Лабиб: ЕУ не банкомат...

ЕУ не банкомат, туку Унија на вредности кои мора да ги почитуваат оние што сакаат да и се приклучат 

Европската Унија не банкомат или организација за трансакции на пари, туку пред се е Унија базирана на основните вредности, како што се демократијата и владеењето на правото, кои мора да бидат прифатени, заштитени и зацврстени во сите општества кои сакаат да се приклучат кон европското семејство, изјави денеска белгиската министерка за надворешни работи, европски прашања и надворешна трговија Хаџа Лабиб.

- Војната во Украина даде нов импулс на проширувањето, а Декларација од Гранада на Европскиот совет од октомври минатата година јасно потенцира дека проширувањето е геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот. Но, Декларација од Гранада јасно ги постави и одредниците – и двете страни, и идните земји членки и самата ЕУ, мора да се подготват за проширувањето, истакна Лабиб на заедничката прес-конференција со потпретседателката на Европската комисија задолжена за вредности и транспарентност, Вера Јоурова по завршувањето на неформалното заседание Советот за општи работи на ЕУ (ГАК).

Лабиб нагласи дека денешниот ГАК бил целосно посветен на утрешниот ден, кога, како што рече, не се одбележува само Празникот на трудот, туку и 20-годшнината од големото проширување на ЕУ на 1 мај 2004 година, кога беа примени 10 нови членки и таа од Унијата на 15 стана Унија на 25 земји.

- Можеме да кажеме дека ова проширување беше успех, економски секако, но исто така претставуваше и триумф на европските вредност на слободата, демократијата и владеењето на правото, изјави Лабиб, додавајќи дека денес Унијата стои на нов крстопат кога милиони лица бараат пристап до неа.

А за да се реализира тоа ново проширување, според неа, и земјите аспиранти за членство и ЕУ мора да спроведат реформи.

- Проширувањето е долг и предизвикувачи процес кој бара значајни напори и неопходни реформи, но важно е дека тоа треба да го спроведеме заедно, додаде Лабиб.

Во однос на кандидатите за членство, Лабиб смета дека тие реформи треба да се однесуваат на прифаќањето на стандардите на ЕУ, обезбедувањето стабилност и спремност за интегрирање во европското семејство.

- Исто така, мора да ги зајакнеме и заштитиме нашите основни вредности, човечкото достоинство, демократијата, еднаквоста, владеењето на правото и секако човековите права. Кога зборуваме за проширувањето никогаш не смее да ги запоставиме овие права и да правиме компромиси со нив, туку треба да ги промовираме и зајакнеме, бидејќи тие се клучот на успехот, додаде Лабиб.

Според белгиската министерка, без почитувањето на принципите на владеењето на правото ќе ја нема ЕУ и ќе нема единствен пазар кој би функционирал ефикасно.

Во однос на реформите во самата ЕУ, според Лабиб, треба да му се даде нова динамика на заедничкиот европски пазар, да се зајакне самата Унија и да може да усвојуваат решенија побрзо и поедноставно, па затоа се потребни измени во начинот на носење одлуки и надминување проблемите со ветото.

Лабиб нагласи ЕУ има доволно постоечки механизми за да изврши реформи и без да ги „отвори“ Договорите на Унијата, процес кој би можел да биде сложен и долг.

Во делот на реформите во ЕУ, Јоурова оцени дека клучни ќе бидат три прашања и тоа она за ветото при носењето одлуки, за членот 7 од Договорот за ЕУ, кој се однесува на можноста за суспензија на првата од членство поради непочитување на принципите на Унијата, како и за буџетот на блокот.

Осврнувајќи се на самото денешно заседание, Јоурова истакна дека тоа било една од најкорисните дискусии на кои присуствувала во нејзиното 10-годишно искуство како член на Европската комисија и на неа станало збор за параметрите на владеењето на правото и зошто ЕУ инсистира на овој принцип.

- Ставаме акцент на работи кои не се лесно мерливо, но се основа на архитектурата на ЕУ и се неопходен услов за меѓусебната доверба меѓу земјите членки и луѓето што живеат во ЕУ, додаде Јоурова.

Таа нагласи дека врз основа на дискусијата на денешниот Совет ќе подготви препораки за следната Комисија и за земјите членки за тоа како да се продолжи понатаму со проширувањето, бидејќи. како што рече, тоа е процес во кои сме сите заедно.

Осврнувајќи се на 20-годишнината од проширувањето во 2004 година, Јоурова истакна дека како Чехинка е малку сентиментална и дека тогаш верувала оти како членка на ЕУ, Чешка ќе биде посилна, побезбедна и побогата и тоа се потврдило во пракса.

- Да се поканат 10 земји одеднаш во членство се покажа како мудар потег и можеби можеме да имаме слична одлука. Повикот да станеме поголеми, посилни и побезбедни е можеби најважен, додаде Јоурова.

На новинарско прашање дали во услови кога Украина спроведува мобилизација, ЕУ би одговорила позитивно на евентуално барање на Киев за депортирање на лицата кои како бегалци се под заштита во Унијата, а ги исполнуваат условите да бидат мобилизирани, Јоурова одговори дека блокот и помага на украинската држава на многу начини и ќе продолжат со тоа, но дека евентуална таква одлука не е во надлежност на ЕУ, тука на секоја земја членка одделно.

Лабиб, од своја страна, изјави дека ако тие лица имаат право на престој во ЕУ, тогаш, според нејзино мислење, никој не може со сила да ги натера да се вратат во Украина. /МИА

Сашо Мијалков во четврток излегува од затвор

Поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков во четврток излегува од затвор под услов до 25 април 2025 година да не стори кривично дело, одлучи Апелациониот суд во Скопје.

Како што соопштија од судот, ова решение е по жалбата на мијалков на одлуката на Основен кривичен суд Скопје, а го донеле на нејавна седница одржана на 14 мај годинава. Мијалков издржува казна во затворот во Струга, откако по признанието на вина беше осуден на три години затвор во предметот „Империја“.

Денеска предизборен молк, утре се прегласува на седум избирачки места

Денеска е изборен молк, а утре ќе има прегласување на седум избирачки места во петата и шестата изборна единица за парламентарните избори кои се одржаа на 8 мај.

Во периодот од 7 до 19 часот ќе се прегласува на по две избирачки места во Крушево и во Долнени и на по едно избирачко место во Струга, Охрид и Желино. Одлуката за прегласување на сите седум избирачки места ја донесе државната изборна комисија откако Управниот суд ги одби како неосновани сите седум тужби против решенијата на Државната изборна комисија.

На сите овие избирачки места, комисијата ги разреши и претседателите, замениците и членовите на избирачките одбори. Еден ден пред изборниот молк пак, вчера Државната изборна комисија информираше дека е подготвена за прегласување на седумте избирачки места како од технички и организациски аспект, така и во однос на надзорот.

Ејџијан Ерлајс ја прекина продажбата на билети за сезонската авиолинија меѓу Скопје и Крф

Грчкиот авиопревозник Ејџијан Ерлајс ја прекина продажбата на билети за планираната нова линија меѓу Скопје и Крф, која требаше да започне на почетокот на јуни со линијата Атина - Скопје - Крф - Скопје - Атина, објави порталот exyuaviation.com.

Летовите требаше да се одржуваат двапати неделно во вторник и сабота, а авиолинијата Скопје - Атина да се реализира во среда и недела наутро.

Според ревидираниот распоред, се чини дека Ејџијан Ерлајс целосно откажува два неделни лета, намалувајќи ја вкупната фреквенција меѓу Скопје и Атина од секојдневни летови на пет лета неделно, почнувајќи од 4 јуни.

Компанијата не исклучува и дополнителни промени во редот на летање, наведува exyuaviation.com.

Како што објави ТАВ Македонија на 2 април годинава, сезонска авиолинија меѓу Скопје и Крф требаше да почне од 1 јуни.

притисни ентер