Лазаров: Уште немам почувствувано дека завршив со кариерата - Канал 5

Лазаров: Уште немам почувствувано дека завршив со кариерата

На почетокот на месецов, ракометна Европа се крена на нозе за да му го даде последниот аплауз на неповторливиот Кире Лазаров, како активен играч. 

Лазаров: Уште немам почувствувано дека завршив со кариерата

Со полни 42 години ја заврши својата играчка кариера, која траеше две и пол децении, но сè уште ќе биде присутен, сега покрај теренот, влечејќи го и понатаму македонскиот ракомет каде што припаѓа – во европската елита. Како наш бренд амбасадор, Видеолотарија Касинос Австрија секогаш го следи во сите негови подвизи и се радува со сите негови успеси, така ќе остане и сега, откако го соблече дресот за последен пат.

Откако го одигра прошталниот натпревар со својот Нант, Кире немаше многу време за одмор, бидејќи веднаш почнаа обврските со македонската репрезентација. Вели дека емоциите од спектакуларното испраќање кое му го приредија во Франција и воопшто од крајот на кариерата како ракометар, допрва ќе проработат.

„Сè уште немам почувствувано дека завршив со мојата играчка кариера. Можеби затоа што веднаш продолжив со работа со нашата медитеранска селекција, па немаше време вистински да спласнат емоциите. Мислам дека тоа ќе се случи некаде на почетокот на август, кога сите тимови ќе почнат со подготовките за новата сезона, а јас нема да треба да се појавам никаде како играч“, вели Лазаров.

Тој и досега, кога имаше двојна функција, одлично се адаптира на тренерската работа, а сега со целосна посвета како селектор – небото е граница. Можеби ќе му недостига адреналинот кој го носат случувањата внатре на теренот, но тоа ќе му даде повеќе време за подготовка на натпреварите.

„Ќе имам многу повеќе време и концентрација да се посветам на тренерската работа. Не беше воопшто лесно да се има двојна улога и големи очекувања од најдобриот национален тим од осамостојувањето на нашата држава. За наша среќа, тоа беше успешна приказна каде што успеавме да обезбедиме учества на големи натпреварувања, ЕП во Унгарија/Словачка и СП во Шведска/Полска. Полека и безболно правиме комплетно нова генерација. Очекувам пласман на следното ЕП во Германија во 2024 година. Иако имаше големи сомнежи дека македонската национална селекција нема да биде присутна на големите собири, со посветена и квалитетна работа не дозволивме тоа да се случи“, поентира нашиот селектор.

Веќе течат тренинзите за следниот предизвик на Македонија, Медитеранските игри во Оран, Алжир, од 25 јуни до 5 јули. Лазаров ќе поведе една подмладена и комбинирана селекција, но и во таков состав Македонија ќе се надигрува во група со Шпанија, Турција, Грција и со Алжир и ќе покаже дека нашата ракометна иднина е светла.

„Одиме со подмладена репрезентација, во која просекот ќе биде некаде околу 20-21 година. Ќе биде одлична шанса за квалитетни натпревари, преку кои ќе се обидеме да добиеме играчи за А-тимот, на кој му претстојат квалификации а ЕП 2024 во Германија и СП во јануари 2023. Голем дел од репрезентациите присутни на Медитеранските игри доаѓаат со комплетни состави, така што ќе имаме вистинска можност да ги видиме квалитетите на вакви натпревари на нашите млади момчиња. Во секој случај, значаен настан, со цел создавање млади играчи, кои ќе бидат иднината на македонскиот ракомет“, истакна Лазаров.

Натпреварите почнуваат на 28 јуни, против Грција, а Видеолотарија Касинос Австрија им посакува одличен настап на нашите ракометари.

#ИграјЗаЗабава #ИграјОдговорно

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Прекин во работата на „Revolut“

„Revolut“, една од најпознатите дигитални банки, денес се соочува со сериозни технички проблеми, поради што корисниците во бројни земји имаат потешкотии при пристапот до своите сметки или при вршењето трансакции.

