Ли: Австралија треба да ги остави настрана несогласувањата со Кина

Премиерот на Кина, Ли Кечијанг денеска вети нова двојка џиновски панди за зоолошка градина и ја повика Австралија да ги остави настрана несогласувањата со Пекинг.

Ли доцна синоќа пристигна во главниот град на сојузната држава Западна Австралија, Аделаида. Во Западна Австралија се произведува најголемиот дел од австралиското вино извезено во Кина, откако во март беа укинати царините, поради кои беше прекината трговијата во 2020 година.

Посета на Ли во Австралија е фокусирана на дипломатијата на пандите, обновувањето на трговските и дипломатските врски откако Кина ги рестартираше односите во 2022 година. Билатералните односи помеѓу Пекинг и Канбера беа нарушени за време на деветгодишното владеење на претходната конзервативна австралиска администрација.

Шефицата на австралиската дипломатија, Пени Вонг истакна дека посетата на Ли е резултат на „двегодишната многу фокусирана и трпелива работа на оваа влада за стабилизирање на односите и отстранување на бариерите во трговијата“.

- Ќе соработуваме кога можеме, нема да се согласуваме кога треба и ќе работиме на заштита на нашите национални интереси, посочи Вонг.

Ли синоќа по пристигнувањето во Австралија потенцира оти односите помеѓу Кина и Австралија по период на подеми и падови се вратиле на правиот пат.

- Историјата докажа дека заемното почитување, барањето заеднички јазик и ставањето настрана разликите, како и заемно корисната соработка се вредни искуства во развојот на кинеско-австралиските односи, наведе Ли.

Додека премиерот на Австралија, Ентони Албанез најави дека со Ли ќе разговара за неодамнешните судири меѓу воените сили на двете земји во Јужно Кинеско Море и Жолто Море.

Ли во Австралија допатува од Нов Зеланд, а неговата турнеја низ регионот ќе заврши во Малезија.

Вулканот Етна исфрли лава- столбот од пепел достигна 6.000 метри во височина

Нова ерупција на лава започна вчера наутро од вулканот Етна, а столбот од пепел достигна висина од 6.000 метри и падна на исток, кон местата Ачи Кастело и Виагранде.

Според извештаите, новата ерупција била лансирана од кратерот Вораѓина, како и од работ на кратерот Бока Нова, од каде столбот пепел достигнал 3.000 метри, пренесува Анса.

Многу брзо активноста на вулканот се смирила.

Научниците од Националниот институт за геофизика и вулканологија и опсерваторијата Етна утврдиле дека изворите на потреси се ограничени на областа на кратерот на надморска височина од околу 3.000 метри. Засега не е издадено дополнително предупредување.

Претседателката Сиљановска Давкова се сретна со амбасадорите на земјите од Вишеградската група

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска оствари работна средба со амбасадорите на земјите од Вишеградската група.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска оствари работна средба со амбасадорите на земјите од Вишеградската група, на која присуствуваа амбасадорот на Република Полска, Кшиштоф Гжелчик, на Чешката Република, Јарослав Лудва, на Словачката Република, Хенрик Маркуш и заменик шеф на мисијата во Амбасадата на Унгарија, Кристина Тихањи.

Соговорниците разменија мислења за натамошно продлабочување на пријателските односи и меѓусебната соработка, за процесот на македонската интеграција во Европската Унија, како и за клучните политички и безбедносни предизвици со кои се соочуваат Унијата и европскиот континент.

Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека земјите од Вишеградската група отсекогаш биле гласни поддржувачи на нашиот регион и промотори на политиката на проширување на Европската Унија и се заблагодари за нивната солидарност, помош и споделување на експертските искуства во евроинтегративниот процес.

Во таа насока, таа ја нагласи нагласи важноста од фер третман, соодветно и мериторно вреднување на досегашниот реформски напредок на земјава и исполнувањето на копенхагенските критериуми во процесот на евроинтеграциите.

Претседателката ја истакна подготвеноста на земјава за примена на добрите примери и практики развиени во Вишеградската група и се заблагодари за техничката помош во градење на капацитетите на граѓанското општество.

Соговорниците изразија уверување за натамошно унапредување на севкупните односи базирани на меѓусебно пријателство, разбирање и почит, соопштуваат од претседателскиот Кабинет.

Сајкоски: Македонски Брод со скромниот буџет и посветеност на градоначалникот се развива

Општина Македонски Брод е општина која што е најголема по територија во Република Македонија и опфаќа 51 населено место.

Но, има многу скромен буџет. Благодарение на работата, посветеноста на градоначалникот на општина Македонски Брод, на пратеничката, на службите во Општина Македонски Брод, советниците успева да се реализираат голем број проекти во оваа општина. Иако многу мал буџет, иако скромни средства, во овие неколку месеци се реализирани многу суштински и значајни проекти. Реализирани се проекти на асфалтирање на улиците „Васко Карангелески“, „Кирил и Методиј“, „Поречка“. Исто така во фаза на реализација е проектот за тротоарот на улицата „Маршал Тито“. И улицата „11 Октомври“ исто така се асфалтира.

Меѓутоа морам да нагласам дека во разговор и со градоначалникот и со пратеничката големи планови има за Македонски Брод.

Затоа се инвестира и во образованието, во културата, но значајно е да се спомене дека разговаравме за да може да се отвори плус работно место во оваа општина, на таков начин ќе дадеме надеж до сите граѓани на општина Македонски Брод дека тука треба да живеат, да работат и да опстанат на ова прекрасно место, објави на ФБ, Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник.

притисни ентер