Крај на ерата на Орбан откако Унгарија гласаше за промени - Канал 5

Крај на ерата на Орбан откако Унгарија гласаше за промени

Шеснаесет годишниот мандат на Виктор Орбан во Унгарија заврши во неделата, со изборниот пораз на неговата партија Фидес. 

Крај на ерата на Орбан откако Унгарија гласаше за промени

Неочекувано високата излезност на изборниот ден, која достигна малку под 80 проценти, на крајот излезе во полза на новоформираната партија Тиса на Петар Маѓар, која убедливо победи на изборите.

Со обработени 97 проценти од гласовите, Тиса освои 138 места во унгарскиот Парламент, додека Фидес има само 55 (шест места ќе освои десничарската партија Ми Хазанк). Тиса ќе има неколку пратенички места повеќе од потребното за двотретинско мнозинство, со кое ќе може да смени голем број функционери во судството и регулаторните тела.

Бргу по објавувањето на првичните резултати од мал број избирачки места, премиерот Виктор Орбан им се обрати на своите поддржувачи и го призна поразот.

- Изборниот резултат е болен за нас, но е јасен. Граѓаните не ни ја дадоа одговорноста и можноста да владееме и затоа и честитав на победничката партија. Два милиона и петстотини илјади гласачи ни ја изразија довербата. Да им испратиме порака дека никогаш нема да ги изневериме. Во изминатите 30 години сите ние тука поминавме низ многу тешки и лесни мигови, убави и тажни години, и сите во оваа соба и во целата земја знаат дека никогаш нема да се откажеме. Никогаш, никогаш не се откажуваме, порача Орбан на собирот на партиското раководство и поддржувачите.

Ова е вторпат Орбан да ја напушта позицијата премиер на Унгарија - неговиот прв мандат траеше од 1998 до 2002 година, а по осум години во опозиција, Орбан се врати на власт во 2010 година и се одржа 16 години, во текот на кои стана водечки десничарски лидер во Европа.

Додека Орбан го држеше својот кус проштален говор, на плоштадот Батањи на брегот на Дунав - спроти унгарскиот Парламент - почнаа да се собираат десетици илјади главно млади поддржувачи на партијата Тиса. Преку големиот видео бим тие бурно реагираа секогаш кога ќе дојдеше вест дека некој од кандидатите на Тиса победил во директно соочување со кандидатите на Фидес. Плоштадот бргу се преполни па дел од поддржувачите на Петар Маѓар со метро се префрлија од другата страна на реката, пред унгарскиот Парламент, каде што во тек беше техно концерт на културниот центар Турбина. Иако формално непартиски настан, концертот бргу се претвори во втор паралелен митинг на поддржувачите на Тиса, кои скандираа пароли против Орбан и Фидес.

На собирот на Батањи се обрати и Петар Маѓар, кој потврди дека Орбан му се јавил да му честита на победата.

- Како што ветивме и се надевавме, денеска Унгарија и милиони Унгарци повторно испишаа историја. На истиот ден кога пред 23 години гласавме на референдумот за влез на Унгарија во ЕУ. Демократска Унгарија никогаш не видела толку многу луѓе да излезат да гласаат, порача Маѓар, кој доби малку над три милиони гласови.

Идниот премиер на Унгарија најави дека ќе воспостави систем на контрола на власта и ќе спроведе смени во Уставниот суд, на други позиции во судството и обвинителството, во ревизорските служби.. Маѓар рече дека Унгарија веднаш ќе се приклучи кон обвинителската служба на Европската Унија со која ќе почнат процеси за истражување на корупција во земјата и вети дека „Унгарија отсега ќе биде лојална и конструктивна членка на ЕУ и НАТО“.

Последното ветување е најава за прекин на политиката на Орбан, кој, во соработка со други средноевропски држави како Словачка, Чешка и Полска, поставуваше самостоен политички пат, поради што постојано беше на удар на Брисел.

Маѓар најави дека првата посета ќе му биде на Полска, за што веќе се договорил со премиерот Доналд Туск - Владата на Туск отворено го поддржуваше Маѓар, додека полскиот претседател Карол Навроцки ја посети Будимпешта да му изрази поддршка на Орбан.

Една од првите честитки на Маѓар дојде од претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен, која на унгарски порача дека „Унгарија денеска ја одбрала Европа“.

Во Брисел не криеја дека посакуваат победа на поранешниот европратеник и унгарски претставник во Европската Унија, Маѓар. Унијата со години го обвинува Орбан дека ги нарушува демократските вредности и владеењето на правото, поради што блокираше значителни средства кои требаше да и следуваат на Унгарија, а воведе и дневна казна од милион евра поради одбивањето на Орбан да прими одредена квота мигранти од другите членки на ЕУ.

Овие постапки на Унијата предизвикаа реакција и од Вашингтон, каде администрацијата на Трамп му изрази поддршка на Орбан и ја обвини Унијата за мешање во внатрешните работи на Унгарија со ускратувањето на помошта, пристрасните обвинувања за недемократски практики и цензура на социјалните мрежи со цел да му се помогне на Маѓар.

Освен Фон дер Лајен, честитки до Маѓар упатија и германскиот канцелар Фридрих Мерц, францускиот претседател Емануел Макрон, Џорџа Мелони од Италија и низа други европски лидери. Честитка упати и украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој очекува дека Унгарија сега ќе престане да го блокира големиот пакет на ЕУ за финансирање на војната. Своето задоволство не го криеја ниту американски политичари и активисти кои честопати беа во конфликт со политиките на Орбан, како Хилари Клинтон и Александар Сорос.

Од друга страна, Илон Макс, пак, на својата мрежа Икс објави дека „организацијата на Сорос ја презема Унгарија“.

Маѓар, сепак, најави и дека ќе зачува некои од политиките на Орбан, пред се во контрола на миграцијата.

Како поранешен висок функционер на партијата Фидес (и сопруг на поранешната министерка за правда на Фидес, Џудит Варга, со која помина низ тежок развод и во текот на кампањата разменуваше сериозни обвинувања од лична природа) Маѓар својата партија ја претстави како десничарско движење кое може да привлече дел од гласачите на Орбан.

Маѓар воедно најави дека на сила ќе останат социјалните програми кои Орбан ги воведе за поттикнување на наталитетот и поддршка на семејствата и постарите./МИА

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Родители од пеколот: Ја силувале својата 11 годишна ќерка, па му ја дале на постар маж од БиХ да ја силува за да го исплатат долгот

Брачен пар од Рот ам Зе (округ Швебис Хол) во Германија е осуден на долги затворски казни од Регионалниот суд во Елванген за сериозно сексуално злоставување и силување на сопствената ќерка.

Родители од пеколот: Ја силувале својата 11 годишна ќерка, па му ја дале на постар маж од БиХ да ја силува за да го исплатат долгот

Судскиот совет го осуди 45-годишниот татко на 11 години и шест месеци затвор, додека неговата 41-годишна сопруга доби казна од девет години и шест месеци, пишува Nezavisne.com.

Во овој случај учествувал и нивниот семеен пријател, 54-годишен маж со двојно државјанство на Босна и Херцеговина и Хрватска, кој моментално е во бегство. По него е издадена меѓународна потерница. Според обвинението, германскиот пар му ја дал својата ќерка на овој маж, третирајќи ја како предмет на сексуална експлоатација.

Девојчето ѝ се доверило на својата наставничка

Според обвинението, родителите постојано ја принудувале нивната тогаш 11-годишна ќерка на сексуални односи во период од повеќе од една година. Подоцна, се сомнева дека нивниот семеен пријател, по потекло од Босна и Херцеговина, кој има и хрватско државјанство, исто така се придружил на злоставувањето.

Во обвинението се наведува и дека родителите му се заканувале на девојчето со електрошокови за да ја принудат да молчи. Истражителите се сомневаат дека таткото имал значителни долгови кон 54-годишниот познаник.

Случајот стана јавен откако девојчето ѝ кажала на својата наставничка за сè, која веднаш ја известила надлежната служба за заштита на деца и млади, која од февруари се грижи за девојчето, кое сега има 13 години. За време на судската постапка, родителите го искористиле своето право да не презентираат одбрана.

Контроверзната судска одлука предизвика вџашеност

За време на постапката, одлуката на судечкиот совет да ги ослободи обвинетите од притвор во јули привлече особено внимание. Во тоа време, судот процени дека нема доволно основа за итно сомневање дека сториле кривични дела, што е еден од условите за наредба за притвор.

Портпаролот на судот објасни дека во тој момент постоела можност обвинетите да бидат осудени, но дека нивната вина сè уште не била сигурна. Девојчето сè уште не било сослушано, а бидејќи родителите одбиле да се изјаснат за обвиненијата, судот се нашол во ситуација каде што имало две спротивставени верзии за настаните.

Сепак, Вишиот регионален суд во Штутгарт не се согласил со оваа проценка. Во август, повторно ја активираше потерницата за таткото и семејниот пријател. Сепак, дотогаш веќе беше предоцна да се спречи бегството на 54-годишникот, кој го искористил периодот на слобода за да ја напушти земјата.

Според властите, бегалецот најверојатно е некаде во Источна Европа. Портпаролот на судот потврди дека мажот, покрај хрватското, има и државјанство на Босна и Херцеговина, што би можело да го комплицира процесот на екстрадиција.

Таткото веќе бил осудуван

Судскиот совет ги отфрли тврдењата дека имало сериозна грешка во правдата за време на постапката. Судот рече дека одлуките се донесени врз основа на доказите и информациите што им биле достапни во тоа време.

Таткото веќе отслужувал затворска казна во Северна Рајна-Вестфалија за обид за измама. Претходно бил осуден и за дистрибуција на порнографски материјал.

За разлика од него, мајката била уапсена дури минатата недела. Една од клучните причини за проценката дека постои ризик од нејзино бегство беше психолошката експертска проценка на сведочењето на девојчето, која судот ја оцени како особено значајна.

Во случаите на сексуална злоупотреба, експертската анализа на сведочењето на жртвата игра важна улога во утврдувањето на фактите и донесувањето судска одлука. За време на сослушувањето, 13-годишното девојче го даде своето сведочење за насилството што го претрпела преку видео-снимка. Снимката, како и наодите и мислењето на вештакот, беа дискутирани на затворена седница, без присуство на јавноста.

Сомнителни финансиски трансакции на двојката

Дополнително, против мајката се води посебна постапка поради сомнение за злоупотреба на хуманитарни донации. Според истрагата, таа собрала пари преку платформата GoFundMe, презентирајќи им лажни информации на донаторите.

Надлежните органи истражуваат и сомнителни финансиски трансакции на банкарските сметки на двојката. Банките пријавиле сомневања за можно перење пари до надлежните институции. Според досегашните сознанија на истражителите, 54-годишен маж кој е во бегство бил исто така вмешан во спорните финансиски трансакции.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Пијан ракун, кој го насмеа светот, помогна да се соберат 290.000 долари (ВИДЕО)

Ракун кој минатата година провалил во продавница за алкохол во американската држава Вирџинија, испил неколку шишиња алкохол и заспал покрај тоалетот, му помогнал на локалното засолниште за животни.

Пијан ракун, кој го насмеа светот, помогна да се соберат 290.000 долари (ВИДЕО)

Ракун кој минатата година провалил во продавница за алкохол во американската држава Вирџинија, испил неколку шишиња алкохол и заспал покрај тоалетот, му помогнал на локалното засолниште за животни да собере повеќе од 290.000 долари, објави Засолништето за животни во округот Хановер, објави АП.

Ракунот стана глобална медиумска сензација откако менаџерот на продавницата го пронашол во несвест покрај тоалетот неколку часа по провалата.

YouTube video

Засолништето купува камери

Животното се опоравило и било пуштено во дивината, на околу една милја од продавницата во Ашланд.

Неговата авантура инспирирала скеч во емисијата „Saturday Night Live“, а Засолништето за животни во округот Хановер ја искористило неговата популарност за да собере пари со продажба на маици, дуксери со качулки, капи, шолји и налепници со зашеметениот ракун.

Производите го носат слоганот „Wacky Panda“, додека се создадени тематски колекции за лето и Ноќта на вештерките.

Директорот за заштита на животните во округот Хановер, Џефри Паркер, рече дека собраниот износ е многу пати поголем од вообичаените годишни донации на засолништето, кои обично не надминуваат 20.000 долари.

Дел од парите ќе бидат искористени за купување камери за тело што ги носат осум службеници за заштита на животните.

Камерите ќе им овозможат да собираат докази во случаи на злоупотреба на животни, како и да ги документираат постапките на службениците за време на интервенциите.

YouTube video

Проба алкохол од повеќе шишиња

Локалната самоуправа едногласно го одобри купувањето на камерите на 28 октомври, а се очекува службениците да почнат да ги користат околу јануари.

Паркер рече дека сака дел од преостанатите пари да се издвојат за фонд за финансирање на третманот на повредени животни пронајдени за време на интервенциите.

„Не знам кога некогаш сме му должеле на животно толку голема благодарност како што му должиме на овој ракун“, рече членката на локалната самоуправа Феј Причард.

Ракунот се скрши и веројатно вкусил алкохол од неколку шишиња во продавницата, вклучувајќи рум, виски, вотка и други жестоки пијалоци.

Откако беше пуштен во дивината минатиот ноември, контролата на животните не добила ниту еден извештај за друга провала на ракун, рече Паркер, изразувајќи надеж дека животното сега живее мирен живот.

Продажбата на сувенири сè уште е во тек, а за да се одбележи годишнината од необичната провала, во продажба се појавија нови маички со слоганот: „Една лоша ноќ. Многу добри дела“.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Иран откри што планира со збогатениот ураниум- на Трамп нема да му се допадне

Иран нема да дозволи ниту една честичка збогатен нуклеарен материјал да ја напушти земјата, а во случај на нови напади на САД врз Исламската Република, ќе има последици, изјави шефот на иранската безбедност Мохсен Резаи во телевизиско обраќање.

Иран откри што планира со збогатениот ураниум- на Трамп нема да му се допадне

Резаи зборуваше за либанската телевизиска станица Ал Мајадин, која е блиску до Иран, откако американските претставници ја намалија потребата од дополнителни воени дејствија против Иран.

Аналитичарите посочија на помирувачкиот тон на американскиот претседател Доналд Трамп по поразот на републиканците на изборите за Конгресот во САД одржани на 3 ноември.

Резаи рече дека во моментов нема преговори меѓу Техеран и Вашингтон.

„Ќе одговориме на секој нов напад на САД со таргетирање на американските бази далеку од нас“, рече тој.

Врховниот лидер на Иран издаде директива со која наредува иранскиот ураниум збогатен на нивоа блиски до оние потребни за производство на нуклеарно оружје да не може да се испраќа во странство, изјавија двајца високи ирански претставници во мај.

„Ни треба збогатен материјал за дизајнирање бродови и подморници на нуклеарен погон“, рече Резаи, додавајќи дека Техеран ја информирал Москва дека неговиот збогатен нуклеарен материјал ќе остане во земјата и „ќе го користиме ние самите“.

Русија претходно понуди да зема збогатен ураниум од Иран како дел од потенцијален договор за ублажување на загриженоста на САД, но рече дека Техеран е тој што треба да одлучи дали да го отстрани од земјата.

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) проценува дека Иран имал 440,9 килограми ураниум збогатен до 60 проценти - ниво далеку над она што било потребно за цивилна употреба кога Израел и САД ги нападнаа иранските нуклеарни објекти во јуни 2025 година. Не е познато колку од тој материјал ги преживеал нападите.

Израел, САД и другите западни земји долго време го обвинуваат Иран дека се обидува да произведе нуклеарно оружје. Иран ги негира обвинувањата.

Вашингтон изјави дека нуклеарните прашања мора да бидат дел од сите почетни разговори со Иран насочени кон прекин на војната меѓу двете земји. Иран достави нуклеарен предлог до САД, преку Катар, кој ќе се дискутира дури откако Вашингтон ќе исполни седум барања што ги постави Техеран, изјави висок ирански функционер за Ројтерс минатата недела.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер