Кривична пријава против поранешни директори и заповедник во затворот во Струмица- пуштале затвореници на годишен одмор - Канал 5

Кривична пријава против поранешни директори и заповедник во затворот во Струмица- пуштале затвореници на годишен одмор

Кривична пријава против поранешни директори и заповедник во затворот во Струмица за „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Кривична пријава против поранешни директори и заповедник во затворот во Струмица- пуштале затвореници на годишен одмор

СВР Струмица до Основното јавно обвинителство Струмица поднесе кривична пријава против Б.Ц.(41) од Струмица, поранешен директор на Казнено-поправната установа Затвор Струмица, В.М.(36) од Струмица, поранешен вршител на должноста директор на Казнено-поправната установа Затвор Струмица и В.Т.(42) од Струмица, заповедник на затворска полиција во Казнено-поправната установа Затвор Струмица поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување'’ по член 353 став 1, во врска со член 45 од Кривичниот законик.

Пријавениот Б.Ц., извршувајќи ја функцијата директор на установата, и пријавениот В.М., извршувајќи ја функцијата вршител на должноста директор на установата, злоупотребувајќи ја и искористувајќи ја својата службена положба, во повеќе наврати постапиле спротивно на член 70 од Правилникот за куќен ред за осудените лица кои издржуваат казна затор во казнено-поправната установа, односно издале решенија за одредени осудени лица да користат определени погодности, без да биде спроведена постапка која според правилникот треба да се спроведе пред издавање на такви решенија. На ваков начин, Б.Ц. во три случаи на едно лице му овозможил краткотраен излез од установата. Пријавениот В.М., во 32 наврати на седум лица им овозможил краткотраен излез од установата, а во два наврати на две осудени лица им овозможил користење на годишен одмор без да ги исполнуваат пропишаните услови. Исто така, В.М. на четири лица им овозможил распоредување од полуотворено во отворено одделение во установата и покрај тоа што не ги исполнувале условите.

Пријавениот В.Т., заповедник во Затвор Струмица, од пријавениот В.М. добил писмено овластување да врши работи од областа на ресоцијализација, без да поседува соодветно образование за тоа работно место, а притоа продолжил истовремено да ја раководи и Затворската полиција, односно да извршува работи на две различни работни места кои се исклучително важни и одговорни и кои се неспоиви, соопшти МВР.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Розов дијамант е продаден за 13,1 милиони евра- „Мона Лиза“ меѓу дијамантите (ФОТО)

Реткиот 24-каратен дијамант „Булгари Пинк“ е продаден во „Кристи“ во Женева за 12,1 милиони швајцарски франци, или околу 13,1 милиони евра.

Розов дијамант е продаден за 13,1 милиони евра- „Мона Лиза“ меѓу дијамантите (ФОТО)

Дијамантот бил во приватна сопственост околу 70 години, а наводно го купило семејството на продавачот во Индија во 1950-тите, по што бил однесен во ателјето на модната куќа „Булгари“ во Рим.

Се верува дека скапоцениот камен потекнува од рудниците Голконда во јужна Индија, познати по дијамантите од кои се добиени некои од најпознатите скапоцени камења во светот, вклучувајќи ги Ко-и-Нур и дијамантот „Надеж“.

„Кристи“ го опиша „Булгари Пинк“ како „Мона Лиза на розовите дијаманти“, истакнувајќи ја неговата исклучителна чистота и транспарентност.

Каменот е класифициран како дијамант од тип IIa, категорија која сочинува помалку од два проценти од дијамантите со квалитет на скапоцен камен.

Пред аукцијата, се очекуваше дијамантот да се продаде за цена помеѓу 10 и 15 милиони швајцарски франци.

На истата аукција беше понудена и приватна колекција од речиси 300 парчиња накит од 20 век, вклучувајќи дела од Булгари, Картие и Граф.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Спасовски до Финансиското разузнавање: Што му кажавте на Славески за парите и луѓето зад Алта банка?

Пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, на денешната надзорна расправа за Алта банка во Собранието побара од директорот на Управата за финансиско разузнавање да објасни кога Народната банка побарала проверки за Алта банка Белград.

Спасовски до Финансиското разузнавање: Што му кажавте на Славески за парите и луѓето зад Алта банка?

Пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, на денешната надзорна расправа за Алта банка во Собранието побара од директорот на Управата за финансиско разузнавање да објасни кога Народната банка побарала проверки за Алта банка Белград, што утврдиле тие проверки и какво мислење било доставено за потеклото на капиталот и за лицата кои управуваат со него.

Спасовски посочи дека гувернерот Трајко Славески во своето сведочење се повикал на добиени позитивни мислења од надлежните институции, меѓу кои ја навел и Управата за финансиско разузнавање. Токму затоа, нагласи тој, јавноста треба да знае врз кои информации и податоци се темелело постапувањето на институциите.

„При постапката за лиценцирање на Алта банка за мене беше логично и нужно да имате соработка со Народна банка, но таа моја логика е потврдена после исказот на гувернерот Трајко Славески којшто рече дека ги собрал сите мислења во однос на постапката за Алта банка, меѓу кои ја посочи и Управата за финансиско разузнавање и дека од таму се добиени сите потребни позитивни мислења во однос на работењето со Алта банка“, рече Спасовски.

Тој ја истакна одговорноста на Управата во следењето на финансиските текови, проверката на сомнителните трансакции и утврдувањето на потеклото на средствата на инвеститорите кои влегуваат во државата.

„Многу е важно инвеститорите во државата коишто влегуваат да видиме со какви финансиски средства располагаат и кое е практично нивното потекло“, нагласи Спасовски.

Во обраќањето тој го отвори и прашањето за разликата меѓу постапувањето на институциите во Македонија и во Австрија. Според него, Финансиското разузнавање треба да објасни кои информации ги прибрало и како тие влијаеле врз мислењето што го користела Народната банка во постапката за преземање.

„Практично финансиското разузнавање е тоа коешто ги прибира сите тие информации и податоци и на основа на тој склоп на информации и податоци вие практично можете да доставите одредено мислење коешто треба да го искористи гувернерот, односно Советот на Народна банка“, посочи Спасовски.

Тој нагласи дека утврдувањето на улогата на секоја институција е важно за граѓаните и побара конкретен одговор за времето, содржината и резултатите од проверките.

„Затоа моето конкретно прашање: кога беше побарано од гувернерот Трајко Славески, односно од Народната банка, да извршите проверки во однос на Алта банка Белград за купувањето на Стопанска банка Битола и на основа на тоа што укажавте на Народната банка во однос на капиталот и на лицата коишто го управуваат тој капитал во Алта банка Белград“, праша пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, се наведува во партиското соопштение.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Шасивари - Крихбаум: Европската иднина се гради со реформи и силни партнерства

Министерот за правда, Јетон Шасивари, во рамки на работната посета на Берлин, оствари средба со германскиот државен министер за Европа при Сојузното министерство за надворешни работи, Гинтер Крихбаум.

Шасивари - Крихбаум: Европската иднина се гради со реформи и силни партнерства

Средбата претставува значаен дипломатски контакт во период кога земјата интензивно работи на исполнување на обврските од европската агенда, а реформите во правосудството остануваат еден од клучните показатели за подготвеноста за членство во Европската Унија.

Министерот Шасивари ги претстави актуелните реформски активности на Министерството за правда, со посебен акцент на новиот Кривичен законик и Законот за кривичната постапка, кои веќе се доставени до Европската комисија за мислење. Станува збор за две значајни законски решенија со кои се настојува да се надминат постојните слабости и да се постават основите за посовремен и поефикасен систем на кривична правда.

Во разговорот беа разгледани предизвиците на европската интеграција, динамиката на реформските процеси и значењето на германската поддршка за европската перспектива на земјата.

Посебно беше истакната потребата реформските обврски да не останат само на ниво на законски измени, туку да резултираат со конкретни подобрувања во функционирањето на институциите и примената на правото.

Германија, како еден од најзначајните европски партнери, има важна улога во поддршката на демократските процеси и институционалниот развој. Продлабочувањето на ова партнерство е особено значајно во период кога земјата се соочува со важни задачи во исполнувањето на европските критериуми.

Средбата во Берлин е дел од напорите за зајакнување на политичката и институционалната соработка со Германија, како и за обезбедување континуирана поддршка на реформите што треба да донесат долгорочни резултати во правосудството.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер