Крузер се судри со два товарни брода во северна Германија (ВИДЕО) - Канал 5

Крузер се судри со два товарни брода во северна Германија (ВИДЕО)

Синоќа, крузерот „Mein Schiff 3“, управуван од германската компанија „TUI Cruises“, се судри со два контејнерски брода при испловување од пристаништето Бремерхафен во северна Германија.

Крузер се судри со два товарни брода во северна Германија (ВИДЕО)

Според полицијата, крузерот удрил во два брода, иако од „TUI Cruises“ потврдија судир со само еден товарен брод, пренесува „Bild“.

Во судирот, еден од товарните бродови претрпе оштетувања на страничниот дел. Нема повредени, но патниците мораа да ја поминат ноќта на бродот, кој утрово сè уште се наоѓаше во Бремерхафен. Планираното 20-дневно крстарење до Канарските Острови е откажано, а на патниците им е препорачано да се вратат дома, објави утрово германскиот јавен сервис „NDR“.

Крузерот требаше вчера да исплови кон Канарските Острови. И покрај невремето, тој тргна од кејот „Колумбускаје“ околу 17:00 часот, со помош на влекачи. Сепак, набргу наиде на тешкотии во близина на контејнерскиот терминал. Според полицијата, силен налет на ветер околу 17:30 часот го турнал крузерот кон усидрените контејнерски бродови. И покрај помошта од влекачите, бродот не успеал да го задржи курсот.

Во тој момент, во пристаништето бил усидрен голем контејнерски брод, „MSC Victorine“; крузерот удрил токму во овој брод. На фотографиите се гледаат значителни оштетувања на неговиот страничен дел. Според полицијата, во инцидентот бил вклучен и втор контејнерски брод. Полицијата потврди дека и крузерот и големиот товарен брод претрпеле значителни оштетувања, иако точниот обем на штетата сè уште не е познат.

„Судир каков што никогаш претходно немале доживеано“

Кристијан Бреден, кој ги оставил своите родители – на возраст од 69 и 68 години – на крузерот, раскажа дека забележал проблеми уште при самото испловување. „Бродот стоеше во место неколку минути, на околу 30 метри од брегот. Не можеше да напредува против ветерот. Налетите беа навистина силни“, изјави Бреден.

Тој објасни дека пловилото потоа почнало бавно да се движи, а околу десет минути подоцна дошло до судир. Неговите родители биле во кабина на десната страна од крузерот – токму на онаа страна што удрила во товарните бродови. „Родителите ми рекоа дека ударот бил таков каков што никогаш претходно немале доживеано. Бродот се затресе и силно се заниша“, раскажа Бреден.

По судирот, крузерот се вратил на пристаништето, што го потврди и компанијата „TUI Cruises“. Патниците останале на бродот преку ноќ додека експертите ја проценувале штетата. Според моменталните информации, нема повредени меѓу патниците или членовите на екипажот. Полицијата во Бремен продолжува да ги истражува околностите под кои се случил судирот.

Извор: Индекс.хр

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Белгија ја одложува забраната за пушење на терасите од кафулињата

Белгиската влада ја одложи забраната за пушење на терасите од рестораните и кафулињата, која требаше да стапи на сила на почетокот на 2027 година.

Белгија ја одложува забраната за пушење на терасите од кафулињата

Одлуката за одложување е донесена по интервенција на највисокиот управен суд во земјата. Забраната за пушење во надворешните простори на угостителските објекти – првично планирана за 1 јануари – е дел од пакетот мерки за заштита на јавното здравје, инициран од социјалдемократскиот министер за здравство, Франк Ванденбрук, пренесува Политико.

Од кабинетот на Ванденбрук изјавија дека белгискиот Државен совет побарал измени во одредени мерки. „Во моментов работиме на тоа“, се наведува во соопштението.

Иницијативата првично предизвика остри реакции во белгискиот угостителски сектор. Владата сега истакнува дека одложувањето ќе им овозможи на угостителските објекти доволно време да се прилагодат на новите правила. Сè уште не е јасно колку точно ќе трае одложувањето. Откако измените ќе бидат финализирани, тие ќе треба да бидат одобрени и од белгискиот Парламент.

Тенденција присутна и во други земји од ЕУ

Неколку други земји од Европската Унија, исто така, воведуваат слични забрани, иако со различен исход. Франција неодамна го забрани пушењето на плажите, во парковите и во близина на училиштата.

Во Шпанија, во јули беше усвоен нацрт-закон со кој забраната би се проширила на терасите и другите јавни простори, а истовремено би вклучила и ограничувања за електронските цигари. Сепак, овој предлог наидува на отпор од сопствениците на ресторани. Белгија веќе минатата година воведе низа закони против пушењето, вклучително и ограничувања за просторите за пушење на аеродромите, како и забрана за електронски цигари со ароми.

Мерките се дел од стратегијата чија цел е создавање генерација без тутун до 2040 година. Забраната за пушење на отворено е една од мерките за кои се залага Светската здравствена организација. Според белгиската Фондација за борба против ракот, речиси една четвртина од Белгијците пушат, при што 19 отсто од нив пушат секојдневно.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

„Набуко“ од Џузепе Верди – моќна музика и вечна приказна за слободата на 30 октомври

На 30 октомври, со почеток во 20.00 часот, на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе операта „Набуко“ од Џузепе Верди, едно од најпознатите и најзначајните дела во оперската уметност.

„Набуко“ од Џузепе Верди – моќна музика и вечна приказна за слободата на 30 октомври

Со моќна музика, драматичен заплет и силни вокални интерпретации, оваа опера ја раскажува судбината на еврејскиот народ и неговиот копнеж по слобода и татковина, носејќи универзална порака што и денес допира до публиката.

Операта ќе биде изведена под диригентската палка на Мирон Михаилидис (Грција), во режија на Ренато Бонајуто (Италија), сценографијата и костимографијата се на Флавио Арбети и Артемио Кабаси од Италија, кореограф е Маја Митровска-Богојевска, концерт-мајстор е Климент Тодороски, хор-мајстор е Јасмина Ѓорѓеска, а светло дизајн, Милчо Александров.

Насловната улога ќе ја толкува Марјан Јованоски, во улогата на Абигаиле ќе настапи Злата Тошевска Димовска, Николина Јаневска ќе ја игра Фенена, Ѓорѓи Цуцковски ќе настапи како Исмаил, а во улогата на Захарие ќе настапи Александар Стефаноски. Во останатите улоги ќе настапат Диме Петров, Јаворка Витанова, Јане Дунимаглоски, хорот, оркестарот, балетскиот ансамбл на Националната опера и балет и ученици при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ .

„Набуко“е лирско-драматична опера во четири чина, едно од најпопуларните дела на Џузепе Верди и е омилено кај публиката. Својата праизведба оваа опера ја имала во 1842 година во Миланска Скала. Тоа е третата опера на Верди за која што се смета дека трајно ја воспоставила неговата репутација како композитор. Темата на операта е тешката историја на еврејскиот народ, нападнати и поразени, протерани од својата татковина, иако историските настани се користат само како позадина на романтичниот и политички заплет. Верди во една ноќ ја напишал надалеку познатата хорска арија која станала драматуршки и музички столб на делото „Va, pensiero, sull'ali dorate“ („Летај на златести крилја”).

Национална опера и балет

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Утре променливо облачно и посвежо

Времето утре ќе биде променливо облачно и посвежо со услови за врнежи од дожд во северните делови, кои на повисоките планини ќе преминуваат во повремени врнежи од снег. 

Утре променливо облачно и посвежо

Ќе дува умерен до засилен, наместа повремено силен ветер од северен правец (над 60 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 8, а максималната ќе достигне од 9 до 17 степени.

Во Скопје, променливо облачно и посвежо со услови за врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 13 степени.

Од утре ќе преовладува променливо облачно време, освен во северните делови каде ќе има услови за појава на врнежи од дожд, кои на повисоките планини ќе преминуваат во врнежи од снег. Ќе дува умерен, а денес и утре наместа долж Повардарието повремено засилен до силен северозападен ветер. Во петок и за време на викендот ќе има услови за врнежи.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер