Кривична пријава за поткуп, проневера.. за екс директорот на СОЗР Пеце Мирчевски

Финансиската полиција влезе во домот на поранашениот директор на Службата за општи и заеднички работи Пеце Мирчевски, каде од рано утрово се вршат претреси со цел обезбедување докази за повеќе кривични дела поврзани со сомнежи за поткуп, проневери...

Финансиската полиција влезе во домот на поранашениот директор на Службата за општи и заеднички работи Пеце Мирчевски, каде од рано утрово се вршат претреси со цел обезбедување докази за повеќе кривични дела поврзани со сомнежи за поткуп, проневери и злоупотреба на јавни набавки, потврдуваат од таму за Канал 5. Екс директорот на СОЗР бил повикан и на распит во полиција, а освен во неговиот дом претреси се вршат и на други локации низ Скопје, информираат од ОЈО.

-Заедно со Управата за финансиска полиција преземаме дејствија за обезбедување докази во предмет за кривични дела: примање поткуп, давање поткуп, проневера во службата и несовесно работење. Во тек се претреси на локации во Скопје, за што е обезбедена наредба на судија на претходна постапка, а се преземаат и други дејствија, информираат од Обвинителството.

Според извори од финансиската полиција работата на Мирчевски како директор на СОЗР била под лупа и се проверувала цели пет месеци. Од таму засега не можат да прецизираат дали ќе биде приведен – велат тоа ќе зависи од резултатите од претресите кои на неколку локации се уште одвиваат

Пеце Мирчески функција дирeктор на Службата за општи и заеднички работи ја извршуваше седум годин од јуни 2017 до јуни 2024-та во владите на Заев и Ковачевски.

Паралелно со оваа акција од утрово и МВР врши претреси во нивната службата за општи и заеднички работи сместена во просториите на Минстерството. Акцијата е се уште во тек, а според засега неофицијални информации се претресувале канцеларии на повеќемина началници и вработени поради сомнежи за злоупотреба на тендери за сервисирање на службените возила.

Акцијата, како што информираат од МВР ја спроведуваат Одделите сузбивање на организиран и сериозен криминал и за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди по претходни насоки од страна на надлежен Јавен обвинител. Повеќе детали најавуваат по целосно завршување на акцијата.

Од денеска двосменско работење на дел од отсеците за управни работи при МВР

Министерството за внатрешни работи информира дека од денеска Отсеците за управни работи при Одделот за граѓански работи на МВР ќе работат согласно ново работно време. 

Одделението за управни работи Скопје и Отсек за управни работи Тетово, од понеделник до петок ќе имаат двосменско работење, односно работно време од 7:30 часот до 19:30 часот.

И Отсеците за управни работи - Битола, Велес, Куманово, Охрид, Струмица и Штип, од понеделник до петок ќе имаат работното време со почеток од 8:00 часот па до 18:00 часот, а истото работно време ќе важи и за: ОУР Битола за Прилеп, ОУР Велес за Кавадарци, ОУР Охрид за Кичево и Струга, ОУР Тетово за Гостивар и ОУР Штип за Кочани.

Во останатите подрачни единици - ОУР Охрид за Дебар, ОУР Битола за Крушево, за Демир Хисар, за Ресен и за Македонски Брод, ОУР Штип за Пробиштип, за Свети Николе, за Виница, за Делчево и за Берово, ОУР Велес за Неготино, ОУР Куманово за Кратово и за Крива Паланка, ОУР Струмица за Гевгелија, за Радовиш и за Валандово, работното време ќе трае од 8:00 часот до 16:00 часот.

Неформален состанок на Советот на ЕУ во Варшава

Во Варшава денеска се одржува неформален состанок на Советот за општи работи на ЕУ, на кој ќе се разговара за хибридните закани со кои се соочуваат земјите-членки на ЕУ и партнерите што се стремат да влезат во ЕУ.

На состанокот се очекува да се разговара и за зајакнувањето на европската цивилна и воена подготвеност и повеќегодишната финансиска рамка (ВФО) на Унијата за периодот по 2027 година.

„Бидејќи проширувањето е приоритет за Европската унија, сигурна сум дека тоа ќе биде многу добро разгледано во следниот ВФО“, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос по пристигнувањето на состанокот.

Во Софија изведена „Кармина Бурана“ со симфониските оркестри од Македонија, Грција и Бугариј

Во Националниот дворец на културата во Софија синоќа се одржа заеднички настап на Македонската, Софиската филхармонија и Симфонискиот оркестар од Солун. На сцената беше изведена „Кармина Бурана“ од Карл Орф.

-Преполна сала, стоечки овации и долги аплаузи! Ова беше епилогот по моќната изведба на епската „Кармина Бурана" од Карл Орф којашто се случи во големата сала на НДК во Софија. Македонската филхармонија, Софиската филхармонија и Државниот оркестар на Солун, како и Софискиот филхармониски хор и солистите: нашата ѕвезда Ана Дурловски, грчкиот тенор Николас Спанос и бугарскиот баритон Иво Јорданов, брилјираа на сцената од каде зрачеа силни креативни вибрации, објавија од Македонската филхармонија на нивниот фејсбук профил.

Како што посочуваат, главниот „виновник" за овој спектакуларен концерт, маестралниот диригент Најден Тодоров не ја криеше неизмерната среќа што конечно се реализираше оваа идеја за уметничко сплотување на, како што и самиот истакна, три оркестри во едно тело

-Вечерва се потврди уште еднаш дека музиката не разбира граници, туку ја возвишува секоја идеја и мисла во чиста убавина, потенцираат од Филхармонија.

притисни ентер