Костадиновски: Интерпретативните одлуки како нов јазик на дијалог меѓу Судот и Законодавецот - Канал 5

Костадиновски: Интерпретативните одлуки како нов јазик на дијалог меѓу Судот и Законодавецот

Уставниот суд претставува sui generis орган во нашиот уставен поредок, пред сè поради тоа што неговото функционирање не е уредено со посебен закон. 

Костадиновски: Интерпретативните одлуки како нов јазик на дијалог меѓу Судот и Законодавецот

Со тоа, тој останува единствен орган во Републиката кој својата организација и работа ја темели непосредно на Уставот и на сопствениот Aкт. Оваа специфичност отвора простор за саморегулација, но истовремено наметнува и одговорност - да се постават јасни граници на уставно-судското дејствување.

Отсуството на законска дооперационализација не е само недостаток, туку и предизвик што бара активен одговор. Уставот не е музејски експонат, туку документ кој мора да живее и да дише заедно со народот. Во такви услови, Уставниот суд не може да остане пасивен толкувач. Тој мора да биде институција која го разбира Уставот како жив систем на вредности, кој се применува во реални, често комплексни општествени околности.

Можноста за саморегулација ни отвори две насоки. Прво, на експлицитен начин самите да ја прошируваме сопствената надлежност. Што се случи изминатите две години? Со Актот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2024), воведовме две значајни новини, и тоа: интерпретативните одлуки и посебните извештаи за состојбата на уставноста и законитоста во уставниот поредок.

Но, не застанавме тука. Како резултат на судскиот активизам и толкување, особено на темелните вредности, надлежноста на Судот ја проширивме и на имплицитен начин. Попрецизно, во изминатиот период Судот ја продлабочи својата уставно-судска анализа - не само во однос на материјалната уставност на законите, туку и во однос на нивната формална уставност. Судот почна да ја оценува легитимната цел на законодавецот, општествената оправданост и пропорционалноста на законските решенија, во остварување на уставноста.

Второ, Судот започна да одлучува и за судир на закони, односно за т.н.колизија на законите, како во хоризонтална, така и во вертикална смисла. За ваквото негово постапување, Судот нема експлицитна надлежност. Но, толкувајќи го владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок, во ситуации кога постои судир на законски норми што може да доведе до арбитрарност во нивната примена (тој што треба да примени, бира кое законско решение ќе го примени), Судот утврдува дека тоа значи повреда на правната сигурност и правната предвидливост, а со тоа и повреда и на владеењето на правото. Ова претставува значајна имплицитна надлежност на Уставниот суд.

Следно, Судот е сѐ поблиску до активирање на т.н.мртва норма од Актот (член 88), која се однесува на утврдувањето на начинот на извршување на неговите одлуки. Во таа насока, Судот се повеќе размислува за донесување мериторни одлуки со одложено правно дејство, односно одлуки за укинување или поништување со одложено стапување во сила. За вакво решение, јас лично сум размислувал за член 218 став 1 од Законот за извршување за кој Судот поведе постапка за оценување на неговата уставност.

Ова се значајни новини во уставното судство и овој пристап, за мене лично, не претставува проширување на надлежностите, туку нивно суштинско исполнување, односно судски активизам.

Но, ваквиот развој неизбежно отвора и потешки прашања. Кога Уставот се толкува динамично, кога се применува во светло на променливи општествени околности, тогаш улогата на уставниот судија станува посложена, но и поодговорна. Во таа улога, не постои однапред даден одговор дали Уставот треба да се чита широко или рестриктивно. Тоа е одлука која мора да произлезе од свеста за тежината на уставната функција.

Сега, дозволете да се осврнам на новините кои веќе се нормирани во новиот Акт на Судот. Една од новините во Судот - воведувањето на интерпретативните одлуки не е случајна, ниту пак претставува отстапување од уставната позиција на Судот. Напротив, тие се резултат на потребата да се обезбеди ефективна заштита на уставноста, без да се наруши стабилноста на правниот поредок. Со интерпретативните одлуки, Судот не се ограничува само на укинување или поништување на неуставни норми. Наместо тоа, тој ја поставува нормата во уставно прифатливи рамки и му остава на Законодавецот можност за корекција. На тој начин се избегнува создавање на правни празнини кои би можеле директно да ги загрозат правата и слободите на граѓаните. Овој модел воспоставува специфичен однос меѓу Судот и Законодавецот - однос кој не се темели на супериорност, туку на уставен дијалог. Судот укажува, законодавецот постапува, а правниот поредок се стабилизира без потреси.

Но, истовремено, мора да се биде свесен дека овој инструмент содржи и елемент на одговорност. Доколку Законодавецот не постапи во утврдениот рок или не ги почитува правните позиции на Судот, тогаш Судот ќе ја активира својата класична уставна функција - поништување или укинување на неуставната норма. Во тој случај, одговорноста за последиците повеќе не е на Судот.

Покрај интерпретативните одлуки, втора новина, нормирана со Актот на Судот со член 13 претставуваат посебните извештаи за уставно-судската практика. Со нив, Судот не одлучува за поединечен случај, туку укажува на пошироки системски слабости и потребата од нивно надминување. Овие извештаи претставуваат форма на институционален дијалог. Тие не се наметнуваат, туку упатуваат. Не санкционираат, туку предупредуваат. Но, нивната тежина произлегува од уставната позиција на Судот како гарант на уставноста.

И токму тука се наоѓа суштината на современото уставно судство. Судот повеќе не е само негативен законодавец. Тој е и толкувач, и коректор, и насочувач на правниот поредок, го обликува и дизајнира истиот.

Сепак, оваа еволуција мора да има свои граници.

Во услови на широка саморегулација и развој на имплицитни надлежности, секогаш постои ризик од преминување во судократија - состојба во која Судот би ја презел улогата на Законодавецот. Таквиот развој не би значел зајакнување на уставноста, туку нејзино нарушување. Затоа, клучниот предизвик не е дали Судот треба да биде активен, туку до каде може да оди неговата активност. Балансот меѓу заштитата на Уставот и почитувањето на демократскиот легитимитет на законодавецот е суштината на уставното судство. Без тој баланс, ниту една институција не може да ја задржи својата уставна улога. Ова драматично ја зголемува одговорноста на уставните судии. Затоа тие не робуваат на класичниот судски менталитет на редовните судии.

Оттука, се наметнува и потребата од појасно уредување на положбата и функционирањето на Уставниот суд. Воспоставувањето на законска рамка, со соодветно уставно мнозинство, не би значело ограничување на Судот, туку зајакнување на неговата легитимност и правна сигурност.

На крајот, останува едноставна, но суштинска констатација: Уставниот суд повеќе не е институција која само го чува правниот поредок, туку институција која го одржува, но и го обликува и дизајнира. И токму во таа улога, секоја негова одлука мора да биде насочена кон едно: зачувување на уставноста, правната сигурност и довербата на граѓаните во правото.

Во суштина со овие значајни новини, како со експлицитните, така и со имплицитните, Уставниот суд ги следи современите тенденции во европскиот неоконституционализам. Тие, наједноставно кажано, значат напуштање на строгиот формализам, односно напуштање на ригидниот келзенов концепт на негативен законодавец и создавање на нов концепт по кој, како што веќе во неколку наврати кажав, избледуваат линиите меѓу негативниот и позитивниот законодавец. На секој еден правник му е јасно дека со претходноспоменатите новини, Уставниот суд активно се вклучува во обликување и дизајнирање на правниот поредок, секако во рамките на Уставот.

Заеднички именител на експлицитните и имплицитните новини, а како крајна цел, секако е поврзано со независноста и самостојноста на Уставниот суд. Добро е што Судот се избори за својата административна и буџетска независност, иако се соочуваме со проблеми во примената, особено во однос на втората. Во контекст на ова ќе се повикам на една констатација на шестиот Конгрес на Светската конференција за уставна правда. Во Мадридската декларација беше констатирано дека уставната правда може да ја исполнува својата улога само кога автономијата и независноста на уставните судови се целосно загарантирани. Ваквата независност не е цел сама по себе, туку неопходен услов за обезбедување на супрематијата на Уставот, ефикасна заштита на основните права и осигурување на балансот меѓу властите во држава која се раководи од принципите на владеење на правото.

Причината за тоа е едноставна, но суштинска: судската независност претставува човеково право, неразделно поврзана со правото на поединецот на пристап до правда, на фер и правично судење, на еднаква правна заштита, што е констатирано и во Декларацијата усвоена на деветтиот состанок на високо ниво во Каиро со судии-претседавачи и претседатели на врховни и уставни судови и на уставни совети.

Ова беше еден вовед за да може подобро да се разбере од каде произлегуваат двете новини за коишто сакам денес да зборувам.

I. ПРВАТА НОВИНА - ИНТЕРПРЕТАТИВНИТЕ ОДЛУКИ

Првата новина се однесува на воведувањето на т.н. интерпретативни одлуки, како посебен инструмент на уставно-судска контрола. Овој инструмент овозможува Судот, наместо веднаш да укине или поништи одреден пропис, да утврди сомнеж за неговата неуставност и да му даде рок на неговиот донесувач да го усогласи со Уставот. Со тоа, Судот создава една специфична правна состојба - привремена уставност. Суштината на оваа новина не е во проширување на моќта на Судот, туку во надминување на една практична и сериозна слабост на класичниот модел.

Имено, во бројни случаи, непосредното укинување на законска норма не доведува до воспоставување на уставност, туку до создавање правен вакум. Таквиот вакум може да има сериозни последици: да ја наруши правната сигурност, да го отежни остварувањето на правата, па дури и да загрози пошироки јавни интереси Затоа, интерпретативната одлука претставува обид да се воспостави баланс помеѓу: уставноста, демократскиот легитимитет на законодавецот и стабилноста на правниот поредок

Овој модел има и јасна структура: Прво, Судот утврдува сомнеж за неуставност и ги изразува своите правни позиции. Второ, му дава рок на законодавецот - најмногу шест месеци - да изврши усогласување. Трето, доколку тоа не се случи, Судот преминува кон класична репресивна одлука.

Оттука, овие одлуки имаат двојна природа: превентивна, бидејќи овозможуваат самокорекција, репресивна, бидејќи содржат јасна последица ако тоа не се случи. Овој инструмент не е непознат во европската пракса. Напротив, тој се применува во повеќе држави токму поради неговата способност да создаде уставен дијалог наместо институционален судир. Она што е особено важно е дека интерпретативните одлуки не ја заменуваат волјата на законодавецот, туку ја насочуваат, ја обликуваат на начин што не создаваат ново право туку го дефинираат неговото уставно дозволено значење.

II. ВТОРАТА НОВИНА - ПОСЕБНИТЕ ИЗВЕШТАИ ЗА УСТАВНОСТА

Втората значајна новина е воведувањето на можноста Судот да врши следење на остварувањето на уставноста, законитоста и слободите и правата и по свое наоѓање да усвои посебен извештај во кој ќе укаже на потребата за преземање мерки за нивно остварување и заштита и ќе го достави до надлежниот орган, утврдена со член 13 од Актот на Судот. На овој начин, Судот не реагира само по иницијатива, туку преку својата работа станува активен набљудувач на уставниот поредок. Овие извештаи имаат поинаква природа од одлуките: тие не се репресивни, туку имаат укажувачки карактер - укажуваат на проблеми и предлагаат мерки за нивно надминување На тој начин, Судот не интервенира преку укинување, туку преку уставен сигнал. Оваа новина има особено значење затоа што овозможува рано детектирање на системски слабости, спречување на идни неуставности и развој на уставна култура. Првиот ваков Извештај беше усвоен од Уставниот суд, и се однесува на толкувањето на членот 52 став 2 од Уставот, којшто се однесува на институтот vacatio legis. Во заклучокот од тој посебен извештај е наведено: “... Уставниот суд, согласно со член 13 од Актот и воспоставената судска практика заклучува дека постои потреба за усвојување извештај со цел да им се укаже на надлежните органи во државата дека формалниот аспект на прописите е од иста важност како и материјалниот дел, и при нивното постапување потребно е да ја почитуваат обврската што произлегува од Уставот којашто се однесува на рокот за објавување на законите и другите прописи во „Службен весник на Република Македонија“”. Во меѓувреме, усвоен е уште еден во однос на прашањето за влегувањето во сила на законите согласно со член 52 став 3 од Уставот. Овие извештаи служат како водич за позитивниот законодавец за тоа како треба и како е “пожелно” да постапи, со што повторно се отвора простор Уставниот суд индиректно преку форма на институционален дијалог и соработка (не репресивно) да интервенира во областа на дејствување на позитивниот законодавец. Така Уставниот суд придонесува за почитување и зајакнување на уставноста, без да дејствува како негативен законодавец.

III. ОДНОСОТ МЕЃУ СУДОТ И СОБРАНИЕТО

„Законодавецот е врзан со Уставот, уставниот суд е врзан со своето толкување на Уставот.“ Hans Kelsen

Овие две новини неизбежно го отвораат прашањето за односот помеѓу Уставниот суд како „негативен законодавец“ и Собранието како „позитивен законодавец“. Во современиот уставен систем, овој однос не е однос на надреденост, туку на взаемна соработка. Судот не ја презема улогата на законодавецот, но влијае врз неговото дејствување, поставува стандарди и дефинира уставни граници. Ова влијание може да биде директно - преку укинување или поништување, индиректно - преку извештаи или комбинирано - како кај интерпретативните одлуки. Токму интерпретативните одлуки се најелегантниот модел, бидејќи избегнуваат институционален конфликт, овозможуваат дијалог и ја намалуваат правната несигурност.

Природно е дека во вакви нови околности ќе се јавува тензија помеѓу законодавецот и Уставниот суд. Впрочем, бевме сведоци на размената на остра реторика од двете страни, што е сосема очекувано поради фактот што во подолг временски период Уставниот суд бил пасивен или премногу кооперативен и на тој начин му овозможил на Законодавецот една уставна комоција. Секако, на Законодавецот ќе му треба време да се прилагоди на новонастанатите околности, односно на промените на Уставниот суд. Повеќе пати сум апелирал Законодавецот на нашите одлуки да гледа пријателски, како чин на подадена рака. Секако, времето ќе покаже и очекувам Законодавецот да се аклиматизира на новата состојба. Го чувствува притисокот од промените во Уставниот суд, но, ќе се навикне.

IV. УСТАВНО-СУДСКИ АКТИВИЗАМ И НЕГОВИТЕ ГРАНИЦИ

Овие новини се резултат на она што во теоријата се означува како уставно-судски активизам. Но, тука мора да се направи јасна дистинкција. Активизмот не значи произволност. Тој произлегува од потребата за ефективна заштита на Уставот, динамичното толкување на уставните норми и прилагодувањето на правото кон општествените промени. Во таа смисла, Уставот не е статичен текст, туку жив систем кој бара континуирано толкување. Но, истовремено, секое проширување на надлежностите носи и ризик: да се наруши рамнотежата помеѓу институциите. Затоа, овие механизми мора да се применуваат внимателно, аргументирано и со јасна свест за нивните граници.

Кога претходно кажав дека со овие новини драматично се зголемува одговорноста на уставните судии, дозволете ми да се повикам на неколку суштински својства коишто треба да ги поседува независниот судија. Тука, ќе се повикам на зборовите на мојот драг пријател и кардаш Кадир Озкаја, претседател на Уставниот суд на Турција „Вагата на правдата се наоѓа во рацете на судиите. Тоа е најчувствителната вага на светот. За да се држи правилно, не е доволно само познавање на правото, туку потребни се изострено чувство на совест и висок морален интегритет. Оттука, судиите, пред сѐ, мора да поседуваат совест, да го почитуваат законот и да постапуваат чесно. Покрај овие три темелни доблести, тие треба да негуваат скромен и мирен карактер, бидејќи јасно е дека вагата на оној што е арогантен или избувлив не може правилно да мери. Судиите мора секогаш да постапуваат со искреност и личен интегритет, да се водат според здравата совест, да бидат пример за другите. Совеста ја дефинирам како внатрешно својство на човекот, како внатрешно чувство што му овозможува да разликува што е правилно од она што е погрешно. Иако апстрактен, тоа е универзално признаен поим. Според моето гледиште, совеста не лаже. Таа ниту советува, ниту наложува неправилно постапување. Совеста секогаш е насочена кон вистината. Постои силна заемна поврзаност меѓу поседувањето совест и независноста и непристрасноста. Нашиот судиски капацитет се обликува преку разумот, знаењето, етиката и совеста, а тоа се елементите што се тесно испреплетени со носењето правични одлуки.“

V. ЗАКЛУЧОК

Сите овие новини претставуваат нов модел на уставно-судско дејствување, нов начин на комуникација со Законодавецот и нова фаза во развојот на уставното судство. Нивната суштина, и покрај тоа што предвидуваат и „мека ревизија“ на Уставот, е во насока на заштитата на Уставот без да се наруши правниот поредок. Да се коригира Законодавецот, без да се замени неговата улога. Да се обезбеди уставност, без да се создаде правна несигурност. Во крајна линија, овие инструменти имаат една цел - да изградат уставен поредок заснован на дијалог, одговорност и почитување на Уставот. И без никаква дилема, овие новини нѐ водат кон повисока уставна култура.

Ви благодарам на вниманието!

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Ве загрижува ли честото ? Знаци на кои треба да обрнете внимание

Доколку често се борите со краткотрајно губење на помнењето, збунетост или проблеми со перцепција на просторот, просторна ориентација, можеби е време да посетите специјалист. 

 Ве загрижува ли честото ? Знаци на кои треба да обрнете внимание

Ризикот од развој на деменција се зголемува со возраста, особено ако оваа состојба е присутна и во вашето семејство. Но, како да знаете дали вашите повремени тешкотии во размислувањето, помнењето и носењето одлуки се само знаци на стареење или, пак, рани показатели за деменција?

„Деменцијата, генерално кажано, претставува состојба при која доаѓа до значително опаѓање на способноста на лицето да размислува, а оваа промена води кон намалена способност за функционирање и грижа за себе“, објаснува невропсихологот Арон Бонер-Џексон, пренесува „Кливленд клиник“ (Cleveland Clinic).

Д-р Бонер-Џексон ги наведе 10-те најчести рани знаци на деменција и даде конкретни совети што да преземете доколку сте загрижени дека можеби развивате деменција.

Во повеќето случаи, луѓето кај кои се развива деменција, без оглед на нејзиниот тип, првично доживуваат релативно слични симптоми кои со текот на времето се влошуваат. Овие симптоми не влијаат само врз способноста за јасно размислување и дејствување, туку можат да влијаат и врз физичкото, менталното и емоционалното здравје. Честопати, раните знаци на деменција се јавуваат во комбинација со тешкотии при прилагодување на промени во секојдневната рутина, како и со специфични обрасци на однесување и размислување.

1. Проблеми со краткорочната меморија

Губењето на краткорочната меморија често е најран знак за деменција и Алцхајмерова болест. Тоа се разликува од повремената заборавеност и се јавува почесто во различни ситуации, при што може да го попречи извршувањето на секојдневните активности. На пример, може да заборавите да завршите одредени задачи, како што се гасење на светлата или ставање на алиштата во машината за перење; може да заборавите што сте правеле среде некоја активност; или, пак, за време на разговор, да заборавите за што сте зборувале или кои биле одговорите на одредени прашања. „Луѓето можат совршено да се сетат на работи од пред многу години“, забележува д-р Бонер-Џексон. „Но, фрустрирачки е тоа што не можат да се сетат што правеле вчера или утрово.“

2. Промени во расположението или однесувањето

„Често гледаме промени во расположението или однесувањето уште во раната фаза на деменцијата“, додава д-р Бонер-Џексон. „Лицето може да покаже помал интерес за работи во кои претходно уживало. Може да стане поповлечено во социјална смисла и да не сака да биде во друштво на луѓе толку често како порано. Можеби веќе не наоѓа задоволство во работите во кои некогаш уживало. Исто така, може да стане пораздразливо, лесно да се фрустрира или да чувствува поголема вознемиреност отколку претходно.“

3. Губење во познати средини

Кога имате деменција, може повремено да заталкате или да се изгубите во познати средини – како што се вашето соседство, вообичаената рута до работа или училиште, па дури и во сопствениот дом. „Мислам дека најмногу загрижува кога луѓето ќе отидат со автомобил до продавница, што е оддалечена само еден километар, а потоа ќе се изгубат на враќање – патување кое инаку би требало да биде сосема едноставно“, вели д-р Бонер-Џексон.

4. Зголемена збунетост

Во раните фази, може да се најдете збунети во различни ситуации. Може да имате потешкотии да сфатите каде се наоѓате или кој месец е, и да не бидете во можност сами да ги решите овие или други проблеми. Неможноста да се обрне внимание дури и на најситните детали, како и тешкотиите во расудувањето, дополнително ја влошуваат оваа збунетост. „Ако некој е задолжен за плаќање на сметките за домаќинството, може да почне да заборава да ги плати – или пак, може да плати некоја сметка, да заборави дека веќе го сторил тоа и повторно да ја плати, или едноставно да направи грешка. Слушаме приказни каде што некој прави грешка во износот – на пример, додава една нула повеќе – и одеднаш должи голема сума, или на крајот плаќа многу повеќе отколку што всушност должи“, објаснува тој.

5. Тешкотии при справување со промени

Во раните фази на деменцијата, промените можат да бидат исклучително тешки за прифаќање. Може да почувствувате засилен страв, раздразливост или дезориентираност кога ќе се соочите со нови предизвици или пречки, што може да ве наведе цврсто да се држите до познатите рутини. Ако нешто ја наруши вашата рутина, може да ви биде тешко да се прилагодите на промената. „Чест пример е промената во режимот на земање лекови“, појаснува докторот. „Лицето треба да земе нов лек, кој не е дел од неговата вообичаена рутина. Токму тогаш може да почне да заборава дека треба да го земе лекот.“

6. Промени во рационалното расудување и просторната свесност

Лицето со деменција може да доживее суптилни или значителни промени во своите обрасци на однесување или во способностите за расудување. Ненадејните, импулсивни постапки – како што се преминување на улица без да се провери дали доаѓа возило или грубо однесување кон другите може да станат почести, дури и ако таквото однесување претходно не било карактеристично за таа личност.

7. Тешкотии при донесување одлуки

Чувството на парализираност пред потребата за носење одлуки може да биде ран знак за деменција, особено ако ви е потребна помош да направите избор. Заморот од носење одлуки може да го отежне извршувањето на секојдневните активности, како што се избирање облека, купување одредени предмети или одлучување помеѓу подготовка на вечера и одење на прошетка. „Ако некој има проблем при донесување одлуки или лесно се збунува во ситуации со кои инаку би можел без проблем да се справи, тоа може да биде причина за загриженост“, истакнува д-р Бонер-Џексон.

8. Тешкотии при извршување нови или познати задачи

Еден од раните знаци за деменција е суптилната тешкотија во извршување на секојдневните задачи. На пример, може да ви биде тешко да следите рецепт, да се придржувате до упатствата за составување нов мебел или да управувате со финансиите, сметките и буџетот. Ако имате симптоми на деменција, дури и учењето нови хобија или вклучувањето во нови активности може да ви изгледа покомплицирано отколку порано. „Лицето со деменција веројатно ќе има поголеми тешкотии при учење нови вештини или навики, што го отежнува започнувањето ново хоби или учеството во нова активност. На пример, може да имаат потешкотии да ги запамтат правилата на нова игра со карти или да се сетат на следните чекори во некој проект за шиење“, вели докторката.

9. Чувство дека не сте толку брзи

Нормално е да забавите малку како што стареете, но тоа не треба премногу да влијае на вашата способност да функционирате во текот на денот. „Некои забележуваат дека се чувствуваат помалку координирано. Некои чувствуваат како да им се забавило размислувањето и можеби одат побавно“, вели д-р Бонер-Џексон.

10. Тешкотија во следење на разговорите

Дел од тоа забавување често влијае на способноста за одржување на комуникација. Можеби ќе имате проблем да ги изразите вашите мисли, да разберете што зборуваат другите или да ги најдете вистинските зборови во тековниот разговор. Други физички симптоми на деменција може да се појават во форма на губење на видот или слухот. „Губењето на слухот е фактор што може да предиспонира за деменција. Ако видот е слаб, ќе биде потешко да се обработат информации“, објаснува тој.

Рани знаци кај мажите и жените

Познато е дека Алцхајмеровата болест различно ги погодува жените - тие побрзо се влошуваат по дијагнозата, особено ако го имаат генот аполипопротеин Е (APOE)-ε4 (кој е наследен). Всушност, две третини од дијагностицираните случаи на деменција и Алцхајмерова болест во САД се жени. „Не знаеме точно дали овие повисоки стапки се поради тоа што жените живеат подолго од мажите или дали жените имаат поголем ризик на истата возраст. Но, знаеме дека ризикот од Алцхајмерова болест и деменција воопшто се зголемува со стареењето“, вели докторот.

Што да се прави?

Клучно во дијагностицирањето деменција е прво да побарате стручна помош, а прв чекор е вашиот лекар. Доколку е потребно, тој ќе ве упати кај невролог или друг специјалист за целосна проценка. Пред дијагнозата, лекарите ќе направат неколку тестови кои вклучуваат тестирање на рамнотежа, координација и рефлекс, когнитивно тестирање, невропсихолошко тестирање, скенирање на мозокот и тестови на крвта.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Честа вечерна навика која може да го оштети црниот дроб

Јадењето доцна навечер придонесува до поголема телесна тежина, но научниците предупредуваат дека ваквата навика може да влијае на црниот дроб.

Честа вечерна навика која може да го оштети црниот дроб

Резултатите од истражувања, објавени во списанието *Clinical Gastroenterology and Hepatology*, покажале дека луѓето кои консумираат дополнителна храна по вечерата или непосредно пред спиење се соочуваат со значително поголем ризик од стеатоза на црниот дроб,заболување поврзано со метаболичка дисфункција (состојба при која во црниот дроб се акумулира масно ткиво) или цироза.

„Знаеме дека црниот дроб во голема мера е синхронизиран со циркадијалниот ритам на телото“, вели главниот автор, д-р Роберт Вилечански од Универзитетот за здравје и наука во Орегон (OHSU).

„Затоа, нè интересира промената на времето на консумирање храна која би придонела подобро здравје без притоа да се менува составот на она што луѓето го јадат“, додава тој.

