Кривични пријави против лица од Пробиштип и Свети Николе за кражби од цркви - Канал 5

Кривични пријави против лица од Пробиштип и Свети Николе за кражби од цркви

Кривични пријави се поднесени против две лица од Пробиштип и Свети Николе, осомничени за кражби од цркви, информираа денеска од Министерството за внатрешни работи.

Кривични пријави против лица од Пробиштип и Свети Николе за кражби од цркви

Триесет и седумгодишниот Д.К. од Пробиштип е осомничен за сторени пет кривични дела „тешка кражба“ по член 236 и едно кривично дело „лажно претставување“ по член 391 од Кривичниот законик.

- Тој се сомничи дека ги сторил кражбите во периодот од 11 до 15 мај во цркви на подрачјето на Свети Николе, а при една, лажно се претставувал на свештено лице како полициски инспектор. По преземени мерки и активности, на 16 мај во 12:30 часот во Свети Николе, тој е лишен од слобода, по што е спроведен во Полициската станица - Пробиштип, каде бил задржан во врска со судска наредба за приведување и спровод во Казнено - поправната установа „Затвор - Струмица“, појаснуваат од МВР.

Во истиот период, расчистено било и кривично дело „тешка кражба“од црква во Свети Николе, сторена од М.Ј. од овој град. Таа била пронајдена и против неа, како што нагласуваат од МВР, исто така, е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство - Свети Николе по член 236 од Кривичниот законик.

Видео-фото: Страшни поплави низ Њујорк, во Њу Џерси прогласена вонредна состојба

Силни бури предизвикаа ненадејни поплави низ Њујорк и делови од североисточниот дел на САД, додека во Њу Џерси е прогласена вонредна состојба поради обилните врнежи од дожд и ризикот од поплави.

Видео-фото: Страшни поплави низ Њујорк, во Њу Џерси прогласена вонредна состојба

Предупредување за поплави беше на сила синоќа за сите пет општини на Њујорк, а градските власти ги повикаа граѓаните да избегнуваат подруми и ниски подрачја, пишува Индепендент.

На социјалните мрежи се појавија бројни видеа на кои се гледаат поплавени станици на метрото во Њујорк, автомобили заглавени во вода и вода што се лее по скалите и пероните на метрото.

Гувернерот на Њу Џерси, Фил Марфи, прогласи вонредна состојба, повикувајќи ги жителите да останат во затворен простор и да избегнуваат патувања.

„Поради обилни врнежи од дожд и ризик од поплави, советуваме максимална претпазливост“, напиша Марфи на X.

Бурата предизвика прекини во воздушниот сообраќај на најмалку шест главни аеродроми на Источниот брег.

Аеродромите ЏФК и Ла Гвардија во Њујорк, како и Њуарк Либерти во Њу Џерси, добија наредба привремено да ги приземјат летовите, предизвикувајќи неколкучасовни доцнења.

Слична ситуација беше забележана и на аеродромите во Филаделфија, Балтимор и Вашингтон.

Според проценките на Националната метеоролошка служба, во некои делови од Њујорк за краток временски период наврнаа помеѓу 50 и 75 милиметри дожд.

Вчера, во подоцнежните часови, врнежите се придвижија кон исток и постепено го изгубија интензитетот.

Меѓутоа, властите предупредуваат дека нов бран врнежи од дожд уште денеска може да го погоди регионот, заедно со екстремно високи температури и висока влажност.

Градските власти издадоа предупредување за комбинација од интензивна топлина и можни натамошни поплави, со температури што би можеле да достигнат или надминат 38 степени Целзиусови.

Шпанецот Карерас четврто засилување на Реал

Шпанскиот фудбалер Алваро Карерас е нов член на Реал Мадрид, објави синоќа Кралскиот клуб.

Шпанецот Карерас четврто засилување на Реал

Карерас потпиша шестгодишен договор и се пресели во Реал од португалска Бенфика која ќе добие обесштетување од 50 милиони евра.