Прекин во работата на „Revolut“

Пријавени се проблеми со отворањето на апликацијата, најавувањето на корисничките сметки и плаќањето со картички.

Од „Revolut“ потврдија дека постои прекин кој влијае на неколку нивни услуги и наведоа дека нивните инженери работат на решавање на проблемите. Причината за проблемот сè уште не е официјално потврдена, а нема ниту проценка за тоа кога сите услуги ќе се вратат во нормално функционирање.

„Revolut“: Средствата и податоците на корисниците се безбедни

„Моментално се соочуваме со прекин кој влијае на неколку услуги. Можеме да потврдиме дека средствата и податоците на сите наши корисници се безбедни. Работиме на решавање на проблемот уште од моментот кога беше откриен утрово и им се извинуваме на сите погодени корисници за предизвиканите непријатности“, објавија од „Revolut“ на социјалната мрежа „X“.

Корисниците пријавуваат дека при обид за најавување во апликацијата добиваат порака за грешка со насока да се обидат повторно подоцна. Некои корисници наведоа дека нивните картички биле одбиени при плаќање во продавници, иако на сметките имале доволно средства.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Неочекуван потег на Венс: Одбива да му даде поддршка на кандидатот претпочитан од Трамп

Американскиот потпретседател Џ. Д. Венс во понеделникот одби да каже дали го поддржува реизборот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, иако претседателот Доналд Трамп неодамна јавно му даде поддршка на израелскиот лидер.

Неочекуван потег на Венс: Одбива да му даде поддршка на кандидатот претпочитан од Трамп

„Јас ги поддржувам американските кандидати, а во моментов сум фокусиран на изборите во средината на мандатот. Нема да се мешам во израелските избори“, изјави Венс во интервју за новинарот Марк Халперин, додека се наоѓаше во авионот „Ер форс ту“ .

Сепак, претходно оваа година, Венс отпатува во Будимпешта за да му даде поддршка на Виктор Орбан – кого исто така го поддржа Трамп – пред изборите во Унгарија. Долгогодишниот унгарски премиер ги загуби тие избори.

Венс изјави дека не е ниту „за“ ниту „против“ давањето поддршка за Нетанјаху.

„Не сум против тоа да го поддржам. Но, не сум ниту ’за‘. Нема да се мешам во израелските избори“, изјави Венс.

И Трамп претходно избегнуваше да му даде поддршка на Нетанјаху.

„Веќе не се мешам во израелската политика“, изјави Трамп за списанието „Тајм“ претходно овој месец.

Сепак, во саботата, Трамп отворено го поддржа Нетанјаху, нарекувајќи го „премиер-голем воин“ во објава на социјалните мрежи.

Очигледното дистанцирање на Венс од Трамп – кое се манифестира преку неговото одбивање да го поддржи израелскиот премиер – доаѓа само неколку дена пред изборите во Израел. Во меѓувреме, американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет пристигна во земјата во ненајавена посета, според два извори запознаени со ситуацијата и еден американски функционер.

Во понеделникот вечерта, Хегсет се сретна со Нетанјаху и со израелскиот министер за одбрана Израел Кац, што го потврдија еден израелски извор запознаен со деталите од средбата, како и уште еден извор запознаен со разговорите.

Извор: Б92

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Германија има милијарди, но нема кој да работи

Германија планира големи инвестиции во инфраструктурата, одбраната и дигитализацијата.

Германија има милијарди, но нема кој да работи

Сепак, студија на Германскиот институт за економија предупредува дека веќе постои недостиг од околу 148.000 квалификувани работници потребни за реализација на овие проекти, пренесува „Дојче веле“.

Германија располага со огромна сума од половина трилион евра во посебен фонд за модернизација на инфраструктурата, но недостигот на квалификувана работна сила го попречува трошењето на овие средства.

Парите сами по себе не се доволни, се наведува во студијата на Германскиот институт за економија (IW) со седиште во Келн, објавена во понеделникот, 19 октомври.

Недостигот е најизразен во техничките професии

„Успехот на овие проекти во голема мера зависи од тоа дали ќе има доволно квалификувани стручњаци за нивно планирање, изградба и управување“, се вели во извештајот.

Токму тука се појавуваат неизвесности, особено во однос на занимањата во областите на инфраструктурата, енергетската транзиција и дигитализацијата.

„Ако занимањата што се преклопуваат се бројат само еднаш, во периодот од јули 2025 до јуни 2026 година постои просечен недостиг од 148.047 квалификувани работници, кои се потребни за спроведување на инвестициската програма. Овие три групи на занимања сочинуваат 44 отсто од вкупниот недостиг на квалификувана работна сила.“

Особено голема е побарувачката за електричари, машински техничари и монтери

Според истражувачите од Келн, најголем недостиг има во техничките професии.

„Тука спаѓаат електричните инсталации во градежништвото, санитарните системи, греењето и климатизацијата, електротехниката за индустриски објекти, како и машинството и одржувањето на постројки.“

Авторите на студијата истакнуваат дека постои особено акутен недостиг на работници со стручни квалификации. Тие предвидуваат дека огромните инвестиции дополнително ќе го влошат недостигот на работна сила, бидејќи потребните кадри нема едноставно да се појават сами од себе, освен ако државата не преземе соодветни мерки.

Германија очекува економски раст поттикнат од државни инвестиции

Владата – заедно со водечките економисти и Меѓународниот монетарен фонд – неодамна значително ги зголеми своите прогнози за растот на германската економија. Ова се должи на зајакнувањето на извозот, но првенствено на обемните државни инвестиции во инфраструктурата и одбраната, кои во текот на наредните години ќе достигнат вкупна вредност од еден трилион евра.

Се предвидува дека БДП ќе порасне за 1,3 отсто оваа година и за 1,1 отсто во 2027 година. До 2028 година, се очекува растот да забави на 0,6 отсто.

Стареењето на населението дополнително го усложнува проблемот

Недостигот на работна сила е последица на стареењето на населението и недостигот од помлади генерации – јаз што може само делумно да се надомести преку имиграција. Германскиот институт за економија (IW) го смета ова за еден од најзначајните структурни предизвици за Германија.

„На краток рок, непополнетите работни места значат изгубено создавање вредност, на долг рок, тие доведуваат до послаб иновациски потенцијал и побавен економски раст“, ​​се наведува во анализата. Минатата година, 54.000 места за стручна обука во различни професии останаа непополнети, додека речиси 40.000 кандидати не успеаја да обезбедат место за обука во областа што ја посакуваа.

Приватниот сектор заостанува со инвестициите

„Сосема е соодветно државата да го надомести недостигот од инвестиции“, вели Михаел Гремлинг, раководител на одделот за истражување на економските трендови при Германскиот институт за економија (IW). „Сепак, јавната потрошувачка не може да ги замени приватните инвестиции кои се неопходни за одржлив раст.“

Според него, владиниот самит за инвестиции – кој започна во понеделникот – претставува чекор во вистинската насока, бидејќи има за цел да привлече приватен капитал во Германија. Според друго истражување на „IW“, подготвеноста на приватниот сектор за инвестирање е слаба во последните години.

Истражувањето покажува дека, од почетокот на 2020 година, германската економија се соочува со недостиг од инвестиции во вредност од стотици милијарди евра, предизвикан од пандемијата на коронавирусот, војната во Украина и конфликтите на Блискиот Исток.

Германија се соочува со инвестициски јаз од 420 милијарди евра

Компаниите инвестирале приближно 470 милијарди евра помалку отколку што би можело да се очекува врз основа на долгорочните трендови. За разлика од нив, државата инвестирала околу 50 милијарди евра повеќе. Сè на сè, ова резултира со проценет недостиг на инвестиции од околу 420 милијарди евра. Во вториот квартал од оваа година, приватните инвестиции останаа за повеќе од десет отсто под годишниот просек забележан во 2019 година. Јавните инвестиции, пак, беа за околу 20 отсто поголеми отколку тогаш.

Извор: Индекс.хр

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер