Синер го смени тренерот и рече: „Нема да почнам од почеток, продолжувам да напредувам – по еден процент!“
2Синер го смени тренерот и рече: „Нема да почнам од почеток, продолжувам да напредувам – по еден процент!“
ЗдравјеЛекарска комора: Истакнати три приоритетни реформи на средба со министерот Таравари„Сметаме дека е исклучително важно да се направи поедноставување на процедурите за водењето на медицинската документација на сите нивоа. Електронско водење на целокупната медицинска документација, запазување на начинот на упатување на пациентите во здравствениот систем и инклузивен процес за проширувањето на Позитивната листа на лекови се приоритетните реформи што Лекарската комора ги истакна на првата средба со новиот министер за здравство д-р Арбен Таравари, што се одржа денес во просториите на Комората. „Сметаме дека е исклучително важно да се направи поедноставување на процедурите за водењето на медицинската документација на сите нивоа. Тоа лесно може да се примени со системот на електронско здравство што веќе го имаме. Во таа насока истакнуваме барање за укинување на хартиениот картон, односно матичните лекари да водат само електронски картон, како и укинување на праксата да се печатат упатите, специјалистичките мислења и другите документи што ги креираме во „Мој термин“ при прегледот на пациентот. Сега се случува без реална потреба да печатиме и по пет документи за еден пациент, што веќе ги има во „Мој термин“. Со оваа реформа лекарите ќе се ослободат од непотребната административна работа и повеќе време ќе посветат на пациентите кои се нивниот најважен фокус“, истакна проф. д-р Калина Гривчева Старделова, претседателка на Лекарска комора. На средбата претставници на органите и телата на Комората појаснија и дека сериозно мора да се пристапи кон примена и запазување на патеките за движење на пациентите низ здравствениот систем. Во таа насока e неопходно дијагностичките процедури и постапките за лекување што може да се направат на примарно или на секундарно ниво, да се завршуваат таму и пациентите да не се препраќаат на терцијарно ниво. Доколку се воспостави таков механизам во пракса ќе се избегне ситуација како сега, кога докторите на клиниките се преоптоварени со пациенти, а тие во локалните болници немаат доволно работа, што може негативно да се одрази на квалитетот на работа и на едните и на другите. Во однос на Позитивната листа на лекови беше истакнат став дека во процесот на нејзино проширување повеќе треба да бидат вклучени лекарите преку стручните здруженија бидејќи тие се најстручни за да кажат кои лекови се најпотребни за лекување на пациентите. Исто така, важно е овој процес да биде инклузивен и за пациентите, преку нивните здруженија за и тие да се информирани навреме за одлуките што се носат и да имаат можност да ги претстават своите видувања. На средбата исто така се дискутираше и за други теми од секојдневната докторска пракса, меѓу кои и вработувањето на специјализантите и задржување на младите доктори во земјава, што е многу важно за надоместување на кадарот кој си заминува од јавното здравство. Претставниците на Комората истакнаа дека специјализациите треба да се доделуваат согласно систематизациите на здравствени установи и реалните потреби што постојат, бидејќи така се штити здравствениот систем и се гарантира достапност на здравствените услуги. Треба да се обезбеди и рамномерно распределување на расположливиот кадар на територијата на целата држава, а целиот процес треба да се гледа низ призмата на општествениот интерес. Беше истакната и потребата за поедноставување на процедурите за вработување на лекари, за поставување на телемедицината на стабилен основ како и за неопходноста од воведување на електронски интергиран здравствен систем. Лекарската комора, како и другите медицински комори, Фармацевтската и Стоматолошката, чии претставници исто така присуствуваа на средбата како професионални организации во кои членуваат докторите на медицина, стоматолози и фармацевти, истакнаа заеднички став дека како и досега остануваат посветени на соработката со Министерството за здравство како креатор на здравствените политики. Коморите се подготвени, во процесите на реформи посветено да партиципираат и со своето стручно познавање и искуство да придонесат кон креирање на одржливи решенија што ќе придонесат за унапредување на здравствениот систем во интерес на здравствените работници и пациентите. На предлог на министерот Таравари се договори и редовна динамика на средби, како и активно вклучување на коморите во телата што ќе ги водат реформските процеси. Лекарска комора на Република МакедонијаКрадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter
СветРусија собра 47 бомбардери способни за носење нуклеарно оружје во една базаРусија собра дури 47 стратешки бомбардери, способни за носење нуклеарно оружје, во една воздухопловна база на Далечниот Исток.Според податоците од проектот „АвиВектор“, кој го следи движењето на воените авиони, ова ги опфаќа речиси сите бомбардери од типот „Ту-160“ и „Ту-95МС“ со кои моментално располага руската војска. Во воздухопловната база „Украинка“, лоцирана во руската Амурска област, моментално се наоѓаат 10 бомбардери „Ту-160“ и 37 бомбардери „Ту-95МС“. Украинскиот воен портал „Дифенс експрес“ наведува дека ова би можело да претставува најголема концентрација на руска стратешка авијација на едно место, откако во февруари 2022 година започна инвазијата врз Украина. Девет бомбардери преместени за неколку дена Според „АвиВектор“, на почетокот на ноември Русија префрлила осум бомбардери „Ту-95МС“ и еден бомбардер „Ту-160“ во базата „Украинка“. Овие летала претходно биле стационирани во воздухопловните бази „Енгелс“ и „Олења“ – објекти што руската војска ги користи за изведување напади врз Украина. Аналитичарите од „Дифенс експрес“ сметаат дека е можно овие девет бомбардери да учествувале во голем руски ракетен напад врз Украина во текот на ноќта на 3 ноември, пред да бидат преместени на Далечниот Исток. Податоците објавени од „АвиВектор“ на 7 ноември покажуваат дека, по овие преместувања, во базата „Олења“ останал само еден авион „Ту-95МС“. Зошто Русија ги преместува своите бомбардери толку далеку? Една можна причина за преместувањето е заштита на вредните летала од украински напади со беспилотни летала. Во текот на војната, руските воздухопловни бази постојано биле цел на вакви напади, при што базата „Енгелс“ во Саратовската област била особено изложена. Базата „Украинка“ се наоѓа на повеќе од 6.000 километри од украинската граница, што значително ги отежнува евентуалните напади врз леталата стационирани таму. Според „Дифенс експрес“, руските бомбардери во „Украинка“ се паркирани на отворено, без соодветни заштитни хангари. Аналитичарите сметаат дека руската команда се потпира на големата оддалеченост на базата од Украина. Русија сè уште нема завршено со изградбата на заштитни хангари. Претходно, Русија започна со изградба на заштитни хангари за стратешки бомбардери во базата „Енгелс“, која се наоѓа многу поблиску до Украина. Било планирано да се изградат до 20 вакви хангари. Сепак, сателитските снимки од октомври покажуваат дека за некои од објектите биле поставени само рамки. „Дифенс експрес “ сугерира дека, како резултат на тоа, Русија можеби одлучила да премести голем дел од својата флота бомбардери во оддалечена база, наместо да ги задржи во „Енгелс“ без соодветна заштита. Сепак, ова преместување го отежнува изведувањето на напади врз Украина, бидејќи авионите сега мора да поминуваат значително поголеми растојанија. Базата „Украинка“ се наоѓа на приближно 5.400 километри од „Енгелс“. Што претставуваат бомбардерите „Ту-160“ и „Ту-95МС“? „Ту-160“ е еден од најголемите и најбрзите стратешки бомбардери во светот. Тој може да носи крстосувачки ракети опремени со конвенционални или нуклеарни боеви глави. „Ту-95МС“ е постар турбоелисен бомбардер, кој Русија исто така го користи за лансирање крстосувачки ракети со долг дострел. Двата типа авиони се клучна компонента на руската стратешка авијација. Иако се способни да носат нуклеарно оружје, Русија ги користи и за време на војната за изведување напади врз украински цели со употреба на конвенционални ракети. Нема потврда за подготовки за нуклеарен напад Извештаите за концентрацијата на бомбардери не значат дека Русија подготвува нуклеарен напад. Засега, експертите ова преместување го припишуваат првенствено на заштитата на авионите и на прилагодувањата во нивното распоредување. Понатаму, не постои независна официјална потврда за точниот број на авиони во воздухопловната база „Украинка“. Овие бројки се засноваат на следење на движењата на руските бомбардери и анализа на јавно достапни информации. Според проценките објавени од „Дифенс експрес“ во август, Русија во тоа време располагала со 13 оперативни бомбардери „Ту-160“ и 38 бомбардери „Ту-95МС“. Доколку најновите податоци се точни, речиси целата оперативна флота од овие два типа авиони моментално се наоѓа во воздухопловната база „Украинка“. Извор: Индекс.хрТагови: русија Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter
МетеоУтре променливо облачно време со температура до 21 степен, заладување од сабота Времето утре ќе биде променливо облачно и релативно топло, информираат од УХМР.МАКСИМАЛНА ТЕМПЕРАТУРА (во оС) 11 Попова Шапка, 12 Крива Паланка, Тетово, Лазарополе, 14 Виница, Крушево, 15 Скопје-Зајчев Рид, Маврови Анови, 16 Скопје-Петровец, Велес, Демир Капија, Струмица, Гевгелија, 17 Штип, Берово, Претор, Кавадарци, 18 Охрид, Битола, 19 Прилеп. КОЛИЧИНА НА ВРНЕЖИ за изминатите 9 часа до 16 часот во (l/m2) 2 Лазарополе, 1 Крива Паланка, Охрид, Маврови Анови, Попова Шапка. ВРЕМЕТО ДЕНЕСКА И ДО КРАЈОТ НА ДЕНОТ Времето денеска беше променливо облачно со сончеви периоди. Во утринските часови по одделни котлини имаше појава на слаба магла. Во западните и северните делови имаше повремен слаб дожд. Дуваше слаб до умерен ветер од јужен правец. До крајот на денот ќе се задржи променливо облачно со услови за слаб локален дожд во крајните западни региони. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. ВРЕМЕТО УТРЕ Променливо облачно и релативно топло. По одделни котлини ќе има појава на утринска магла. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 17 до 21 степен. Во Скопје, претежно облачно, во делови од котлината ќе има појава на утринска магла. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 17 степени. ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ Следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со слаб до умерен интензитет. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Во петок ќе преовладува релативно топло време со температури кои ќе бидат значително над просекот за овој период од годината и ќе дува засилен до силен ветер од јужен правец (наместа со брзина над 80 km/h). Од сабота поради продор на постудена воздушна маса од север температурите ќе бидат во опаѓање.Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter
МакедонијаСиљановска-Давкова на COP31: Климатската амбиција мора да се претвори во конкретно дејствувањеПретседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска се обрати на Самитот за климатски промени (COP31) во Анталија.Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска се обрати на Самитот за климатски промени (COP31) во Анталија, каде што ги потврди македонските заложби за климатска акција и ја нагласи потребата од праведна транзиција кон чиста енергија. Таа укажа дека со третиот Национално утврден придонес(NDC 3.0), државата се обврзува да ги намали нето емисиите на стакленички гасови за најмалку 80% до 2035 година, со цел постигнување климатска неутралност до 2050 година. Амбициите се преточуваат во политики преку претстојниот Закон за климатска акција, ажурираниот Национален план за енергетика и клима и Патоказот за праведна транзиција, усогласени со Реформската агенда на ЕУ и Националната развојна стратегија 2024–2044. За Сиљановска-Давкова енергетската транзиција мора да биде праведна и прифатлива, без дополнително оптоварување на семејствата погодени од енергетската сиромаштија и загадувањето. Притоа, посебно внимание треба да се посвети на жените, децата и младите. Претседателката посочи дека за остварување на климатските цели неопходно е предвидливо меѓународно финансирање, достапен капитал, технологија, градење капацитети и силни партнерства. Според Сиљановска-Давкова, за климатските амбиции да странат остварливи, солидарноста треба да се потврди преку конкретни инвестиции, коишто ќе им овозможат на државите подготвеност за дејствување. „Да си заминеме од Анталија откако амбицијата ќе ја претворивме во имплементација, а солидарноста во вистинска инвестиција. Нашите деца заслужуваат безбеден, здрав свет и шанса не само да преживеат, туку и да напредуваат“, порача претседателката на лидерскиот самит. Во продолжение е интегралното обраќање на претседателката Сиљановска-Давкова: Почитуван претседател, екселенции, дами и господа, Дозволете ми да им се заблагодарам на Република Турција и на претседателот Ердоган за организирањето на овој самит посветен на климатските промени. Десет години откако мојата земја го потпиша Парискиот договор, остануваме убедени дека климатската криза не се сведува само на управување со емисиите. Станува збор за светот што ќе им го оставиме на идните генерации. Ние сме првата генерација којашто целосно ги разбира последиците од своите избори, а можеби и последната којашто има време да го промени правецот. Идните генерации ќе живеат со последиците од нашите одлуки. Оттука, доаѓаме на COP31 со јасно чувство за одговорност. Ние сме мала земја без излез на море, лоцирана во поширокиот медитерански регион – еден од регионите што се најизложени на климатските промени. Сепак, подготвени сме да преземеме товар поголем од нашиот сопствен удел. Водени од убедувањето дека климата е заедничко добро на човештвото, климатските активности ги поставив не само како личен, туку и како политички приоритет. Ова убедување ме поттикна да иницирам национален дијалог во македонското општество, обединувајќи експерти, креатори на политики и практичари за заедничко обликување на нашата климатска агенда. Оваа колективна заложба е делумно одразена во нашиот трет Национално утврден придонес (NDC 3.0),каде е поставена амбициозна цел: намалување на нето-емисиите на стакленички гасови за најмалку 80% до 2035 година, со очекување да се искачи и до 82% со меѓународна финансиска поддршка. Ова нè става на кредибилен пат кон климатска неутралност до 2050 година, што ќе претставува и правно обврзувачка цел. Амбициите ги преточуваме во политики преку претстојниот Закон за климатски акции, ажурираниот Национален план за енергетика и клима и Патоказот за праведна транзиција, коишто се усогласени со Реформската агенда на ЕУ и Националната развојна стратегија 2024–2044. Овие напори се исто така составен дел од нашиот европски пат, приближувајќи ги нашите политики во областите на климата, енергетиката и животната средина до највисоките европски стандарди. Сепак, не можеме да ја заштитиме иднината на сметка на оние коишто се соочуваат со тешкотии денес. Мораме да преминеме од јаглен на чиста обновлива енергија без да го зголемиме товарот на македонските семејства коишто веќе се соочуваат со енергетска сиромаштија, несоодветно греење и загаден воздух. Вооружените конфликти и тешката енергетска криза ја прават и онака тешката транзиција уште попредизвикувачка. Таа мора да биде фер и достапна, со посебно внимание на жените, децата и младите. Транзицијата којашто ги остава луѓето зад себе, ја поништува својата цел. Оттука, ја поддржуваме Глобалната заложба за електрификација 35 на 35, Договорот од Анталија за енергетски ефикасни згради, Договорот од Анталија за зелена индустријализација и Рио Синергиите. Сепак, мојата земја не може сама да ја финансира оваа трансформација. Извештајот на Светската банка за клима и развој на земјата ги идентификува инвестициските потреби од милијарди долари за декарбонизација и адаптација. Нашата амбиција мора да биде усогласена со предвидливо меѓународно финансирање, достапен капитал, технологија, градење капацитети и силни партнерства. Солидарноста мора да се мери не само со зборови, туку и со инвестиции што им овозможуваат на земјите подготвени да дејствуваат. Ова не е повик да ја намалиме нашата амбиција, туку истата да ја направиме остварлива. Кога ќе се пишува историјата на оваа деценија, да не се каже дека ја согледавме опасноста, ги разбравме последиците, а сепак немавме храброст да дејствуваме. Да си заминеме од Анталија откако амбицијата ќе ја претворивме во имплементација, а солидарноста во вистинска инвестиција. Нашите деца заслужуваат безбеден, здрав свет и шанса не само да преживеат, туку и да напредуваат.Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Најважни вестиЛукаревска до Славески: Го урнисавте банкарскиот сектор, поднесете си оставка 15:16Случајот „АЛТА банка“ денеска на надзорна расправа пред матичната собраниска комисија11:21Собранието го усвои амандманот со кој се брише членот 13 од измените на Законот за јавните набавки08:34„Безбеден град“ се шири во Струмица, Штип и во Битола, МВР најавува мобилни камери на улиците15:08Учество на претседателката Сиљановска-Давкова на 9. Париски мировен форум08:35
Собранието го усвои амандманот со кој се брише членот 13 од измените на Законот за јавните набавки08:34