Ковачев: Не е драма ако Македонија ги почне преговорите со ЕУ за шест месеци

Не е голема драма ако Македонија ги почне преговорите со Европската Унија и по шест месеци. 

Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев повторно ѕвечка со вето, во исчекување на одлуката за одржување на првата Меѓувладина конференција во декември. Во интервју за бугарската ТВ Европа, Ковачев е дециден – мораме да добиеме гаранции дека идните генерации нема да учат фалсификувана историја, а Македонија нема да манипулира со историските прашања.

-Ние не сакаме во Европската Унија да влезе земја како полноправна членка и овие проблеми да ги имаат по 10, 20 години нашите деца, внуци, внуците на Заев и следните генерации да се мразат како полноправни членки на ЕУ. Не е толкава драма ако преговорите ги почнат по шест месеци, кога ќе има подготвеност. , вели Андреј Ковачев, европратеник

Во однос на подготвеноста на македонската владата да се допрецизираат одредени прашања од Договорот за добрососедство, кои упатуваат на евентуални територијални претензии кон Бугарија, Ковачев вели дека тоа е далеку од задоволување на барањата на Софија. Европратеникот посочува дека под историска вистина се подразбира прифаќање на условите содржани во декларацијата на бугарскиот парламент, во кој меѓудругото, доминира негирањето на македонскиот јазик.

-Велат подготвени сме да потпишеме анекс и да кажеме дека нема да имаме територијални претензии кон вас. Тоа е исклучително великодушно и мило, но тоа е категорично недоволно. Кога ќе бидат подготвени, кога ќе се охрабрат да ги надминат поделбите и децениските фалсификати и сеење омраза, режирани од Титова Југославија, ќе можат да ги почнат преговорите., вели Ковачев

Шефот на дипломатијата Османи вчера појасни дека работни групи на двете министерства за надворшени работат на надминување на разликите. Тој изрази подготвеност да се направи дополнително појаснување во Договорот, како на пример за кратко име на земјава, ако тоа предизвикува загриженост во Бугарија.

Француската влада е пред распад

Владата на Франција е речиси сигурно дека ќе падне во наредните денови, откако екстремно десничарските и левичарските партии објавија дека ќе гласаат за недоверба на премиерот Мишел Барние.

Нивниот потег дојде откако Барние рече дека ќе се обиде да го протурка буџетот за социјално осигурување низ Долниот дом на парламентот без гласање, бидејќи неговата последна отстапка не беше доволна за да ја обезбеди поддршката на екстремно десничарската партија Национален собир, објави Би-Би-Си.

Лидерката на Националното собрание Марин Ле Пен изјави дека нејзината партија ќе поднесе сопствена иницијатива за гласање недоверба на владата, но и ќе поддржи секаков сличен предлог од други партии. „На Французите им е доста. Можеби мислеа дека работите ќе бидат подобри со Мишел Барние, но тие се уште полоши“, рече Ле Пен.

Матилда Пано од левичарската партија Франција неосвоена вели: „Соочени со ова, по којзнае кој пат, негирање на демократијата, ќе гласаме против владата. Живееме во политички хаос поради владата на Мишел Барние и претседателството на Емануел Макрон“.

Ако сите пратеници на Националното собрание и левицата гласаат за соборување на Барние, владата нема да опстане. Гласањето може да се одржи веќе во среда.

Ниту една француска влада не е соборена на ваков начин од 1962 година.

Битките на Барние да го протурка буџетот за 2025 година преку длабоко поделениот парламент може да ја втурнат Франција во втората политичка криза во последните шест месеци, нагласувајќи ја нестабилноста што ги зафати членките на Европската унија.

„Ова е моментот на вистината“, им рече Барние на пратениците, ставајќи ја судбината на неговата влада во нивни раце. „Французите нема да ни простат што ги ставаме интересите на поединци пред иднината на земјата“, рече премиерот.

Малцинската влада на Барние, формирана во септември, се потпираше на поддршката на Националното собрание за својот опстанок.

Предложениот буџет, кој има за цел да го ограничи растечкиот јавен дефицит на Франција преку зголемување на даноците и намалување на трошоците за 60 милијарди евра, може да стави крај на таа слаба соработка.

Падот на француската влада ќе создаде дупка во срцето на Европа, со Германија веќе преокупирана со избори, неколку недели пред враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа.

Муцунски пред Комисијата за надворешни работи на ЕП: Добрососедството не е еднострана обврска

Шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски, денеска имаше обраќање и сесија посветена на прашања и одговори со европратениците – членови на Комисијата за надворешни работи на Европскиот Парламент (АФЕТ).

Пред членовите на комисијата, Муцунски испрати јасна порака дека новата Влада е силно фокусирана на евроинтеграциите и спроведувањето на реформи. Тој истакна дека за земјата е клучно да продолжи да напредува кон полноправно членство во ЕУ, следејќи предвидлива пристапна траекторија, заснована на јасно утврдените пристапни критериуми и принципот на сопствени заслуги. Притоа, потенцираше дека добрососедството не е еднострана обврска, туку долгорочен процес што бара заедничка одговорност и меѓусебна почит.

Министерот нагласи дека членството во ЕУ не е само политичка амбиција, туку суштински трансформативен процес што ги става граѓаните во центарот. Тој ја истакна посветеноста на Владата кон спроведување на клучни реформи, особено во областа на владеењето на правото, правосудството, јавната администрација и економското управување.

Во своето обраќање, Муцунски потсети дека државата е целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ – стратегиски избор и врвен приоритет што ја демонстрира нашата посветеност на принципите и вредностите што ги застапува Унијата. Истакнувајќи ја потребата од носење одлуки што ќе постават основа за идното проширување на Унијата, тој ги и повика европратениците да продолжат проактивно да ја поддржуваат политиката на проширување, особено сега кога Европската Унија влегува во нов петгодишен институционален и легислативен циклус, кој ќе има значително влијание врз иднината на проширувањето.

Одговарајќи на прашањата од членовите на комисијата, Муцунски потенцираше дека Македонија е пример за почитување и заштита на правата на малцинствата, што повеќепати е потврдено од Советот на Европа и Европскиот суд за човекови права, соопштуваат од МНРНТ.

24- годишна актерка загина за време на одмор на Тајланд – снимен е страшниот момент (ВИДЕО)

Руската актерка Камила Биелјацкаја (24) починала кога огромен бран ја одвлекол во морето во Тајланд.

Актерката е фотографирана како седи на јога душек на карпа и гледа над Тајландскиот залив. Неколку секунди подоцна била фрлена во разбрануваното море, однесена од голем бран.

Застрашувачката снимка покажува како актерката се бори и ја напаѓаат морските струи. Камила е од Новосибирск, а како турист со своето момче го посетувала вториот по големина остров на Тајланд.

Нејзиното тело било пронајдено за време на викендот, на еден километар од местото каде што ја однел бранот. Претходно на социјалните мрежи таа сподели со своите следбеници дека го сака ова место и дека често се враќа на него за време на нејзините посети на островот, кој го нарече „дом“ и „најдоброто место на светот“.

Еден човек влегол во брановите обидувајќи се да ја спаси, но безуспешно. Камила претходно објави за местото: "Оваа камена плажа е најдоброто нешто што сум го видел во мојот живот. Ти благодарам, вселено, што сум овде сега. Многу сум среќна. Среќна сум!"

Снимката ја покажува на местото каде што починала. Таа отишла до видиковец за да ги гледа брановите и била видена како пристигнува со црвен автомобил пред да оди сама до карпите.

Таа ја извадила подлогата од багажникот на нејзиниот автомобил пред да оди до место кое нуди панорамски поглед на островот. Подоцна душекот бил виден како лебди во водата кај Кох Самуи, еден од најпопуларните острови во Тајланд.

Спасувачките екипи се соочиле со проблеми поради бесните бранови и иако пристигнале само 15 минути откако таа била однесена во морето, не можеле да направат ништо за да ја спасат актерката.

Нејзиното момче заедно со сведоци дало изјави во локалната полиција во врска со трагедијата. „Овој инцидент е остар потсетник за опасностите што ги носат монсунските услови, а властите ги повикуваат посетителите да бидат крајно претпазливи и да избегнуваат карпести брегови за време на периоди на високи бранови“, се вели во тајландски извештај.

притисни ентер