Кризата на пазарот на недвижности во Германија се пренесува и во банкарскиот сектор - Канал 5

Кризата на пазарот на недвижности во Германија се пренесува и во банкарскиот сектор

Консултантската и ревизорската компанија „Делоит“ анкетираше 100 високи менаџери и претставници на управните одбори на банки во Германија. 

Кризата на пазарот на недвижности во Германија се пренесува и во банкарскиот сектор

Темните облаци кои се надвиснаа над пазарот на недвижности во Германија се згуснуваат и над банкарскиот сектор во земјата откако голем број германски банки стравуваат дека ќе се соочат со пораст на бројот на нефункционални хипотекарни кредити со недвижен имот, јави ДПА повикувајќи се на ново истражување.

Консултантската и ревизорската компанија „Делоит“ анкетираше 100 високи менаџери и претставници на управните одбори на банки во Германија. Меѓу учесниците во истражувањето, 78 проценти посочија дека очекуваат нивната финансиска институција да доживее зголемување на нефункционалните заеми во текот на следните 18 месеци. Ова го објави влијателниот германски економски дневен весник „Ханделсблат“, кој добил прелиминарен пристап до податоците од истражувањето на Делоит. Само 19 отсто од шефовите на банките не очекуваат влошување на лошата состојба со хипотеките.

Уште повеќе, четвртина од учесниците во истражувањето на најавуваат „значително“ или дури „премногу значајно“ зголемување на бројот на нефункционални хипотекарни заеми во Германија.

„Тоа е лош знак за состојбата на самите кредитни институции“, забележува Кристоф Росле. Тој е партнер во Делоит и коавтор на студијата.

Кредитите дадени за изградба или стекнување на недвижен имот го сочинуваат најголемиот дел од кредитните портфолија на банките, посочуваат експертите.

Германскиот финансиски регулатор БаФин претходно овој месец предупреди на тешкотиите со кои се соочуваат банките во земјата поради кризата во секторот на недвижности. Некои од нефункционалните хипотекарни заеми дадени за комерцијални имоти може да ја загрозат стабилноста на финансиската институција доколку инвестирала во ризични проекти. Ова го забележува германскиот финансиски регулатор во својот извештај „Ризиците во 2024 година“.

Наспроти ова, голем број германски банкарски компании значително ги зголемија средствата што ги издвоија за покривање на потенцијалните ризични заеми дадени за инвестиции во недвижнини.

Сојузното здружение за купување и кредитирање на Германија (БКС) очекува нефункционалните заеми за инвестиции во комерцијални недвижности да достигнат 3,6 отсто од сите заеми до крајот на 2024 година. Прогнозата за крајот на 2025 година е дека нивниот удел ќе порасне на 3,7 отсто.

„Наспроти ова, многу банки се повеќе размислуваат дали да ги продадат или не овие побарувања“, вели Кристоф Росле од Делоит.

Многу германски банки веќе целосно или делумно се откажаа од финансирање проекти во секторот на недвижности. Ова го покажуваат податоците од студијата спроведена од Меѓународната бизнис школа за недвижнини на Универзитетот во Регенсбург. Се заснова на податоци обезбедени од голем број големи кредитни институции, вклучувајќи ги Landesbank Baden-Württemberg (LBBW), Deutsche Pfandbriefbank и Bayern Landesbank (BayernLB).

Во 2023 година во Германија на јавна продажба се објавени 12.332 куќи, станови и парцели под хипотека, покажуваат податоците на специјализираниот онлајн портал „Аргетра“. Нивната вредност (3,87 милијарди евра) е за 15 отсто повисока од онаа на недвижниот имот ставен на јавна продажба во 2022 година.

Цените на комерцијалните недвижности во Германија паѓаат од средината на 2022 година поради повисоките стапки на кредитирање и повисоките трошоци за изградба.

Побарувачката за канцелариски простор слабее поради трендот на многу компании да им дозволат на вработените делумно или целосно да работат од дома. Интересот за малопродажните места, исто така, опаѓа, бидејќи онлајн купувањето добива се поголема популарност.

Во јуни 2024 година се издадени 17.600 одобренија за станбена градба. Ова претставува пад од 19 отсто во споредба со јуни 2023 година и е еднакво на 4.300 дозволи помалку, според веб-страницата на федералниот завод за статистика Дестатис. Споредено со јуни 2022 година, падот годинава е 42,1 отсто, што е еднакво на 12.800 помалку одобренија за градба.

