Студент од Непал кој се враќа од Кина е позитивен за новиот коронавирус, изјавија официјалните лица во Катманду. Тоа е првиот потврден случај на вирусот во оваа хималајска земја.
„Тестовите од еден пациент се позитивни за коронавирусот. Тоа е студент од Непал кој студирал во Кина“, рече Махедра Шреста, портпарол на Министерството за здравство за Ројтерс.
Студентот се вратил дома од одмор во Вухан, Кина, соопшти Министерството за здравство. Тој е под надзор и ги проверуваат и оние што биле во близок контакт со него.
Аеродромот во Вухан, епицентар на вирусот, е затворен на 23 јануари. Министерството соопшти дека го проверува здравјето на сите патници кои пристигнуваат од Кина во Непал.
Кина ги засили мерките за запирање на вирусот од кој што загинаа 26 лица, заразени се повеќе од 800 и го прекина јавниот превоз во 10 градови, затвори храмови и итно гради нова болница за лекување на заразените.
Потврден е нов случај на инфекцијата и во САД.
Центарот за контрола и превенција на инфективни болести (ЦДЦ) денес објави дека на патник од Вухан, кој стигнал во Чикаго, му е дијагностициран коронавирус, што го прави втор заразен од овој вирус во САД.
ЦДЦ соопшшти дека го следи статусот на 63 пациенти и дека досега се пријавени два позитивни случаи, при што 11 се негативни.