Кривичен суд: Постапката против малолетникот поврзан со пожарот на Матка не е завршена

Одделот за кривично-малолетни при Основниот суд Скопје 1 – Скопје во пишано соопштение до медиумите во целост ги отфрла шпекулациите кои, како што се наведува, од одредени поединци во текот на денешниот ден се лиферувани на социјалните мрежи дека е ослободен од било каква одговорност приведениот малолетник поврзан со пожарот на Матка.

- Имено, на малолетникот од страна на судија на Одделот кривично – малолетни му се определни мерки за претпазливост и постапката против истиот е се уште во тек, односно воопшто не е завршена и тој не е ослободен од било каква одговорност како што информираат поединци, се наведува во соопштението од скопскиот Кривичен суд.

Согласно член 99 од Законот за правда на децата, како што се посочува во соопштението, единствено судот може да дава официјални податоци за текот на постапка која се води против деца, или да даде одобрени на друг орган или институција за информирање на јавноста за постапка која се води против дете.

- Секое друго неофицијални информирање и шпекулирање за овие постапки, јавноста не треба да ги прифаќа како точни и официјални, а лиферување на неточни информации поврзани со постапки кои се уште се во тек претставува кривично дело, се наведува во соопштението од Судот. /МИА

Европратеник и неговиот помошник се осомничени за шпионажа во корист на Кина

Денеска белгиската и германската полиција извршиле претрес во канцелариите на екстремно десничарскиот пратеник во Европскиот парламент Максимилијан Крах и неговиот помошник Џијан Г, како дел од истрагата за сомневање за шпионажа за Кина.

Германските власти објавија дека федералното обвинителство побарало претрес на канцелариите на Крах, главниот кандидат на екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) на изборите за ЕП во јуни оваа година, и неговиот помошник Џијан Г, кој е осомничен за „активности на агент на тајната служба“, пренесува „Политико“.

Германската полиција во април годинава го уапсила Џијан Г., а како што пишува Дојче веле, постои сомневање дека тој со години доставувал информации од Германија и Европскиот парламент до кинеските служби.

Инспекторите се сомневаат дека Џијан Г. ја искористил својата позиција во кабинетот на Крах за да пренесе информации од парламентарниот живот до кинеското Министерство за безбедност.

Изборите за Европскиот парламент ќе се одржат од 6 до 9 јуни годинава.

Пет мажи носат пејачка како да е статуа- не може да оди поради фустанот од песок (ВИДЕО)

Пејачката и текстописец Тајла синоќа беше меѓу најдобро облечените гости на Мет Гала во Њујорк.

Ја вклучија меѓу најдобро облечените гости, а таа стана ѕвезда на хит видео од Инстаграм. Но, како што вели, сѐ е во ред, важно е што е симпатична.

Тајла во необичен фустан е меѓу најдобро стилизираните гости и оние кои одговорија на темата Мет Гала 2024. Таа носеше фустан од Balmain прекриен со песок и чанта како песочен часовник.

За да ги „скокне“ скалите на Мет Гала 2024 во Метрополитен музејот на уметност во Њујорк и да ја постигне вистинската поза за фотографирање, таа имала помош од пет мажи кои ја пренеле преку скалите. Видеото е доказ дека понекогаш добриот стил не се постигнува лесно.

„Кому му е гајле, луѓе, јас сум слатка“, рече пејачката на прашањето дали воопшто би можела да дише во овој фустан.

Фустанот бил инспириран од песокот на времето, односно од текот на времето што песокот го предизвикува во песочник, што беше инспирацијата и за чантата.

„Инспирацијата за оваа креација дојде од желбата да се редефинираат границите и да се трансформира ефемерниот материјал во безвременско ремек-дело. Идејата за обликување на облека од нешто толку ефемерно како песок ја разгоре мојата имагинација и не можев да бидам позадоволен од крајниот резултат“, изјави креативен директор на Balmain, Оливие Рустен.

Шкотска има нов премиер по оставката на Хумза Јусаф

Новиот претседател на шкотската партија СНП, Џон Свини, денеска во шкотскиот парламент е избран за нов шеф на шкотската влада, на местото на Хумза Јусаф.

Еден ден откако го наследи како лидер на партијата, која ја поддржува независноста на Шкотска, Свини, 60-годишен политички ветеран и долгогодишен втор по ред во владата, стана трет премиер на Шкотска за нешто повеќе од една година.

Тој доаѓа на местото на Хумза Јусаф (39), кој поднесе оставка минатата недела по распадот на коалицијата со Зелените. Тие беа воздржани од гласање.

Изборот на Свини не е изненадување. Тој освои 64 од 129 гласови во парламентот каде Шкотската национална партија има големо водство пред опозициските партии, но нема апсолутно мнозинство. Тој допрва треба да положи заклетва пред Врховниот суд.

Претходно во текот на денот, Јусаф официјално ја поднесе својата оставка во писмо до британскиот крал Чарлс III. Тој беше на власт 13 месеци, по харизматичната Никола Старџен. Тој беше најмладиот шкотски премиер и прв од националното малцинство.

„Како млад муслиман, роден и израснат во Шкотска, не сонував дека еден ден ќе бидам привилегиран да ја водам мојата земја“, напиша тој.

Шкотскиот парламент е одговорен за многу области, вклучувајќи го здравството и образованието, додека Лондон е одговорен за надворешната политика и одбраната.

Џон Свини од 2014 до 2023 година беше вицепремиер во мандатот на Никола Старџен. Тој ја напушти функцијата кога таа поднесе оставка. СНП водеше од 2000 до 2004 година, кога партијата беше во опозиција.

Дел од опозицијата ја обвинува СНП, која е на власт од 2007 година, дека приоритет ѝ дава на борбата за независност на сметка на секојдневниот живот на граѓаните, но Свини вчера вети дека ќе се фокусира на „економијата, вработувањето, трошоците за живот и за здравствениот систем, образованието и климатската криза.“

Тој исто така нагласи дека сака Шкотска да стане независна. Но, тие амбиции засега се во ќорсокак, откако британскиот Врховен суд на крајот на 2022 година пресуди дека само британската влада може да даде дозвола за нов референдум. Последниот референдум во 2014 година не успеа.

притисни ентер