Само 106.700 нови станови се одобрени за градба во Германија во првата половина од годинава. Тие одобренија за градба се за 21,1 отсто помалку од првите шест месеци од 2023 година.

Целта на германската влада од 400.000 нови станови годишно не може да се постигне во догледна иднина, забележуваат пазарните аналитичари.

Многу луѓе во Германија веќе не можат да си дозволат да поседуваат сопствен дом. За големите инвеститори инвестициите во станбени згради не се исплатливи, а оние со комерцијална намена им носат се поголеми загуби, посочува ДПА.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Драма на израелскиот аеродром: Исчезна двегодишно дете, пронајдено на лента за багаж

Двегодишно дете накратко исчезна на меѓународниот аеродром Бен Гурион во Израел откако се качило на лента за багаж и пешачело неколку метри до местото каде што се сортираат куферите пред да се товарат во авиони.

Драма на израелскиот аеродром: Исчезна двегодишно дете, пронајдено на лента за багаж

Инцидентот се случил во четврток, кога семејство кое се подготвувало за лет за Ларнака, Кипар, се соочило со исчезнувањето на своето дете, објави денес Канал 12. Откако родителите не успеале да го пронајдат детето, ја известиле полицијата, која започнала потрага по исчезнатото дете на аеродромот.

Двегодишното дете било пронајдено неколку минути подоцна на лента за багаж, каде што се сортираат куферите пред да се товарат во авиони.

Аеродромските власти соопштија дека детето е пронајдено неповредено и во добра состојба, откако пешачело само неколку метри на лентата.

Во соопштението се наведува и дека детето не било под надзор на своите родители во времето на инцидентот. Израелските аеродромски власти започнале истрага за да ги утврдат околностите на инцидентот, а според извештаите на медиумите, полицијата ја разгледува и можноста за покренување истрага.

Извор: Б92

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Хаос на аеродромот во Мајами: Судир на два авиона, има повредени ВИДЕО

Товарен авион на „UPS“ и авион на „Copa Airlines“ се судрија на пистата на меѓународниот аеродром во Мајами во текот на ноќта, при што беа повредени две лица.

Хаос на аеродромот во Мајами: Судир на два авиона, има повредени ВИДЕО

Во судирот учествуваа „Boeing 767“ на „UPS“ и „Boeing 737“ на „Copa Airlines“, објави „CBS“.

„Околу 21:15 часот, авион што пристигнуваше и се повлекуваше се судрија на раскрсницата на две писти“, вели Грег Чин, директор за комуникации на меѓународниот аеродром во Мајами.

Чин вели дека противпожарната служба на Мајами им пружила помош на двајца пациенти на местото на настанот за полесни повреди и дека не им бил потребен медицински превоз, како и дека летовите биле пренасочени кон други писти, па судирот не влијаел врз работењето на аеродромот.

Карго авионот на „UPS“ требало да полета од Мајами до Богота, Колумбија, а авионот на „Copa Airlines“ слетал од Панама Сити, Панама.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Експлозија во Ормускиот теснец: Танкери дигнати во воздух (ВИДЕО)

На двата танкери избувнале експлозии и голем пожар.

Експлозија во Ормускиот теснец: Танкери дигнати во воздух (ВИДЕО)

Два танкери за нафта се запалија откако наидоа на подводни мини во јужниот дел од Ормускиот теснец во текот на ноќта, соопштија поморските сили на Иранскиот корпус на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ), велејќи дека бродовите се обиделе тајно да поминат низ неовластена рута.

ИРГЦ во соопштението наведува дека танкерите претходно ги исклучиле своите системи за навигација и автоматска идентификација на бродови во обид да го сокријат своето движење низ Ормускиот теснец.

Според Иранскиот корпус на револуционерна гарда, откако наидоа на морските мини, на двата танкери избувнаа експлозии и голем пожар.

Во соопштението се додава дека уште два танкери за нафта, кои исто така се обиделе да поминат низ неовластена рута, дејствувале по предупредувањата од центарот за контрола на поморскиот сообраќај на ИРГЦ и се вратиле кон Персискиот Залив.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер