Ковачевски-Агелер: Продолжува силното стратешко партнерство меѓу Македонија и САД

Претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски денеска имаше средба со амбасадорката на САД во земјава, Анџела Прајс Агелер.

На средбата се потврди долгогодишното стратешко партнерство помеѓу Македонија и САД, како и силната поддршка за евроинтеграциите на Република Македонија. Амбасадорката на САД, Агелер упати јасна порака дека Соединетите Американски Држави и понатаму ќе бидат искрен партнер и пријател на државава, кои ќе даваат поддршка и за реформските процеси на државата со цел да се обезбеди подобар живот за граѓаните.

Исто така, на состанокот се разговараше и за конкретните чекори кои државата ги презема во борбата со корупцијата. Амбасадорката на САД, Агелер потенцираше дека намалувањето на корупцијата влијае врз развојот на државава во сите сфери. Според неа, корупцијата продолжува да го кочи напредокот на државата со тоа што влијае врз забавувањето на економскиот раст.

Премиерот Ковачевски посочи дека судството и обвинителството треба да функционираат независно, а случаите на коруптивни пракси треба да се пријавуваат.

Претседателката Сиљановска Давкова го прими Габриел Гуалано де Годој, од УНХЦР

Претседателката Сиљановска Давкова го прими Габриел Гуалано де Годој, претставник на Канцеларијата на УНХЦР.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими претставникот на Канцеларијата на Високиот комесаријат за бегалци при Обединетите Нации – УНХЦР, Габриел Гуалано де Годој, соопшти нејзиниот кабинет.

На средбата беа разменети мислења и информации за досегашната соработка на македонските институции со УНХЦР, при што беше нагласена значајноста на нивната експертиза, како и институционалната и материјалната поддршка како клучни за зајакнување на капацитетите за изнаоѓање одржливи решенија за луѓето во ранливи ситуации.

Претседателката Сиљановска Давкова, потсетувајќи на нејзиниот ангажман како пратеник кога активно била вклучена во усвојувањето на законите подготвени со помош на УНХЦР, ја истакна нејзината длабока посветеност кон прашањата за бегалците, осигурувајќи се дека нашата правна рамка е усогласена со меѓународните стандарди. Таа го истакна ставот дека нашата земја ќе продолжи тесно да соработува со УНХЦР за да спасува животи и да гради подобра иднина за луѓето кои се принудени да ги напуштат своите домови поради конфликти, прогонство, климатски вонредни состојби.

Претседателката Сиљановска Давкова изрази задоволство и за интензивната соработка со УНХЦР во однос на прашањето за лицата без државјанство. Во таа насока, претседателката истакна дека измените на Законот за матичните книги и Законот за странци, како и нивната практична примена ја разрешија состојбата на над 700 лица без државјанство и дека очекува во скоро време да станеме првата земја во Европа која ќе го искорени овој проблем, соопшти кабинетот на Сиљановска Давкова.

Д-р Игор Стојковски е назначен за нов директор на Клиниката за онкологија

Доктор Игор Стојковски е новиот директор на Клиниката за онкологија, потврди за Канал 5 министерот за здравство Арбен Таравари.

Стојковски доаѓа на местото на Виолета Клисаровска на која месецов и истекол договорот на вд позицијата.

Тој е специјалист во одделот за малигни тумори на ЦНС, коскени тумори и карцином на кожа.

Вчера новиот министер за здравство соопшти дека покрај онкологија, нови директори се назначени и на токсикологија и оннкологија, докторите Андон Чибишев и Фатмир Меџити.

Од друга страна се разрешени девет економски директори, раководни позиции на клинички кои новата влада најавува дека целосно ќе ги укине. Меѓу разрешените е и контроверзната директорка на токсикологија Бесија Иљази која ги потпиша спорните 18 договори за вработување, а воедно им забрани на вработените да даваат изјави за медиуми, но и доаѓаше со преведувачка на работа оти не знаеше македонски...

Во првиот квартал во Албанија 354 милиони евра странски инвестиции, предничат Турција и Италија

Во првите три месеци од годинава Албанија забележала 354 милиони странски инвестиции, што е за 47 милиони евра повеќе споредено со истиот период минатата година.

- Турција е најголемиот странски инвеститор. Во периодот јануари-март 2024 година, турските инвестициски текови се значително зголемени, достигнувајќи го нивото од 69 милиони евра. По напуштањето на телекомуникацискиот сектор, турските компании продолжуваат да играат важна улога во финансиската, енергетската и екстрактивната индустрија, објавија медиумите.

Податоците покажуваат дека втор по големина странски инвеститор годинава е Италија, 41 милион евра. Италијанските бизниси главно се фокусирани во услужниот сектор.

Трети се претпријатијата со австриски акционери со инвестиции вредни 34 милиони евра, кои се концентрирани особено на осигурителниот пазар, во енергетскиот сектор, во хотелските и градежните услуги.

Во меѓувреме, интересен податок е фактот дека холандските странски инвестиции се позиционирани на четвртото место, губејќи ја доминацијата што ја имаа во последните години.

Во првиот квартал од годинава холандските странски инвестиции се со вредност од 25 милиони евра, а потоа следува Косово кое инвестирало 20 милиони евра. Косовските инвестиции главно се концентрирани во трговијата и градежниот сектор.

притисни ентер