Дваесетидвегодишниот Карерас се враќа во редовите на Реал, за кој играше во јуниорските селекции пред да се пресели во Манчестер Јунајтед. Откако не се истакна во клубот од „Олд Трафорд“ дефанзивецот Карерас ја продолжи кариерата како позајмен фудбалер во Престон и Гранада пред Бенфика да го откупи неговиот договор минатото лето за шест милиони евра.

Карерас е четвртото засилување за мадридскиот тим пред новата сезона по Трент Александар-Арнолд, Дин Хујсен и Франко Мастантуоно, за кои Реал плати вкупно 170 милиони евра.

Електронско пријавување за сместување во студентските домови од денеска до 31 јули

Од денеска до 31 јули трае електронското пријавување за сместување во државните и приватните студентски домови низ државава за академската 2025/2026 година за студентите од втора и повисоките години на додипломски студии и за апсолвенти. 

Електронско пријавување за сместување во студентските домови од денеска до 31 јули

Рокот за пријавување за прием во студентските домови за студентите од прва година ќе почне по завршувањето на уписниот рок на факултетите во август, и ќе трае од 10 до 17 септември 2025.

Студентите кои ќе аплицираат за легло во некој од студентските домови треба да пополнат електронска пријава и да ја прикачат соодветната документација на интернет-порталот http://e-uslugi.mon.gov.mk Студентите може да конкурираат за прием само за еден студентски дом. Доколку по објавување на конечните списоци со примени студенти по домови ќе останат непополнети сместувачките капацитети во одреден дом, пријавувањето ќе продолжи сè до нивното пополнување, но најдоцна до 30 ноември 2025.

Според Конкурсот што го објави Министерството за образование и наука, слободни се вкупно 4264 места во студентски домови во Скопје, Штип, Битола, Тетово, Охрид и Прилеп. Од нив, 851 место се наменети за бруцоши, а 3413 места се за студенти од втора и повисоките години на студии.

Поради реновирање, затворени се домовите „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Стив Наумов“ во Скопје кои, според најавите од МОН, повторно ќе примаат студенти од вториот семестар на претстојната академска година.

Најмногу места во главниот град има во студентскиот дом „Гоце Делчев“ (1212), во ДСД „Пелагонија“ на располагање се 997 места и 335 во ДСД „Томе Стефановски Сениќ“.

Во ДСД „Кочо Рацин“ во Битола има вкупно 385 слободни места за сместување студенти, 242 се слободни во ДСД „Никола Карев“ во Охрид, 330 во ДСД „Орде Чопела“ во Прилеп.

Во Штип студентите може да изберат сместување во три дома: ДСД „Браќа Миладиновци“ (236) и во приватните ПСД „Хилјадников“ (60) и ПСД „Логос“ (52).

Два дома се на располагање во Тетово: државниот студентски дом „Тетово“ располага со вкупно 295 легла и приватниот ПСД УЈИЕ - со вкупно 120 места.

Во Конкурсот на МОН се појаснети условите за прием на студенти во домовите, начинот на електронското пријавување, начинот на кој се врши распределбата на расположивите места, документите потребни за аплицирање, конкурсните рокови и постапката за прием во студентските домови.

Конечниот список за прием на студентите од втора и повисоките години ќе биде објавен најдоцна до 6 септември 2025 на огласните табли во студентскиот дом каде што конкурирал студентот и на веб-страницата на Министерството. Приговорите по резултатите ќе се доставуваат во самиот дом каде што имаат аплицирано во рок од 10 дена од денот на објавувањето на резултатите.

Конечниот список за прием на студентите од прва година, пак, ќе биде објавен најдоцна до 30 септември 2025, а приговор ќе може да поднесат во рок од 10 дена од денот на објавувањето на резултатите.

Како што е наведено во објавениот Конкурс, студентите кои ќе бидат примени треба да се вселат почнувајќи од денот на потпишаниот договор со домот во кој се примени, но не подоцна од 10 дена од објавениот конечен список.

притисни ентер