По ревизијата на работата на Постојаната Мисија на Македонија при ООН во Њујорк, МВР поднесе кривична пријава против поранешниот амбасадор Љубомир Фрчковски, како и уште три други лица, поради сомнеж дека причиниле штета на државниот буџет во вкупен износ од 116.500 американски долари.
Според пријавата, Фрчкоски ја злоупотребил службената положба од 2022 до 2024 година со тоа што не ги префрлил сите 4 милиони долари од продажбата на објектот на СФРЈ, туку спротивно на инструкцијата од Министерството за надворешни работи и на мислењето од Министерството за финансии, одлучил да задржи околу 58.000 америкаснки долари на сметката на Мисијата.
„Истиот иако бил должен, паричните средства не ги уплатил на сметка на Буџетот на РМ и истите незаконски и ненаменски ги потрошил, се вели во кривичната пријава.
Парите, според пријавата биле потрошени за земени аванси за службен пат, по основ на помалку вратен депозит за резиденцијата на амбасадорот, пречекорувања на дозволениот износ за мобилен телефон како и неоправдани и дупли плаќања на одредени сметки за телефон, по основ на нерасчистено салдо во касата, направени издатоци за репрезентација повеќе од дозначените средства, подигнати парични средства од касата за поправка на службено возило без претходна согласност од МНР..
Кривичната пријава, Фрчковски ја оценува како „срамен притисок врз критичарите на власта“, и тврди дека сите трошења биле во согласност со неговите законски овластувања.
Наводите за парите добиени од сукцесијата ги смета за манипулација, бидејќи финансиските служби на Њујорк инсистирале да останат средства од сукцесијата на сметката – како гаранција за наплатен данок, па и да сакал не може да постапи по инструкциите од финансии и МНР.
Фрчковски беше вратен од Њујорк веднаш по промената на власта, поради сомнежите за злоупотреби кои ги добил минстерот за надворешни Тимчо Муцунски.
Дали се тие основани, сега ќе одлучува Јавното обвинителство.