека имаат партнер во Владата и заедно да работат на надминување на бариерите и подобрување на условите за лицата со хендикеп.

Додаде дека во Министерството за здравство треба да се вклучени лица со инвалидитет кои од внатре ќе работат на проблематиката и ќе ги посочат проблемите со кои се соочуваат овие лица./МИА.

притисни ентер