Пораст на заболувањата на црниот дроб

Студија спроведена врз население во САД покажала зголемување на сите форми на заболувања на црниот дроб за 20-30 % кај лица кои изјавиле дека јадат доцна навечер, во споредба со оние кои не го прават тоа.

„Важно е да се напомене дека, луѓето кај кои се развива замастен црн дроб, само кај мал дел подоцна се развиваат потешки форми на состојбата, како што е цирозата“, вели д-р Вилечански. „Вреди да се истакне дека ограничувањето на внесување калории неколку часа пред спиење може да биде корисно.“

„Можеме да го потврдиме она што веќе го знаеме: дека обрасците на однесување – без разлика дали се однесуваат на спиењето, исхраната или физичката активност – се навистина важни“, вели д-р Ендрју Мекхил, физиолог специјализиран за спиење и циркадијални ритми на OHSU.

„На пример, покажавме дека консумирањето храна навечер – кога внатрешниот биолошки часовник го поттикнува спиењето – ја намалува способноста на телото ефикасно да ја метаболизира храната. Ова, на крајот, може да доведе до дебелина, дијабетес, а според најновите истражувања, и до нарушено здравје на црниот дроб“, изјави тој.

Постојат многу видови заболувања на црниот дроб, од кои некои не покажуваат никакви симптоми.

Симптомите на цироза вклучуваат постојан замор и слабост, губење на апетитот, намален сексуален нагон, жолтица, чешање на кожата и гадење.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Четири мечки до смрт растргнале мајка и ќерка – со ДНК анализа е утврден ужасот на нападот

Трагично пешачење во канадската покраина Британска Колумбија заврши со смртта на мајка и нејзината ќерка, кои беа нападнати од четири гризли мечки. 

Четири мечки до смрт растргнале мајка и ќерка – со ДНК анализа е утврден ужасот на нападот

Истражителите користеа ДНК анализа за да потврдат кои животни стојат зад ужасниот напад, а експертите се сомневаат дека жените биле плен, што го прави овој случај особено редок, објави Би-Би-Си.

Џенифер Балкарас (48) и нејзината 20-годишна ќерка, Села Рид, отидоа на кратко попладневно пешачење на почетокот на ноември во областа Вајт Касл во западна Канада. Кога не се вратија дома, нивното семејство пријави дека се исчезнати.

Потрагата заврши трагично. Телата, или поточно останките, на двете жени беа пронајдени во близина на планинарска патека, на околу 150 метри оддалеченост.

По нападот, истражителите зедоа примероци од ДНК од животните за кои се сомневаше дека учествувале во трагедијата. Резултатите потврдија дека четири гризли мечки - возрасна женка и нејзините три младенчиња, стари околу една година, се одговорни за смртта на мајката и ќерката.

Сите четири мечки подоцна беа еутанизирани за да се заштити јавноста, соопшти Службата за заштита на Британска Колумбија (BCCOS).

Истрагата, исто така, откри особено вознемирувачка можност - дека нападот не бил резултат на изненадувачка средба или одбранбена реакција од страна на животните, туку дека мечките ги сметале жените за плен.

„Нашата истрага, исто така, покажа дека ова веројатно бил предаторски напад, за кој можам да ви кажам дека е многу редок“, изјави инспекторот на BCCOS, Џеф Тајр, за АП.

Експертите велат дека ваквите напади се исклучително невообичаени, бидејќи мечките генерално не напаѓаат луѓе за да ги јадат.

Според проценките на Министерството за животна средина, земјиште и паркови на Британска Колумбија, во канадската покраина живеат помеѓу 10.000 и 13.000 гризли мечки. Видот е наведен како загрозен во покраината.

Средбите меѓу луѓето и гризли мечките што завршуваат со напади се релативно ретки, но ризикот се зголемува кога луѓето го изненадуваат животното или кога тоа ги брани своите младенчиња или извор на храна.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер