ЛДП: Владата да се огради – нема место за глорификација на осудени за геноцид - Канал 5

ЛДП: Владата да се огради – нема место за глорификација на осудени за геноцид

Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро ја осудува секоја форма на величење и глорификација на Ратко Младиќ – правосилно осуден на доживотен затвор за геноцид во Сребреница, злосторства против човештвото и воени злосторства.

ЛДП: Владата да се огради – нема место за глорификација на осудени за геноцид

Ова не е прашање на политички став, национална припадност или различно толкување на историјата. За геноцидот нема „друга страна на приказната“ кога фактите се утврдени со правосилни пресуди на меѓународните судови.

Особено е недозволиво ваквата глорификација да биде поврзана со носители на високи државни функции.

Затоа бараме Владата веднаш, јавно и недвосмислено да се огради од постапувањето на министерот за локална самоуправа и директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците и да утврди политичка одговорност. Не може Македонија пред Брисел да се повикува на европски вредности, а дома Владата да молчи кога нејзини функционери учествуваат во величење на лице осудено за геноцид.

Ова прашање не завршува со политичката одговорност. Мора да се испита и евентуалната кривична одговорност. Кривичниот законик, во член 407-а, го санкционира јавното негирање, грубо минимизирање, одобрување или оправдување на геноцид, злосторства против човечноста и воени злосторства преку информационен систем, за што е предвидена и казна затвор.

Затоа бараме Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство, во рамките на своите надлежности, по службена должност да ги испитаат сите објави, изјави и дејствија поврзани со овој случај и, доколку се исполнети законските елементи, Кривичниот законик да биде применет без исклучок. Државната функција не смее да биде штит од законот.

ЛДП бара и сеопфатна законска рамка со која јасно ќе се забрани јавното величење, афирмирање и промовирање на лица правосилно осудени за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства, како и промоцијата на фашистички, нацистички и други тоталитарни и насилни идеологии што поттикнуваат омраза и нетрпеливост.

Таквата забрана мора да важи и при именување и регистрација на здруженија, фондации, клубови, организации, јавни установи, улици, плоштади, манифестации и други јавни обележја, за тие да не можат да носат имиња или симболи со кои се величаат вакви личности, идеологии или злосторства.

Истовремено, образовниот систем мора да биде јасна линија на одбрана од историскиот ревизионизам. Геноцидот, злосторствата против човештвото и воените злосторства мора да се изучуваат врз основа на историски и правосилно утврдени судски факти – без релативизирање, негирање или претставување на осудени воени злосторници како херои.

Европска држава не се гради со европски пароли, туку со европски вредности. Почитувањето на жртвите и осудата на геноцидот се црвена линија. Нема молк кога се величаат осудени за геноцид. Нема релативизација на злосторствата. И нема државна функција над законот и без политичка одговорност.

Либерално-демократска партија

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Русија се огласи за белодробната чума- целиот свет во очекување

Рускиот здравствен надзорник Роспотребнадзор денеска изјави дека извештаите за нови случаи се неточни.

Русија се огласи за белодробната чума- целиот свет во очекување

Рускиот здравствен надзорник Роспотребнадзор денеска изјави дека извештаите за нови случаи се неточни откако лабораториски работник во Иркутскиот истражувачки институт за борба против чума почина под нејасни околности од сомнителна пневмонична чума.

Агенцијата соопшти дека на социјалните мрежи циркулирале дезинформации за наводниот нов случај, објави новинската агенција Интерфакс.

Во соопштението се вели дека санитарната и епидемиолошката состојба во регионот Иркутск е стабилна.

Државниот секретар на САД, Марко Рубио, на 6 октомври ја повика Русија да обезбеди повеќе информации за инфекцијата откриена во регионот Иркутск.

„Ја повикуваме Русија да биде транспарентна и да му обезбеди на светот повеќе информации за да може секој да одговори соодветно“, им рече Рубио на новинарите.

Неименуван функционер на Стејт департментот за Си-Ен-Ен изјави дека американските власти се во контакт со руската влада од минатиот петок и дека здравствените експерти од Стејт департментот разговарале со руското Министерство за надворешни работи.

„Вашингтон пост“ во среда, 7 октомври, цитирајќи информирани извори, објави дека Соединетите Американски Држави планираат да испратат официјална дипломатска нота до Русија барајќи дополнителни информации за инфекцијата откриена во регионот Иркутск.

Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, изјави дека Кремљ нема информации за дипломатската нота испратена од амбасадата на САД до руските власти во врска со епидемиолошката состојба во регионот Иркутск.

Лабораториски работник во Истражувачкиот институт за борба против чума во Иркутск, во југоисточен Сибир, почина на 2 октомври под сè уште нејасни околности, а причината за смртта е наведена како „пневмонија со непозната етиологија“.

Дарија Шипилова (28), која работеше во истражувачкиот институт, скрши епрувета што го содржеше патогенот на пневмонична чума на 25 септември, објавија претходно локалните медиуми.

Потоа Шипилова беше примена во болница на 29 септември со симптоми на тешка пневмонија и почина во ноќта помеѓу 1 и 2 октомври.

Руските власти соопштија дека не пронашле докази дека нејзината болест е предизвикана од некој од патогените со кои работела и нагласија дека ситуацијата е под контрола.

Болницата каде што била лекувана работничката е ставена во карантин, додека околу 200 лица кои биле во контакт со неа се под строг медицински надзор.

Мајката на 28-годишната руска лабораториска техничарка Дарја Шипилова, која почина под сè уште необјаснети околности откако работеше во институт за истражување на чума, проговори за смртта на нејзината ќерка и ги обвини лекарите дека не направиле доволно за да ја спасат.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Осуден е швајцарскиот фудбалер Гранит Џака

Фудбалерот Гранит Џака е казнет со условна парична казна од 150.000 швајцарски франци поради случај поврзан со фалсификувана потврда за ковид. 

Осуден е швајцарскиот фудбалер Гранит Џака

Оваа пресуда на швајцарското обвинителство во Луцерн ја обелодени самиот капитен на репрезентацијата, нагласувајќи дека целосно го прифаќа исходот од правниот процес.

Санкцијата се формулира преку 50 дневни тарифи во износ од по 3.000 франци, со рок на верификација од 24 месеци. Доколку во тој период не го прекрши законот, финансиската обврска нема да се активира, додека судските трошоци се веќе подмирени. По завршувањето на овој случај, играчот се огласи преку социјалните мрежи:

- Пред неколку недели лично се огласив овде и кажав дека ја преземам одговорноста за мојата одлука. Јас стојам на тоа. Откако дадов целосен исказ во јавното обвинителство, обвинителот сега донесе одлука. Бев осуден на условна парична казна од 50 дневни износи од по 3.000 швајцарски франци, со условна казна од две години. Тоа значи дека казната нема да се изврши доколку во тој период не сторам ново кривично дело. Јас веќе ги платив трошоците за постапката. Ја прифаќам одлуката и преземам одговорност. Ви благодариме за многуте пораки за поддршка во изминатите неколку недели. Многу ми значат - изјави фудбалерот.

За потсетување, оваа афера до медиумите стигна во средината на септември кога весникот „Блик“ ја објави веста за покренување на истрагата. Неколку дена подоцна, спортистот призна дека во текот на 2022 година добил неправилна потврда, оправдувајќи ја со моменти на страв и сомнеж во врска со имунизацијата.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Муцунски се сретна со бугарската шефица на дипломатијата, Петрова-Чамова, коридорот VIII во фокусот

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари билатерална средба со министерката за надворешни работи на Република Бугарија, Велислава Петрова-Чамова.

Муцунски се сретна со бугарската шефица на дипломатијата, Петрова-Чамова, коридорот VIII во фокусот

На маргините на Меѓународната конференција за Коридорот VIII, што денеска се одржа во Софија, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари билатерална средба со министерката за надворешни работи на Република Бугарија, Велислава Петрова-Чамова.

Министерот Муцунски ја оцени средбата како конструктивна и одржана во позитивен дух, притоа нагласувајќи дека позициите на двете страни и натаму остануваат значително оддалечени.

Во однос на европската интеграција, Муцунски посочи дека меѓу двете страни постои висок степен на недоверба, која, од наша перспектива, е поврзана со предвидливоста на процесот и со досегашното искуство со билатералните барања.

„Нашите позиции се апсолутно јасни. Стратешки интерес и на Бугарија е ние да се движиме напред по европскиот пат. Но, ние сме земја која низ годините постојано се соочувала со билатерални барања. Кога ќе се затворело едно билатерално прашање, потоа се отворало ново“, истакна Муцунски.

На средбата беше разговарано и за продолжување на дијалогот меѓу двете држави во периодот што следи, при што беше потврдена подготвеноста комуникацијата да продолжи и покрај постојните разлики во позициите.

Министерот нагласи дека прашањата поврзани со идентитетот, историјата и културата не смеат да претставуваат пречка на европскиот пат. Тој истакна дека без дијалог не може да се дојде до решение, но и дека самиот дијалог не е гаранција за надминување на разликите, соопштуваат од МНРиНТ.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер